Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Иван Хаџи Николов

СТАВ НА ЦЕНТРАЛНИОТ КОМИТЕТ СПРЕМА ВРХОВНИОТ МАКЕДОНСКИ КОМИТЕТ ВО БУГАРИЈА

Во текот на март 1895 г. узнавме дека во Софија се основал Македонски комитет, на чело на кој се наоѓал Трајко Китанчев. Членовите на Централниот комитет беа незадоволни од иницијативата на македонските емигранти во Софија. Решивме јас да отидам во Софија, како и секогаш на свој трошок, да се најдам со Китанчев и да му го пренесам нашето решение, што се состоеше во следново: „Не може и не треба да постојат два комитета, туку еден, и тоа солунскиот Централен комитет. Софискиот комитет да постои како помошен, со специјална задача да го помага Централниот комитет материјално и морално, да испраќа подготвени дејци, но не да управува и да решава што да се прави. Му го изнесов на Китанчев овој став на Централниот комитет, и тој вети дека ќе не слуша нас, и дека нема да прави ништо без наше знаење и согласност.

До половината на 1895 година Централниот комитет успеа да основа мали кружоци речиси во сите градови и во сите поглавни центри на нахиите во Македонија. Ние не брзавме да ја јакнеме Организацијата само во едни места, додека во соседните уште немаше такви. Притоа сакавме да видиме, како ќе ја прифати народот Револуционерната организација, и потоа да се основаат кружоци и по селата. Воопшто дејствувавме бавно, преку сигурни и верни луѓе, за да не го подложиме на опасност делото уште во самиот почеток.

Но во текот на јули 1895 год. чувме дека од Бугарија се навлезени чети во Пиринскиот крај, што го зазеле Мелник, нападнале помашки села во Доспатско и слично. Сето тоа не растревожи, затоа што преку ова навлегување на Турците им се отвораа очите за постоењето на револуционерна организација, која се до самото организирање на сето македонско население и неговото подготвување за востание требаше да остане непозата за турската влада. Извршениот веќе факт не можеше да се прикрива од народот, и ние решивме да го искористиме за агитација, велејќи им на истомислениците и на народот: „Дали гледате? Нашите браќа од Бугарија се готовни да ни дојдат на помош кога ќе востанеме. Поради тоа треба што поскоро да се подготвиме за востание". Секој човек од инелигенцијата, и учител, што ќе пристигнеше во Солун, се посветуваше на делото и се заколнуваше. Во текот на истото лето беше заколнат и Хр. Матов. Тоа беше на 25 август 1895 г. - во петок. Јас и Даме отидовме во Бошнак-ан, во кој се беше сместил Хр. Матов. Го поканивме да дојде во моето живеалиште, каде разговаравме цели два часа за Револуционерната организација. Најпосле Матов се согласи да стапи во Организацијата, и Даме го заколна. Тој замина на местото на своето назначување со инструкции да ја зајакне и прошири Организацијата во округот.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik