Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Михаил Герџиков

III

Г. Делчев во обиколка во Одринско. – Мешање од врховистите. – Првиот револт. Одрински конгрес. – Конгресот го раслределува Одринско на револуц. движење во Одринско, агитира и врши организирање по селата. - Расположението на бугарското население. Остер конфликт со еден бугарски чорбаџија. - Г. во Одрин.

Тогаш се одржа конгресот - првиот „конгрес на Одринскиот вилает" во Пловдив, во нашата куќа.

Револуционерното движење во Одринско во онаа форма, во каква се пројави во Македонија, датира од подоцна, од околу 1899 година. Тогаш имено Делчев, Лазар Маџаров и Стојан Лазов (Димитров), направија една обиколка низ Лозенградско. Пред тоа Делчев, заедно со Антон Бозуков, оделе со чета во Македонија, со специјална мисија да најдат пари. Но Боздаг Бозуков се скарал со Делчева - и се разделиле, па Делчев, откако се врати без да може да стори нешто, замина во Одрин и Лозенградско. Во таа обиколка, што траела кусо време, еден месец, Делчсв набрзина го обиколил Лозенградскиот санџак. По селата оделе преоблечени како селани, само со револвери, да вршат агитација. Воопшто таму агитацијата до 1902 год. била водена од одделни лица, преоблечени како тамошни жители, а не од чети, како во Македонија. Така патувале и Делчев и двајцата негови другари. Со Лазов Делчев се скарал во Бунар-Хисар, а виновен бил Лазов, шго си допуштал да му нагрубува на Делчев, пред населението го наречувал глупак и сл.. Лазов е одринчанец од Лозенград. Му потфрлувал на Делчева дека тие и самите можат да си ја вршат работата без Македонци и сл.. Сепак Делчев успеал да подготви некои агитатори по одделни каази, но се врати разочаран. Меѓу тие агитатори се појавила неслога - некој не пропуштал друг по канал во својот реон и сл..

Во таква критична положба Одринско беше до 1902 год.

Мегутоа Ах'рчлебискиот крај беше поставен на посебен испит. Тогаш прашањето, кој да раководи кога ќе се обединат комитетите, дали од Софија, - од врховистите, или од Солун, по предлог на Ѓорче било решено така што да се направи испит така што еден реон да му се предостави на располагање на Софискиот врховен комитет, за да се види како ќе го управуваат. За тој обид го определиле Ах'рчелебиско. Таму Сарафов го поставил еден свој роднина за раководител, В'лчо Сарафов, кој наскоро по 2-3 месеци беше убиен од своите другари, таму на границата. Тој ги праќал парите што ги собирал од внатре, во Софија, до Комитетот на Сарафов, арно ама мнозина не знаеле дека така е договорено меѓу двата комитета, па сметале дека се работи можеби за кражба и го убиваат.

На негово место беше назначен В'лчо Антонов, од Стара Загора (социјалдемократ, интелигентно момче, млад, 23-24 годишен човек). Тој се зафати со работата во Ах'рчелебиско по заповед на Сарафов. Тој беше член од женевската група, која имаше свои подгрупи во Бугарија - еднаш и во Ст. Загора. Отпрвин тој си помислил дека треба да се воведе ред во работата, да се потстегнат дејците, та многу наскоро и неоправдано прибегнал до терор. Павел Генадиев беше претставник на Комитетот на Сарафов во Ах'рчелебиско и Рупчоско. Генадиев дејствуваше во Пловдив. В'лчо Антонов комуницираше со Генадиев. Шапарданов беше учител во Скеча. Тој и уште двајца негови другари, како раководители во своите реони, сакале самите да им ги однесат парите во Софија на претставниците на внарешната организација, па ако тие им речат да ги предадат во Врховниот комитет, и ќе ги дадат, инаку сметал со парите сами да си набават оружје. Немаа доверба во Антонова. Тие дојдоа во Софија, и ги предадоа парите на претставништвото на внатрешната организација. Туку В. Антонов Врховниот комитет останале навредени од тоа, и таа постапка ја оцениле како акт на непослушност и предавство. Поради тоа во согласност со В.К. (?) В'лчо Антонов со својот четник Дедо Патр, негов прочуен терорист, отидува во Скеча, го повикуваат Шапарданова (учител) и неговите другари (трговци), со измама во планината, и ги убиваат, божем според пресуда.

