Спомени - Ѓорче Петров | ||||||||
Обете партии беа почнале на самостојна нога да работат и да минаваат како „комитет“. Борис индиректно и отворено против нас, имено против нашиот човек Малешевски, беше го спроводил пограничниот офицер Саев божем дополнително при Малешевски, како нивни човек, но со тајна мисија да му ги превземе куриерите на Малешевски, да буричка внатре во пограничните околии за да припреми почва за навлегување внатре. Меѓу главните противници на Сарафов од нашите луѓе беа Сава Михаилов, Чучков, Чернопеев, Сандански. Јас се` надушив и зедов мерки. Саев се одметна од Бориса и помина на страната на Цончев и почна да работи во негово име. Исто и членот на Борисовиот комитет Саракинов се одметна. При се што шансевите беа на страната на Цончев, ние двајцата — Делчев беше се вратил — решивме да не му ја даваме својата подршка. Исто така го отфрливме предлогот на Бориса за да го подржуваме против Цончев. Останавме неутрални и гледавме да пренесеме колку се може ПОБРЗО и повеќе материјал, кој што беше по границата и кој што ние без писмо од комитетот не можевме да го земеме. Штом се одметна Саев, Борис се согласи така да материјалот, кој што беше во реонот на Дупнишко, да прејде во рацете на Малешевски. Вопреки нашето држање, изгледа, цончевци се почувствувале во сила и се осигуриле, дека ќе бидат избрани во идниот конгрес, та почнаа да се однесуваат веќе како комитет, претставувајќи, дека Борис како човек аџамија, се одметнал сам со 2-3 другари и дека ќе биде просто заменет од Цончев. Јас имав еднаш-два пати сретба со Цончев по ова прашање. Тој уште повеќе се покажа приврзеник да се убрза востанието. Тој ми предложи да го поткрепиме за да се избере во комитетот, а по условите на нашите односи отиде подалеку од Бориса, а имено дека со неговата подршка ќе сме можеле ние во скоро време да го префрлиме во внатрешноста потребното количество оружје, да го испратиме нужното количество водители за востанието и летото, најдоцна есента истата година да го дигнеме востанието. Тој ми поднесуваше и политички мотиви, дека времето било згодно, дека Русија била склона. Ми прирече уште доста наивно, оти тој, „како генерал, излегол на чело на ослободителното дело“, не можел да влегува во нашите улоги, да оди по патот, по кој што сме оделе ние, по патот на Ризовци и т.н. така да се изложува на нападци од општеството, весниците и т.н.; неговото достоинство не му позволувало и т.н. Уште тогаш тој начелничките места веќе ги предвидел и по благоволие ги раздаваше: мене ме предвидел за да ги раководам пограничните пунктови со Јанков заедно и да ги препраќам луѓето и материјалите внатре, а во време на востанието јас ќе сум бил интендант во неговиот штаб, а па Ц.К. ќе бил интендат во целата земја. 3а Бориса тој ме поткануваше да го убедам да влезе внатре и за сега да биде таму началник на бојните сили во Македонија, а во време на востанието ќе му се дала командата во некоја област. Генерален началник на востанието — главнокомандујушт, се разбира, ќе беше Цончев. Со детинска превземеност Цончев се силеше да ме склони, и чудно му се гледаше, кога јас не примав ништо од ова што зборува, и уште дури го советував, штом има такви мисли, побрзо да се откаже од ова дело сосем, предвидувајќи му полно фијаско. Јас му го развив, како што бев му зборувал и другпат, нашиот план на дејствие и нашето мнение по прашањето за востанието, а имено дека востанието сакаме да станува на внатрешна почва, што го тој примаше, дека ќе го сметаме како краен резултат на една долгогодишна револуционерна деломична борба, дека ние ќе чекаме да ни се наложува од ходот на настаните внатре, дека ќе го прокламираме само тогаш, кога ќе ни се види по неопходност наложено и дека ќе го прокламира само Ц.