Солунскиот атентат и заточениците во Фезан | ||||||||
ЗАТОЧЕНИЦИТЕ ВО ФЕЗАН
Најгалем град во областа Фезан е М у р з у к. Тој се наоѓа во најисточниот дел на песочната рамнина Ел Хофра и е сместен сред една долга, пространа долина, покриена со дробна песок. Набројува околу 1 000 куќи со 2 500 ж., вклучувајќи го тука и населението што живее надвор од градот, по градините кои тукашните жители ги викаат с о а н и. Куќите се многу лошо изградени од земја, мешана со сол за готвење. Во околноста на градот има многу песочни ридови. Ако погледне човек од некое повисочко место, сета околност на градот се чини како една широчинка од подвижна песок, прошаркана овде-онде со градини и палми, што се губат на хоризонтот. На јужната страна на градот, се додека допира погледот, нема никакво зеленило, ниедно дрвце, никаква тревичка. Овој дел од околноста на Мурзук прилега на вистинско море од песоци. При повевнувањето и на најмало ветре сета атмосфера се исполнува со дробна песок, што оддалеку се чини како чад. Ниските песочни тумби изгледаат како бранови на разбранувано море, потонато во магла. Во нивчињата околу градот се раѓаат жита (пченица, јачмен, пченка, еден посебен вид просо, лен) и зарзават (патлиџани, кромид, лук, пипер, магдонос, дињи, тикви, црни патлиџани, бамји, посебен вид грав, што го викаат гафуле и др.). Стариот град се наоѓал малу појужно, каде и денес уште можат да се видат остатоци оед него. До самите јужни ѕидини на градот има три мали мочуришта, со многу солена вода, што во големите жестини (јули и август) сосем пресушуваат. Такви слични две мочуришта имало и откај северниот дел на градот, но пред неколку години, за да се отстрани лошата реа од испарувањето биле затрупани со земја и песок. Дотогаш тие мочуришта нарочно биле пазени, за да служат како природна граница, што некое време претставувала заштита од непријателските стрели или куршуми. Големата обилност на сол за готвење во земјата и растворените органски материи, и придаваат на водата многу солено-горчлив вкус. Густината на растворот од сол за готвење е толку голема, така што јајце пуштено во водата едвај паѓа надолу. Градските ѕидини имаат три порти, што на стемнување ги затвора стражата што се наоѓа крај нив. Главната порта е на исток, втората на север, а третата на југозапад. Градот е поделен од една широка и долга улица на две еднакви половинки: северна и јужна. Кај источната порта има плоштад, каде е и пазарот. Тука секоја изутрина и секоја вечер множество жени продаваат на отворено прехранбени продукти. До плоштадот, онаму каде улицата продолжува влево, е единствениот участок и просториите на градскиот совет (беледие). Од двете страни вдолж сета улица има неколку двокатни згради и множество мали дуќанчиња, како мали ќелии, снте покриени со еден заеднички покрив од земја и песок. На другиот крај улицата завршува пак со еден уште поголем плоштад, што всушност го формираат два прилично долгунести, допрени со основата на едниот и височината на другиот плоштади, во вид на правоаголници. Едниот од тие плоштади излегува на југозападната порта, (Баб - и - Г`м-г`м, - Гробната врата) а другиот - излегува право кај северната порта. Првиот плоштад е заграден со неколку куќи и градската градина полна со палми, а во средина има еден бунар за вода. На спротивниот крај на другиот плоштад е воената болница и станицата на поштата и телеграфот. И двете се двокатници со повеќе одаи, чии прозорци гледаат на различни страни. Кај другите две основи на двата правоаголни плоштади се издигаат тенки, назабени ѕидини, високи 5-6 метри, што стасуваат до југоисточната и северната порта, па се поврзуваат со градските ѕидини направени од земја мешана со сол за готвење. Со малите ѕидини е изделено едно големо пространство, во кое се сместени касарната, единствената џамија, воените складови, воената фурна и градската житница. Високо над сите тие згради величествено се извишува една огромна зграда - владиниот дом (казар). На малите назабени ѕидини се наоѓа голема тркалезна врата (баб шерија), низ која се влегува на еден широк мегдан. Од едната страна е касарната, а на другата се складовите и џамијата. Касарната е двокатна, долгунеста зграда, со хоризонтален покрив, како и сите куќи во Фезан, со голема порта од штици и со многу одаи. Таа може да собере еден полк војска. Џамијата е ширна, добро изградена зграда Нејзината внатрешност е поделена со многу прегради, од кои се гледа во општата сала, во која е престолот на духовниот главатар. Над престолот е напишано: М у х а м е д. Куќите во