Благослови и Проклетства за Народот Божји
- 5 Мој 27
Проклет да е оној човек што
ќе направи изрезан или излиен идол, одвратност пред Господ
работа на уметнички
раце, па го става на скришно место.
Целиот народ да
биде известен и нека рече: Амин
Проклет да е оној што го навредува таткото свој или мајката своја.
Амин
Проклет да е оној кој ја поместува меѓата на ближниот свој. Амин
Проклет да е оној кој одстранува слеп човек од патот. Амин
Проклет да е оној кој криво суди придојден, сиромав или вдовица. Амин
Проклет да е оној кој ќе легне со жената на таткото свој, зашто тој го открил
крајот од покривката на таткото свој. Амин
Проклет да е оној кој ќе легне со каков и да било добиток. Амин
Проклет да е оној кој ќе легне со сестрата своја, со татковата ќерка или со
мајкината ќерка. Амин
Проклет да е оној кој ќе легне со тештата (Мајка на Жената) своја. Амин
Проклет да е оној кој ќе легне со сестрата на жената своја. Амин
Проклет да е оној што ќе го убие тајно ближниот свој. Амин
Проклет да е оној што зема поткуп за да погуби душа и пролее крв невина. Амин
Проклет да е секој кој не ќе ги исполни сите наредби од овој закон и не ќе
постапи според нив. Амин
Откако ќе минете од онаа страна на Јордан во земјата која Господ вашиот Бог ви
ја дава
Aко го слушаш гласот на Господ твојот Бог, ги пазиш и
ги извршуваш сите заповеди негови кои денес ти ги заповедам тогаш Господ твојот
Бог ќе те постави погоре од сите народи на земјава, и ќе се пренесат на тебе
сите овие благослови и ќе се исполнат, ако го слушаш гласот на Господ твојот
Бог.
Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето
Благогловен ќе биде плодот на твојата утроба и плодот на земјата твоја и плодот
на добитокот твој и плодот на воловите твои и плодот на овците твои
Благословени ќе бидат житниците твои и оставите твои
Благословен ќе бидеш кога влегуваш и благословен кога излегуваш.
Господ нека ги порази пред тебе непријателите твои кои се креваат против тебе,
по еден пат ќе навлезат тие против тебе а по седум патишта да избегаат од пред
тебе.
Господ да ти испрати благослови на твоите плодови и на секоја работа на твоите
раце, и на земјата која Господ твојот Бог ти ја дава.
Господ твојот Бог нека те постави за свој свет народ, како што ти се беше
заколнал тебе и на татковците твои ако ги извршуваш заповедите на Господ твојот
Бог и одиш по патиштата негови. И тогаш ќе видат сите народи на земјата дека
името на Господ твојот Бог ти е дадено тебе и ќе се уплашат од тебе.
И Господ твојот Бог нека ти даде изобилство во сите блага, во плодот на твојата
утроба, во плодот на добитокот твој, во плодот на нивите твој на земјата, за кои
Господ им се беше заколнал на твоите татковци дека ке ти ги даде.
И Господ нека ти го отвори доброто свое сокровиште, небото, за да дава тоа на
време дожд на земјата твоја и да ги благословува сите работи на рацете твој, и
ќе им даваш на заем на многу народи а ти самиот нема да земеш на заем и ќе
владееш над многу народи а тие над тебе нема да владеат.
Господ твојот Бог да те направи глава а не опашка и да бидеш само на високо а не
на ниско, ако ги пазиш заповедите на Господ твојот Бог кои ти ги заповедам денес
да ги почитуваш и исполнуваш, и ако не одстапуваш од сите зборови што ти ги
заповедам денес ни надесно ни налево и ако не тргнеш по други Богови за да им
служиш.
А ако не го слушаш гласот на Господ твојот Бог, не ги
пазиш и не ги исполнуваш сите негови заповеди и наредби што ти ги заповедам
денес, ќе паднат врз тебе и ќе се збиднат сите овие проклетства.
Проклет ќе бидеш во градот и проклет ќе бидеш во полето
Проклети ќе бидат твоите житници и твоите остави
Проклет ќе биде плодот на утробата твоја и плодот на земјата твоја, плодот на
говедата твој и плодот на стадата овци твој
Проклет ќе бидеш кога влегуваш и проклет кога излегуваш
Нека ти испрати тогаш Господ скудност глад и уништување на секоја работа на
рацете твои, каква и да вршиш додека не те истреби и додека наскоро не те погуби
поради твоите лоши дела зашто си ме оставил.
Господ нека испрати тогаш врз тебе и помор додека не те истреби од земјата во
која одиш да ја наследиш
Нека те порази Господ со истоштувања и огнови со треска и воспаление со суша со
топол ветер и гламја по житата и тие ќе те гонат додека не загинеш. И небото над
главата твоја ќе стане бакар а земјата под тебе железо, наместо дожд Господ нека
и даде на земјата пепел, и земја од небото ќе паѓа, ќе паѓа врз тебе додека не
те истошти додека не те истреби.
Нека те предаде Господ на непријателите твој за да те поразат, по еден пат ќе
излезеш против нив а по седум патишта ќе бегаш од нив и ќе бидеш расеан по сите
земни царства. Твоите трупови ќе станат храна на сите птици небесни и на
ѕверовите и не ќе има кој да ги истера
Нека те порази Господ со Египетската лепра по домовите, со дива краста јадеж од
кој не ќе можеш да се исцелиш, нека те порази Господ со беснило слепило и
слабоумност. И ќе одиш дење со пипање како што оди слепиот со пипање во
темнината, и патот твој нема да биде прав и ќе бидеш тогаш секогаш навредуван и
ограбуван и не ќе има кој да ти помогне. Ќе земеш жена и друг ќе ти ја земе,
куќа ќе изградиш и нема да живееш во неа, лозје ќе насадиш и нема да го обереш.
Телето твое пред тебе ќе го заколат и нема да јадеш од него, оселот ќе ти го
грабнат и нема да ти го вратат, овците твои ќе бидат дадени на непријателите
твои и ќе нема никој да ти помогне. Синовите твои и ќерките твои ќе бидат
предадени на друг народ, очите твои ќе гледаат и ќе чезнеат по нив но нема да
имаш сила во рацете свои. Плодовите на земјата твоја и целиот труд твој ќе го
јаде народ кого ти не го познаваш, и ќе бидеш само навредуван и измачуван преку
сите денови. Ќе бидеш избезумен од тоа што ќе го гледаат очите твои. И нека те
порази Господ со лоша повреда во колената и на листовите од кое не ќе можеш да
се излекуваш, од стапалата на нозете твои и дури до главата твоја. Господ нека
те одведе тебе и кнезовите твои што си ги избрал при народ кого не си го
познавал ниту ти ниту татковците твои, и таму ќе служиш на други Богови дрвени и
камени и ќе станеш таму за чудо, приказ и подигравка кај сите народи кај кои
Господ Бог ќе те одведе. Многу семе ќе фрлиш во нивата а малку ќе собираш зашто
ќе го јададат скакулци. Лозје ќе садиш и ќе го работиш и вино нема да пиеш и
нема да се веселиш од него зашто црв ќе го јаде. Маслини ќе имаш во сите твои
предели но со елеј нема да се помажеш бидејќи маслинките твои ќе паѓаат. Синови
и ќерки ќе родиш но тие нема да останат при тебе зашто во плен ќе отидат. Сите
твои дрва и сите жита на земјата твоја гламја ќе ги уништи. Придојдениот кој е
кај тебе ќе се издига над тебе се повисоко а ти ќе паѓаш се пониско, тој ќе ти
дава на заем а ти нема да му даваш на заем, тој ќе биде главата а ти ќе бидеш
опашката.
Ќе дојдат врз тебе сите овие клетви, ќе те гонат и ќе те стигнат, додека не те
уништат затоа што не го послуша гласот на Господ твојот Бог и не ги запази
заповедите и наредбите негови што ти ги беше заповедал. Тие ќе бидат врз тебе и
твоето потомство знак и чудо довека. Зашто ти не му служеше на Господ твојот Бог
со весело и радосно срце, поради изобилството во се ти ќе му служиш на
непријателот свој што ќе ти го испрати Господ твојот Бог во глад и жед, во
голотија и секаква скудност, тој ќе ти става на вратот железен јарем додека не
те уништи. Ќе испрати Господ против тебе народ од далеку од крајот на земјата, како Орел ќе се спушти народот чиј јазик не го
разбираш, народ бездушен кој не сака
ни старо да почитува ниту младо да помилува и ќе го изеде тој плодот од
добитокот твој и полодот од земјата твоја, нема да ти остави ни жито ни вино ни
елеј, ниту од говедата твои ниту од овците твои додека не те погуби, и ќе те
притеснува во сите твои градови додека не ги разруши во твојата земја твоите
високи и јаки ѕидови на кои ти се надеваш, и ќе ти нанесе зло во сите твои
градови во целата твоја земја која Господ твојот Бог ти ја даде. И ти ќе ги
јадеш чедата од утробата твоја, телото на синовите и ќерките свои кои Господ
твојот Бог ти ги даде во теснотијата твоја и во жалоста твоја во која ќе те
стави непријателот твој. Мажите и младите при вас многу ќе му позавидат на
братот свој, на саканата жена и на другите деца свои што му останале, и нема да
му даде на ниеден од нив тело од децата свои кој тој ќе ги јаде зашто нема да му
остане ништо друго во притеснетоста и во жалоста во кои ќе те постават
непријателите твои во сите твои градови. Жена нежна и млада, убава, меѓу вас
која поради убавината и младоста никогаш со нога не стапнала на земјата со
безмилосно око ќе гледа на саканиот маж свој, на синот свој, на ќерката своја, и
нема да им го даде последокот што излегува од бедрата нејзини на децата што ги
родила зашто при скудноста во се таа ќе ги јаде тајно во притеснетоста во која
ќе те стави непријателот твој во твоите градови. Ако не ги пазиш и исполнуваш
