Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХХIV

Исповед на меланхоличниот четник

Откако го оставивме Апостол, ние почнавме постепено да се насочуваме кон север. Откако ја поминавме реката Вардар, дојдовме во Кукуш и таму, во опширната трска на Аматовското блато, се сретнавме и поминавме неколку денови со Дамјан Груев. Тој беше во обиколка за уредување на изборите за делегати на претстојниот општ годишен конгрес, кој требаше да се одржи близу до границата со Бугарија. Тогаш јас го фотографирав овој виден водач; малку мислев тогаш за вредноста, што ќе ја има тој портрет за Македонците. Малку повеќе од месец потоа Груев беше убиен во еден судир со аскерот.

Ние бевме шестмина и веќе пет дена се криевме и бегавме од воените патроли, што не беше лесна работа со сто патрони муниција, манлихерова пушка и каракачанско ќебе, тешко осум килограми. На шестиот ден стигнавме до падините на Струмичките планини во северна Македонија. Си ја истривме потта од очите, кога гледавме нагоре кон студеникавите, сини височини.

– Ќе се качиме таму горе – реков јас и мојата војска од пет души извика едногласно дека сум ја изрекол мудроста на еден голем генерал.

Но надвор од тоа што ни обезбедуваа сигурност, тие планини имаа во себеси и друг еден предмет на мое остро интересирање, зашто низ нивните шуми скиташе еден човек, чијашто анонимна слава негогаш се ширеше низ цела Европа и Америка. Јас сакав да го видам и да ја слушнам другата страна на приказната, којашто во тек на шест месеци ги полнеше колоните на американските весници и страниците на американските списанија [71].

Ние чекавме скриени во една шумовита клисура, а на третиот ден дојде еден кривоног курир, којшто тропаше надолу по карпите, со одговор на моето писмо. Тоа кажуваше:

„Ќе ве чекам под врвот кај Белиот даб. Земете го курирот со себеси.“

Ние патувавме забрзано целата ноќ и кога настапи магливата изутрина, се качувавме со мака по една стрмна планинска падина, низ густите дабови фиданки, чиишто лисја веќе беа станале темно жолти од првите мразови на зимата што се приближуваше. Едно остро свирење одозгора ја поттикна нашата редица за уште еден напор и ние наскоро стигнавме на една рамна полјана среде толпа јаки четници. Се направи обичната молчалива размена на братскиот бакнеж и сите наседнавме во широк круг околу еден оган. Еден висок, кавгаџиски човек ораторствуваше; тој зборуваше како човек, кој има да пропагира идеи.

– Овој ли е Христо Чернопеев? – го прашав јас мојот сосед, еден спокоен низок човек, кој не беше зборувал досега.

– Не – рече тој, на многу јасен, отсечен бугарски јазик, насмевнувајќи се иронично. – Јас сум Христо Чернопеев.

Јас веднаш се свртив кон него.

– Значи, вие – реков јас – ја грабнавте Мис Стоун, нели?

Тој, со мрачна насмевка, кимна со главата.

– Да - призна тој. – Но не ме осудувајте, без да сте ме чуле. Вие како четник треба да бидете посправедлив. Сакам вие да ме разберете како беше тоа – за нив, јас не давам ни две пари. – И тој одмавна со рака накај границата; јас знаев дека со тоа мислеше на цела Европа.

Тој беше дробен човек, со лице коешто, кога беше спокојно, беше лице на селанец: права, костенлива остра коса, ниско истрижена, што упорно му стрчеше нагоре. Тркалезни црти, темно сиви очи под тешки веѓи и мали жолтеникави мустаќи. Тоа беше, како што реков, лице на селанец, но кога тој се насмевнуваше, во таа насмевка беше сe што беше над селското кај Христо Чернопеев.

Два дена ние зборувавме за други работи: за релативните достоинства на манлихеровата и маузеровата пушка, за еволуцијата наспроти револуцијата и дали во балканските земји има пролетеријат, прашање на кое многу добри специјалисти даваат различни одговори, што го раѓаат оној степен на блискост, кој ја доведува во прашање самата приказна.

Се бевме оддалечиле од логорот на една отворена полјанка на планинска падина, од која можевме да ги гледаме јасно рилските врвови, што ја разделуваат Македонија од Бугарија. Во тој меѓупростор лежеше театарот на прочуениот инцидент. И така, прашањето одново никна.

