Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Иван Хаџи Николов

ОСНОВАЊЕ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

„Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата Орранизација, туку Софија со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не национална политика, ја погреба Македонија и и` причини огромни жртви во луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам виновен за сите тие злосреќни што со моите другари станавме причина за револуционизирањето и, во последица на тоа, погубувањето на Македонија и Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не не` убија со камења откако го согледаа грозниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогателна еднодушност тргна по нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба; ние го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство; и при такви, дијаметрално противположни резултати, пак да не не` обвинува, да не не` навредува, да не мрмори против нас - создавачите на Револуционерната организација, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба, да си го подземе тешкиот голготски крст, - тоа предизвикува во мене адмирација, и велам: „Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужени“.

*
Во искажувањето што следи подолу, Иван Хаџи Николов зборува за програмата што ја изнесол пред Гоце Делчев на средбата во Софија. Овие искажувања овде е пренесено според Гане Тодоровски.

Потоа Гане Тодоровски ја предава програмата што Иван Хаџи Николов ја изнесол пред Гоце Делчев на средбата во Софија:

„I. Организацијата да се основе во Македонија а не во Софија, бидејќи, основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да изелезе ништо. Притоа таа треба да биде тајна.

2. Основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат и тие изложени на истата опасност, на каква што ќе бидат изложени нивните последувачи, преку кое полесно ќе ја спечалат и довербата на населението.

3. Лозинката треба да биде автономијата на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз 23-от член од Берлинскиот договор, за да се надеваме на успех. Да постигнеме автономија на Македонија значи да ја откинеме не само од Турција, туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на автономна Македонија, Србите и Грците не ќе можат веќе да бараат делови од неа, кога, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Нашата задача треба да биде да ја спасиме Македонија цела, а тоа може да стане преку една автономна Македонија.

4. Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.

5. Од Македонците во Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме и материјална поддрша, без притоа да ни се мешаат во работата.

„Слушај г. Хаџи Николов, рекол Гоце Делчев, толку време минало, нека мине уште една година. Јас догодина го завршувам военото училиште и ќе ме произведат за офицер. Ќе си дадам оставка од офицерството, ќе дојдам во Солун и ќе ја основаме Револуционерната организација. Откако ќе почнеме да работиме, ние ќе спечалиме авторитет и нема да има потреба да бараме друго авторитетно лице“.

*
„Во јануари 1894 година јас предложив да направиме поширока агитација меѓу интелигенцијата во Македонија за дознавање на нејзиниот менталитет и настроение, а имено да постапиме по истиот начин, по кој јас си ги избрав идните свои другари порано за Револуционерната организација, т.е. да го поставиме пред нив прашањето за егзархиската црковно-училишна политика, да ја раскритикуваме, да ги покажеме нејзините лоши страни за иднината на Македонија и да ја поканиме интелигенцијата да се присоедини кон нас во нашата борба со Егзархијата за изменување на нејзиниот режим. Кои од учителите, реков, ќе се присоединат кон нас, ќе бидат благонадежни и за Револуционерната организација. Мојот предлог се прифати и го натоваривме Петар поп-Арсов да напише брошура под наслов „Стамболовштината во Македонија“ а јас да ја напечатам на мој трошок и да ја распратам низ Македонија. Поп-Арсов ја приготви брошурата и јас ја напечатив во Софија за време на ваканцијата, а потоа, откако ја пренесов во Солун, ја распратив по цела Македонија. Резултатот од таа брошура беше мошне поттикнувачки: мнозина учители го споделија нашето гледиште и ние агитиравме и покрстувавме“.

*
„Од 1888/89 училишна година српската пропаганда во Македонија се засили мошне многу и атакуваше не само села и градови, туку почна да ја атакува силно и солунската гимназија. Со големи ветувања и со многу пари сакаа да ги „преземат“ сите ученици од гимназијата и успеаја да заблудат и спечалат околу 40 ученици од неа и да ги испратат во Белград, но тие веќе следната година побегнаа во Софија од Белград. Во провинцијата Србите секој ден печалеа успеси. Секој ден слушавме дека тука или таму се отворило српско училиште, па макар и со еден или двајца ученици или само со таблицата закачена на вратата од некоја одаја. Овој српски успех што се должеше на комбинираната дејност на руските конзули, на грчката Патријаршија (патријаршијата решила сите гркомани во средна и северна Македонија да стануваат србомани), на српските пари и на турската влада - многу ме огорчи. Јас не можев да се помирам со положбата Србите да проникнуваат и да се настануваат во Македонија, кога во неа нема ниту еден Србин! И, во барањето на средства за противдејство спрема Србите, и, откако видов дека ниту Егзархијата, ниту бугарската влада на Стамболов, што водеше туркофилска политика, не можат да направат ништо против Србите, се запрев на Револуционерната организација и си реков: „Само таа ќе постави сe на свое место и ќе ги истера Србите од Македонија“!

„Учителите во гимназијата, за да имаат поевтина храна, побараа да се хранат заедно со нас - воспитачите и да ја плаќаат по цената на чинењето. Нивната молба Егзархијата ја уважи и почнавме сите учители и надгледувачи да се храниме заедно. За сето време на ручекот и секој ден единствениот разговор беше за Македонците. Какви ли не навредувачки зборови паѓаа на адреса на Македонците: „Македонци - гнили конци“, „дај ми пари за да станам Бугарин“, „муур ми е, и овде го клавам и онде го клавам“ итн. итн.

- Воопшто, како да се Македонците без патриотизам, несвесни, ете така - дивјаци, без секакво национално чувство. Овие обвинувања и навредувања се слушнаа главно од Васил Кнчев и Петко Машев, луѓе за првпат дојдени во Македонија, и тоа само во Солун, и кои не ја знаат и не ја познаваат вистинската положба на Македонија во минатото и сегашноста“.

„Се јадосував мошне многу, бидејќи знаев какви затворања, материјални и морални жртви поднеле Македонците во борбата со Патријаршијата, каков силен патриотизам пројавувале, ги бранев Македонците воопшто, ја објаснував појавата на српските училишта во Македонија, кажував дека ако беше слободно отворање на српските училишта во Бугарија, дека и таму ќе се најдеа луѓе за отворање на српски училишта, туку ништо не помагаше - навредите и загорчувањата не престануваа. Најпосле, еден ден им реков: „Господа, јас ви забранувам да зборувате по адреса на Македонците! Ако продолжите да зборувате по адреса на Македонците, ќе произлезе голем скандал“! Кажаното, како со нож, ги пресече разговорите за Македонците. Но, затоа пак тие се пренеле во одајата на главниот надгледувач Д. X. Иванов. Еден ден влегувам во одајата на Дим. X. Иванов и Петар Мишев по инерција продолжува да зборува: „Македонците, џанам, Македонци, се околу парата...“ Кога ме виде запре, и го променија разговорот. Другпат го затекнувам В. Кнчев кај Дим. X. Иванова, и В. Кнчев ми вели: „И тебе ние те храниме“! Се виде дека разговорот бил оти тие, учителите - Бугари од Бугарија, ги хранат сите учители и ученици Македонци. Јас му одговорив дека јас самиот себе си се хранам, ако добивам извесна плата, ја добивам за трудот што го давам. За тој труд, кај и да сум ќе ја добијам таа плата. По мое сфаќање Д. X. Иванов, В. Кнчев и Петко Мишев беа големи македонофоби, за В. Кнчев барем на зборови. Од првиот ден уште,кога дојде приквечер, шестмина учители отидовме на прошетка покрај морето и седнавме во кафеанчето 'Бел-ви'. Откако седнавме, додека станавме, сe В. Кнчев зборуваше. Тој бил таков, оној - онаков; сe се фалеше. Меѓу другото рече: „Јас дојдов за учител во Солун со амбиција да ја побугарам Македонија“, итн.

*
Јас се објавив јавно против егзархиската централистичка црковно-училишна политика. Поради таа моја опозиција кон егзархиската централистичка црковно-училишна политика имав речиси секој ден во учителската одаја расправии со сите свои колеги од слободна Бугарија, а најмногу со Васил Кнчев, кој ме наречуваше сепаратист и ме заплашуваше со отпуштање од работата. Му одговорив дека можат да ме отпуштат, но дека нема да останам без работа и гладен.

Меѓутоа, јас почнав да одбирам меѓу учителите Македонци другари за идната револуционерна организација. Изборот го правев вака: по меѓусебно запознавање, им го опишував егзархискиот црковен и училишен режим во Македонија и ги прашав дали го одобруваат тој режим или го осудуваат. Оние кои го одобруваа не беа за мене благонадежни а оние кои го осудуваа ги вбројував во бројката на благонадежните, на идните свои другари за засновување на Револуционерната организација, без меѓутоа да спомнувам ни збор за неа пред нив. По тој начин ги вклучив во бројот на благонадежните: Петар Поп-Арсов, Д. Цонев, покасно и д-р Христо Татарчев, кој дојде за лекар во двете солунски гимназии“.

Почеток | <<Назад | Содржина

granicnik