сите зборови од законот напишани во оваа книга и не се боиш од ова чесно и
чудесно име на Господ твојот Бог, Господ ќе те порази тебе и твоето потомство со
необични порази, со порази големи и трајни и со болести лоши и долги и ќе ги
навлече врз тебе сите лоши болести Египетски од кои се плашеше и тие ќе се
залепат до тебе и секаква слабост и секаква рана незапишана и секаква запишана
во книгата на овој закон Господ ќе испрати врз тебе додека не те истреби. И ќе
останете на број малкумина, а не како кога бевте многубројни колку и ѕвездите
небесни бидејки не го слушавте гласот на Господ вашиот Бог. И како што Господ се
радуваше кога ви правеше добро и ве умножуваше, така
ќе се радува Господ кога ќе ве погубува и ќе бидете изгонети од
земјата во која одиш ти за да ја наследиш. И ќе те расее Господ твојот Бог по
сите народи од крајот на земјата до крајот на земјата и таму ќе им служиш на
други Богови кои не си ги знаел ниту ти ниту татковците твои, на дрво и на камен
ќе им служиш. Но и меѓу тие народи нема да те успокои ниту ќе има место каде и
да стапи ногата твоја, и таму Господ ќе го нажали срцето твое и ќе прати
кратковидост на очите твои и душата твоја да гине, животот твој ќе виси пред
тебе и ќе се плашиш и дење и ноќе и нема
да бидеш сигурен за животот твој од стравот во срцето твое ќе се плашиш и од
видот на очите твои, па наутро ќе кажеш: О што
поскоро да се стемни. А навечер ќе велиш: О што поскоро да осамне. И
Господ ќе те врати во Египет на кораби по оној пат за кој што ти кажав, ти нема
повеќе да го видиш, и таму ќе бидете продавани на непријателите свои како робови
и робинки но ќе нема кој да ве купи.
Тоа се зборовите на заветот што Господ му заповеда на Мојсеј..
Вие видовте сè, што направи Господ пред очите ваши во Египетската земја со Фараонот и со сите негови слуги и со целата земја негова; 3. имаше искушенија големи, што ги видоа очите твои, и големи знаци и чудеса од силната рака и цврстата мишка Негова, 4. но и до ден денес Господ Бог не ви даде срце за да разберете, очи да видите и уши да чуете. 5. Четириесет години ве водев по пустињата, и облеката не изветве на вас, и обувките не се искинаа на нозете ваши; 6. леб не јадевте, вино и сикер не пиевте, за да познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог. 7. И кога дојдовте до ова место, излезе во борба против вас есевонскиот цар Сион и васанскиот цар Ог, 8. но ние ги поразивме и им ја зедовме земјата нивна и Јас им ја дадов во дел на Рувимовото и Гадовото племе, и половината на Манасиевото племе. 9. Пазете ги сите зборови на овој завет и исполнувајте ги, за да имате на ум сè, што правите. 10. Сите вие застанавте денес пред Господа, вашиот Бог, началници на племињата ваши, старешините ваши, судиите ваши, надзорниците ваши, сите мажи Израилеви, 11. децата ваши, жените ваши и придојдените, кои се во вашата населба, од дрварот ваш до водоносецот ваш, 12. за да влезете во заветот на Господа, вашиот Бог, и во клетвениот договор со Него, кога Господ, твојот Бог, денес го склучува со тебе, 13. за да те направи денес Свој народ, и да ти биде Бог, како што им се заколна на татковците твои Авраама, Исака и Јакова. 14. Не само вам единствени ви го заветувам овој завет и овој договор со клетва, 15. туку и на оние што денес не стојат овде со нас пред Господа, нашиот Бог. 16. Зашто вие знаете, како живеевме во Египетската земја и како одевме сред народите, низ кои минавте, 17. и ги видовте одвратностите нивни и идолите нивни, дрвени и камени, сребрени и златни, што се кај нив. 18. Да нема меѓу вас маж или жена, дом или племе, чие срце би се отстранило од Господа, вашиот Бог, та да оди да им служи на боговите на оние народи; да нема меѓу вас корен, што ќе дава пелин и отров; 19. и ако некој, кој, откако ќе ги чуе зборовите на оваа клетва, се пофали во срцето свое и каже: „добро ќе ми биде, иако одам по желбите на срцето свое”; така грешникот нема да го погуби безгрешниот со себе. 20. На таков Господ нема да му прости, но гневот и ревноста на Господа ќе се разгорат против тој човек, а врз него ќе падне целата клетва од овој завет, напишан во овој закон, и Господ ќе го избрише името негово под небото; 21. и ќе го оддели Господ од сите племиња Израилеви за погубување, според сите клетви на заветот, напишан во овој закон. 