Спомени - Ѓорче Петров | ||||||||
Тоа расформирување по наредба, по решение на началството, што ги водело четите во борби, ми се виде неморално. Би стоал до крај, но самиот не би ги советувал да си одат дома, особено кога началствувачките лица беа решиле да одат во Бугарија. Тоа нешто доведе до страшен морален крах, населението се сметаше изиграно. Требаше и Борис и сите да останат внатре, да поднесуваат. Само јас, Даме и Пере останавме во земјата. Пере остана само со двајца по горите во Прилепско, Даме се криеше како волк по пештери во Демирхисарско. Останав сам, откако сите водачи ја напуштија земјата и отидоа во Бугарија. Тие, што го советуваа населението да се предава, сами не се предадоа, ами избегаа во странство. Сите раководни сили требаше да останат и да страдаат со населението. Повеќето од селаните војводи останаа во земјата, а сите поинтелегентни избегаа. Страшна агитација развија селските војводи против интелегенцијата. Толе-паша одеше од село до село: „Еге ти ги даскалите, додека ги раневме тука, додека имаше да се прчат.“ итн. итн. Простите војводи станаа господари на ситуацијата. Во секоја околија имаше по 5—6 четички, четник со 2—З души, прогласен за војвода. Тие се изродија во самозвани банди, му удрија по селата своеволно. Апостол војводата се задржа не стана отцепник, но затоа и тој се сам бендиса: „Биринџик чета е мојата“, велел. Грозно стана. Се тоа ја дискредитира организацијата. Во Охридско, откако си отидоа водачите во Бугарија. ќе се јавеше грозна анархија, ако не беше покојникот Узунов што ја прикрепи положбата. Исто во Костурско, откако Чакаларов и неговите другари избегаа, остана околијата во рацете на прости луѓе, селски војводи. Воопшто во целиот востанат крај од повидните луѓе, останавме само јас, Пере, Даме, Павел Христов, Петре Ацев, Мих. Узунов, Ѓорѓи Сугарев и Ѓакон Евстатиј. Со Дамета како другар остана и Лозанчев. Сите други раководни сили, поинтелегентни војводи градски и др., до 150 души, дојдоа тука. Откако им јави Борис на момчињата, дека е решено да се расформируваат четите, костурците веднаш се повлекоа заедно со Попов и Циле Кономладски (го убија на четвртиот ден, откако се раздели од нас), а јас и Борис останавме уште два дена (со мене беа 13—14 момчињас, а со Бориса 12—13) гладни, изложени на снег и водени, а бевме на врвот на Ниџе планина, до 2000 метра височина. Стоавме таму додека да го видиме движењето на турските војски. После слеговме пак долу во Мориово, во селата Грумишта и Будимирци. Слеговме да се сретнеме со мориовските војводи Анте и Толе-паша. Борис беше на пат за Бугарија. Му го уредивме каналот. Последните, останати со мене момчиња на чело со Лука Иванов, Иванович, Ѓорѓи Иванов ја препуштија судбината на мене, — ме прашуваа, а ме советуваа да се вратам во Бугарија. Јас им изјавив, дека нема да се вратам, а за нив не можам да земам одговорност, — туѓи луѓе. За себе лесно ќе се погрижам, имам познати. И така си отидоа тие со Бориса. Исто така и од месната прилепска чета неколцина се присоединија кон Борисовата чета за Бугарија. Јас останав при Толе-паша со дваесетина негови момчиња. Како сите други така и оваа чета одеше веќе кон своето распаднување: момчињата ја напуштија четата еден по еден и два по два и се предаваа на властите. Само 8 момчиња не можеа да се предадат, зошто имаа крвни престапленија, но готови беа при прва пушка да избегаат. Уште истата вечер, кога тргна Борис, мориовската планина беше обискирана од неколку илјадна турска војска во синџир, на огромно пространство, така да секој даб се разгледуваше. По неколку дена ги обискираа и селата. Голем наплив од војска, беше испратена да оди по трага на Бориса, зошто четниците се предаваа и дури со некои се служеше војската да ги открива четите. Четата веќе мачно се криеше. По селата веќе почнаа да ни подречуваат да не влегуваме во селата, зошто не можеле да гарантираат за нас; некои селани имаа сомнение. Толе-паша, сосем замислен 4—5 дена, зеде да ме советува да си одам, зошто не можел да се крие добро кога сум со него, а не сакал да загинам во неговата чета, та