Мурзук се повеќето еднокатни, изградени исклучиво само од земја (мешана со сол за готвење) и греди од палми или штици. Куќите не се многу добро градени, и оддалеку не се разуликуваат една од друга. Куќите на имашните се двокатни и со прозорци, а вратите не им се како и во другите куќи направенн од штици од палми. Напротив, тие се направени со боровн штици или чамовина, обично изнашарани со маслени бои. Мебелот внатре е мошне скромен, а за украси се поставени пушки, старински облеки, посатка и друго. Прозорците во тие куќи немаат стакло. Зиме ги прекриваат со бели, цврсти помучни платна, што пропуштаат светлина, но не и ветер и песок. Водата во повеќето од бунарите во градот е солена. Во градот има неколку бунари, меѓутоа само во два од нив водата е добра за пиење, а во другите бунари е солена и блантава. Најубава е водата во бунарот Б е р а н и, длабок 15-20 метри. Тој се наоѓа надвор од градот, кај нсточната порта на градските ѕидишта, и затоа водата се вика Мјаберани (надворешна вода). Повеќето од жителите од градот пијат од оваа вода. Таа на вкус е слатка и станува уште повкусна, ако се остави да прележи едно или две деноноќија. Потребите на жителите се незначителни. Повеќето од мажите, преку сета година пладнуваат под сенките во градот или во градините. Жените ги вршат полските и домашните работи, а мажите јадат на готово. Единствена работа на мажите е да го приберат житото, и да ги берат палмите. Трудот што го вложуваат некои од жителите за обработка и одгледување на житата е многу голем. Со помош на камила, што го влече ралото, а пак честопати тоа го прави жената на Арабјанецот, тие лесно и брзо ја разоруваат „нивата", разделена на леи, и откако ќе го посеат семето плитко во земјата, на четири - пет см. ги залеваат леите со вода, што секојдневно ја црпат со особени долапи од длабоки бунари. Неколку месеци (од јануари до април) ја залеваат земјата, и кога ќе стаса житото, го жнеат и житото го сместуваат во особени складови, ископани на рамни, но суви места (лиф) во земјата. и таму го оставаат. Тоа е фезанскиот амбар. Исто така во текот на сета година тие ја чуваат и својата обична храна - плодовите и палмите. Местата каде ги сместуваат и ги покриваат пак со песок плодовите од палмите и житото, ги викаат силос. Повеќето од сиромашните на Мурзук не се надничари. Тие, во текот на многу години - додека се во состојба за физичка работа - им робуваат на богатите. За една-две оки урми (20-25 стотинки), или едно парче леб, тие работат по цел ден во градините на богатите. Не може да се опише сиромаштијата во Фезан. Во куќите на повеќето од жителите не може ништо друго да се најде, освен едно рогузинче, и една-две стомни за вода. Жителите се хранат многу скудно, обично урми и зарзават. Во празнични денови каснуваат по некое парче леб, а само на најголеми празници во годината јадат камилско месо со безин (првин потпечено, а потем сварено брашно). Колку е поголема сиромаштијата, уште поголема е веселбата. Во текот на жешките часови на денот владее гробен молк, но секоја вечер низ проѕирниот воздух, под ведрото небо и под светла месечина насекаде се слушаат песни и веселби. Тоа се веселби при голема сиромаштија. Веселбите, или фантазиите, како што велат Арабјаните, се вечни. Собрани сите на едно место, жени, мажн, деца, тие седат на отворено на песокта, пеат заедно и долго се веселат. Игрите што ги придружуваат ваквите веселби се еден груб танц од еден или двајца (мажи и жени, а честопати и заедно) кои застанати еден спроти друг, мошне предизвикувачки кршкаат со снагата, стомакот, градите и сите делови на телото. Оние од играчите, што најдобро ја играат својата ролја, собираат големи аплаузи и почит. Народната музика им е гајдата, што ја придружува еден круг со напната, добро изработена мазна кожа, оптегната на дрвено тркалце – дајре. Секогаш во време на веселбата гајдата се покрива со црвена ткаенина. Турција ги испраќа на заточение некои од политичките престапници во Фезан. Фезан - тоа е Сибир во Африка. Страшните сибирски студови и длабоки снегови, тука се заменуваат со неподнесливи жештини и длабока песок. Лошите климатски услови на земјата го расипуваат и најсилниот човечки организам. Постојаните трески[1] што вршалат како последица од брзите и oстри промени на температурата и од испарувањата од млачиштата во околноста, ги исцрпуваат силите на човека, и оставаат свој отпечаток на лицето на секој, што помалу или повеќе време живее тука. Организмот на разболените од треска брзо снеможува и тие често умираат. Мурзук е тврдина, но