22. Тогаш подоцнежното поколение, децата ваши што ќе настанат по вас, и туѓинецот, што ќе дојде од далечна земја, откако ќе ги видат поразиите на таа земја и болестите што Господ ги испратил врз неа, ќе речат: 23. сулфур и сол, е целата земја; на неа не може да се сее, ниту ќе роди, ниту ќе никне на неа некаква трева, како што стана во Содом, Гомор, Адма и Севоим, кои Господ ги опсипа со гневот Свој и јароста Своја. 24. Тогаш ќе кажат сите народи: »Зошто Господ постапил така со таа земја? Колку голема е јароста на гневот Негов!« 25. И ќе одговорат: »Затоа што го оставија заветот на Господа, Бог на татковците свои, што им го вети на татковците нивни, кога ги изведе од Египетската земја, 26. и отидоа да им служат на други богови и да им се поклонуваат ним, кои тие не ги знаеја, и кои Он не им ги беше одредил. 27. Поради тоа се разгори гневот на Господа врз таа земја, и Он ги испрати врз неа сите клетви на заветот, напишани во оваа книга на законот; 28. и ги сотре Господ од земјата нивна во гнев, јарост и голема лутина, и ги исфрли на друга земја, како што денес гледаме.« 29. Она што е тајно, му припаѓа на Господа, нашиот Бог, а она што е јавно - нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон.
1. Кога ќе се збиднат врз тебе сите тие зборови –
благословите и клетвите, што ти ги изложив, и ти ги земеш при срце кај сите
народи, меѓу кои ќе те растури Господ, твојот Бог,
2. и од сето срце и од сета душа своја ќе се обрнеш
кон Господа, твојот Бог, и ќе го послушаш гласот Негов ти и синовите твои, како
што ти заповедам денес, –
3. тогаш Господ, твојот Бог, ќе ти ги прости сите твои
гревови, ќе се смили над тебе, и пак ќе те собере од сите народи, меѓу кои те
растурил Господ Бог, таму.
4. Макар и да бидеш растурен од крајот на небото дури
до крајот на небото и оттаму ќе те собере Господ, твојот Бог, и оттаму ќе те
земе,
5. и оттаму ќе те
доведе Господ, твојот Бог, во земјата, што ја владееле твоите татковци, и ќе ја
наследиш, и ќе ти направи Господ добро и ќе те умножи повеќе од татковците твои;
6. и ќе го очисти Господ срцето твое и срцето на
потомството твое, за да Го сакаш Господа, твојот Бог, од сè срце и со сета душа
своја, и да живееш;
7.
тогаш, Господ, твојот Бог, ќе ги префрли сите овие клетви на непријателите твои
и на оние, што те мразеа и што те гонеа;
8. а ти ќе се обратиш и ќе го слушаш гласот на
Господа, твојот Бог, и ќе ги исполнуваш сите заповеди Негови, што ти ги
заповедам денес;
9. и ќе
те благослови Господ, твојот Бог, во секоја работа на рацете твои, во плодот на
утробата твоја, во плодот на добитокот твој, во житата на земјата твоја; зашто
Господ, твојот Бог ќе се сврти кон тебе и ќе ти се радува повторно на тебе,
правејќи ти добро, како што се радуваше на татковицте твои,
10. само ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог,
и ги извршуваш сите заповеди и наредби Негови и повелби Негови, напишани во
книгата на овој закон, и ако се свртиш кон Господа, твојот Бог, со сето срце
свое и со сета душа своја.
11. Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е
тешка за тебе, ниту далеку од тебе.
12. Таа не е на небото за да може да се каже: „кој од
нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја
исполниме?”;
13. ниту е
преку море, за да може да се кажи: „кој од нас би отишол преку море и би ни ја
земал и дал да ја чуеме, та да ја исполниме?”
14. Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во
устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш.
15. Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и
зло.
16. Ако ги слушаш
заповедите на Господа, твојот Бог, што денес ти ги давам, – да Го сакаш Господа,
твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и
законите Негови, – тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ, твојот Бог, ќе те
благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш;
17. ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и
се заблудиш, па почнеш да им се клањаш на други богови и да им служиш,
18. тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема
долго да останете на земјата, која Господ Бог ти ја дава, откога ќе го минете
Јордан, за да ја наследите таму.
19. Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и
смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш
ти и потомството твое:
20. да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш
кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие; така ти ќе живееш на
земјата, за која Господ Бог им се беше заколнал на татковците твои – Авраама,
Исака и Јакова, дека ќе им ја даде.”
