Роден е на 18 март 1877 година во Кукуш. Се школува во Кукуш, а потоа до VI клас во Солунската егзархиска гимназија, каде се приклучува кон ВМОРО, покрстен од С.Танчев. Со помош на Ѓ.Петров од 1898 година учителствува во Лешко, како параван за зајакнување на револуционерната мрежа и канал за пренос на оружје од Бугарија.
Во 1899 година учителствува во Долни Порој каде станува реонски раководител на ВМОРО за Поројско. Во 1900 година учителствува во с.Цапарево, а од септември 1901 година станува учител во Крушево, но прогонуван од властите во ноември преминува во илегала.
Во почетокот 1902 година станува секретар во четата на А.Тешовалијата во Неврокопско и Разлошко.
Во јануари 1903 година, заедно со четата на Г.Делчев влегува во Македонија. Во Струмичко дејствува со мала чета со која учествува за време на Илинденското востание.
Во 1907 година завршува стоматологија во Виена, по што се населува во Подгорица, Црна Гора, каде работел како стоматолог.
Умира во Подгорица на 19 септември 1943 година. |