К. и никој друг, дека ние не можеме да примиме востание прогласено од Софија. Му изјавив, дека со своите сили решително ќе му се опреме на секој обид од тука да ни се наложи нам востание. Политичките сообразби, што ми ги тој наведуваше, дека Русија божем била готова да не поткрепи јас ги отфрлував, бидејќи во Програмот наш за востание не се предвидуваа никакви политички сообразби. Ние си го претставувавме востанието за избувнување на чисто народно движење, избувнување кое може да стане без обзир кон политичката констелација во Европа (тоа беше нашиот идеал). Реков, оти за сега нашата организација ќе го смета за свој вистински приврзеник само оној комитет во Бугарија, кој што ќе ја поткрепува материјално и морално, кој што ќе и` дава искусни луѓе на помош, но без претензии, за да ја соживуваме внатре организацијата и да ја засилуваме и само во тој дух да го убрзаме востанието, а не да наложиме едно вештачко востание. Личниот положај на Цончева не само што не го уважував, но и го укорив дури за тоа. Го советував да ја отфрли титулата генерал и да влезе во работа по делото просто како Иван Цончев, уверувајќи го, оти после, ако влези внатре, оти тој пак ќе си го зафати положајот што му се паѓа. Овие прикаски тој беше ги слушал и друг пат од мене и секогаш со огорченост се разделуваше од мене. Последното мое сретнување со него по овие прашања беше во участок (II полициски участок во Софија), каде бев уапсен, кога го уапсија Сарафовскиот комитет. Беше дошол да ми прави последен предлог се` во овај дух. Јас бев зборувал со Делчева и бевме тврдо решени да му објавиме тука борба и уште тука да го парализираме, за да не се префрли борбата внатре, зошто дури се приплашувавме, да не би да успее да ја запали некоја внатрешна околија и да го убрза востанието. Видовме, оти тој е решен брзо да дига востание. Јас му одговорив решително и поостро, и тој поостро одговори. Последните зборови му беа: „Ти си тука зло за сите и треба да се мавнеш од Бугарија!“ Јас му одговорив, дека и да сум мислел да си појдам внатре, сега нарочно ќе останам тука за да им пречам на неговите за Македонија многу пакосни планови. Така се разделивме и оттогаш не се поздравувавме. Јас ова негово обраќање го сметав за навреда и престанав да се поздравувам со него. За време на овие разбирања со Цончев имавме сретнување и со Бориса. Овој беше веќе цел на наше расположење, а сакаше пред месеци да ме убива. Тој веќе од срце и душа ги одобруваше нашите планови, само да го примиме во своите редови; да заборавиме, што било, што не било, и „да се прибереме како квачка пилците“ (негов израз, го паметам). Јас бев за тоа да се помири со Цончев, но Борис го мотивираше својот отказ да се задружи со Цончев воглавно со тоа, што Цончев беше човек на дворецот и што по заповед на дворецот тој излегол на чело. Главниот мотив беше амбиција кај Бориса. Симеон беше го навил во згоден момент против Цончев, а Бориса да го инекцираш беше лесно. Имаше во Бориса и офицерски инает. Делчев велеше: „или тие ќе те газат, или к`е ги газиш“. Делчев беше на мнение да се држиме гордо спрема нив. Бидејќи бевме решиле да ги парализираме плановите на Цончева, со Делчев решивме да земеме учество во агитацијата по изборите за делегати за конгресот. Борис си ги предлагаше услугите да агитира против Цончева, и не тој да влезе во комитетот (ние сакавме неутрален комитет), ами други луѓе, за кои што би се согласиле и ние. Стана извонреден конгрес, свикан од Бориса. На овој конгрес присуствуваше и Делчев, — го подлагаа. За овој конгрес Сарафов ни ветуваше, дека ќе излезе со една листа за неутрален комитет без да влегува внатре тој. И навистина излезе со ваква листа на конгресот, но цончевите луѓе добија со два-три гласа. Во листата на Сарафов беа Петар Васков, Апостол Димитров и други, не многу познати лица. Во противната листа беа Цончев и др. Конгресот се сврши, останувајќи два комитета. Борис на конгресот се беше изразил (обвинуван, дека растурал, дека злоупотребувал), дека „оваа рака печалила, оваа рака ги трошела, ете ви ја сметката по облигациите, а за друго не давам сметка“. Цончев беше избран, но фактички Сарафов ја задржа силата, уште беше силен. Печатот на комитетот, материјалите (освен тие во Дупничко, што беше ни ги предал нам) беа во негови раце. Цончев само номинално фигурираше, но не беше признат и утврден. След малу комитетот на Сарафов беше растурен, а сарафовци затворени во затвор. По тоа време со Делчев сметавме, дека треба бездруго да го завладееме тука комитетот со луѓе, кои би му се спротивставиле на Цончев и да не му позволат со силата на тукашната организација да ги приложи своите планови за востанието внатре. Тогаш се прибегна до луѓе непознати, толку незамешани во делото, луѓе од поидеалистичен калап, така тогаш за прв пат решивме да излезе тука листа чисто од наше име, од името на В.