1. Откако заврши Мојсеј да им ги кажува тие зборови
на сите синови Израилеви,
2. им рече: »Сега сум на сто и деведесет години; не
можам веќе да излегувам и да влегувам, и Господ ми рече: – ти нема да ја минеш
реката Јордан -;«
3.
Господ, твојот Бог, Сам ќе тргне пред тебе; Он ќе ги истреби тие народи пред
тебе, и ти ќе ги наследиш; Исус ќе тргне пред тебе, како што рече Господ;
4. и ќе постапи Господ со нив така како што постапи со
Сиона и со Ога, цареви Аморејски, кои беа од оваа страна на Јордан, и со земјите
нивни, кои Он ги уништи;
5. и ќе ви ги предаде Господ, и вие ќе постапите со
нив според сите заповеди, што ви ги дадов.
6. Бидете цврсти и храбри, не бојте се, не ужасувајте
се, ниту се плашете од нив, зашто Господ, твојот Бог, Самиот ќе тргне пред вас,
и нема да отстапи од тебе и нема да те остави.
7. Тогаш Мојсеј го повика Исуса и пред сите Израилци
му кажа: »Биди цврст и храбар, зашто ти ќе влезеш со овој народ во земјата, за
која Господ им се заколна на татковците ваши дека ќе им ја даде, и ти ќе им ја
разделиш со жреб.
8. И
Господ ќе тргне со тебе, ќе биде со тебе, нема да отстапи од тебе и нема да те
остави: не плаши се и не ужасувај се.«
9. И ги напиша Мојсеј овие заповеди од законот и им го
предаде на свештениците, синови Левиеви, кои го носеа ковчегот на заветот
Господов, и на сите старешини на Израилевите синови.
10. И им вети Мојсеј и им рече „По седум години, во
прошталната година, на празникот Сеници,
11. кога целиот Израил ќе дојде да се јави пред
Господа, твојот Бог, на место што ќе го одбере Господ, прочитајте го гласно овој
закон пред целиот Израил;
12. собери го народот, мажите, жените, децата и
придојдените свои, што се наоѓаат во градовите ваши, за да чујат и да се научат
да се плашат од Господа, вашиот Бог, и да пазат да ги исполнуваат сите заповеди
од овој закон;
13. и
синовите нивни, кои не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се плашат од
Господа, вашиот Бог, преку сите денови, додека живеете во земјата, за која ќе го
минете Јордан, за да ја наследите.”
14. И му рече Господ на Мојсеја: „Ете, твоите денови
се приближија до смртта твоја; повикај го Исуса, и застанете пред влезот во
скинијата на сведоштвото, и Јас ќе му дадам заповед”! И дојде Мојсеј со Исуса, и
застана пред влезот од скинијата на сведоштвото.
15. И се јави во скинијата Господ во облаков столб, и
застана облаковиот столб при влезот од скинијата на сведоштвото.
16. И му рече Господ на Мојсеја: „Ете, ти ќе се
прибереш кај татковците свои, а овој народ ќе почне да се заблудува по туѓите
богови на онаа земја, во која оди, ќе Ме остави и ќе го наруши заветот Мој, што
им го ветив;
17. и ќе се
разгори јароста Моја против него во овој ден, а Јас ќе ги оставам и ќе го свртам
лицето Свое од нив, и тој ќе биде истребен, и ќе го снајдат многу несреќи и
жалости, и ќе речат во тој ден: „бидејќи не е Господ Бог во нас, нè снајдоа овие
зла.”
18. „А Јас со
одвратност ќе го свртам лицето Мое од нив во оној ден поради сите нивни
беззаконија, што ќе ги направат, бидејќи ќе се обрнат кон туѓи богови.”
19. И така, напишете ги зборовите на таа песна,
научете ги синовите Израилеви на неа и стаевте има ја во устата нивна, за да Ми
биде таа песна сведоштво во синовите Израилеви;
20. зашто Јас ќе ги воведам во добра земја, каде што
тече мед и млеко, како што им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја
дадам; тие ќе јадат, и откако ќе се наситат, ќе се обрнат кон туѓи богови и ќе
им служат, а Мене ќе ме разгневат и ќе го нарушат заветот Мој, што им го ветив;
21. и кога ќе ги снајдат многу несреќи и жалости, таа
песна ќе биде против нив како сведоштво, бидејќи таа нема да излезе од устата
нивна и од устата на потомството нивно. Јас им ја знам злобата нивна сега, уште
пред да ги воведам во добрата земја, за која им се заколнав на татковците
нивни.”
22. И во оној
ден ја напиша Мојсеј таа песна и ги научи синовите Израилеви на неа.
23. И му заповеда Мојсеј на Исуса, синот Навинов, и му
рече: „Биди цврст и храбар, зашто ти ќе ги воведеш синовите Изриалеви во
земјата, за која им се заколна Господ, и Он ќе биде со тебе.”