– Да – рече тој. – Јане Сандански и јас го направивме тоа со осумнаесет добри, здрави момчиња. Господи! Кој можеше да помисли дека ќе трае пет месеци. Но, сe едно ми е, кој го знае тоа сега - вие можете да го наречете: „исповед на еден меланхоличен четник.“ Тие, новинарите и дипломатите, ќе гарантираат дека станува збор за разбојник, а вие ме имате мене како сведок кој ви тврди дека описот наполно одговара.

– Да, тоа треба да било опасна работа – реков јас со сочувство.

– Опасно! – повтори тој со презир. – Вие не ме разбравте. Јас не зборувам за опасност. Да бевте постар и долго време оженет ... патем, дали некогаш сте се нашле во ситуација да й се противставите силно на некоја средовечна жена со решителна волја и која сака сe да биде по нејзино? И уште смета дека сте брутален, а вие го чувствувате тоа? Цврсто противење, без физичко насилство, тоа би било олеснување, час по час, ден по ден ...

– Но тоа не е приказната, којашто ... – приговорив јас.

– Можеби и не е. Јас само создавам атмосфера; тоа се должи на читањето на литературните прилози во нашиот револуционерен весник. Само сакав да ви го дадам вистинскиот аспект од моја гледна точка. Би сакал да го разберете ова – рече тој и ја крена раката кон посивената коса на главата. Поразмисли еден момент и ненадејно започна да зборува, без да запира:

– Тоа се случи по падот на Сарафов, и кога кнезот Фердинанд ја наметна својата власт над нашиот комитет во Софија и кога во него го постави генералот Цончев. Цончев, пријателот на кнезот. Се разбира дека ние го отфрливме. Ние, во внатрешноста немавме намера да признаеме како наш претставник еден бугарски генерал, назначен од кнезот Фердинанд, но Цончев инсистираше не само дека е наш претставник, туку и претендираше да ја раководи целата Македонска револуционерна организација. Замислете си некој германски адмирал да пристигне во Соединети Држеви и да изјави дека тој е ваш премиер. Вие или ќе го избркате, или ќе му се изнасмеете. Но отворената бесрамност на Цончев се поддржуваше со златото на Фердинанд, со кое се купуваа луѓе, пушки и муниција. И како што тврдеше, дека подготвува револуција, тој започна да испраќа големи вооружени чети преку границата, за да бидеме истерани од нашите реони.

Се разбира, ние се противставивме. Но, токму тогаш се случи предавството во Солун и целиот Централен комитет и десетици други способни водачи, од кои ни зависеше финансирањето за вооружувањето, беа затворени и испратени на заточение во Мала Азија. Организацијата се распадна; во цела северна Македонија останавме само Сандански и јас. Тогаш Цончев почна да ги испраќа преку границата своите чети, за да го завладеат теренот за востание.

Ние ги пречекавме – отпрвин со протести, а после – со оружје. Располагавме со многу луѓе, затоа што населението беше со нас, но за таква работа и без уружје, не не беа многу полезни борци. Немаше Централен комитет за да ни помогне, барем и со совет. А нашите патишта да бараме помош од македонските емигранти во Бугарија ни беа прекинати. Дали разбирате, Македонците во Бугарија тешко дека знаеја како стојат нештата, затоа што нашиот весник беше попаднал во рацете на Цончев. Така луѓето црпеа податоци од него и затоа тие продолжија да му ги испраќаат своите прилози на Цончев.

Состојбата беше очајна. Изгледаше дека ние и целата организација ќе бидеме уништени, а платениците на кнезот Ферлинанд ќе го освојат теренот за себе, за да прават со него што сакаат. За да стане работата уште полоша, Цончев вработи и испрати преку граница еден стар разбојник кој оперирал на планината Рила во деновите пред да биде избркан од Организацијата, стариот Дончо, кој фаќаше Турци и христијани и ги држеше додека не добие откуп за нив, а парите си ги задржуваше за себеси. Луѓето го мразеа.

Јас бев заедно со Сандански. Бевме толку лошо вооружени што дури и не осмелувавме да се сретнеме со четите на Цончев; моравме да бегавме од нив, како да беа аскер. Ние имавме потреба од пари. Затоа решивме да фатиме некој богат Турчин и да земеме неколку илјади лири откуп. Се обидовме еднаш, но не успеавме. Во тоа време кај нас дојде еден четник, кој бил ученик во американското училиште во Самоков.

