Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА I

Со редовен пасош

Моето одење во Турција стана наполно по законскиот ред. Турскиот дипломатски агент во Софија не се поколеба да ми го визира пасошот, макар што две години по ред [1] се бев вртел по малата бугарска престолнина, дружејќи со луѓе со сомнителна репутација во очите на конзулските чиновници [2].

– Да не сте од некоја актерска група? – праша тој, додека гледаше во моето добро избричено лице.

Прашањето ми даде една идеја. Кој конзулски чиновник не би му помогнал на еден актер во незгода, по неговиот пат кон Каиро, познатиот збирен пункт на сите фалирани водвиљски артисти?

– Да - реков јас, - од Солун веројатно ќе одам во Каиро.

И така, вечерта на 28 фебруари 1906 година [3] ја поминав границата и преку Одрин стигнав во Солун, на Егекјското Море, без да сретнам некаква поголема пречка од конфискувањето на еден неподврзан роман.

Во текот на 10 дни јас ја видов официјална Турција, во Европа, како ја опишуваат една дузина добри книги. Во Солун се јавив како новинар. Ги обиколив месните установи и првенци, повеќето Грци, макар што градот во своето мнозинство е еврејски. Една изутрина тргнав во внатрешноста со специјално одобрение, добиено преку американскиот конзул, исто така Грк.

Железницата до Битола минува низ широко, мочурливо поле. Налево се гледа Олимп, чиишто врвови стрчат како кули над шумите. Планината е толку близу, што можат да се распознаат пукнатините низ карпите; таа се протега навнатре во непрекинат синџир од каменливи врвови. Но тоа го забележав патем. Погледот ми беше сосредоточен надесно, кон мочурливото поле. Поминувавме сред широк предел со кафеава трска и вода. Тракањето на колцата по шините се претвораше понекогаш во глува врева, кога возот поминуваше над отворени мовчиња без огради. Во далечината се гледаше езеро и планина во која стрчеа црни, голи гранки на исушени дрвја, чиишто силуети се оцртуваа на нискиот, блед хоризонт. Јата црни птици, чавки или гарвани што се виеја, само ја зголемуваа тажната безживотност на глетката. Така изгледаа блатата на Караферија, гледани од прозорецот на возот за Битола.

Во редовни интервали поминувавме населби, згушени во подножјата на ридовите. Од нив се гледаа белите минариња на џамии. Еве ја Караферија [4], Негуш и најпосле, кога патот изви по првите угорнини – Воден. Тука е древната Македонија. Тука исто така е сосредоточена најлутата борба, којашто прави од модерна Македонија најкрваво бојно поле во нашево време.

Пасошот ми даваше правото да престојувам по еден ден во секој град на мојот патот. Јас слегов во Воден. Носев само еден куфер со стари алишта, а во мојот џеб имав пари само за еден скромен ручек. Ништо за конфискување. Поминав низ железничката станица и се смешав со навалицата, излезена да ги гледа пристигнатите. Накај мене се втурнаа момчиња за багажот, но јас го држев здраво моето куферче, додека не забележав едив јак, млад човек, кој носеше бел фес и стоеше во првиот ред на момчињата. Тој се провлече меѓу навалицата и го зграпчи мојот багаж. Другите отстапија. Младичот тргна по мене. Од железничката станица до градот има околу еден и пол километар. – Ќе ви одведам во грчкиот хотел – ми рече младичот на бугарски. - Така ми порачаа да ви кажам. Попладнето најпрвин кај кајмакамот [5], после во грчкото училиште, а ако остане време и кај грчкиот владика. Потоа во четири часот ќе ве чекам пред хотелот.

Тој младич си ја вршеше својата работа како најпроверен заговорник. Ние ја преминавме тесната и крива главна улица и стигнавме хотелот. Тука мојот носач, во својата грижливост да ја игра својата ролја реалистично, ми побара толку голема награда, што јас се вчудоневидив. Сосема не бев подготвен да се преправам како штедар туѓинец. Пред очите на собраните гледачи, јај му ги дадов и последните мои пари, кои момчето ги прими, без да пројави особена благодарност.