О. Бидејќи јас бев веќе многу замешан во тукашните работи и имаше молња против мене во општеството, со Делчев решивме јас да појдам внатре, а тој да се поврзе да ја протурка новата листа. Имaвме и други соображенија да појдам: требаше да се подготви во североисточните реони во Македонија база за евентуален отпор против Цончев. Еден од нас требаше да ги осветли со повреме внатрешните дејци во пограничните реони за се`, што се спрема и што може да последува. Додека го кроевме ние со Делчев овој план, сарафовци беа затворени во затвор. Тогаш Делчев беше отишол по границата. Јас се прикрив додека се врати Делчев овде во Софија и во Горна Бања. Делчев се врати од Ќустендил и се сретнавме во Горна Бања, каде обмисливме за листата против Цончев и за борбата со него. Скриен останав, додека однадвор се водеше агитацијата во провинцијата, додека се собра и се сврши конгресот. Јас бев сериозно преследуван од полицијата — еден пат дојдоа 70 стражари, но не смееја да ме фатат, избегаа. Додека заседаваше конгресот, се си доаѓаа при мене во Горна Бања многу делегати, Делчев, Станишев и др. Нашата листа не помина; се избраа Михајловски, Цончев, Кепев, Владимиров, Димитров и др. По свршувањето на конгресот, јас сам се предадов на полицијата и бев затворен во VII полициски участок. Тогаш во участокот доаѓа при мене Цончев. Делчев се беше подлизнал тогаш малку, беа го завлекле. Бил во комитетот и беа направиле некаква согласност. Меѓу другото Делчев се беше согласил да ги предаде материјалите, што ни ги беше по границата предал Сарафов, на новиот комитет. Ние се бевме разлутиле многу. Малешевски и Сандански беа разјарени. Јас бев против оваа согласност. Доаѓа во участокот Делчев, доаѓаа Кепев и Влад. Димитров да се советуваат и ме разубедуваат, но јас се бев против и подржував, дека ќе бидат изиграни од Цончев. По овој повод имено доаѓа при мене Цончев. Најмногу се јадосував и се противев поради материјалите; уверавав, оти сите итрини на Цончев и видливи отстапки се за да ги стават в раце пушките, кои што беа близу до 700-800 манлихери. Делчев се подлизна, цончевци ги зедоа пушките (со овие пушки после не тепаа). Штом стана ова, го смени Цончев брзо поведението, не ја подржува согласноста, и затоа Кепов, Вл. Димитров и др. се скараа со Цончев, не можеа да работат веќе со него така да брзо си ги дадоа оставките. А Цончев си ја продолжи работата и почна да си готви база за да навлегуваат негови чети внатре. Тој воглавно прибра стари војводи од харманлиски тип, што ги бевме исфрлиле ние, на чело со Дончо војвода. Прибра множество наши бивши работници, недоволинци од нас, зошто беа отфрлувани или преследувани од организацијата поради нивни греови (злоупотреби со организационите пари и др.). Исто така ги прибра сите недоволни елементи од Борисова страна, без да се земе во внимание како им бил моралот. За противдејство на Цончева, Делчев го истакна Станишева и другарите, та после од нив излезе комитетот на Станишев. Јас и од кога излегов од участокот, каде што стоев 4 и пол месеци, во тек на еден месец не земав век`е направо учество, зошто во ова време беше влегол во Ц.К. Гарванов и тој ги беше назначил Дели Иванова и Стефанова Димитар за задгранични претставители, а и станишевци се однесуваа со недоверба кон мене (по стари неразбирања од претсарафовскиот комитет). Затоа по споразум со Делчева остана тука тој да ја раководи борбата. Се плашевме од Гарванов за да не се префрли кај Цончев. Со Гарванов не бев добар. Нека да споменам тука, дека на времето пред Цончев да влезе во комитетот, цончевци, решавајќи по планот за навлегување, многу сметале на Гарванов поради бивши врски со „Братството“. Гарванов бил нивни човек и овие сигурно биле со него во согласност, тој одвнатре да им предаде се` во случај на востание. Таков споразум имало. (Сега, кога го отепаа Сарафов и Гарванов, Цончевите луѓе со злорадоство зборуваа за Гарванов: „Така му треба, издајник!“. Цончевистите повеќе се лутеа на Гарванов како на издајник, отколку на Сарафов). Гарванов се повлече од Братството, како што знаете. После беше недоволен и од Бориса. Борис го спремал за Ц.К., тоа му било ветувано на Гарванов, оти ќе го втера во Ц.К. со свои луѓе, кога ќе се засили, просто ќе со завземат Ц.