– Фатете некој од мисионерите – предложи тој – и турската влада веднаш ќе го плати откупот за да ги избегне усложнувањата.

Таа идеја не завладеа. Знаете, не беше пријатна работа. – никогаш не бевме фаќале Турчин за откуп. Но бандите на Цончев се насрчија против нас. Кога слушнавме дека доктор Хауз [72] решил да доаѓа наваму, ние решивме да го фатиме него. Д-р Хауз секогаш е беше пријател на селаните; кога слушнавме дека тој решил да не доаѓа ваму, јас, на пример, речиси и не жалев.

Неколку дена подоцна слушнавме дека мис Стоун е во Банско и дека по неколку дена ќе патува на југ. Се спуштивме накај Банско. За мис Стоун јас не размислував многу. Таа често проповедаше против нас, зборувајќи им на селаните дека господ ќе ги спаси од бедата, а не четниците. Сe некои наивни приказни – никој не ги земаше за сериозни, но тоа ја направи работата полесна за проголтнување.

Во Банско имаше гарнизон и селаните не можеа дури ни да ни донесат храна. Но во текот на два дена, Сандански и јас бевме во селото, облечени како селани. Ја следевме мис Стоун и ја организиравме работата. Селаните не убедија да не го правиме тоа во Банско, тие се плашеа од репресалии. Курирот кој подоцна беше водач на групата на мис Стоун, беше наш човек; тој ја доведе пред нас.

Си спомнувате сигурно, како се нафрливме врз нив, кога тие поминуваа; ние сите бевме преоблечени како башибозук, но бевме толку изгладнети, што не ни дојде на ум да се воздржиме од јадење на свинско, кога ги отворивме чантите со храна.

Решивмее да земемре една Бугарка како другарка на мис Стоун. Ние навистина сакавме да се држиме со неа колку што е можно подобро. Но постарата жена, што ја бевме избрале, се разболи толку многу, што не можеше да се мрдне.

Во групата имаше многу млади девојки, но ние се плашевме од приказни.

– Еве, госпоѓа Цилка – рече водачот. – Таа е омажена. – Нам ни се допадна нејзиниот изглед, таа не беше многу млада и имаше лик на матрона. Но, да знаевме, што имаше да станува – бебето, знаете – ќе се решевме да земеме неомажена жена. Или ќе се задоволевме без другарка на мис Стоун. Ние плативме скапо за пристојноста.

– А Турчинот, кого го убивте? – вметнав јас.

О, оној што го убивме за да направиме „впечаток“ ли? – одговори тој со горчлив сарказам. - За да им дадеме да разберат дека работата е сериозна? Така ја опишуваа работата весниците. Сме одзеле еден невин живот за да создадеме еден артистички ефект. Не! Ние немаме потреба од ефекти.

Тој Турчин, Албанец поскоро, беше полјак, управник на еден чифлик и ги кубеше селаните. Тие дојдоа кај нас - многу пред тоа - и ни рекоа дека, ако не го убиеме тој човек, тие не гледаат какво добро можат да имаат од Организацијата. Вие ги знаете полјаците - и добрите, и лошите - но ние не ги убиваме ниту едините, ниту другите, само затоа што кубат. Но таа свиња беше обесчестила две селски девојчиња - едно по друго. И ние се расправивме со него.

– Се исплашија ли жените? – прашав јас.

– Природно. Тој поход првата ноќ им ја извади душата. Но подоцна – ех, ние бевме неопитни. Ние им дадовме еден месец, верувајќи дека ќе ги добиеме парите од Цариград по една недела. Се разбира, ние сакавме да ги натераме да гледаат сериозно на таа работа. Тие мисионери се нешто различно од нас, но ние знаеме дека некои се многу корави. Се плашевме од едно нешто – таа можеше да се реши да стане маченица. За среќа, тоа не се случи.

Ние подготвивме драматични сцени. Јас бев најдобар во нив, затоа јас сум „лошиот човек“. Но Јане Сандански ги имаше инстинктите на француски учител по танци. Јас сум го гледал со пот на голата негова глава, среде зимните мразови околу нас. Сум го гледал како побегнува сам меѓу дрвјата и си ги стиска големите тупаници и како крцка со заби. Ех, тој си ја доби наградата. Тој беше запишан во историјата како „Добриот човек“.