неговите ѕидини не се ништо во споредба со пространите песочни и безводни пустинн, што го заобиколуваaт. Мурзук, сосем изолиран, без никаква живост, со ништо не се разликува од еден грамаден затвор. Заточеникот, изолиран од сe е како во вистински глув гроб. Немањето на врски со неговата родна земја не му дозволува да узнава за тоа како врват работите, како во неговата родна земја, така и воопшто за светот, и тој запаѓа во мачна, сосем исклучителна положба, дури да не може да знае за жнвотот на своите родители, роднини и пријатели. Фезанскиот заточеник од ден во ден се атрофира физички и умствено. Заточеникот во Сибир ја има таа предност пред оној во Фезан, бидејќи има за што да ја примени барем својата физичка сила, и да си ја обезбеди катадневната прехрана. Во Фезан не постојат никакви претпријатија за изградба на патишта или згради; не постојат никакви рудници или планини да се експлоатираат. Тука заточеникот не може да најде никаква, ни најдолна физичка работа, а е осуден да живее но најголема мизерија. Покрај секојдневните маки се прибавуваат и измачувањата од страна на власта. Секакви самоволни ограничувања. Неспоредливи груби однесувања од чиновниците на власта и нивните органи, го тераат заточеникот во најдлабок очај. Малцина ги има такви што се во состојба да ги издржат докрај сите физички и умствени маки. На долниот кат од владиниот дом, крај ѕидовите во квадратниот двор се затвореничките, одаи.[2] Откај првата страна на квадратниот двор има две одаи, откај втората исто две, а откај третата - една одаја за живеење и друга за пљачките. Првата одаја[3] има две малечки прозорчиња, што гледаат кон север, а втората само еден прозорец. Од првата одаја се влегува во други две помали, сосем темни одаи. Едната од нив служеше за пљачките, а во другата живееја луѓе. Од третата одаја[4] се влегува во други две, темни како неа одаи, во кои живееја исто така луѓе (во едната повеќе од 15-20 Арабјани, во другата Бугари). На самото ќоше од дворот, каде се среќаваат вториот и третиот ѕид, има една врата, од која преку малечко тесно уличе се излегува од владината зграда во едно долгунесто дворче (заградено со високи ѕидови), каде се наоѓаат огништата, печката за леб, а на другиот крај - нужниците. Вратата од четвртата одаја е во почетокот на таа улица одлево. Четвртата одаја е разделена на три одделенија, од кон две се темни, а на третото одделение има две малечки прозорчиња, што гледаат кон исток. Од едно од двете темни одделенија се влегува во други две мали одајчиња, што служат за чување на пљачките, водата и друго. Вратата и прозорецот од петтата одаја (широка 3, 4 м. и долга 4, 5 м.) откај третата страна на дворот гледаат кон југ. Откај четвртата страна на дворот има една одаја, во која е сместена архивата на сметководството. До оваа одаја, пак во ќошето меѓу третиот и четвртиот ѕнд на квадратниот двор, е скалата по која се качува во ходниците на горниот кат. Подот во сите одаи е од земја и песок, згора припокриен со рогузина, исплетена од лисјата на билката а л ф а, што е многу распространета во оазите близу до Мурзук. Таваните се покриени со стебла од палми, поставени попречно врз дебели палмови греди. Врз прачките од палмите има пак земја и песок. Тавани на сите одаи се и трите долги ходници, крај кои се редат одаите на горниот кат. Во затворот постојано имаше двајца стражари. Едниот стои со оружје кај влезната порта, до самиот касар има една мала просторија, во која постојано престојува жандармериско одделение со еден старшија. Кога пристигнавме во Мурзук, одаите воопшто не беа погодни за живеење. Тие не беа дури ни исчистени. Никој дури не беше ни помислил дека ќе живееме во затвор. Кога тргнавме од Триполи, истиот тој ден до окружниот управник во Мурзук пристигнала следнава телеграма, потпишана од валијата: „Карванот со затворениците тргна, - Реџеп.“[5] По прочитувањето на оваа телеграма, тогашниот мутесериф останал многу зачуден, па рекол: „Ги испраќаат на заточение во Фезан, и тоа да живеат во затвор!" Тогашниот началник на фезанската жандармерија, воениот потпоручник Мевлид, родум од гр. Конија, со секретарот на административниот управник А. Хилми, многу се погрижија за нашето сместување во затворот, и вложија усилби да се направат одаите похигиенски за живеење. Сите бевме зачудени од усилбите на овој способен и вреден офицер. Откако се сместивме во одаите, тој самиот мошне добро не запозна со сe што требаше да знаеме, и за што требаше да водиме сметка. Не посоветува да не си ги тратиме парите, велејќи ни дека тука е голема