Хотелот беше малку подобар од обичен ан. Но Воден нема потреба од повеќе. Во кафеаната на првиот кат неколку турски чиновници, граѓани и неколкумина попови пиеја кафе или сливовица и играа карти и табла. Туѓинец беше доволно ретко нешто, за да возбудува општо љубопитство. Сопственикот на хотелот божем беше Грк, а им зборуваше на своите слуги бугарски; подоцна разбрав дека тој зборувал грчки колку и јас. Ништо чудно! Немало ли во времето на Цезар римјани, кои не се знаеле латински?

Попладнето излегов низ цепнатините во општата маса на ниски камени згради, коиво таа земја ги сметаат за улици. Јас бев облечен со горно палто со пелерина, што е доста обично во тој дел на ориентот, но дуќанџиите, седнати со вкрстени нозе пред своите дуќани, турските неспастрени војницикои поминуваа, безделниците и селаните што идеа за пазарот, зјапаа во мене со нескриено љубопитство. Воден е официјално грчки град, но разговорите, што ги слушав околу себе, беа само на бугарски или турски. Требаше да прашам за патот и не знаев што да правам. Турски не можев да зборувам, а за бугарски беше договорено да се преправам дека не го владеам. Моите суетни усилби да разберам каде е зградата на кајмакамот собраа околу мене толпа Турци и христијани. Некои изговараа одделни француски зборови; сите посакуваа да поведат разговор со мене. Во мислите го проколнував месниот комитет, што не ми определи преведувач. Ми идеше да проговорам со умисла на расипан бугарски јазик, за да помине како руски, но слушнав како се наговоруваат:

– Ајде да му најдеме некој од руските полициски [6] офицери, тие зборуваат француски или германски.

– Не, ајде да го одведеме кај доктор Филчев [7] – потфрли некој, – тој зборува германски.

Докторот сигурно си помисли, дека толпата сака да ја нападне неговата куќа, затоа што истрча доста брзо. Тој беше висок, убав човек со профинета надворешност. Ме изгледа студено за момент, после спокојно ми сврти грб и й проговори на толпата.

– Кој ви рече дека знам германски, – праша тој реско на бугарски. – Немам време. Водете го кај началникот на железничката станица, тој е Австриец [8].

Тој укор не направи таков тежок впечаток на толпата како што ми направи мене. Ме поведоа одново. Луѓето како да беа решиле да не си отидат по својата работа, додека не й стават крај на мојата тревога. Еден турски подофицер предложи на расипан бугарски јазик, ако началникот на железничката станица не сврши работа, да ме одведе кај некој бег во крајните квартови, којшто учел во Париз и ги знаел сите европски јазици. За моја среќа, го сретнавме началникот на железничката станица во следната улица и со него заговоривме доста добро на германски. Навалицата околу мене, којашто на секоја улица се зголемуваше, остана многу задоволна што ја завршила својата работа и се растури.

Австриецот толку многу се израдува од случајот да се сретне со еден туѓинец, што ми предложи да појдеме во единствениот дуќан, каде продаваа пиво во шишиња. Ја прифатив поканата. После отидовме кај кајмакамот, којшто беше такво учтиво, добро човече - што почуствував сожалување за тревогата којашто сакав да му причинам, уште пред да помине уште еден ден.

Од кајмакамот тргнавме кон грчкото училиште. Австриецот, кој не можеше да си претстави, да друг туѓинец освен новинар може да го посети Воден, се зафати да ми достави материјал за една, по негова оцена, непристрастна, опстојна статија за положбата во Македонија. Сосем доверливо, меѓу четири очи, тој ми откри дека турската управа била неспособна. Меѓутоа недвосмислено ми напомена, дека грчката црква ја држи во свои раце административната машина, којашто дејствува отлично. Грците биле чудесен народ – весели луѓе.

– Ако Бугарите си стоеа мирни, – забележа тој, – сe ќе си беше по својот ред.

– Значи, Бугарите прават бркотија! Но не е опасно; тие се такво малцинство, што не можат да направат ништо.

– Ех – призна тој, – денес не се разбира кој е Грк, а кој е Бугарин.

– Па според јазикот?

– Тешко, зашто многу Грци се бугарогласни. Некои пак се тајни Бугари и ги поддржуваат разбојниците по планините. Да ве предупредам, не одете надвор од градот без силна стража. Тука се врти еден разбојник, го викаат Лука, – тој и неговите бандити слегуваат дури до градот. Јас му заблагодарив за тоа предупредување.