24. А кога Мојсеј ги напиша во книга сите зборови од
овој закон дури до крајот,
25. им заповеда на левитите, кои го носеа ковчегот на
заветот Господов, велејќи:
26. „Земете ја оваа книга на законот и ставете ја
покрај ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и таа ќе биде таму како
сведоштво;
27. зашто јас
ја знам твојата упорност и жестоката тврдоглавост; ете и сега, кога живеам со
вас, вие сте упорни пред Господа, а колку повеќе по смртта моја?
28. Соберете ги при мене сите ваши началници на
племињата, старешините, судиите и надзорници свои, и јас ќе им ги кажам гласно
овие зборови, а сведоци ќе ми бидат небото и земјата
29. зашто знам, дека по смртта моја вие ќе вршите
беззаконија и ќе отстапите од патот, што ви го заповедав, и подоцна ќе ве
снајдат незгоди, затоа што ќе правите зло пред Господа Бога, разгневувајќи Го со
делата на рацете ваши.”
30. И Мојсеј ги кажа гласно пред целото израилско собраните зборовите на таа
песна до крај
1. Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша
и земјата зборовите од устата моја.
2. Да се разлее како дожд заветот мој, како роса да
паднат зборовите мои, како пороен дожд на троскот и како слана на сено.
3. Името Господово ќе го призовувам; воздајте Му слава
на нашиот Бог!
4. Он е
тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен
и направда нема (во Него); Он е праведен и вистинит;
5. но тие станаа и згрешија пред Него, тоа не се
Негови деца поради пороците свои; род дрзок и развратен.
6. Тоа ли Му го воздавате на Господа, народе глупав и
безумен? Нели е Он твој Отец, Кој те создаде, те усвои и те издигна?
7. Сети се на старите денови, помисли за годините на
поранешните поколенија; прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и
тие ќе ти речат.
8. Кога
Севишниот го разделуваше наследството на народите и ги расејуваше синовите
Адамови, тогаш стави граници меѓу народите според бројот на ангелите Божји,
9. зашто делот на Господа е Неговиот народ; Јаков е
наследството Негово.
10.
Он го најде во пустиња, во земја везводна, го заштитуваше, се грижеше за него,
го чуваше како зеница на окото свое;
11. како што орелот го покрива гнездото свое, и
сакајќи ги орлињата, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на педувите
свои,
12. така Господ
Сам ги водеше нив, и немаше со Него туѓ бог.
13. Он ги искачи на земната височина, ги заситуваше со
полски жита и ги хранеше со мед од камен и елеј од тврда карпа;
14. со кравјо масло и овчо млеко, и со лој од
јагнињата, од овците, од јунците, и од козлите, со најдобро жито, и тие пиеја
вино, крв од грозје.
15.
И јадеше Јаков и се насити, но се одврати од таа љубов, и откако се прошири, Го
остави Бога, Кој го создаде, и отстапи од Бога, Спасителот свој.
16. Со туѓи богови Ме раздразнија и со одвратности
свои Ме загорчија:
17.
им принесуваа жртва на бесовите, а не на Бога; на боговите, што не ги познаваа,
на боговите нови и непознати, кои татковците нивни не ги виделе.
18. А хранителот, кој те родил, ти Го остави, и Бога,
Кој те создал, Го заборави.
19. И Господ виде, па се налути и се раздразни поради
гревот на синовите Свои и ќерките Свои,
20. и рече: „Ќе го свртам лицето Свое од нив и ќе им
го покажам крајот нивни: бидејќи тие се развратен род, синови, во кои нема вера;
21. тие Ме раздразнија со она што не е Бог туку со
своите Идоли Ме наскрбија: и Јас ќе ги раздразнам со она што не е народ, туку со
народ неразбран ќе ги наскрбам;
22. зашто оган се разгори од јароста Моја; тој
нагорува сè до пеколот вечен, ја јаде земјата и житата нејзини, ги изгорува
основите на планините;
23. ќе нафрлам врз нив зла и ќе ги вперам против нив стрелите Мои:
24. тие ќе се истоштуваат од глад, ќе ги јадат птици и
неизлечиви болести, и ќе испратам против нив ѕверски заби и отров од земни
влекачи;
25. од оваа
страна ќе ги погубува меч, а во домовите нивни – ужас, поразувајќи младич и
девојка и дете доенче и побелен старец.
26. Јас бев рекол: ќе ги расеам и ќе го избришам
споменот нивни меѓу луѓето;
27. но го одложив тоа поради озлобеноста на
непријателите, за да не живеат долго, се возгордеат, па да речат: „нашата рака е
висока, и не го направи сево ова Господ.”
28. Зашто тие се народ, што го изгубил расудувањето и
нема разум.
29. О, да
беа расудувале, помислиле на годините што идат, и да беа разбрале што ќе стане
со нив!
30. Како би
можел еден да гони илјади и двајца десет илјади, ако нивниот Бог не би ги
предал, и Господ не би ги дал!