скапотија, и дека ако ни притреба ќе нема кој да ни помогне со нешто. Неговите совети беа многу разумни, и нема никогаш да ги заборавиме. Грижите, што ги вложуваше Мевлид не му беа по ќеф на мутесерифот Ариф Хикмет, до немајкаде фанатизиран багдадски Арабјанин. Еден месец по нашето пристигнување Мевлид беше сменет, и заменет од поручникот Рајхан, добродушен старец, родум од Фезан. Единствениот, што ни даде олеснување и ни ја олесни положбата, беше споменатиот А. Хилми, родум од Пловдив. Човек со западноевропско образование, прекрасен писател и публицист, тој се трудеше секако да ни олесни за сe. Со својот авторитет тој вршеше влијание кој мутесерифот и го кандиса да не ни ги ставаат оковите,[6] бидејќи „условите во кои живеат во затворот со многу тешки, и тешко ќе можат да ги поднесат големите жештини" - беше напишано во неговиот официјален рапорт. Вратите од одаите остануваа отворени преку цел ден до 9 ч. вечерта. И наспроти сите свои усилби, Хилми не успеа да ни олесни во купувачките, сакајќи да не избави од големото искористување од Арабјаните и Арабјанките, продавачи на зарзават. Мутесерифот никако не дозволуваше да излегуваме надвор од влезната врата на владиниот дом. Никој не доаѓаше кај нас, бидејќи и влегувањето на надворешни лица во затворот беше забрането. Успеавме со големи маки, за многу висока цена, да си набавиме садови за готвење, за перење и за други неопходни потреби во затворот. Една од најголемите тешкотии ни беше како да најдеме средство за добивање пари од дома. Поштата не примаше никакви парични пратки, а во градот немаше никаква филијала на некоја приватна или државна банка. Таа мисла постојано не измачуваше, бидејќи ние тргнавме ненадејно, и со себеси имавме понесено мошне малу пари, а мнозина беа тргнати и само со две кошули, две рала чорапи, гаќи и др. По 3-4 месеци успеавме да најдеме еден трговец од Триполи, преку кого да добиваме пари од дома.[7] Повеќето од тешкотиите ги пребродивме, воздухот троа стана поладникав, а ние, иако во остер недостиг од сe, сепак се тешевме, дека можеме барем да живееме. Во ноември 1906 г. фезанскиот мутесернф од здравствени причини, откако дрпна повеќе од 6-7 илјади турски лири, си даде оставка, таа му беше прифатена, и уште истиот месец тој си замина. Негов привремен заменик остана фезанскиот судија (наиб) Мурат, див Албанец од Подгорица. Краен фанатик, многу злобен спрема нас, тој имаше за нас особено предубедување. Сметаше дека само ние сме виновни за безредијата во Турција, и му се чинеше дека извршува висока патриотска должност, ако не измачува на секаков начин. Откако го замени мутесерифот, тој назначи за началник на стражата во затворот еден бивш коњаник стражар, човек без ни најмалу чувство, пијаница и донемајкаде страшлив и груб Арабјанин. Нему му беше оставено да не малтретира, а намесникот на мутесерифот, кадијата, не сакаше ни да се зборува за нас. Тој не ни дозволуваше да излегуваме од одаите, за да си ја испереме преоблеката; ги уништуваше писмата што ни доаѓаа, и истовремено ги задржуваше писмата и телеграмите што ние ги испраќавме до родителите, роднините и пријателите; му заповеда на фурнаџијата да го прави лебот колку што може глекав, недопечен и пресолен,[8] со цел што поскоро да се разболиме; не ни дозволуваше да вадиме вода од бунарот кај градската градина, чија вода беше добра за пиење;[9] официјално му забрани на воениот лекар Азим да го посетува затворот, а на аптекарот[10] да издава лекови. Кадијата, за да го настрви и населението во градот го потспотнуваше нивниот фанатизам, велејќи им: „освен што се душмани на царот и државата, Бугарите се и најголеми непријатели на муслиманската вера! Секој муслиман е должен да го мрази ѓаурот"! Со вакви глупави прикажувања и гнасни постапки, тој ги разлути сите заточеници во градот. Секретарот А. Хилми, на една седница на окружниот совет (идаре меџлис) го постави нашето прашање, и откако му напомена на кадијата, дека треба да ги почитува гласовите на мнозинството во советот, и правично да го применува законот, демонстративно ја напушти салата и си даде оставка. „Непристрасниот" судија, толкувач на шеријатот, продолжи да прави уште поголеми самоволија, и да покажува уште и поголема дигноглавост. Почнаа по два дена едноподруго да не ни даваат леб, и при најмал повод тој самиот заповедаше да ни постават пранги на нозете, и да не ни ги видат по цели месеци. По тој повод, на 16 декември направивме демонстрација во затворот, одбивајќи да примаме леб, и баравме да ни се дозволи да си ја переме облеката, да