Директорот на училиштето, кој беше вистински Грк, дошлак, зборуваше германски. Јас не бев дојден да опсудувам политички прашања со него, но почнав да гледам дека политичката омраза на тие луѓе е така напрегната, да е речиси несфатлива за странец. Тука луѓето се будат и почнуваат својата дневна работа со лута омраза во своите срца на прво место. Денот го поминуваат со планови да ги уништат другите и легнуваат да спијат со цел да ги сонуваат перспективите на својата злоба.

– Пазете се од Бугарите – беа последните зборови на директорот при нашата разделба, – тие се предавнички народ. Тие се еретици. Кога излеговме од училиштето, мојот водач ми рече:

– Тука близу има фабрика за памук. Нејзиниот управник зборува англиски. Господинот Григораки бил во Англија. Да го посетиме.

Јас ги наострив ушите при споменувањето на тоа име. Тоа ми беше познато.

Се искачивме по тесна патека, што исчезнуваше меѓу стрмни карпи. На врвот се гледаше зградата на фабриката, заградена со ѕидови, како воена тврдина. Тешко вооружен стражар во албанска униформа ме пречека на вратите. Потоа поминавме покрај добро вооружените чувари и влеговме во дворот на фабриката. Еден човек на средна возраст, олабавен, во европско облекло, нe пречека на вратата од своето биро. Синкавите подуености под неговите очи и околу устата зборуваа за неговиот живот без физички активности. Тоа беше Григораки.

Тој зборуваше мек, рамномерен англиски јазик, пријатно убедлив. Веднаш предложи да не прошета низ фабриката, ни ги покажа машините и манипулирањето со нив. Изгледаше преокупиран од интересот кон своето претпријатие. Случајно се допрев до политиката.

– Ова е грчко претпријатие – рече тој. – Затоа Бугарите не го сакаат. Тие еднаш се обидоа да го фрлат во воздух. - Не толку фабриката, колку самиот Григораки, си мислев јас. Ми направи впечаток дека од неколкуте стотини работници само 10 – 20 беа возрасни; повеќето беа девојчина од 8 до 14 години, Бугарки, при тоа, како што можев да слушнам од говорот при поминување покрај нив, но не опасни Бугарки.

Се вративме во малото, извалкано биро да пиеме кафе. Григораки продолжи да зборува, главно за Англија. Во еден агол од собата имаше подвижно легло. Над него, на ѕидот висеше една модерна пушка. Кога го разгледав непретенциозниот мебел и прашливите фасцикли, јас тешко можев да поверувам дека вистинскиот центар на администрацијата на таа немирна област е поскоро тука, отколку во канцеларијата на кајмакамот. Не беше лесно да се верува дека тој навидум кроток здебелен Грк со изглед на њујоршки продавач на леблебии, е началник и организатор на таков крвав сојуз на разбојници. Но Григораки умееше да не изгледа како разбојник. Во очите на дипломатска Европа, тој беше човек на законот и редот, за каков што се сметаше и неговиот другар, владиката.

Григораки беше човек со организаторски способности. Тој бдееше за благосостојбата на световната грчка црква во таа област. Со својот овчарски крлук [9] тој да достигнува секоја овца, којашто ќе побегне од стадото на патријархот. Преку своите „доверливи агенти“ тој ги достигнуваше и при згоден момент ги отстрануваше од полето на нивната дејност. За таа цел тој поддржуваше организирани чети, од христијански војни, чијашто должност беше да ги сдечат главниците на највисоките житни стебла во нивата. Григораки го ставаше во дејство огнот, кој чистеше; тој ги измиваше гревовете на луѓето со крв, со нивната крв, се разбира.