– Но што стана, кога истече првиот рок.

– Ах, па тоа беше мачно, да, блефот никогаш не успева, а и не бевме свикнале на блеф. Ние се мачевме да го поддржуваме. Но што може да се направи пред една гневна, возрасна и многу чесна жена, којашто ве гледа срдито? Еднаш таа направи едно ненадејно движење со својот чадор - таа секогаш го носеше тој чадор – својата библија и свпојата стара шапка. Ех, може да било вообразување од моја страна, тоа движење со чадорот, но јас се стаписав назад низ вратата од колибата за да го спасам своето достоинство. Но не спасив многу од него.

Таа не нe оставаше да пушиме. Не го забрануваше пушењето со изрична заповед, знаете, но вака: „Имате ли вие човечки срца?“, или „немате ли никакво почитување кон беспомошните жени?“ Кажано со писклив глас, знаете. Не можете да пушите во нејзино присуство по таква сцена.

– Во расказот на мис Стоун, вметнав јас, се зборува на едно место за суеверните стравови на еден од четниците; воопшто вие сте оставиле впечаток на многу неуки селани. Кои беа четниците?

Тој искриви усни, кога одговараше.

– Еден беше Крстју Асенов. Вие сте чуле за него. Тој беше учител во основно училиште со гимназиско образование. Еден крупен, силен човек, кого мис Стоун го нарекуваше „мечката“. Ние сите имавме псевдоними. Кутриот Крсто беше убиен во востанието.

После беше „чаушот“. Тој беше Александар Илиев, исто така учител во основно училиште, со полузавршено универзитетско образование. Дончо го уби со секира, кога спиеше. И после со нас беше докторот. Тој учел медицина во Париз ми се чини. Тој беше Петров. Со нас беше и Сава Михајлов, вие сте го виделе, висок и аристократски – суеверието не го мачи многу. И Петар Китанов, војводата на Џумајско, сега со нас, оној, со кого што сношти зборувавме за „Морската жена“ на Ибзен. Повеќето од нив беа учители, многу од нив отпуштени поради нивните радикални гледишта.

Јас не се сомневам дека поведението на мис Стоун беше искрено, но тоа беше забавно, земајќи предвид една случка, којашто ми доаѓа на ум сега. Таа го фати Крсто Асенов со нејзината библија – сакаше од него да прочита една набележана глава. Тој й рече: „Ќе ја прочитам главата, ако вие прочитате една моја брошура. Вие ќе се запознаете со мојата вера и јас со вашата.“ Таа се согласи. Тој ја зеде библијата и й даде некаква брошура, од Кауцки, ми се чини. Следниот ден тој ја запраша дали е готова да разменат мисли. Таа се обиде, ми се чини, но не разбираше ништо. Можеби не беше привикнала на терминологијата. Крсто й повтори некои места од библиската глава по памет. „Гледате ли, рече тој, полесно е за мене да ја научам вашата вера, отколку вие да ја научите мојата.“

После дојде бебето. Околу тоа време имено косата ми обеле. Претставете си, новородено бебе на пат со нас! Колку пати требаше човек да си ја крие главата во некоја облека, за да задуши некаква кивавица. После помислете, дека едно здраво, плачливо бебе е со нас, а областа врие од аскер и од разбојниците на Цончев. Но, чудно како дејствува врз човекот едно беспомошно бебе, особено, ако долго време бил далеку од жени и деца. Тоа беше смртта на нашиот авторитет. Мислам дека, можеби несвесно, мис Стоун, како и мајката, започнаа да не сметаат за малку повеќе луѓе потоа. Сигурен сум исто така, дека нашиот страв од аскерот и од Дончо не беше чисто егоистичен.

Кога избувна битката со Дончо, не можете да си претставите како момчињата ги пазеа жените. Јас тогаш не бев таму, се судрив со крилото на четата од Дончо. За тоа време другите се извлекуваа заедно со жените а Сандански ми вели дека тие сите до еден му се залепиле како да не биле среќни од таквото спасување.