добиваме подобар леб и - според законот - не помалу од кило леб за секој затвореник, поставајќи како прв услов, дека додека не ни бидат предадени писмата на поштата, од каде да ни се даваат и потврди, нема да земаме од лебот, и нема да ги оставиме стражарите да ни ги затвораат вртатите од одаите. Со тоа ние сакаме да го вовлечеме жандармерискиот офицер, што според законот, по својата должност, одговараше за какво и да е безредие во затворот, да влезе во спор со кадијата. И навистина успеавме. На нашето одбивање да земеме леб, офицерот Рајхан телеграфски го известил својот непосреден началник - командантот на жандармеријата во Триполи. Третиот ден изутрината ни ги вратија писмата (парите за препорачаните писма ги злоупотребија). Писмата не биле одобрени од цензурата, затоа што божем во нив имало напишано нешто спротивно на затворскиот правилник. Наместо леб за првите два дена, ни дадоа по 30 пари на секој, а писмата, ишаркани, ни беа веќе во рацете. Истото се случи и во вториот и во третиот месец. На З и 4 јануари и на 15, 16, и 17 истиот месец, пак не ни дадоа леб. Останавме три дена без леб. Се храневме само со урми, бидејќи не можевме да најдеме каде да купиме леб за сите, а пак мнозина немаа ни пет пари. Запрашавме поради која причина не ни се дава леб. Ни одговорија дека снемало жито во житницата. Навистина во житницата немаше брашно, меѓутоа тоа можеше многу лесно да се најде на пазар. Тоа ни го правеа нарочно, со цел да не предизвикаат да сториме некаков скандал во затворот, за да не фрлат во влажните, темни земници. Меѓутоа, кадијата се мамеше, ние знаевме кај сме, со каков човек си имаме работа, и што бараме. Началникот на затворот, Рајхан, човек со слаба волја, страшлив старец, не сакаше да продолжува да се препира со кадијата. Валијата исто така беше известен и со свои очи виде по колку леб ни даваат. Туку, царот е далеку, а господ високо. „Фезан беља миизан" (Фезан паланѕи нема, што ќе рече, без правосудство), велат Арабјаните. Меѓу нашите другари имаше мнозина, што во текот на 7-8 месеци не можеа да тропнат ни прекршен грош во џебот, јадеа само леб, сол и урми. Деноноќно ги вртеа рачните мелници - мелеа жито за да извадат некој грош, колку да им се најде за дента, колку да си купат сапун, сол и пипер. Цврстината, себеодречувањето и куражот, што го покажаа Бугарите - заточеници, ме зачудија. Туку тие не ме зачудија само мене, туку и сите заточеници муслимани во Мурзук. „Вашите Бугари" - ми велеше еден ден А. Хилми, - „навистина повеќето се прости луѓе, земјоделци и занаетчии. Меѓутоа, карактеристично е дека сите се одушевуваат и по сe се чини дека се одушевувале од еден идеал, свет за нив". Морам да забележам дека сите ги издржаа тешкотиите, без да се предадат на какво и да е соблазнување. Сред таков бескрајно неподнеслив живот, ние се мачевме да живееме. Човек понекогаш е поцврст и од камен, а понекогаш е покревок и од варовниковата лушпа на јајцето - вели една бугарска пословица. Во текот на својот живот, човек совладува секакви тешкотии, меѓутоа, има и такви, што не може да ги совлада. Во месец февруари нашиот другар Силјан Колев, родум од с. Ресово (Тиквешко), боледуваше од една рана на левата нога. Оставен без никаква медицинска помош, тој со големи маки си ја чистеше раната, што беше букнала прилично многу.[11] По третпат побаравме со изјава да дојде докторот, туку попусто. Докторот дојде кога несреќникот веќе лежеше на смртно легло. На 18 февруари, воениот[12] лекар го констатира готовиот факт, и си замина, без да ги прегледа другите болни во затворот. Истиот тој ден и го погребавме С. Колев. Десетмина од нас го кренавме телото на умрениот, ни се придружија 12-мина стражари со офицерот, и на чело со свештеникот излеговме од југозападната порта од градските ѕидини, свртевме на исток, и на ќошето, што го прават допрените јужна и западна ѕидина од градот, спроти градината на Шериф Али, за пет-шест минути гробот беше готов во песокта. По вообичаените молитви при вакви поводи, го закопаа на истото место каде биле погребувани бившите заточеници, христијани-критјани. Местото е исклучително песочливо и од веењето на ветерот дел од песокот беше веќе кренат, па коските на тие маченици се најдоа над земјата. Човечки черепи, вилици, ребра, пршлени, се забележуваа насекаде. Ете каква е судбата на затвореникот, што ќе умре далеку од својата родна земја, кај нема ни родители, ни роднини, ни пријатели, што да се погрижат за неговиот прав по умирачката! Ние, сите клекнати на коленици, му се помоливме на господа за спас на