Јас се вратив во анот пред четири часот. Австриецот ме напушти, мислејќи сигурно дека ќе се зафатам со преработување на материјалот што го бев собрал. Младичот се шеташе по улицата. Наминав да испијам еден чај и веднаш излегов. Тргнав да скитам, следејќи го незабележано белиот фес на мојот водач. Тој одеше далеку пред мене по криви тесни улички. Постепено стигнавме до крајот на градот. Тука снажниот младич неочекувано се спушти и се вовлече во една отворена врата. Јас се обѕрнав. Во еден момент, кога не гледав никого по улицата, тргнав по својот водач. Вратата се затвори зад мене. Се качив по темни, дрвени басамаци и се најдов во една осветлена соба, послана со черги и перници. Тројца луѓе седеа на чергите. Тие станаа и ме поздравија:

– Добро дошол, другар.

Еден од нив беше докторот, кој со својата нељубезност ме беше растажил тој ден. Тој избувна да се смее, кога го познав.

– Eine unangenehme Begegung in der Strasse kann doch sehr angenehm sein, wenn sie zu Hause ist. (Една непријатна средба на улицата може да е многу сакана дома.)

Тој зборуваше германски како секој студент од Хајделберг, но многу знаење понекогаш е штетно.

1. Алберт Сониксен пристига во Бугарија преку летото на 1904 г. Претставникот на ВМОРО во САД, Иван Радулов во писмо од 4 јули 1904 г. до Димитар Стефанов во Софија го препорачува на следниот начин: „Со ова писмо сакам да Ви го препорачам Mr. Albert Sonnichsen, секретар на Македонскиот комитет во New York. Тој сака да се запознае поодблизу со македонското прашање; и бидејќи многу се интересира за него, та доаѓа дури во Бугарија да го стори тоа. Имајте доверба во него и бидете отворени кон него во сe. Само да му кажувате што е за јавност, за печатот, а што не е. Тој е чесно момче и ќе биде корисен за делото во Америка. Учествувал како востаник на Филипините. Зборува малку германски, шпански и се разбира чисто англиски. Не го оставајте под влијание на генералите. Тој ги мрази,. Но сепак е подобро да нема многу блиски контакти со нив.“
2. По ослободувањето на Бугарија до објавувањето на независноста во 1908 г. претставниците на странските држави во државата се именуваат како дипломатски агенти и генерални конзули. Турскиот претставник во Софија се именува како комесар на вакуфите. Во истиот период, бугарските дипломатски претставници во странство се именуваат како дипломатски агенти, а конзулските претставници во Турција – трговски агенти. Од мај 1909 г. дипломатските претставништва во странство стануваат амбасади, а трговските агентства – конзулати.
3. Датата не е точна. Датите кај Сониксен се по нов стил. Тука станува збор за првите денови на фебруари по нов стил или за крајот на јануари 1906 г. по стар стил.
4. Караферија – турски назив за Бер.
5. Кајмакам – раководител на каза (околија) со административни и воени функции, околијски началник.
6. Не полициски, туку жандармериски офицери. Имено, по Илинденското востание на 18 септември 1903, во малото австриско место Мирцштег, царско ловиште, се состанаа претставници на Австро-Унгарија и Русија и донесоа програма за реформирање на турската администрација и полиција во Македонија. Силите за извршување на оваа програма се викаа џандармерија. Беа составени исклучиво од полициски офицери на петте големи европски сили: Русија, Австроунгарија, Франција, Англија и Италија. Македонија беше поделена на пет жандармериски сектори во кои се наоѓаа силите што учествуваа во програмата. Така, во Битола се наоѓаше командантот на италијанските сили, во Солун – на руските, во Скопје – австроунгарските, Серез – француските и и Драма – англиските. Со меѓународните сили командуваше италијанскиот генерал Диџорџис со седиште во Солун.
7. Од разбирливи причини, кога зборува за легални дејци на организацијата, Сониксен употребува псевдоними. Некои од нив веројатно се вистинските псевдоними на соодветните лица, а други – измислени од него. Во случајот Филчев се работи за псевдоним. Лекарот од Воден во 1906 г. се именувал како д-р Николов. Зачувани се документи, во кои се зборува за атентат против него, извршен на 25 јули 1906 г. во Солун од грчки терористи. Бил лесно ранет и по десетина дена лечење се вратил во Воден.
8. Во случајот се работи за службеник на австриската компанија која учествувала во изградбата на пругата и раководела со нејзината експлоатација.
9. Крлук – вид стап со кој овчарите се служат за фаќање на заталкани овци.

<<Назад | Напред>> | Почеток

granicnik