Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Даме Груев

Предговор

На 23 декември 1926 година се навршија дваесет години од смртта на Дамјан Груев, што јуначно загина во борбата со турската потера над село Русиново во Малешевско. Изминатите две десетолетија се достатни за да можеме веќе со поголема објективност да дадеме оценка на Груев како човек и како деец на македонското ослободително движење, чии основни начела ги постави тој. Неоспорно е дека Груев останува во историјата на македонската ослободителна борба како нејзин прв инспиратор и генијален организатор. Во тој поглед тој ќе заземе истакнато место, напоредно со великите организатори на ослободителните востанија на потиснатите народи што копнеат за слобода. Величината на таквите народни водачи не се мери според постигнатите реални успеси, туку според силата на нивниот дух и на нивната способност да им влеат толку силна вера на народните маси за правината на нивните најскришни копнежи, така што да станат способни за херојски подвизи. Токму тоа го постигна мошне скромниот Дамјан Груев, имајќи ги предвид уште поскромните средства со кои се служел, поставајќи ги основите на Внатрешната македонска револуционерна организација. Нема сомневање дека меѓу неопходните квалитети кај еден вистински апостол на велика народна идеја, првенствениот и главниот е во тоа не само тој да биде од се срце и душата предан на идејата, туку и да е готовен секој миг и животот да си го даде за неа. А таков вистински апостол на македонската револуционерна идеја беше Дамјан Груев. Тој самиот најдобро си дал карактеризација, кога на уште непосветениот во делото Иван Гарванов, - како што раскажува последниов во своите спомени, - пред да му објасни во подробности во што се состои задачата на Внатрешната рев. организација, првин му го поставил прашањето: „Дали си готовен да умреш за Македонија?

Во длабоката чиста вера на Груева во светоста на ослободителната идеја, за која македонските Бугари масовно се кренаа против Турците, и жртвуваа мило и драго без да ја постигнат целта, се објаснува навидум чудниот факт дека истите востанати селани и потем страшниот погром, што им се струпачи во есента 1903 год. продолжуваа, сред своите опожарени домови, потиснати и гладни, да го прифаќаат Груева, да го кријат од турските власти, и наспроти очигледниот ризик за својот живот и дури уште да ги послушаат неговите совети и да ги извршуваат.

Така Груев, и по несреќниот крај на Илинденското востание, во очите на населението остана негов почитуван апостол, и зимата по востанието ја поминува меѓу народот во Битолско, дури и во самата Битола. Во делото на реформите, за кое тогаш почнало да се прикажува од европската дипломатија, Груев со право согледувал резултат на моралниот успех на македонското востаничко движење, и се трудел, укажувајќи му на народот идни посреќни перспективи, донекаде да го ободри и да го теши. Останат докрај и наспроти несреќите оптимист, есента 1904 год. Груев за кусо време се префрли и во Софија. Тогаш јас го искористив случајот, та го наговорив да се согласи да ги запишам неговите спомени за неговата дотогашна револуционерна дејност во Македонија. Познавајќи ја, од една страна, неговата скромност, а од друга страна не особено наклонетото за таква работа настроение по жалниот крај на востанието, и уште мошне нејасната иднина, допуштав дека тој ќе ме одбие, како што тоа го стори Пере Тошев, кој навистина вети да ми раскаже за својата дејност, но не го исполни ветувањето, и си замина без и да ми се јави. За среќа, сепак Груев, откако извесно време поболедува и се готвеше да се врати пак во Македонија, најде време и за мене. На 18 јануари 1905 год. (по стар стил) вечерта дома кај мене до доцна, до глуво доба - преседавме и ја запишав првата половина од неговите спомени, што тука ги објавувам. Втората средба се одржа вечерта на 19 јануари, како што е и запишано во моите записи. Успеавме да стасаме до крајот на Илинденското востание. Требаше да се сретнеме барем уште еднаш, за кое Груев даде согласност, но тоа да биде понатаму, по потребно одложување поради некоја негова неодложна работа. А тогаш пак јас трошка се разболев, и додека бев уште во постела, ненадејно дојде Груев да ми каже дека за жал морал веднаш да си замине, па дошол да се збогуваме. Ми го даде за спомен својот портрет, со свој потпис, и дата 4.4.1905 год. Ми беше јад што така неочекувано се разделуваме. Му посакав среќа и скоро видување пак во Софија. Не го видов веќе. На 23.12.1906 година се разнесе жалната вест за неговата смрт.

И така раскажувањето на Груев остана недовршено, за неговата дејност во Македонија по Илинденското востание. Освен тоа, раскажувањето е и мошне кусо. Груев избегнуваше подробности, велејќи дека кога би се впуштал во нив, нашата работа би се одолжила многу, па и не се сеќавал за се што поодделно би заслужувало да се одбележи - толку многу преживеал во текот на тоа, иако релативно кусо време, откако датира неговата дејност во Македонија. Тој слабо се сеќаваше за дати, со мака се потсетуваше да ја уточни понекогаш дури и годината, - спомените му беа преплеткани, особено за првите години. Јас не се осмелив мошне да настојувам, бидејќи сметав дека и ова, иако е накусо, но во сврзан ред, што ќе го имаме од него, ќе претставува скапоцен материјал кога веќе нема попотполни податоци. Се разбира, допуштав дека и со него, како и со сите истакнати револуционери, секој час може да се случи некоја несреќа. И навистина стана така, па запишаниве од мене куси податоци за животот и неговата дејност, сега претставуваат единствената, иако недовршена автобиографија на овој велик Македонец. Недоискажаното од него ќе може да се дополни, а исто ќе можат да се приберат и значителни подробности според спомени од други дејци, со кои Груев заеднички работел и лично се среќавал со нив.

Софија, 1. 1927

Љ.М.

Почеток | <<Назад | Напред>>

granicnik