душите на умрените: свештеникот прочита неколку молитви, и се вративме во затворот во голема печал, со тажни мисли и длабоки издивнувања! За шест месеци, хранети со лошоквалитетен леб, и солена вода, неизмиени и со неиспрана облека, нашите лица веќе ни беа изменети. Тие ни беа бабуњосани и пожолтени - бевме веќе со една нога во гробот. Затворени дење и ноќе во одаите (излегувавме само изутрина и навечер по час-два во дворот) како глувци, со нестрпливост го исчекувавме да стаса новоназначениот мутесериф. Од стражарите во затворот узнавме оти тој тргнал од Триполи, ама кога ќе стаса, не знаеме. Деновите во затворот ни поминуваа како векови, часовите како години, а минутите како часови.
Дојде и месец март, во Фезан настапи летото, а ние уште по цели дни како полфови стоевме крај малите прозорчиња во затвореничките одаи, за да гледаме во дворот, кога влегуваа и излегуваа владините чиновници. Најголема забава ни беше да ги гледаме глувците, што се јавуваа на таванот или по ќошињата. Тие ни служеа за прикажување и забавување со цели часови. Новоназначениот мутесериф Џелал-бег пристигна на 4 март, а на петти изутрината го посети затворот, и со големо внимание ги ислуша нашите молби. Тие беа куси, резимирани во неколку точки, и најглавните за нашиот живот во затворот. „Сe што е предвидено според законот, ќе го извршам во најскоро време" - беше неговиот одговор. Законот е релативен поим. Тој се изразува со зборови, напишани на бела хартија. Ние знаевме што е закон, каков е законот, но исто така знаевме уште и што е тоа примена и толкување на законот. Меѓу едниот и другиот поим разликата е миогу голема. Иако донекаде утешени со овој лаконски одговор на мутесерифот, ние ни најмалу не бевме расположени за оптимистички проценки. Скептицизмот беше толку сраснат со нас, така што во нашата вообразба и идниот наш живот ни се покажуваше само мрачен и тажен. Па сепак имавме надеж - само со неа живеевме - дека ќе ни биде олеснета судбата. Утредената мутесерифот дозволи да вадиме вода од бунарот кај градската градина, заповеда да не пуштаат надвор од владината зграда, за да си ја запереме облеката; му заповеда на фурнаџијата да меси подобар леб, ги прими нашите писма, и тие беа експедирани уште со првата пошта; ни допушти да праќаме поплаки, телеграфски, или со изјава, онаму кај сакаме, му заповеда на лекарот редовно да го посетува затворот, а на аптекарот - да издава лекови. Уште првите дни побара од лекарот да даде рапорт за здравствената положба на затворениците.[13] Џелал-бег сакаше да го премести и затворот, меѓутоа немаше погодна зграда, и беа потребни такви пари, со кои тој не располагаше. Наместо тоа, тој ни дозволи да отвориме нови прозорци на одаите, се разбира, онаму кај беше возможно. За да се поправи здравјето на затворениците, и да се избегнат болестите што би се појавиле, најде за умесно да одиме надвор од градот и по еден-два часа изутрина и навечер да го затрупуваме со земја и песок едно од мочуриштата кај јужните ѕидини од градот. Целта беше да се раздвижат нашите мускули и да подишеме чист воздух. Оваа работа продолжи до месец јуни, и поволно се одрази на нашето здравје. Освен тоа управникот ни дозволи да одиме во придружба на стража во градот, па сами да си купуваме сe што ни треба Со тоа се избавивме од големото искористување од продавачите. Меѓутоа, фурнаџијата, поради големата алчност за пари, не сакаше да прави добар леб. По заедничка желба ние побаравме да ни се дава жито (пченица), наместо леб, при што да ни биде олеснето сами да ја мелеме пченицата и да го месиме и печеме лебот. Ни ја уважија молбата. Наместо 15 оки пченица, што дотогаш се даваа месечно за секој затвореник, ни даваа по 18 оки месечно. Како и сите во Фезан, житото го мелевме со мали камени (рачни) мелници, што се вртат со рака, а лебот го печевме во воената фурна, или во една мала фурна, што сами си ја изѕидавме во затворог. Наидовме на големи маки при месењето на лебот, бидејќи условите, во кои се наоѓавме, преголемата теснотија во затворот, многу лошо ни се одразуваа. Туку немаше што да правиме. Ние самите доброволно ги прифативме сите тешкотии, со цел, да јадеме барем подобар леб. Секој одделно или неколкумина заедно на едно место, го месевме лебот и самите одевме, се разбира, пак како затвореници, вардени од стража, до воената фурна, за да го печеме. Како надомест за тешкотиите што ги имавме при чистењето и мелењето на житото, сеењето на брашното и месењето на лебот, се храневме со повкусен леб, а освен тоа секогаш имавме на располагање леб, затоа