При една ваква положба во Одринско се наложуваше да се свика едно собрание, за да се размисли, какви мерки да се преземат за да се зајакне Организацијата во Одринско. Ова собрание, наречено конгрес, се одржа во Пловдив. Главната иницијатива за конгресот дојде од ЦК, од Делчева, бидејќи одринчани сакаат да комуницираат само со Делчева. Двајцата претставници на ЦК, Стефанов и Т. Делинванов, дојдоа да заседаваат користејќи го своето право. Како делегати на ЦК бевме јас и Делчев. Како дејци агитатори од Одринско на конгресот беа Георги Кондолов (војвода) родум од с. Велика, Малотрновско, дрводелец во Бургас, 50 год. човек, тој одеше со мали чети низ Одринско (беше потем во време на востанието убиен); Караманџуков, како агитатор во Одринско; Тодор Шишманов (што после се предаде и стана секретар на Хилми паша); Нунков (од Стара Загора, убиен потем во Кумановско). На тој конгрес имаше се на се околу 15 мина. Го поканивме да дојде и В'лчо Антонов, како раководител во Ах'рчелебиско, но тој не дојде, извинувајќи се дека бил ранет (беше лесно ранет во раката). Присуствуваше и Л. Маџаров, (родум од Солун, син на архиерејскиот намесник Маџаров во Солун).

На тој конгрес повеќе се занимававме со разидувањата, па дојде до пречкање, и дури до вадење на ками. Се занимававме со положбата во Одринско во организационен однос. Се занимававме и со прашањето за вооружување. Јас одржав реферат за начинот како треба да се води агитацијата; Делчев - како да се организира Одринско. Само тие два реферата се одржаа. Одринско беше разделено на оддедни реони, и беа назначени агитатори за одделни реони. Реоните беа: Малкотрновски, Бунархисарски, Лозенградски, Чокенски (Одринска кааза) Мустафа-пашенски, Ах`рчелебиски, Дедеагачки, Скечански, Узунќуприски. Некои од старите месни раководители беа потврдени, а се избраа и нови други. Месните раководители побараа ЦК да делегира еден главен инспектор за целата одринска организација. Тоа им беше ветено. Сите се разотидоа, откако беше ветена помош во луѓе од ЦК, а за оружје Одринско ќе собира пари, што ќе ги внесува во ЦК, а ЦК ќе се грижи да набавува средства, главно оружје.

Тогаш се забележа кај одринчани извесен дух на сепаратизам, што го обвинуваа ЦК, дека многу малу се грижел за Одринско, а сето внимание го обрнуваал на Македонија. Се обвинуваа и окружните раководители во Одрин, како луѓе без иницијатива што не се помрднуваат од градот да направат обиколка во реоните. По еден месеи од ЦК добив известување со кое ми се јавуваше јас во својство на член на подвижниот ЦК (Делчев, јас и уште еден - двајца), да заминам во одринскиот вилает, и да се движам таму вршејќи ревизорска работа. Ми дадоа право на иницијатива, и да можам да дејствувам во потполност соодветно со условите.

Заминав во 1902 год. во месец јуни-јули. Влегов прво во Малко-трновската околисија, со чета од 10 мина. Таа чета се формира во Бургас, од тамошни луѓе, малкотрновчани и лозенградчани, луѓе што веќе биле внатре. Го зедов со себеси еден свој другар од детство, пловдивчанецот Димитар Општински, студент по право во Лозана, а сите други беа одринчани. Со нас беше Кондолов, што не упатуваше. Тој ја собираше четата, јас само ги прегледував. Тој си имаше свои другари. Со мене беше и Караманџуков. Се движевме низ селата, се разбира ноќно време, низ густите букови шуми на Странџа. Првото село, во кое влеговме, веднаш до границата, кога ќе се помине Аланкајрјак, беше 0Заберново. Таму дотогаш агитацијата се вршела на подруги начела: агитаторите посетувале тајно само неколцина селани, и со тоа се задоволувале. Јас го применив начинот што се употребува во Македонија: ги собирав речиси сите селани, мажи, обично во црквата, и им говорев. Им зборував воглавно да се свестат за својата мизерна екоиомска положба: им велев дека таа положба е условена главно од лошиот турски политички режим, дека иие не би имале ништо против да бидеме во Турција, но да ни се гарантира еден поднеслив живот и сл.. Јас им поставував прашања: дали треба таквата положба да остане така, а тие самите одговараа дека таа е неподнеслива, и дека би требало да се подобри. На прашањето дали тоа може да се постигне по мирен пат, тие самите одговараа дека тоа не е можно без востание. И навистина положбата им беше неподнеслива, бидејќи лихварите н чорбаџиите од градот ги држат во своја покорност. Во Малко-Трново и др. нема пазар, затоа што тоа не им е во интерес на чорбаџиите, од кои селаните земале стоки, со наплатување на лихви и долгови, што имаат да им земаат. Самата власт се наоѓала во блиски односи со чорбаџиите, и им укажувала покровителство.