Видете, Цончев го испрати Дончо по нас, за да ги „спаси“ заробените жени. Тој не сакаше ние да ги добиеме парите. Ако двете жени беа загинати во наши раце, тоа ќе му послужеше за неговите цели. Јасно е, дека Македонија ќе беше свртена на глава и ќе беше преорана со остро гребло, ако навистина нешто им се случеше. И ако, по некој случај, ние ќе успеевме да го избегнеме тоа, тогаш Груев и останатите ќе не убиеја, кога ќе излезеа од затвор. И како што се случи, кога слушнаа, тие го осудија ова, но тогаш ние веќе ги имавме парите. Јас ви ги кажувам различните видови опасност, во кои бевме и поради кои многу ноќи се препотував.

Најпосле ние бевме така лошо притиснати, што се решивме на голем ризик. Ја поминавме границата на Бугарија. Таму стоевме доста време и тоа беше еден период на починка. Стоевме скриени на неколку километри од Ќустендил, каде што се касарните. Но никој и не сонуваше, дека сме во такво соседство. Тогаш имено јас отидов во Софија и се видов со мистер Дикинсон [73], американскиот претставник. Тој ме мислеше обичен селанец, земен под наем за услуга од „разбојниците“. Братот на Петар Китанов, Сандо, беше преведувач на француски. Јас не изгледав дека разбирам дури ни бугарски, така како што бев облечен. „Десет илјади лири, рече тој, ниту пара повеќе.“ Не можевме да дојдеме до согласност.

– Кога бев во Самоков – реков јас, – еден од мисионерите ми кажа дека, кога комисијата се сретнала со „разбојниците“, меѓу нив имало еден таков интелигентен човек, што тие помислиле дека е другарот на Груев, Гоце Делчев. Кој беше тој?

– Тоа беше самиот Крсто Асенов. Делчев беше единствениот од големите водачи, кој не беше в затвор. Во тоа време беше накај Битола и не знаеше ништо за аферата, додека не се сврши сe. Освен тоа се зборуваше, дека бил замешан и Сарафов – тоа се глупости – Сарафов, креатурата на кнезот Фердинанд и истомиленик со Цончев.

– Што стана со парите што ги зедовте?

- Еден комитет беше задолжен со нив. Д. С. [74] сега во Софија и стариот М. [75] во Дупница, вие ги познавате и двајцата – луѓе, чијашто чесност е над секое сомневање. Третиот беше Гоце Делчев. Цончев знае што стана со дел од парите – но за негова сметка. Повеќето од парите го финансираа востанието во 1903 г. во Битола. И после – тука тој ми се насмевна – јас зедов малку од нив. Тие ми дадоа пет лири, за да си одам за Коледе дома. Другите не зедоа ништо.

Ние останавме замолчени долго време, тој мислеше занесено. Јас бев слушал многу за таа приказна порано, од други.

– А Дончо – додадов јас тивко, повеќе за себе, – сега е благороден, имашлив граѓанин и живее во сопствена куќа во Дупница.

– Знам – одговори тој мрачно. – Во весниците го направија херој и покрај тоа што тој беше собрал повеќе откупнина во свое времеотколку што можеа да донесат десет мис Стоунки. Но ние сме илегалци. За себеси не ме е грижа, но другите – повеќето од нив загинаа за своите идеали - и никогаш немаа повеќе од лира во своите парталави џебови. Но, тие останаа за неколку луѓе само разбојници. Господи! Какви гнасни лицемери се тие озборувачи! Самодоволните дипломати, новинари и духовници, со нивните обесени муцки и тркалезни шкембиња. Да, ние сме разбојници. Тие дозволуваат нашите жени и мали бебиња да бидат малтретирани и масакрирани а кога ќе побараме помош од нив, само за да го запрат тоа, во името на Христа, тие ни даваат малки, лажни зборови. А после, кога на една нива жена, од нивната средина, ќе й зададевме неколумесечни грижи и неудобност, кои и ние ќе ги споделевме со неа, само за да добиеме средства со кои ќе спасиме еден милион жени од смрт, или од нешто уште полошо, тогаш сме разбпојници. Затоа што стануваше збор за жена од нивната средина, тие не се загрижија за кутрата госпоѓа Цилка, туку само за мис Стоун. Затоа ние сме разбојници, престапници и луѓе надвор законот. Не, по ѓаволите со таквата цивилизација! Таа не е вистинска!“

На таа тема често фразговаравме и тој обично така ќе ја изразеше својата огорченост. Тој ми остави силен впечаток, како и на сите оние млади учители собрани околу него, и покрај тоа што неговите знаења не се должеа многу на училиштето.

