Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!



 


Туристички капацитети


Спелеолошки локалитети

Во Општина Сопиште во непосредна близина на градот Скопје, се наоѓа еден од најинтересните карстни предели во Р. Македонија (реон Нова Брезница, Јаболци, Краста). На овој простор СД “Пеони” од Скопје веќе повеќе години работи на откривање и истражување на спелеолошки објекти. Се претпоставува дека на просторот на Општина Сопиште постојат околу 50 спелеолошки објекти. Сметаме дека просторот треба да се заштити и да му се даде правна форма како карстен резерват. Во рамките на Општината припаѓа и Националниот Природен Резерват Јасен. Тука се откриени дваесет спелеолошки објекти од кои некои се особено значајни да се доистражат и стават под заштита како природни реткости. 


а) Пештери


1. Пештерата Светла која треба да се заштити поради присуство на специфични кристализирани прозирни калцитни кристали, како ретка минерална појава;
2. Пештерата Каленици која изобилува со специфични калцитни облици во вид на каленици;
3. Пештерата Брлог која треба да се заштити поради присуство на специфични кристализирани прозирни калцитни кристали;
4. Велигденска (не е сигурно името), со положба накај Патишка река, од Марков Манастир кон викенд населбата;
5. Пештерата Бозгуни, се наоѓа во атарот на село Патишка река оддалечена од Скопје 30 км, на 1150 м. н.в. Пристапот е со асфалтиран пат и планинарска патека за 20 минути пешачење. Внатрешноста на пешетрата е пространа, со изобилство на пештерски украси со колорит и со минерална вода. Истата треба да се заштити и уреди за масовни туристички посети;



б) Јами

Овој карстен предел изобилува и со вертикални спелеолошки објекти-јами, каде некои од нив достигнуваат длабочина и од 100 метри. Јамите се јавуваат со специфични форми и убавини и заслужуваат да се заштитат, а некои од нив даваат можност за туристичко уредување.

Тука би ги спомнале следниве:

1. Житин пропаст;
2. Ситојца;
3. Радева нива;
4. Габрулица;
5. Титов пропаст, над Брезница, кон браната;
6. Мали 1, во близина на Патишка река;
7. Мали 2, во близина на Патишка река;
8. Чавкарник 1, над Патишка река (плато кај овчарски бачила);
9. Чавкарник 2, над Патишка река (плато кај овчарски бачила);
10. Пеони 1 (се наоѓа над Брезница);
11. Пеони 2 (се наоѓа над Брезница);
12. Пеони 3 (се наоѓа над Брезница);
13. Пеони 4 (се наоѓа над Брезница);
14. Пеони 5 (се наоѓа над Брезница);
15. Пеони 6 (се наоѓа над Брезница).


Дел од спелеолошките објекти се евидентирани со имиња дадени од С.Д. Пеони, но при детално истражување ќе се добијат за секој објект народните, месни имиња и ќе се преименуваат.


Во исто време постојат и јами кои досегаат поголеми длабочини заради задржувањето на замрзнатиот снег во својот простор во текот на целата година. Значајно е да се истражат детално сите овие вертикални спелеолошки објекти и да се добијат податоци за нивната пространост, бидејќи овие пукнатини се водоколектори, т.е. од истекува водата која паѓа од дождовите и оди во подземјето. Тоа е причина за немањето вода на овој простор на површината, иако просторот е исполнет со подземни водотеци. Направени се испитувања кои докажуваат дека реката Патешка река понира ситесто и водата извира во езеро Матка во вид на голем извор (Врело). Правецот на водите поминува под Пуста Брезница и Јаболце, простор во кој недостасува вода за пиење, за да се појави во Матка. Истражувањата на карстните појави може да биде мошне корисна за евентуално водоснабдување, по утврдувањето на патиштата на подземните води и нивно искористување.

Животната средина во пештерата се одликува со многу стабилни и непроменливи еколошки услови, кои се менуваат бавно во долг временски период, мерено со милиони години. Живиот свет е непроменет и датира уште од терциерот и претставуваат живи фосили. Најчесто овде се среќаваат нови видови за науката, ендеми, реликти, видови кои се доказ за филогенијата и претставуваат значајна фауна за науката. Од рбетниците се среќаваат: лилјаци, ровки, глувци, диви мачки. Од безрбетниците има полжави, црви, пеперутки, стоногалки, ракови и неколку ендемитни подземни нижи животни. Подземната фауна е природно богатство кое е заштитено со одреден режим на конзервација и заштита. Со оглед на богатството и формата пештерата има услови да биде едукативен центар за луѓето, но повеќе за учениците по природни науки, како и простор за одржување на културни манифестации.