31. Зашто нивните богови не се како нашиот Бог, нашите
непријатели се неразумни.
32. Зашто лозјето им е од содомска лоза, а прачките од
Гомор; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се горчливи;
33. виното им е змијски отров и смртоносен аспиден
отров.
34. Не е ли сето
тоа сокриено во Мене? Не е ли запечатено во Моите сокровишта?
35. Ќе објавам ден за одмазда, и тоа во она време кога
ќе им се соблазни ногата нивна, зашто денот на загинувањето нивно е блиску, брзо
ќе настапи подготвеното за нив.
36. Но Господ ќе му суди на Својот народ, и ќе се
смили над робовите Свои, кога ќе ги види ослабени, истоштени и изнемоштени.
37. И ќе рече тогаш Господ: „Каде се боговите нивни,
на кои се надеваа?
38.
Лој од жртвите нивни јадевте и вино од преливите за нив пиевте, камо да
воскреснат, па да ви помогнат и да ви бидат покровители?
39. И ете, видете сега дека тоа сум Јас; Јас сум и
нема Бог, освен Мене: Јас уништувам и оживувам, Јас ранувам и Јас лекувам, и
нема кој може да земе од раката Моја.
40. Ќе ја кренам кон небото раката Моја и се колнам во
десницата Моја и велам: – жив сум довека -!
41. Кога ќе го наострам Мојот блескав меч, и раката
Моја го прими судот, ќе им се одмаздам на непријателите Мои и ќе им платам на
оние што Ме мразат;
42.
ќе ги напојам стрелите Свои со крв, и мечот Мој ќе се насити со месо, со крвта
од убиените и заробените, од главите на непријателските кнезови.
43. Веселете се, небеса, заедно со Него, и поклонете
Му се, сите ангели Божји. Веселете се, незнабошци, со Неговиот народ и нека се
закрепнат сите синови Божји! Зашто Он ќе се одмазди за крвта на синовите Свои,
ќе им се одмазди на непријателите Свои, и ќе им плати на оние, што Го мразат, и
ќе ја очисти Господ замјата Своја и народот Свој!”
44. И во тој ден ја напиша Мојсеј таа песна и ги научи
синовите Израилеви на неа. И се приближи Мојсеј до народот и ги кажа гласно сите
зборови од овој закон пред народот, тој и Исус Навин.
45. Откако Мојсеј ги кажа сите тие зборови пред целиот
Израил,
46. им рече:
“Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес, и заповедајте им на
децата ваши, да ги пазат и да ги исполнуваат сите зборови од овој закон;
47. зашто тие не се за вас празни зборови, туку ваш
живот, и преку нив ќе живеете долго време на земјата, за која одите преку Јордан
да ја наследите.’
48. И
во истиот тој ден му зборуваше Господ на Мојсеја и му рече:
49. „Искачи се на планината Аварим, тоа е планината
Нево, во Моавската земја, спроти Јерихон, и погледни ја Хананската земја, што им
ја давам на синовите Израилеви во владение;
50. и умри на планината, на која ќе се искачиш и
прибери се при народот свој, како што умре братот твој Арон, на планината Ор, и
се прибра при народот свој,
51. затоа што не ги послушавте заповедите Мои пред
синовите Израилеви кај водите во Кадис, во пустињата Син, зашто не ја почитавте
светоста Моја меѓу синовите Израилеви;
52. ти само ќе ја видиш земјата, но нема да влезеш
таму, – во земјата, што им ја давам на синовите Израилеви.”
1. Ова се благословите, со кои Мојсеј, човек Божји,
ги благослови синовите Израилеви пред смртта своја.
2. И тој рече: „Господ дојде од Синај, ни се јави нам
во Сир, се покажа од планината Фаран и пристигна со десетици илјади светии; а од
десната страна со Него беа ангели.
3. И ги заштити луѓето свои и сите светии се во Твои
раце, и тие паднаа пред Твоите нозе.
4. И тие ги примија зборовите од овој закон, што ни го
објави нам Мојсеј, наследството на народот од Јакова.
5. И тој беше омилен цар израилски кога се собираа
народните кнезови заедно со Израилевите племиња.
6. Да живее Рувим и да не умира, и Симеон да биде
многуброен!
7. А за Јуда
го кажа ова: »Чуј го, Господи, гласот на Јуда и биди при народот негов; да се
заштити со рацете свои, а ти биди помошник против непријателите негови.«
8. И за Левиј рече: »Твојот „тумим” и <урим” е на
светиот маж Твој, кого Ти го укори кај водата на расправии, 9. кој им рече на
татка си и на мајка си: „јас не те видов”, и браќата свои не ги позна, а
синовите свои не ги виде, бидејќи тие, левитите, ги почитуваат зборовите Твои и
го пазат заветот Твој, 10. го учат Јакова на законите твои, и Израилот на Твоите
заповеди, ставаат темјан пред лицето Твое и сепаленици на жртвеникот Твој; 11.
