Спомени - Лазар Димитров | ||||||||
Роден сум во селото Дренок, Дебарско, во 1869 година. Почнав да учам во родното село, кај учителот Станко Лазаров, родум, исто, од Дренок. Тој учел во Србија, имаше завршено педагошко училиште, бил и во Дечанскиот манастир. Подоцна стана свештеник (1871?) во нашето село. Во Солун продолжив во трето одделение, а го завршив и седмиот реален курс. Гимназијата ја завршив во текот на 1888/9 година, а потоа станав главен учител во Дебар во основното и второкласното училиште - две години едно-подруго (1889-1990 година). Во текот на 1891/2 се запишав како студент на Вишото училиште во Софија. Го посетував 2 години, а потоа станав учител во Солун, во основното училиште на Вардар-капија. кај што останав 1 година (1893). Потоа отидов во Гуменџе за главен учител и инспектор за ениџе-вардарската кааза (во текот на 1894/5 год.). Не можев да останам таму цела година, бидејќи ме наклеветија гркоманите и србоманите дека сум бил поврзан со некој комитет во Софија, поради што ме интернираа во Битола. Беше одлучено да бидам интерниран во Дебар, но со поткуп успеав да останам во Битола, кај што 4 месеци бев без работа. Тогаш во Битола ги најдов Пере Тошев, Ѓорче Петров и др.; тие веќе организирале местен комитет. Есента 1895 година бев назначен во богословијата во Цариград. Точно тогаш, во текот на распустот, бев во Солун кога Сарафов со четата го нападна Мелник. Таа година ја поминав во Цариград. Таму и формално се зачленив во месниот комитет кого го сочинуваа: претседателот Лапов и членовите: д-р. Георги Николов, лекар (родум од Охрид), д-р. Панче Васков (од Велес) и Тилков, учител во богословија и студент на право на турскиот универзитет (родум од Серско). Комитетот работеше повеќе со Ерменците. Во 1896/7 бев преместен во гимназијата во Одрин, кај што директор беше Д. Иванов. Тогаш во Мустафа Паша имаше комитет, на чие чело беше Павел Генадиев. Во Одрин минав 4 години. Во градот немаше ништо организирано, но течеше агитацијата. Хр. Коцев таму беше пред мене, тој ги беше поставил основите. Станав раководител на целиот округ. Во градот имаше комитет, во согласност со Уставот на Внатрешната организација. Јас бев претседател, а првата година членови беа: Андон Арнаудов. Владимир Бојаџиев (од Охрид, учител во гимназијата), Хр. Генчев (учител во гимназијата, родум од Шумен), Јотов (родум од Т. Пазарџик, учител во гимназијата). Комитети се формираа и во селата. Во околијата Чокето (12-тина) центар ни беше селото Ташл-Муселим. Таму учител беше Ѓаков. Речиси во сите почисти бугарски села се формираа комитети, особено во Лозенградско, во Мало Трновско и во Дедеагачко. Се собираше членарината, но и парична помош. Имавме комитетски печат; „Четврти округ". Главно се допишувавме со Ѓорче Петров, тогаш тој беше во Софија и со Централниот комитет во Солун. За учнтели дојдоа: Панајот Манов (од Штип), Јаким Игнатиев (од Кратово), Петар Васков (од Велес) - сите во гимназијата. И тие беа вклучени во делото. Од почетните учители учествуваше Георги Куруков, од Каик-маалото, од Одрин. Во Одрин останав до 1900 година. Георги Василев (родум од Мустафа Паша, почетен учител) беше многу темпераментен и верен на делото. Во 1901 година, повторно се запишав на студии во Софија - бев отпуштен од егзархијата - па до крајот на оваа година останав во Софија. Потоа отидов во Солун. Делчев, Карајовев, Дели Иванов и др, ме тераа побрзо да дојдам во Солун со цел да влијаам врз битолските водачи да се воздржат од востание, зашто се наслутуваше дека брзаат кон востание, а во исто време да им се спротистават на агитациите на врховистите, кои веќе подготвуваа востание. Во Солун останав за распустот, потоа ме назначија за учител во Сер во 1902-3, кај што останав до солунските атентати, кога ме уапсија заедно со Сребрен Поп Петров. Во Сер бев раководител на серскиот округ. Ми помагаше Ангел Атанасов (од Крчово, Демирхисарско), учител и Волканов, учител на