затоа да одам в град. Пишав во Битола да уредат за да можам да појдам в град и да таму уредат стан. Ми одговорија, дека положбата била рискувана, да почекам малку. Без да чекам, еден пазарен ден слегов во село Градишница, доверувајќи се на двајца таму, ги фрлив комитските алишта. Им ги оставив во замена своите алишта, револвер, кама, дулбија и пушка, се`. Толе-паша после ги облекол моите алишта и зел се`. Другото лето Толе-паша го убија во тие алишта, после ги продале на бит-пазар во Битола и, им се чини, некои пријатели ги купиле и ги чуваат. Со своите нови алишта и две магариња, натоварени со штици, познат само на двајца од селаните, заедно со пазарџиите се истресов во Битола. По пат на три места поминавме низ аскер, кој што не гонеше. Селаните, што знаеја, се тресеја; пазев присуство на духот. Во Битола влегов, отидов низ чаршија. Селските навици и јазикот добро ме маскираа. Отидов во Пријателска куќа, кај баба Фанија Аџи Велкова, грчко маало. Таа ми е позната уште како учител кога бев во Битола, бев пријател со нејзиниот син. Таа ме љубеше и не можеше да ми откажи, макар да се многу плашеше. Седов околу еден месец внатре во собите, без да излезам некаде и без да ме види некој. Аце Дорев беше благајник на комитетот во градот та ми праќаше помалу пари. Фанија готвеше. Само нему и на Павел Христов им се јавив. Павел Христов беше илегален, а Аце Дорев си беше книжар. Најмногу се разочарав таму, моите поими за братство, пријателство и солидарност добија најсилен удар. Нашите другари се покажаа обвладани од јак, тесноград егоизам. Додека стоев во Битола, на расположење на комитетот се вика, и им дадов да разберат, дека сакам да се настанам во Битола, тие, Павел Христов, Лозанчев, дури и со знаењето на Дамета, систематски избегуваа, не ме држеа во тек на работите и ми даваа да разберам дека можат и без мене. Ги поканив Павел Христов и Лозанчев, стари пријатели, да дојдат да се видиме, но не пристанаа да дојдат кај мене. Најпосле речиси натрапено отидов во куќата, кај што се криеше Лозанчев (7—8 години не бевме се виделе). Впечатлението од среќавањето беше, дека им е досадно моето стоење таму да не им ја земам положбата на шефови?). Влегов во преписка со Дамета и го канев да дојде да се сретнеме и да размислиме за положбата и мерките. Тој не се согласи да дојде (му било страв), а после ми јави, дека оди во Прилепско да се сретне со Перета (сакаше да кажи: „ако сакаш, ела ти тука“). Аце Дорев тогаш ми јавува, дека не можат да гарантираат за моето стоење во Битола и ми советува да сум отишол во Прилепско, божем за посигурно. Јас бев решен да останам за секогаш во Битола, макар и вопреки тоа. За да ме натераат, ми ја прекинаа храната, прекинаа среќавања. Дорев често го праќаше неговиог брат да ми напоменува да сум си отишол. Се гледаше, дека тоа беше во споразум со Дамета. Мојата идеја беше, ние тројца — јас, Пере и Даме да се растуриме на три места (јас да останам во Битола како нов, Даме — во Солунско — Пере во Скопско). Тоа, изгледа, не го бендисувало Дамета, кој знае како си го истолкувал, така да скроил да ме мавне. Огорчен силно, ја напуштив Битола и си отидов во Прилеп. Не се согласив со Дамета да тргнам заедно со него по селски канал, ами во цивилни алишта со пајтон тргнав за Прилеп, влегов во градот, каде што се криев пак во приватни, пријателски куќи. Тогаш Пере со двајца четници се движеше по селата и не се решаваше да влезе в град, неверувајќи им на граѓаните. Јас не се решавав да одам во село при него и Дамета (тие беа се сретнале), зошто не им верував на селаните. Најпосле се сретнавме во село Селце (пол саат од градот). Прв пат се сретнав со Дамета после 4—5 години. Тој не можеше да ме познае (отидов со прилепска антерија, со ќур, беше зимата). Таму останавме два дни, поминати во разменување на мисли. Само се расправавме. Јас му ја искажав својата огорченост поради односите на Пав. Христов и др. во Битола спрема мене, а Даме молчи. Разбрав, дека и Даме е согласен, оти и тој е против тоа да одам во Битола. Пере и Даме отидоа во Битола, јас останав во Прилеп, бидејќи видов, дека не им е пријатно да одам таму. Пере беше со мене, тој ми велеше дека Даме итрува и ме запираше да му зборувам. Среќавањето излезе бесмислено. Јас се видов одбегнуван како конкурент. Таму во Битола за прв пат, без дури да ме сондираат, Пав. Христов, Лозанчев, Пере и Даме решиле да прогласат, дека постои окружниот битолски комитет и да почнат да функционираат како окружен комитет.