Често жалев што не ја направив кратката обиколка која беше неопходна за да се сретнам со Сандански во Разлошко. Чувствував дека тој беше водечкиот ум. Тој беше тој што й стави крај на последната интрига на кнезот Фердинанд во Македонија, отстранувајќи го Сарафов од полето на дејство. Тој и Чернопеев беа водачите на социјалистичкото крило во Македонија [76], чијашто идеја е замена на оружјето со економски дејствија. Кога младотурците го прогласија уставот, овие двајца и нивните соработници беа првите кои одговорија со положување на своето оружје. Младотурците ги пречекаа со раширени раце во Солун. Ова не треба да го зачуди никого, затоа што младотурското движење е исто толку никулец на социјализмот колку и револуционерното движење во Русија. Денес четите во Македонија му припаѓаат на минатото.

Сега, кога ги пишувам овие редови, читам во еден весник напис од дописмникот, дека Сандански бил на чело на една дружина, која се состоела од стотина Бугари, следени од мешани баталјони од Грци, Евреи и Турци, пред вратите на Цариград [77].

Успехот на младотурците навистина ме спаси од вообичаените пророчки претскажувања кои се подобни за крај на својата книга од овој вид. Кога започнав со раскажувањето, никогаш не можев да ги предвидам настаните кои наскоро требаше да се случат. Дека Турци, Бугари и Грци ќе маршираат заедно рамо до рамо кон Цариград, за да го соборат Султанот, како што тоа го прават сега. Во тоа време ќе беше тоа само пророштво на кое ќе му се изнасмееше секој нормален човек кој разбира макар малку од политика. Овие добри, нормални луѓесо нивното тромо ртазбирање веќе бараат начин да се сврти назад текот на еволуцијата. Но млада Турција претставува еден идеал, во кој Турција е само случајно.

Ноќта на 9 ноември Владо и јас, со десетина други, се провлековме низ границата и моите македонски авантури завршија.


71. Станува збор за аферата „Мис Стоун“, од 21 август 1901 год.
72. Д-р Хауз – раководител на протестантските мисионери во Солун.
73. Чарлс Дикинсон – генерален конзул на САД во Цариград, кој пристига во Софија, за да преговара со претставници на Револуционерната организација и да преговара за ослободувањето на американската мисионерка мис Стоун и Катерина Цилка.
74. Во прашање е Димитар Стефанов, Бугарин од Бесарабија, роден во 1872 година. Завршува право на Московскиот универзитет. Во 1897 г. доаѓа во Бугарија и работи како судија и правен советник. Зема активно учествува во македонско-одринското ослободително движење. Во учебната 1900 – 1901 г. е директор на егзархиската машка гимназија во Солун и раководител на Организацијата во округот. Од септември 1901 до крајот на 1902 г. заедно со Туше Делииванов е задграничен претставник на ВМОРО во Софија и води енергична борба против приврзаниците на ген. Ив. Цончев. Учествува во востаничките дејствија во Пиринскиот крај во 1903 г. На Рилскиот конгрес од 1905 г. одново е избран за задграничен претставник на ВМОРО. Приврзаник е на левицата во ослободителното движење. Умира во 1940 г. во Бургас.
До него е адресирано писмото од 4 јули 1904 г., со кое што А. Сониксен им се препорачува на дејците на ослободителното движење во Софија.
75. Во прашање е Никола Малешевски – роден во с. Берово, Малешевско. Долгогодишен пунктов началник на ВМОРО во Дупница (Станке Димитров) и близок другар и соборец на Гоце Делчев.
76. Јане Сандански и Христо Чернопеев се водачи на левицата во македонско-одринското национално-револуционерно движење. Тие ја пречекуваат со восхит Младотурската револуција, но кога започнува младотурската реакција, тие се повлекуваат – Чернопеев ја обновува вооружената револуционерна борба, а Сандански се повлекува во Мелничко.
77. Во април 1909 год. во Истамбул е направен обид за државен удар против владата на младотурците. Во поткрепа на младотурците, кон престолнината се упатуваат многу дејци на македонско-одринското движење. На чело на одредите на левицата застанува Јане Сандански.

Почеток | <<Назад | Содржина

granicnik