Ми остави впечаток дека селаните се повеќе очајни поради својата економска положба од чорбаџиите, одошто од Турците, а ние им докажувавме дека турскиот режим е главниот столб на опора на таквата положба. Се агитираше во тој дух. Им се објаснуваше како се подготвува борба во Македонија, и со тоа им се даваше само таа надеж, дека во борбата ќе бидат поддржани од Македоиците, дека тоа ќе биде заедничка борба. За Бугарија не се зборуваше, ниту им се влеваа надежи дека Бугарија ќе ја поддржи борбата. Па дури ни јас не се кажував дека сум од Бугарија, сакав да ме сметаат за одринчанец. Куририте, што тајно одеа по организациони работи, во Бугарија гледаа како тука властите прогонуваат (имаше случаи и самите тие да бидат апсени во Бугарија), и тоа ги јадосуваше, тие ја пцуваа дури и Бугарија, што се однесува така непријателски, додека според нивно мислење таа би требало да постапува токму обратно - да помага. Како резултат по одржувањето на секој говор беше тоа што во секое село се формираше месно раководно тело; месен раководител, негов помошник, десетар, благајник. Се одредуваа членски влогови. Сите вкупно полагаа заклетва пред нас. Постапувавме според истиот статут на Организацијата, што беше во сила во Македонија, и од кој им оставивме примероци. Сe се водеше врз централистички начела: дел од парите се внесуваа во околиската каса, а оттаму во окружната, и најпосле во централната каса. Овде-онде се вклучуваа и женн во делото. Агитацијата наиде на добар терен и брзо напредуваше. Ги обиколивме речиси сите села во Малко-Трновско. И во другите реони реонските началници со своите четички на ист начин водеа агитација. Откако го обиколив Малко-Трновско, посакав да влезам во самиот град. Забележав дека населеннето повеќе се плаши од чорбаџиите; селаните постојано ме препрашуваа: „Аџаба само ние ќе бидеме во таа работа, чорбаџиите нема ли да влезат?" Им одговарав дека ние можеме да поминеме и без нив, но за секој случај, ако не сакаат, ќе ги натераме да си ја држат устата затворена, и да не ни пречат. Порано, додека месните агитатори лабаво спроведувале агитација, градските чорбаџии на нивното агнтирање гледале како на нешто несериозно, па дури ги поканувале тие агитатори кај себеси, ги гоштевале и сл.. Меѓутоа, кога видоа дека јас сериозно сум се зафатил со тоа, чорбаџиите се штрекнаа, и почнаа да ги убедуваат селаните да се вардат од нас, бидејќи сме биле неранимајковци и сл.. Тоа ги деморализираше селаните, и затоа јас една ноќ, го зедов Кондолов и самиот една ноќ, отидов во Малко-Трново да се разберам лично со нив. Утредента и задутредента се сретнав речиси со сите чорбаџии, со по еден или по двајца одделно. Не се задржував во една куќа, туку се селев. Чорбаџиите ги викав навечер, не ги пуштав додега не се стемнеше, и додека не излезев да се префрлам во друга куќа. Немав доверба во нив. Во Малко-Трново се задржав една недела. Сите изразија согласност со мене дека нивната противакција би била бесмислена, бидејќи работата е мошне напредната, особоено во Македонија, дека таков е духот на времето, и оти тие нема да му се спротивстават на делото, а во случај да се објават против него, можат да настрадаат, бидејќи ние можеме да употребиме и сила. Од нив нема да бараме ништо друго, освен само да помогнат материјално, со пари, и најмалу што се должни да сторат е да молчат и да не им зборуваат на селаните против нас, тукуда ја потврдуваат нашата идеја. Тие ми ветија. На покана од мене се согласнја доброволно да дадат извесна парична помош на Организацијата. Но најсилниот и најбогатиот од нив, Ѓаков Анагностиј, не само што не сакаше да дојде да се види со мене, туку дури ми испрати порака, ако не се мавнам од градот, ќе ме предаде, затоа што јас и моите другари не претставуваме ништо друго туку само ајлази, што не сакаат да работат и сл. Тој беше снабдувач на турската војска, и истовремено прекупувач на данокот за цела кааза. Тој и неговите браќа беа завладеале со целата кааза, дури и во Лозенградско. Тие правеа вака: го купуваа данокот од владата, и не го собираа од населението по 4-5 години, па населението си мнслеше дека или Ѓаков или владата им го простиле даиокот. Одеднаш ќе дојде со војска да го бара данокот за 4-5 години, а селаните немаат никогаш толку пари. Тогаш тој прибегнуваше до извршна наплата, продава вол, ниви и др., и на тој начин зема двократно и трократно. Тој беше спречил да има пазар. Беше милионер. Тој отворено им велел на селаните да не потепаат како кучиња, затоа што сме збирштина и сл.. Преку својот зет Калфов, главен учител во Малко Трново, тој ми испрати одговор, дека не сака да се види со мене и сл. Поради ваквото грубо и остро однесување од Ѓаков, нашите меѓусебни односи се изострија до немајкаде. По неколку обиди, попусто, да го иатераме да се вразуми, борбата заврши жално за него, тој стана жртва на својата бескрајна упорност, што стасуваше до предавство, што не можевме да го оставиме да помине ненакажано.