Прв пат таму решаваат окружниот комитет во името на организацијата да им стави во долг на битолските војводи да ги превртат гркоманските села во бугарски како отпор на пројавените тенденции на грчките владици и конзули да ја исползуваат катастрофата во полза на грчката пропаганда. Мотивот на окружното беше да се превземе контра-дејствие за да се божем парализира, всушност тоа беше веќе упадок на револуционерната дејност и наклоност, бесознателна може би, кај Дамета да биде пријатен на официелниот бугарски свет Едно од писмата во овај смисол попадна во рацете на властите, стана достојание на конзулите и општо познато, та служеше како силно оружје во рацете на Грците против „лицемерството“ на организацијата. Почнаа Грците уште посистематични противудејства, а тоа го роди засилениот грчки четнички курс, послужи како оправдание на четничката пропаганда. Пере се врати во Прилеп и од него ги научив овие работи. Пере е националист по гледиште. Но егоизмот на Дамета лично да ја држи ситуацијата тој го сваќаше и го осудуваше, не сакаше само да му се спротивстави. Останав во Прилеп месец и пол да чекам некакво разјаснување на ситуацијата за да си определам идна линија на поведението. Прилеп во тоа време и околијата се буричкаа од два противничка лагера на раководните сили во градов, а пак оттука и во селата, кои што ни оддалеку не даваа надеж, кураж, човек да се зафати дури со месна револуционерна работа во градов. Поради тоа што како илегален не можеше да излезеш отворено да работиш мимо нив, туку само ако се замешаш во партиска борба. Се бореа Тренков и Ацев веќе на месна база. Се решив да го напуштам Битолскиот округ и да тргнам за Солунскиот округ. Се обидов да си расправам пат низ Тиквеш, единствен тогаш пат за Солунско. Просто од страв и од несостојба тиквешките раководители ми го откажаа своето содејство да ми уредат пат. Тогаш се решив да ја обидам почвата во Скопско. По приватен начин уредив со патот и тргнав за Велес (воо почетокот на март), преоблечен во велешки селски алишта, со кирајџии, влегов отворено во Велес на коњ, низ касарните, без да ја знам ситуацијата во Велес. Истиот учител, што ме пречека кога доаѓав од Бугарија, Анте Димов, учител (велешанец), со истиот се бев споразумел. Тој ми прати велешки алишта, куси чакшири и плетена фута. Положбата на партизанството во Велес ја најдов во пострашни размери, отколку во Прилеп. Два самозвани комитета на чело со луѓе, кои што претендираа по традиција да бидат началници на комитетот, водеа отворена, чисто партиска агитација во градов и селата за да ја завладеат ситуацијата. Во едната група беа поконзервативни елементи на чело со Дерменџиев (трговец), Бано Кушев (директор на училиштата), Ѓакон Давче Наков (сега архиерејски намесник во Куманово), Илија Ќирков (трговец). Од другата партија повеќето беа млади учителчиња на чело со мојот пријател Анте Димов. Борбата се водеше, кој има право да ја раководи организацијата и беа ја дотерале до таму, што на публични собранија, на митинг во училишниот двор оштро се расправале, а по улиците судрувања и претњи со револвери од младите од двава лагера беа чести. И едните и на другите се надеваа на некоја чета од Бугарија, која што би ги поткрепила за да ги столчат своите противници. Едни против други интригуваа во Софија, Солун и Скопје, кој да ги компромитира своите противници, да добие официелна потврда на својата партија од окружниот комитет во Скопје или од номиналниот централен (самозван, што се состоеше од поп Коцев). Мојата основна идеја беше дека треба ни еден од нас да астане надвор имено поради тоа, што еден да остане со пари и други средства лесно може да образува внатре партија. Скопскиот окружен комитет беше се откажал да го реши ова прашање, зошто го беше признала за неразрешиво. Поп Коцев (кому што беше признал Даме да распоредува) од Солун со сета своја леснотија на темпераментот им го дал правото на поконзервативните елементи и со тоа го разрешил прашањето. Другите станаа Борисови луѓе — партија на Сарафов и му останаа до денденеска, Тие дури не го познаваа Бориса. Сарафов минаваше како претставител на противниците на самозваниот Централен комитет и на Матовци и Татарчевци тука. И двеве страни се обратија кон мене за содејство. Случајно попаднат во едната партија, ме кријат само при свои пријатели, а другите ме следат, каде сум. Стојав околу 20 дена па ми се присака да појдам и при другите и седев таму, по нивни куќи. Не сакав да поминам за партизанин. Едните ме предупредуваа отпрвин, дека другиве ме надушиле и дека можеле да ме предадат. Посакав разрешение од скопскиот комитет и од поп Коцев во Солун да ми го дадат правото, да ми позволат, бидејќи се најдувам како наблудувач во Велес, да поуредам нешто тука. Од Скопје се дегажираа од прашањето, а од Солун ниту ми одговорија. По приватен пат разбрав, дека мешањето во тамошните нивни работи тие го сметаат како нарушување на свои права. Поп Арсов беше во Солун, но беше повлечен од работа, не се мешаше. Не можев да не се смешам, најдувајќи се во таква средина. Ги собрав обете страни, зошто подобрите од старите работници од обете групи влегуваа во обете партии, а покрај нив имаше и шмеќари. Со нивна согласност одредив временен комитет од тројца души од обете партии — Анте Димов, Бано Кушев (касиер — Анте Димов; Кушев — раководството на селската организација, а третиот, не паметам кој беше, — раководство на дружините во градот. На чело го предвидов Андреј Георги Христов сега во Станимака учител), туку што беше дошол во Велес да живее, еден вид интерниран, бивш учител во Крушево (беше изгубил право да живее во Битолско). Него го поставив на чело на комитетот (тој беше свршил вишето училиште во Софија) со право да се брои господар на ситуацијата и да му пречи на се`, што носи партиен карактер. Бев им напишал и правилник за уредбата на месниот комитет во градот и околијата и за распределување на работата меѓу заинтересуваните лица, за да се избегнат поводи за судрувања и неразбирања. Оваа наредба ја примија сите, но, како што излезе после, партизанството не се искорени. Набрзо пристигна Стеван Димитров, интелегентен младинец, со чета од Софија, предназначена за Велешко и испратена од Матов и Татарчев. Го пресретнаа заедно со мене луѓе од обата лагера при село Ореовец. Дојде со 12-14 души, четата беа му ја разбиле пред Радовишко. Му дадовме препис од согласението, му објаснивме се` му возложив да гледа со Андреј Георги Христов да го поништи партизанството, кое што беше почнало да проникнува и по селата. Го повикав од Штип Тодор Лазоров за да се осветлам за работите во нивниот крај. Освен за Штип за другите околии немаше ништо што предизвикуваше во неговите осветлувања. Се обидов да појдам во Скопје со кирајџии, за да си ја видам среќата таму бев уредил дури со кирајџии да поминам. Учителот Стојанов (тамошен основни учител, тетоец), и учителките Канчева и Славка Чакарова, единствените останати посвесни сили во Скопје, предизвестени, дека ќе доаѓам, побрзаа категорично да ми запретат да одам, оти тоа било јавно рескирано за мене, бидејќи полициските мерки биле многу строги. Дојдоа во Велес и трите на советување (ми беа познати оттука). Ништо за утеха. Положбата не само во Скопје, но и на раководството во Скопско потполно беше расклатено така да не ми дадоа надеж, дека ќе можам да се настанам во Скопје. На крај зедов решение да си појдам во Бугарија, и со содејство на пријатели од Велес го редевме веќе патот за да поминам низ Србија како полесно за мене. Беше наредено се. Разочаран бев најмногу од раководството. Таков егоизам, таков педантизам! Особено беше навредливо за мене, што бев отишол за да работам а да не ме примаат за тоа, бидејќи секој се плаши, оти му го земаш местото. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||