педагошкото училиште (родум од с. Песочница, Леринско). Многу ни помагаше и Стојан Божов (родум од Крчово), инспектор и секретар на митрополијата (загина во востанието во четата на Стојанчов). Димнтар Атанасов Гоштанов (престојувал во Женева, родум од Неврокопско), беше како ревизор на четите. Сандански двапати доаѓаше како ревизор на пограничните околии, преоблечен како поп. Гоштанов одеше како трговец на памук, со натоварени 1-2 коња. Гоштанов загина со Гоце Делчев во Баница. Беше многу добро момче. Јаворов издаваше весник во с. Крчово. Таму му испративме хектограф и мастило. Ме донесоа во Солун, кај што бев затворен 15 дена со многу други. Потоа ме испратија во Битола, кај што поминав 9 дена в затвор. Оттаму преку Охрид ме префрлија во Дебар. Тука ме ослободија и останав до востанието. Окружното, со кое повикуваа претставници од ЦК за Конгресот во Солун, беше од 24.12.1902 година, а претставниците се викаа за 1 јануари. Јас се пријавив како претставник на Серскиот окружен комитет. На Нова година се одржа конгрес во гимназијата, во кабинетот за физика и хемија, на вториот кат. Беа 18 души, претставници од: Цариград - Поп Петров, учител во богословија (татко му, поп Петар е во Софија); Солун го претставуваа членови на Ц. Комитет -Гарванов, претседател на Конгресот; Д. Мирчев и Спас Мартинов (родум од Битола), Хр. П. Коцов, кој случајно се нашол во Солун и Тодор Лазаров (од Штип, трговец, добро момче, работник, имаше лежано в затвор со Хр. Коцев и беше ослободен заедно со него); Кукуш - Влахов (родум од Кукуш, граѓанин); Струмица - Варналиев (родум од Велес, главеи учител); Малешевското - Ингилизов, тогашен учител во Малешевијата; Воден - Иван Занашев (родум од Воден, граѓанин); еден од Велес, граѓанин; од Скопје Ганчев (учител во Педагошкото училиште, родум од Русчук); Битолско - Лозанчев за целиот вилает. Конгресот по својот состав беше незаконит: според Уставот прецизно се бара, деиот на востанието да го определи ЦК и окружните и околиските комитети. Конгресот траеше два дена. Немаше опозиција: единствено јас бев опозиција и затоа траеше два дена. Јас бев против: прво - затоа што нашиот, серскиот реон не беше подготвен за востание, а знаев дека и другите не се подготвени и, второ - затоа што мислев дека тој период не е соодветен, откако Ламсдорф категорично се искажа против движењето. Осеен тоа однапред го знаев мислењето на Сандански, на Делчев и на другите, кои беа против. Гарванов најмногу ми приговараше: божем францускиот пратеник во Цариград му рекол дека ако дојде до движење во Македонија, населението сигурно ќе добиело широки правдини, дека ако издржиме две недели во востанието, Бугарија ќе отворела војна. Кога го одредивме датумот на востаннето - крајот или средината на август (по жетвата) се раководевме од причините кои ги изнесе Гарванов: да се собере жетвата во Бугарија и војската во Бугарија дотогаш да се снабди со шинели, зашто ќе дојде зима. Јас бев сигурен дека Гарванов е под влијание на егзархиската средина во Цариград. Силен впечаток ми правеше тоа што Салџобалиев, кој беше најдоверливиот човек на егзархот, се распоредуваше во револуционерниот комитет во Цариград. Таму на чело беше претставникот на конгресот од Цариград, Поп Петров (учителот), Салџобалиев, во договор со Гарванов, ја извршил задачата - да се натераат гурбетчиите да се вратат во татковината. Тоа го направи Салџобалиев. Лозанчев бешеза - сите беа за, немаше никој против. Меѓу мотивите за востанието беше споменувано и тоа дека востанието ќе го продолжат врховистите. Најпосле се одлучи - ме натераа и мене да го потпишам протоколот, со кого се објаснува потребата од востание. Се предвидуваше секој округ да свика свој конгрес. Се одлучи востанието да не биде масовно, туку партизанско-четничко. Востанието во нашиот крај, општо земено, се одвиваше во особено тешки услови и поради тоа траеше релативно кусо. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||