К. Затоа Борис настојуваше да се погодува ЦК со Братството на Гарванов, на кое што јас се спротивав. После Борис не го додржал ветувањето. Камбуровата мисија не успеа; тој сакал просто да го поткрепи Братството. Борис после ја напушти оваа мисла и Гарванов беше јадосан на Бориса. Другарите во Солун ни дадоа возможност Борис да го примени своето сакање преку Гарванов, а насила не можеше да го наложи. Затоа Гарванов после сметаше, оти го издал Борис. Кога се раздели Цончев од Бориса на Гарванов одеднаш му се разоткри пррспективата и да му се освети на Ц.К. зошто го разби со Братството, и на Бориса, дека не додржа на ветувањето и отворено излегува на страната на Цончев со изглед, дека со подршка на Цончевиот комитет од тука да се истакне како водител во Македонија. Гарванов по тоа време доаѓа и тука и со цончевци се согласил (овие веќе агитираа тука да го земат во свои раце Ц.К.) тој внатре во името на В.К. да образува во Македонија комитет. Тогаш Гарванов се предаде на внатрешната организација, но недоволен; беа му предложиле да биде претседател на окружниот солунски комитет, но не примил и беше се тргнал. Многу е важно што Гарванов од кога се врати оттука со поновна надеж наново се истакна како одделен организатор на нова организација, Врховистичка (во тукашните советувања со Цончев земале учество и Наумов, Колушев, Шопов и др.). Сите елементи од бившото Братство се претворија во врховисти. Во Кукушко Гарванов образува врховистичка партија — „комитет“, во Струмица се обиде, но не успеа. Во Прилеп Јордан Тренков, стар подржател на Братството, си образува јак врховистички комитет; овој комитет влезе во конфликт со комитетот на Ц.К., имаше човешки жртви. Почнаа овие нови врховисти систематски да агитираат и по градовите и по селата. — Оттука заминале со чета сегашниот српски војвода Глигур како четник под војводството на Мирчета Ацев. Оваа чета замина оттука како наша, прилепска чета. Во Прилеп Тренков успеал да го отцепи Глигура и така образувал своја чета, врховистичка. Значи беа готови и со чети да се бијат против нас. Во Битола исто така беше успеал Гарванов да образува еден врховистички кружок, и почеток на врховистички комитет меѓу учителите (ми се чини еден меѓу нив беше Греков, сега го убија во Гевѓелиско). Иванчо Карасулијата и Лазо од Гевѓелиско, бивши месни војводи, исклучени од таму од организацијата како непогодни луѓе, арамии (Лаза скоро го убија), со подршка од Цончев, наредени и испратени со чети, по арамиски проникнале дури во Гевѓелиско и по селата таму го распространуваа врховизмот во јавни врски со Гарванов. Споразумот всушност бил, Гарванов да врбува луѓе и да образува комитети по градиштата, а оттука да му се испраќаат чети за да го поткрепува и засилува врховизмот. И во други градишта имаше врховистички јатки, беше успеал воопште да образува мрежа по многу градишта, но се уште во форма на кружоци и без длабоки корени во земјата. Само во Прилеп им беше доста јак комитетот, а и чета имаа. И во Гевѓелиско беа јаки со чета. Во Охрид имаа некои следбеници. И мисијата на Јанков во Битолско беше во врска со тоа. Гарванов водеше агитација да им подготви основа на полковникот Николов во Прилепско, па Протугеров во Охридско, на Саракинов во Воденско, на Дарвингов во Кукушко. Агитираше Гарванов во името на офицерите против месните дејци, коишто ние, божем, од честољубивост не сме сакале да ги пуштиме. Меѓутоа, спроти планот, Цончев ќе праќа арамиски чети така да кога ќе дојдат офицерите и ја земат основата заедно со армиските чети ќе ја првземат организацијата. Јанков кога беше тргнал, мислел, оти базата за тоа е веќе доста подготвена. Организацијата имаше друга тактика, ги примаше офицерите со намерение да ги претопи меѓу другите работници и да ги исползува за делото. Колку што отидоа тие, непогодни за да се претопат и слаби да се наложат, се враќаа разочарани; пример — полковник Јанков. Кога Ц.К. беше затворен, за жалост, другарите не можеа спокојно и великодушно да го понесат ударот, ами се беа исплашиле за судбината на организацијата и како да беа склони веднаш по затворувањето да отстапат од старата организациона отпорност, склони беа во момент на малодушност да отстапат учество и на врховистите — да прават што ќе прават. Во тоа настроение земаат решение да му го предадат Ц.