Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Лазар Димитров

Дејствијата во Селце (Жупа)

Востанието се објави на 20 јули и уште во текот на ноќта, војводата Цветко Христов со 10 постојани четници од малесиската реонска чета го дигна машкото население во Селце и во блиското село Бурунец. Од двете села собра 40 души. Селски војводи беа - Секула од Селце и Трајче од Бурунец. Го направија следниот распоред: првата пусија да биде над село - на Душаница; втората на Калето и третата од Калето нагоре, до рудината Алипашица. На 21 утрото дојдоа 20 души - Локвени, за да ја засилат четата, но од нив само 10-мина имаа добро оружје, а другите носеа казми и лопати. Во локовската месност, во низините, на 4 места беа овците од бачилата на Млака. Овие бачила беа турски, па и овчарите беа Турци. Ноќта беа испратени по 3 - 4-ца на секое место кај што спиеја овците, за да отворат оган врз овчарите доколку се спротиставуваат, или ако се обидат да известат. Утрото кога ги видоа четите, тие се обидоа да пукаат. Тогаш четата отвори оган и ги отепа 10-те овчари. Од пусијата Рудино, четата се доближи до бачилото кај Млака и таму ги отепа овчарите заедно со ќајата - татко на Фериз, чауш на жупските овчари од Коџаџик.

Од мугрите почна откај Жупа да доаѓа башибозук, откако беа отепани и овчарите и откако ги слушнале пукотниците. Почна да се собира кај Калето, кај што беше нашата втора пусија, но која не отвори оган зашто беа малку и чекаа да се соберат повеќе. По еден час дојде потера од 300 души. Тогаш почна бој меѓу нашата втора позиција и башибозукот. На другите пусии им јавивме да бидат на штрек и подготвени за помош, зашто силата на противникот беше голема, а на Калето имаше само 8-мина наши. Тогаш отворивме оган и продолживме со пукање половнна час, а потоа се повлековме кон горните пусии, зашто башибозукот ни ја проби пусијата од 4 страни. Со ретки истрели полека се повлекувавме и тоа - додека едната половина отстапуваше, другата со истрели ја заштитуваше. Повлекувањето продолжи до месноста Пажитно (Локовско). Таму се одморивме, зашто видовме дека потерата не ќе смее да не следи; местото беше погодно за нас, Башибозукот се врати малку назад за да сочека помош. Продолживме до Аржанската река, кај месноста Хума (Ума). Тука заклавме 4 овни што ги зедовме од бачилото за храна на четата. Тогаш по една жена дојде известување дека другите пусии се опколени. Ги оставивме овните и веднаш тргнавме да им помогнеме. Стигнавме до Црн Камен. Аскерот од Жупа веќе беше стигнал и се биеше со четите со кои раководеше Тасе Христов. Горе на пусиите беа аржанската, половина од збашката и четата на Тасе. Кога стасавме ние и се подготвувавме да го удриме непријателот в грб, не забележа стражарот и трубата почна да свири за повлекување. Тогаш со два-три залпа и со громогласно „ура!" почнавме да го бркаме аскерот. Нека се знае дека тука беше војводата Цветко. Аскерот почна да бега без да пука. Го нзбркавме од Рудината. Избега кон Дебар и повеќе не се врати.

На 21 дента, кога го избркавме аскерот, околу 500 души башибозук, два часа стоеше кај другите пусии, но не се доближи и не отвори оган. Околу пладне битката заврши и ние се одморивме. Ноќта, спроти 22 се собравме кај Тасета на Рудината сите војводи и одговорни за четите за да се посоветуваме за другиот деи. Одлучивме сите да останеме на истите пусии и вториот ден, зашто ни се чинеа добри. Ноќта дојде уште еден табор дебарски аскер - со товар резерви. Кога се раздени, удрија на пусијата Црн камен, кај што беше војводата Цветко со 25 души. По силна, неколкучасновна престрелка, пусијата требаше да ја напуштиме, зашто аскерот и башибозукот беа многубројни. Имавме двајца загинати - Ангеле Спасов од Бурунец и Секула Оџа, од Селце. - Јас, раскажуваше војводата Цветко - останав на пусијата зашто не можев да слезам, бев опколен од сите страни. Останав сам и уште два часа очајно ја продолжив борбата со толкавиот непријател. Потоа еден залп ме рани на десетина места, но не опасно: на средниот прст од левата рака, во палецот на десната рака, во десната рака, во дебелото месо и уште во неколку места. Истиот рафал ми ја скрши пушката в раце, па повеќе не можев да пукам. Паднав во бесознание, под камен. Имав и една сабја која се закачи на каменот. Кога видов дека пушката е скршена, а сабјата останала горе, ја свртев цевката на пушката кон Турците, а тие се исплашија и легнаа, зашто помислија дека сме мнозина. Дури и не дејствуваа, не пукаа. Тогаш јас отидов во шумата и се оддалечив 100 чекори накај другите пусии. Малку подоцна се истурија врз мене многу рафали, но не можеа да ме погодат. Дојдов кај другите пусии. Таму се качив на коњ и со другите ранети отидов кон Дебарца, за да се залечам. Бевме 7 ранети. Имавме и една жртва, од Аржаново, но не го помнам името.

На 22, во два часот попладнето, откако видовме дека таму повеќе не можеме да се држиме, четите почнаа да се повлекуваат кон Караорман, а борбата престана. Војската и башибозукот по рудината ги следеше четите до месноста Славеј. Оттаму вечерта се вративме назад. На враќање аскерот и башибозукот крадеа, обесчестуваа по селата, убиваа незаштитени, стари луѓе, деца, жени. Тогаш беа отепани 20-30 души во селата Збажди и Аржаново.

Цветко ги собра четите од двете села во Манастириште, во ливадите блиску до Калта, кај што го прочита повикот и го прогласи востанието. Тасе тоа го направи за селата – Присовјани, Збажди и Аржаново и тоа во месноста Езериште, една рамнина како тепсија, ливада, горе в планина.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik