Спомени - Христо Татарчев | ||||||||
Роден сум во Ресен на 16 декември 1869., од родителите Никола Татарчев и Костадина. Татко ми е од Ресен, а мајка ми од истакнато семејство од с. Јанковец (Ресенско). Поголемиот брат ми се вика Михал. Татко ми се занммаваше со банкарство и трговија, а делумно и со земјоделство, - имаше чифлици. Со основно образование се здобив во Ресен, на бугарски. Потем, во 1882 год., заминав по суша преку Битола - Прилеп - Велес - Софија во Пловдив, и оттаму во Брацигово, каде брат ми Михал беше учител во петокласно училиште. Тука се запишав во III клас, за да се подготвам подобро за гимназијата. Следната година отидов во Пловдив, каде учителот Богданов ме подготвуваше по бугарски и по математика за да стапам во IV клас, што стана во 1883/4 уч.г.. Таму учев сe до 1887 г. - заклучно со VI клас. Бев претседател на ученичкото друштво. Меѓу учениците и учителскиот совет, што сакаше да го постави друштвото - предавањата и библиотеката - под учителска контрола, дојде до конфликт. Поради тоа „поради непокорство“ не ми допуштија да излезам на испит, и им се јави на своите власти да не земат за војници - мене, братучед ми Божирад Татарчев и др.. Поради оваа причина го напуштивме Пловдив, и преку Габрово отидовме во Ловеч кај Андреја Башев, адвокат, за да се извлечкаме од рацете на власта. Тогаш татко ми беше во Цариград. Тој се кандиса да продолжам со образованието во странство, но под услов да се определам да студирам медицина. Јас сакав да студирам филозофија, под влијание на политичките доктрини, на социјализмот. Тогашната моја лектира: Дарвин, Бокл, Шлосер и сл. влијаеше во таа насока. Повеќе се занимавав со читање на книги, руски одошто со учебните предмети. Заедно со Божирад, без пасоши (со туѓи пасоши) заминавме по Дунав преку Никопол во Турн Северин, каде затековме некои од емигрантите, меѓу кои беа и Св. Миларов и „Централниот“ Попов. Миларов ни укажа помош. Заминавме за Цирих, и се запишавме на медицинскиот факултет (со завршен VI клас.) Во Цирих учев три години, и потем преку сето време заедно со Божирад - во Берлин во 1890 год., каде по две години, во 1892 год., во текот на мај положив испит за доктор. Божирад го положи истиот испит во јули истата година. Од Берлин заминавме право во Цариград, каде положивме колоквиум. Со помош на лекарот на султан Хамид, со кого случајно се запознавме, присуствувавме на селамлукот, на кој беше и Стамболов. По тринеделно чекање во универзитетот, положивме пред професорите, повеќето Грци, испит на колоквиумот - положивме на француски и на германски, речиси по сите предмети, со исклучок на предметите од природните науки. Испитот за секој траеше повеќе од 3 часа. Не остана предмет по кој не нe испитуваа. Ние бевме првите Бугари што полагавме на колоквиум. Потем отидовме во Ресен на отпочинување. Тоа беше во август 1892 год. Во Ресен останав до половината на септември, и со телеграма бев повикан од Васил К'нчев за училиштен лекар во Солун, а Божирад - за училиштен лекар во Скопје. Во Солун ја затеков бугарската јавност поделена на два лагера од претходните борби, што биле водени на чело со Величков - против Егзархијата и за неа, главно против нејзиниот стремеж да ги централизира црковно-општинските работи во свои раце. Уште кога стапив на должност, јас веќе бев подложен на агитација од страна на К'нчев, тогашен директор на гимназијата, и од учителите Дјакович, Ганов, Тенчев Хр., Мирчев Димитар (тој беше уште неопределен), Андон Димитров. Уште немаше никакви загатнувања за револуционерна дејност. Јас исцело и се предадов на својата работа во двата пансиона на училиштето. Ги изделив туберкулозните, се погрижив да се подобри сместувањето во просториите и храната, со целосна помош од директорот К'нчев. Во текот на распустот во 1893 год. решив да обиколам еден дел од Македонија, што не ја познавав, со цел да ја проучам положбата на земјата и главно на бугарштината. Дојдов во Солун веќе со определени идеи во однос на задачите што се наложуваа пред интелигенцијата. Уште во Ресен, како дете, растев под туѓо угнетување, постојано под терор, исчекувајќи со трепет да се врати жив некој од нашите кога одеше на пат. Овој терор го правеа особено Албанците. Мајка ми од уплав и поради губењето голем дел од богатството се разболе и почина. Албанците беа дојдени откај Охрид и заминувајќи за Битола беа навлегле во Ресен. Пискотници по поистакнатите куќи. Сакаа да бидат сместени на конак. Тоа значеше дека на своите коњи ќе кренат сe што е вредно од тие куќи, па дури со себеси во Албанија ќе одвлечат и луѓе. Беа запреле и пред нашата куќа. Нивниот главатар, со барјак, беше дојден пред нашата куќа. Дома голем уплав, затоа што дома сме имале и пари. Нашите ја затворија портата, за да има време во соседните куќи да се префрлат парите и други вредности. Албанците почнаа да ја кршат портата, и најпосле ја скршија, влегоа, и ја најдоа внатре само баба ми, а сите други - мајка ми, стрина ми и др. беа поминале во соседната турска куќа. Со вжештено железо тие извлекуваа пари, со запалени гламни, со ќотек. Штом ќе влезат, бараат да се јават мажите. Бидејќи немаше други, ја мачеле старата да ги повика мажите. Соседот Турчин дојде кај нив, ги скротуваше, велејќи им дека мажите од куќата не се во Ресен. Се разбира, им се носеа гозби од соседните куќи - пилиња, благи. Тоа се случуваше во куќата што сега ја има чичко ми Андреја (татко на Божирад). Бидејќи не се појавил никој од нас, се затворија во куќата, да тарашат. Сe поскапо, бакарно и др. натоварија на коњи, и го изнесоа. По 24 часа се тргнаа и ние се вративме дома. Мајка ми, штом се враќа, оди право накај сандаците, каде имаше нејзини пари, што заборавила да ги земе по бркотницата, го наоѓа сандакот отворен,, си ги скубе косите и со силно испиштување паѓа во несвест. По седум дена паѓа в постела, и во текот на три месеци (кашлање, бодежи, оган) починува. Колку пари имало што ги зеле Албанците, не можев да узнаам; знам само дека имаше многу петолирки, златни пари и др.. Тоа беше во 1877 г., во време на Руско-турската војна. Овие ужаси ми беа запечатени во умот и срцето. Кога патував за Пловдив, по патот од Прилеп нашите кираџии, со кои требаше да патувам од Прилеп за наваму, биле обрани од Албанците, па ги чекавме три дена. Штом ја поминавме границата, во Ќустендил видовме слободен живот. Контрастот со ужасниот живот отаде границата, уште повеќе ја замелуши мојата детска душа. Кога стасав во Софија, во паркот свиреше воена музика, луѓето се движеа слободно и ноќе, по гостилниците множество свет и музики. Просто не можев да се доначудам, да поверувам на своите очи, дека е можен и таков слободен живот. Слободниот живот во Брацигово, политичките борби во Пловдив (казионисти обединисти и сл.), ученичките бунтови, социјалистичките идеи, слободно проповедани, соединувањето на Тракија со Бугарија, што го преживеав во Пловдив, - сето тоа влијаеше кај мене да се формира посебен светоглед за слободата на човекот и на народите. Во време на обединувањето, како ученик зедов учество како доброволец. Заедно со множество други луѓе на покривот на еден вагон стасавме до Трново Сејмен, каде се задржавме 20 дена. Оттаму мене, и други помдади ученици како мене, не вратија во Пловдив, и не приклучија кон новоформираните единици, а накај половината на ноември, по голем студ, кога и Марица беше замрзната, нашата дружина тргна пеш накај Сливница. Кога стасавме во Пазарџик, штотуку беше склучено примирјето. По десетина дена се вративме назад во Пловдив. Соборувањето на Батемберг ме затече во Габровскиот манастир, каде бевме се вратиле од една екскурзија на Бозлуџа. Во тие околности, во текот на сето време на моето учеништво во Пловдив, постојано си мечтаевме за ослободување на Македонија, но во нашите глави немаше ништо поопределено оформено за тоа прашање. Записите на Захариј Стојанов и сета литература, што прикажуваше за востанијата и за ослободувањето на Бугарија, се голтаа на еден здив. Со вакви впечатоци заминав да учам во странство. Во Швајцарија идеите за слободен живот, за правна држава, уште повеќе се зацврстија кај мене, особено кога видов, како може една држава, без војска, без жестока полиција, спокојно да напредува, и при наплив од најразновидни елементи. А пак во Германија културата и општествената и државната организација уште посугестивно влијаеја на мојот политички светоглед. Попаднат од ваква европска средина наново во бесправна Турција, беше природно што уште од првиот ден се разочарав. Си мислев дека ќе можам слободно да се движам, да дејствувам како лекар. Со себеси донесов множество лекарски инструменти, книги, илустрирани списанија. Туку измачувањата на турската граница пак ги воскреснаа во мене страшните дамнешни впечатоци од моето детство. Во Солун постепено се разочарував поради меѓусебните гризења меѓу нашите граѓани и луѓето од интелигенцијата, што се засновуваа врз лични интереси. Кондовци, Самарџиевци и др., што й даваа поддршка на Егзархијата, беа лично заинтересирани, борбата се водеше повеќе за лични интереси, одошто за принципи. Овој впечаток делуваше на мене угнетувачки. Бугарското население, како тоа од градот така и она што доаѓаше однадвор, оставаше тежок впечаток со својата простотија и со својот измачен изглед на страдалник. Неговиот живот беше многу беден, без неопходните минимални услови да се одржува народното здравје. Од друга страна контрастот меѓу положбата на Бугаринот и положбата на Турците, Грците и Евреите, уште повеќе го засилуваше моето негодување од таквата положба на нештата. Тоа ме натера да посакам да излезам да направам обиколка низ земјата, за да ја проучам понепосредно вистинската состојба на нашиот народ во Македонија. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||