благослови ја, Господи, силата негова и прими ги делата на рацете негови, порази
ги бедрата на непријателите негови, што стануваат против него и кои го мразат,
за да не можат да се подигнат.« 12. За Венијамина рече: »Кого Господ го сака,
тој живее во Него со радост, Бог го заштитува секогаш, и тој почива врз рамената
Негови.« 13. А на Јосифа му рече: »Нека ја благослови Господ земјата негова со
многусакани дарови небески, со роса и со подароци на бездната, што лежи долу,
14. со многусакани плодови од сонцето и многусаканите плодови од месечината, 15.
со дарови од старите планини и со дарови од вечните ридови, 16. и благовремено
нека ти се исполнува со пријатни и богати плодови, па тогаш Оној, Кој ми се јави
во капината да слезе врз главата на Јосифа и врз темето на најдобриот брат
негов; 17. цврстината му е како на првородно теле, и роговите му се како
роговите на бивол; со нив ќе ги избоде сите народи до крајот на земјата: тоа се
десетиците илјади Ефремови, тоа се илјадниците Манасиеви.« 18. На Завулона му
рече: »Весели се, Завулоне, во своите патишта, и ти Исахаре, по полињата твои;
19. тие ќе ги истребат народите, и вие го свикувате народот на планината, таму
ќе принесете жртви за правда, бидејќи богатството на морето ќе те храни, како и
трговијата со народот што живее покрај морето.« 20. За Гад рече: »Благословен
нека е кој ќе го прошири Гада; тој почива како лав и сокрушува мишка и глава;
21. тој ги виде првите делови на својата земја кога таму се разделуваше земјата
меѓу собраните кнезови и началниците, и ја исполни правдата Господова и судот со
Израилот.« 22. За Дан рече: »Дан е млад лав, кој што избега од Васан.« 23. За
Нефталима рече: »Нефталим е задоволен со пријатности, па нека се засити и со
благослов од Господа; морето и југот ќе ги наследи.« 24. За Асира рече:
»Благословен е со синовите Асир, тој ќе биде омилен меѓу браќата свои и во елеј
ќе ја натопи силата твоја. 25. железото и бакарот ти се обувките; како деновите
твои ќе се зголемува силата твоја. 26. Нема друг како возљубениот Бог, Кој се
пронесува по небото, тебе на помош, и како великолепие на земјата. 27. Единиот
Бог е твое прибежиште, и ти си под силата на Неговите вечни мишки. Он ќе го
прогонува непријателот пред тебе и ќе рече: истребувај! 28. И кога ќе се насели
Израил, ќе живее сам во земјата на Јакова, земја изобилна со жито и вино, а
небото ќе му праќа роса.« 29. Блажен си ти, Израиле! Кој е како тебе, народ
пазен од Господа, Кој ти е штит закрилник и меч на славата твоја? Твоите
непријатели те молат, а ти ќе ги газиш вратовите нивни.«
1. Тогаш Мојсеј се искачи од рамнините Моавски на
планината Нево, на врвот Фазга, спроти Јерихон, и Господ му ја покажа целата
земја од Галад дури до самиот Дан,
2. и целата земја Нефталимова, и целата земја Ефремова
и Манасиева, и целата земја Јудина, дури до самото последно море,
3. и пустињата и полињата околу Јерихон, град на
палми, дури до Сигор.
4.
И му рече Господ на Мојсеја: „Ете ја земјата, за која им се заколнав на Авраама,
Исака, и Јакова, велејќи: »на вашето семе ќе им ја дадам«; ти ја покажав на
очите твои, но ти таму нема да појдеш.”
5. И умре таму Мојсеј, слугата Господов, во земјата
Моав, според зборот Господов;
6. и го погребаа во земјата Моавска близу до домот
Фогаров, и дури до денеска никој не знае каде е погребан.
7. Мојсеј беше на сто и деведесет години кога умре; но
видот не му беше ослабнат, и силата негова не му беше опаднала.
8. И синовите Израилеви го оплакуваа Мојсеја во Аравот
Моавски кај Јордан, близу до Јерихон, триесет дена. А по деновите за плачење
настана тага по Мојсеја.
9. И Исус, синот Навинов, се исполни со дух на
мудрост, зашто Мојсеј ги беше возложил рацете свои врз него, и му се покоруваа
синовите Израилеви и правеа така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
10. И не се појави веќе таков пророк во Изралот, како
Мојсеј, кого Господ го познаваше лице со лице;
11. со такви знаци и чудеса, кои ги беше испратил
Господ да ги изврши во Египетската земја над Фараонот, над сите слуги негови и
над целата земја негова.
12. Чудесни се и големи тие дела што Мојсеј ги изврши
пред очите на целиот Израил, со силна рака и цврста мишка.
† Мистична Теологиа
www.angelfire.com/falcon/voznesenie