што брашното примаше (пиеше) повеќе вода одошто тоа е кај нас. Од една ока брашно добивавме 21 ? - 2 оки леб. Мнозина дури, кога боледувавме од треска - што го зафаќа речиси секој најмалу 3-4 пати од м. јуни до октомври, - немаа апетит за јадење, па земаа од нашите другари по едно-две парчиња леб, и кога ќе заздравеа, им го враќаа пак назад. На тој начин ние успеавме да заштедиме во месецот по неколку оки пченица, што ја продававме по еден и пол-три гроша оката. Во Мурзук најлошо време во годината е месецот февруари. Во теког на тој месец воздухот е многу променлив, и температурата постојано се зголемува и опаѓа. Термометрот и барометрот постојано се натпреваруваат, кој да покаже поголема разлика. Во тоа време имаше најмногу болни, како во градот така и во затворот. Во февруари и март воздухот значително се стоплува, одеднаш почнуваат да дуваат северни и северозападно ветрови, воздухот се исполнува со дробна песок, што изгледа како чад. Темперагурата на воздухот опаѓа, на сите лицата ни побледнуваат, започнуваат протегања, проѕевања, и секој грижливо си го суредува леглото. На 7 февруари нашиот другар Марко Ив. Бошњаков, родум од град Охрид, осуден на смрт како соучесник во Солунскиот атентат на 15, 16 и 17 апрнл во 1903 година, се разболе од мочуришна треска. По седумдневно боледување болеста се усложни, и поради срцев удар на 14-ти февруари изутрината, и тој се пресели во вечноста. Покојниот беше на возраст од 30 години, со средно образование, кроток, добар и скромен човек. Неговиот добар карактер, неговата дружељубивост и некористољубие беа својствата, со кои се одликуваше. Исто онака, како што ги поднесе спокојно и ладнокрвно сите маки, сите угнетувања, сите ограничувања и неволји, исто така тивко и ладнокрвно ја пречека и смртта. За него таа беше вечно успокојувачки сон, подолги физички и морални измачувања, што ги претрга во текот на петгодишното затвореништво во солунскиот централен затвор и во Фезан. Погребот се изврши уште истиот ден попладне. Во текот на неколку месеци повеќето од нас бевме болни. Воениот командант беше во судир со управникот, и кога разбра дека повеќето од нас сме болни, ни забрани да одиме во воената болница и во аптеката. Останавме без никаква медицинска помош, но провидението не вардеше. Повеќето од болните оздравеа. Нашиот другар Иван Илиев, родум од с. Савик (Демир-хисарско) едно 8-9 месеци боледуваше од некаква лоша рана. Оставен на милост и немилост во текот на шест месеци, не го напушти леглото. Раната сосем му се влоши, го фрлија во една нечиста темна одаја, каде беше уште на животта закопан в гроб. На 13 март го погребавме и него. Дојде пролетта, сите им се радувавме на пролетните оживувачки сончеви лачи, што во таа жешка земја помагаат побрзо да буи сета растителност, ги поминавме и велигденските празници, во постојано исчекување, како и секогаш, на некоја утешна вест од нашата татковина. Помина и народниот празник св. Кирил и Методи, а ние, и наспроти сите непогодности, мачнотии и потиснувања, уште повеќе ги крепевме своите надежи. Колку повеќе нашите непријатели се трудеа да не натераат да изумреме, толку повеќе ние ја закрепнувавме во себесн својата верба. Настапија жештините. Во тоа време мутесерифот посака да се премести затворот. Меѓутоа, како што споменав и погоре, немаше погодна зграда. Решија градската житница, што беше во воената фурна и самата владина зграда, да ја приспособат за затвор. Од м. март до м. јуни ние во групи излегувавме, изутрина и навечер од затворот, одевме кај воената фурна, да ги уриваме голите ѕидишта, што стрчеа, од кои сакавме да прибереме материјал за новите ѕидишта, што требаше сами да ги направиме, за да ја заградиме житницата - идниот затвор. Во текот на неколку месеци работевме секојдневно се додека се доврши градбата - на 15 јуни. Ѕидовите од своето ново живеалиште ги правевме без никакви прирачни средства, без мотики, без лопати, без дрва, само со раце, земја и камења. Калта ја месевме со раце и нозе. Ѕидовите ги уривавме само со еден чекан, вода носевме пак само со раца Си ја испокинавме облеката, си ги исповалкавме кошулите, и лицата ни изгореа од жешкото сонце, со еден збор видовме многу големи физички маки. Секој еден од нас требаше да работи надвор од затворот најмалу 3-4 часа во денот. Потем требаше да го требиме житото, да го мелеме, да месиме леб, да го печеме, а сето тоа бараше време и отпочинување. Ние немавме такво време. Но немаше што да правиме - стражарите постојано не нагледуваа и вршеа свое потиснување. Ако некој се спротивставеше, поради