Манастирски локалитети

На одалеченост од 15 км. од Скопје, на јужната страна на Водно, во атарот на селото Говрлево се наоѓа манастирскиот комплекс Св. Трифун. Според раскажувањето на сестра Параскева која веќе 12 години се грижи за духовните светилишта, манастирите датираат од многу одамна, меѓутоа обновени се дури во минатиот век. Во манастирскиот комплекс спаѓаат манастирите Св. Трифун; св.Троица; св. Петар и Павле; св. Марина и црквичката св. Кузман и Дамјан изградена во 1936 година. За овие манастири како и двете лековити води кое течат таму, поврзани се многу преданија.





Покрај овој манастирски комплекс, на територијата на општина Сопиште има уште неколку манастири како што се: Св.Јован и Св. Спас во Сопиште, Св. Илија во Ракотинци и манастирот Св. Тројца на границата меѓу Долно Соње и Говрлево. Во секое населено место со православно население постојат цркви, а некаде изградени се и нови, како што е случајот со цркавата Св. Богородица во село Ракотинци. Истата е изградена на темелите на старата црква чие осветување е извршено на 02 ноември 2003 година.

Во сите населени места со православно население постојат споменици во вид на крст направени од изделкан камен постари од 400 години.

Исто така постојат и две џамии во селата Света Петка и Јаболци, т.е. во местата кои се населени со албанско население. 



Чешми

Како едно од обележјата на општината се секако и големиот број на чешми изградени во 1926 година, направени од мермер и камен ископан од територијата на општината. Дел од тие чешми веќе не се во употреба, па токму затоа Советот на предлог од Градоначалникот донесе Одлука со која наскоро сите чешми ќе бидат реновирани и пуштени во употреба. Со реконструкција на чешмите веќе е започнато. Во моментов се обновува чешмата во село Сопиште за чија обнова, за да се задржи автентичноста, се користи истиот камен кој се наоѓа на територијата на општината. 





Археолошки локалитети

Како позначаен локалитет се споменува месноста Говрлево каде се извршени ископувања и пронајдени се многу вредни предмети од минатото, поточно од периодот на неолитот. Колку за илустрација, од остатоците на десетици неолитски живеалишта откриени при археолошките ископувања, дознаваме за основата, т.е. под на куќата со лежишта за столбовите, фрагменти на лепеж од ѕидовите и од внатрешните објекти. Од керамичките култни предмети условно наречени “жртвеници”, во вид на модели на куќи дознаваме за изгледот на горните партии од ѕидовите и покривот, чии траги при ископувањата секогаш недостасуваат. 




И не само тоа ! Пронајдени се многу керамички арте факти од каде црпиме информации дека од оваа епоха па до денес, технологијата на изработка на керамика во основа не е променета. Иако поретко, сепак на ова неолитско наоѓалиште се откриваат елементи што човекот ги носел на своето тело, било со цел да го украси и означи полот, возраста, социјалниот статус ... Според пронајдените примероци, најчести наоди се гердани од монистра и приврзоци изработени од школки, полжави, коска, камен и керамика. Одговорот на прашањето, на кои делови од телото се носени овие предмети, го даваат некои антропоморфни статуетки од овој период, на кои прокрај другото прикажан е и накитот. Најкарактеристична е бремената женска фигура на жртвеникот пронајдена во Говрлево, која на појасот носи низа од споени топчиња, еден вид ѓердан, кој можеби претставувал ознака или пак магиска заштита на бременоста. 

 




Општина Сопиште
тел/факс: (02) 274 3032
(02) 274 3031
~~~~~~~~~~~~~~~~
Советодавно Биро на Општина Сопиште
тел/факс:(02) 274 2292
~~~~~~~~~~~~~~~~
Еколошки Информативен Центар во Сопиште
тел/факс:

 

^ top ^

© 2003 Општина Сопиште, сите права задржани