Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Новиот преработен Устав на ВМОРО од 1908 година

УСТАВ

на

Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација.
(Преработен од Општиот конгрес во 1905 г.).

ГЛАВА I. — ЦЕЛ

Член 1. — Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација има за цел да ги сплоти во една целина сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување на полна политичка автономија за тие две области.

Член 2. — Организацијата им се спротивставува на стремежите за делба и освојување на овие области од која и да е држава.

ГЛАВА II. — СРЕДСТВА

Член 3. — За постигнување на оваа цел Организацијата се бори за отстранување на шовинистичките пропаганди и национални расправии, коишто се стремат и го обессилуваат населението во неговата борба против заедничкиот непријател. Таа дејствува за јакнење на револуционерниот дух и свеста кај населението и ги употребува сите средства и усилби за побрзо и навремено вооружување на населението со сe што е неопходно за едно општо и распространето востание. Таа се грижи за културното и економското накревање на организираното население и ја потпомага неговата легална борба против турската власт.

ГЛАВА III. — СОСТАВ И УСТРОЈСТВО

Член 4. — Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација се состои од месни револуционерни организации, составени од членовите на секоја одделна месност (село или град).

Член 5. — Член на В. М. Р. О. Организација може да биде секој што живее во европска Турција, без разлика на полот, верата, народноста и убедувањето.

Член 6. — Секоја месна организација се дели на групи со по еден дестник.

Член 7. — Секоја месна организација се раководи од својот местен комитет.

Комитетите треба да се: селски, градски, реонски, околиски, окружни и еден централен.

Член 8. — Селските и градските комитети им се потчинети на реонските, а овие, заедно со потчинетите — на околиските, тие на окружните комитети, а целата организација се раководи од Централниот комитет.

Член 9. — Пред надворешниот свет Организацијата се претставува од претставничко тело.

Член 10. — За контролирање на финансиите и дејноста на комитетите се воведуваат контролни институти.

Член 11. — За разгледување на судски дела и спорови се воведува судски институт.

Член 12. — Службените лица се изборни.

Член 13. — Паралелно со легалната дејност на Организацијата постои и четнички институт од илегални сили. Задачите и устројството му се определуваат во специјален правилник.

Член 14. — Околиските, окружните и Централниот комитет имаат соодветни печати.

Член 15. — Организацијата се служи со своја тајна пошта.

ГЛАВА IV. — МАТЕРИЈАЛНИ И СРЕДСТВА НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

Член 16. — Материјалните потреби на Организацијата се остваруваат од:

а) редовни членски влогови;
б) доброволни прилози и налози;
в) помош и подароци испратени за Организацијата од странство;
г) глоби; и
д) непредвидени приходи, добени со силата на оружјето

ГЛАВА V. — КАЗНИ

Член 17. — Секој, кој ќе му направи штета на делото, се казнува согласно Правилникот.

Член 18. — Врз основа на постојниот Устав, изработен е подробен Правилник на Организацијата.

<<Назад | Почеток

granicnik