некаква причина, да излезе, најбрутално го извлечкуваа од одајата, и го тераа да прави кал или пак со зембили (кошници од палмини лисја) да влечка камења, или да носи вода од бунарот кај џамијата. Таа работа за нас беше робија, каква може да се сретне само во Фезан, и никаде другаде. Ако се работеше за тоа, да изѕидаме куќи, да градиме згради или каква и да е друга физичка работа, ние ќе тратевме само сила на мускулите, извесно време ќе се чувствувавме физички како мажи, а потем со тек на времето можеби и сe ќе заборавевме. Тука работата беше поинаква Ние градевме затвор, во кој самите ние требаше да живееме, каде требаше да ги поминеме последните денови од својот живот, и каде и по нас - така претпоствувавме, требаше да живеат и други! Во месец мај падна тешко болен нашиот другар, соучесник во Солунскиот атентат, Милан Арсов, родум од с. Ораовец (Велешко). Тој одамна страдаше од хронична ангина, беше прилично снеможен, а откако настапија жештините, и сосем опадна и веќе не стануваше од леглото. Тој беше млад човек, на 24 години, со висок бој, бело сувалесто лице, црни очи и уште поцрни коси, такви беа неговите белези. Тоа момче со силна волја, смел и донемајкаде нервозен, во последните мигови пак запази присуство на духот, и разговараше со нас како човек што сака да се забави, а не да бара утеха и олеснување. Ни ги стегна рацете на секој од нас во одајата, се прости со нас, и почина. Со својата смрт тој не зачуди сите. Ние останавме толку трогнати од наближувањето на неговиот смртен час, така што солзи почнаа да ни течат од очите. Не можевме да си ги запреме солзите ни дури откако почина. Тој во својата претпоследна минутка, пред да си ги затвори очите, ги виде како течат нашите солзи. Тоа беше миг каков ретко испитуваат и можат да поднесат сите луѓе, на кои им дошла умирачката. На 8 јуни попладне, кога сонцето наближуваше да ги бакне врвовите на највисоките песочни ридишта, што се гледаа далеку на хоризонтот, ние го бакнавме за последен пат својот починат другар, пред да го ставиме во црниот гроб. Песокта го покри и него. Го загубивме засекогаш. Ние останавме сами. Ни останаа само жешките солзи, што ги пролеавме, и безмерна тага. Солзите и тагата ќе исчезнат, како што ќе исчезнат убавите спомени за починатиот маченик. Гробот беше скромен, немаше восхвални и полни со чувства речи, туку само молчелив плач, и тажни думи. Половината од 1908 година живеевме во многу лоши околности. Секојдневно вратите од одаите ни ги затвораа по 8-10 часа, жештините се засилија, а ние - со исклучок на оние што работеа надвор, преку сиот ден се залевавме во пот. Никаква ладовинка, никаква рашетка. Не ии остануваше време дури ни да си зготвиме јадење, за да се нахраниме. Во текот на шест месеци не добивме никакво писмо од дома и од пријателите. Писмата ни ги запираа во Триполи. Му се поплакавме на мутесерифот, а тој ни рече: „шт осе однесува за писмата, од мене не зависи ништо, туку пак ќе ги запрашам надлежните во Триполи." Преку мутесерифот испративме неколку телеграми до валијата, со кои го молевме да ни се испратат писмата. На нашата последна телеграма, валијата Реџеп-паша одговори со посебна телеграма, со заповед да ни биде прочитана на сите: „Писмата, што доаѓаат од тукашната поштенска станица, се испраќаат на преглед во Цариград." По таа телеграма не ни остана ништо друго, освен да чекаме. Поминаа уште два месеца, ние пак не добивме никакво писмо. Пак испративме долга телеграма до валијата, во која истакнавме дека уште не сме добиле никакво писмо, и покрај тоа што времето потребно за да отидат и да се врагат писмата од Цариград веќе помина. Реџеп-паша ни одговори со исто онаква телеграма, како поранешната, додавајќи само неколку збора, а имено: „писмата на Бугарите-затвореници се испратени во министерството на полицијата во Цариград, и кога ќе бидат вратени веднаш ќе ви ги преиспратам". Чекавме уште две-три недели, и по воскреснувањето на заспаната турска конституција, се јавија и писмата. Последниве не беа дури ни отворени. Откако ги прочитавме, се уверивме дека множество други писма биле уништени, беше очигледно дека тие не ни стасале до мувлосаните чанти на полициските одделенија во Цариград, туку бездруго дремеле во некој шкаф на телеграфско-поштенското биро (полициско одделение) на Триполи. Се прогласи конституцијата, и писмата излегоа. Блажено време! Колку брзо понекогаш во Турција се пројавуваат резултатите од некои работи... Што ќе беше ако сите работи врвеа толку брзо.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||