К. на Гарванов. До моментот на затворувањето другарите од Ц.К. беа во борба со Гарванов, борба која што не беше друго освен продолжување на борбата со Братството. Хаџи Николов веднаш не беше затворен и додека да го заворат уште се разбиравме со другарите во Солун. Го наговориле и Дамета да му се предаде Ц.К. на Гарванов и го задолжиле да им пише, да ме убеди да го признам Гарванов. Јас имено се противев, велејќи им, оти го втеруваат волкот во трлото. Добив такво писмо од Дамета, во кое ми препорачуваше да бидам малку поотстаплив тука спрема цончевистите, зошто после овие затворувања, после оваа афера не ќе можеме да се бориме со нив, дека овие можат да ја разрушат организацијата, ако ја нападнат сега, така да кога ќе го признаеме Гарванов к`е ги омекнеме, к`е го обезоружиме Гарванов да престане да се бори со нас. Затоа да сум го признал Гарванов. Се` застранливо и заметкано. Јас го рззбрав само тоа, оти Груев клапнал со духот дека изгубил верба во организацијата, дека се плаши од В.К. тука и од Гарванов внатре, и уште, оти тој свикнал веќе со мислата, дека брзо ќе се дига востание. Имаше век`е умствен и морален упадок во Дамета. Причината на оваа појава се закоренетиот во него и во неговите другари поим дека во Ц.К. и во организационата администрација лежи сета сила на организацијата, а не во нејзините единици, — околиски комитети и разните војводи и дејци по местата. А вака беа заразени и неговите другари Матов и др.Си ја претставуваа организацијата како мрежа, која штом се раскине посреде, ќе се растури, — државнички поим. Тие во овој поглед не се разликуваа од тукашните офицери, кои што во еден водач гледаа се`. Јас гледав инаку, не и` го давав тоа значење на централизацијата. Затоа тие штом го затворија Ц.К. и многу други сили покрај него, клекнаа и склонија да му го предадат на Гарванов ЦК. На мене тоа собитие силно, многу силно ми подејствува, јас се осетивн удрен, но не престанував да ги разубедувам. Мирче беше во Братството, после заедно со Гарванов врховист. Им докажував (и тука имавме собрание од наши луѓе) оти можеме да избереме нов Ц.К., дека оттука може да испратиме луѓе и тоа со седалиште другаде, а не бездруго во Солун. Сметав, дека може во Ц.К. да влезат и некои нелегални сили, а сите да бидат испробани работници на организацијата. Оттука на нашите собранија решивме да ја препорачаме оваа мерка, но немаше веќе таму луѓе да ја применат така си остана Гарванов и покрај него беа во Ц.К. учител Мартилов и Јаќим Игнатов. Делчев макар и да го споделуваше моето мнение, со својот оптимизам и со својата отстапливост ја трпеше оваа, положба со Гарванов и влезе во улогата да го поткрепува Гарванов, но со цел да го оддели од врховистите. И навистина малку попосле, штом Гарванов се почуствува на положба самостојно и штом ја доби довербата на Делчев, се отцепи од врховистите предложувајќи, така што нивните комитети во Кукуш и Прилеп да се слеат со нашите, а четите во Прилепско и Гевѓелиско — да се слеат со градските организациони чети. Попосле кога Гарванов дојде тука, влезе во лична дружба со Делчев. Јас стојав на страна, до крај не го признавав и не го признав. Бидејќи цончевци недоволни беа од овие постапки на Гарванов и бидејќи четите во Прилепско и Гевѓелиско (и други чети веќе имало врховистички) не беа го послушале, Гарванов се скара веќе со цончевци, и врховистите тогаш го нарекле Гарванов издајник и до крај не можеа да го трпат и да му простат. Гарванов потоа почна да ги преследува врховистичките чети, кои што понапред ги крепеше. Мене брзо по затворувањето и после ослободувањето ме интернираа во Трново (владата на Данев — Каравелов). Се пушти збор, дека поради ова интервенирање јас сум сакал да ги убијам Каравелов и Сарафов. Незнам од кого го дознал Гарванов ова (Сарафов му се поплакал?), и веднаш почна да прави капитал од тоа против мене. Им пишал писма на Делчев, на Дамета и на разни други, дека ќе било многу лошо за организацијата така да ме караат да не го правам тоа. Оваа усрдност На Гарванов по повод на еден лажлив слух докажуваше само лишен пат, дека Гарванов е во врска со владата и дека секогаш се осеќал како човек на Бугарија. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||