Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Назад

СЛОБОДА

Кога се спомнува зборот слобода повеќемина со жар ја потврдуваат желбата за нејзино стекнување, бранење и развој. Факт докажан низ историјата е дека човечкиот живот е со помала вредност од желбата за слобода. Ние како народ тоа го имаме докажано безброј пати. Како народ кој повеќе од еден милениум живеел под нечија или некаква окупација треба да има јасни визии но и разбирање околу значењето на зборот слобода. Тоа што треба и тоа што е, се сосема различни работи. Колку парадоксално и да прозвучи сепак е жива вистина "Народ кој претрпел над илјада години ропство, следствено на тоа исто толку време со борби и жртви за слобода и ослободување не го знае, ниту го почитува простото значење на зборот. За широкото значење и неговите последици, предизвици и поволности и не станува збор. Поразително, навистина поразително е кога ќе слушнете припадници на сопствениот народ како изјавуваат :

Дај ми да јадам, и ќе бидам што сакаш.

Наместо да слушнеш:

Доколку ме спречиш да си создадам храна за себе очи ќе ти ископам, животот ќе ти го одземам или нешто слично.

Уште попоразително е тоа што тие припадници на мојот и твојот народ не се гладни, боси или живеат во немаштија, напротив, поседуваат добра и материјални средства кои се натпросечни за денешно време, но и за минатото време.

Логичното прашање кое се поставува пред нас е:

Доколку стремежот за слобода е толку силен, посилен и од инстинктот за преживување, тогаш зошто постојат вакви, какви и да се, поединци?

Одговорот е исто толку лесен и едноставен колку што е тежок и сложен. Станува збор за начинот на кој нашето општество е базирано. Не станува збор околу прашањето дали нашето општество не ја дозволува слободата. Туку станува збор за тоа како ја дозволува. Од социјализмот, како врв на целосниот и апсолутниот колективизам, каде што поединецот не постоеше добивме еден, не толку нов колку поразвиен во својата форма, општествен  менталитет кој генерира негативности.

Секое, па и нашето, општество при окупаторски режим во себе содржи, односно во самото окупирано општество се промовира систем на привилегии.

Систем на привилегии

Самото име на системот кажува скоро се. Привилегии наместо заслуги, ривалство наместо натпревар или што е уште подобро, доброволна соработка. Дотичниот окупатор или ако сакате и политичката елита на едно општество го промовира овој систем за да се стекне со контрола врз него, врз поединците во него и врз ресурсите кои ги поседува или е способно да ги создади. Начинот на функционирање на овој систем е едноставен во својата сложеност. Едноставно кажано, ќе ви биде дозволено да заработувате и поседувате доколку и само доколку сте сервилни кон владеачката гарнитура во општеството или доколку сте еден од моќниците на самата таа структура. Значи, под систем на привилегии тие што ја поседуваат политичката моќ се тие кои ја користат таа моќ за да се збогатат себеси на сметка на останатите. Во овој систем политичката моќ не значи ништо друго освен тоа што таа моќ се користи како средство за стекнување на економска и друга предност на моќниците и на нивните полтрони врз останатите.

Дали станува збор за надворешен окупатор, политичка структура како социјализмот или нашите денешни политички структури е сеедно. Системот на привилегии не се напушта така лесно. Единствен лек против овој злобен систем е слободата и еднаквоста на поединецот во општеството, не на некаков колективитет каде што самиот поединец не се гледа. Да знаете, во колективизмот, народ постои за државата а не обратно. Исто така, во колективизмот и неговото функционирање се создава овој гнасен систем кој генерира сиромаштија кај поголемиот дел на населението.

Слобода, слобода во потрагата по сопствената среќа, слобода без економски ограничувања од политички и други видови на моќници да одлучуваат како ќе живеете. На крајот, за дефинитивно дотолчување на системот на привилегии, еднаквост. Строга еднаквост пред законот, каде што моќникот и обичниот човек ке бидат третирани на ист начин.

Назад