Егзархијата го сметаше Ѓаков за добар Бугарин, па му се оплакала на бугарскиот претставник во Цариград, а овој - до бугарската влада. Владата преку задграничните претставници се обратила до ЦК, а ЦК ми упати укор што ме возмути. Дотогаш ЦК не беше правел укори и за други, појадосувачки пресуди, зошто не сум го прашал најпрвин ЦК. Потем, кога се сретнав со Делчев, тој заклучи дека во случајот не сме можеле да постапиме инаку. Во сета околност казната остави силен впечаток. А каков бил Ѓаков покажува и следниот случај. Една разбојничка чета во Странџа, пред 15-тина години, го ограбила едно негово дете, момче, и побарала за него за откул 1.000 лири. Тој не дал. Намалувале до 500, до 100 лири, тој пак не давал. Најпосле намалиле до 25 лири, а тој одговорил: „Жема ми е млада, и јас сум млад, па можам да си направам уште едно дете", и им испраќа по некои овчари бинлак со ракија со отров. Тие му дале на детето да се напие, и тоа умрело, а тие го оставиле негавиот труп на крстопат, и една бела меџидија, за неговото погребување. Тогаш населението било до немајкаде иритирано, и сакало да го линчува Ѓаков, поради оваа постапка спрема сопственото дете.

Затоа простите луѓе го толкуваа ова убиство како казна за тој негов грев.

По ова престижот на Организацијата многу се издигна. Браќата иа Ѓаков им ги простија на селаните множество долгови, што тие му ги должеле на убиениот, за да му се најде за душа и од страв. Сите осетија дека постои сила, што не го пожали ни еден Анагностиј Ѓаков, заштитуван од Турците. Турската власт беше вчудовидена. Ги уапси татковците на неколцина, но потем ги пуштија сите. Аферата се ограничи со тоа.

Јас продолжив со ревнзијата, слегов во селото Велика. Оттаму префрлив преку највисокиот врв на Странџа, и слегов во Бунархисарско. Преку селото Урумбегли отидов во Бунархисар. Од с. Велика натаму постојано патував сам, со себе си земав само курир. Тоа беше во октомври. Од Бунархисар отидов во с. Колибите, потем во Кавакли (Лозенградско), потоа поминав крај град Лозенград, но не наминав во градот, бидејќи таму Организацијата беше слаба, а грчкиот елемент силен. Побрзав да се најдам со Лазар Маџаров, што со својата чета се наоѓаше во близина, во едно селце близу до градот. Се сретнавме. Тој ги познаваше работите, беше најдоверено лице во Лозенградско. Преку сето време јас бев толку многу обземен и презафатен со работа, што не му пишував на никого, па ни на Делчев, ниту на кој и да е. Поприкажавме со Маџаров (се сретнавме во с. Каракоч) за положбата во Лозенградско. Ги повикав градските раководители да дојдат во с. Каракоч, им дадов некои упатства, и насочувања, и мислев да заминам за Чекенско, каде беше со својата чета Крсто Б`лгаријата. По конгресот, мнозина што беа од нешто разочарани од својата работа во Македонија, посакаа да дојдат да работат во Одринско. Со моја согласност Сгефанов го препрати К. Б'лгаријата за војвода - агитатор во Чекенско. Туку, во тоа време добив писмо од с. Каракоч од Окружниот комитет во Одрин, со кое ме молеа, ако можам да дојдам во Одрин, каде да размениме мислења за некои прашања, за кои не можело да се спогодиме со писмо. Се согласив. Им испратив порака да го повикаат во градот и В'лчо Антонов, за да му дадам некои упатства, бидејќи предвидував дека нема да успеам да отидам за ревизија во неговиот реон - Ах'рчелебиско.

Со Лазар Маџаров и неговата чета замимав за селото Инеџиј, на патот меѓу Лозенград и Одрин. Таму ми се отвори нова работа. Лазар ме замоли да ги свикаме селаните за агитација. Бевме вовеле и предавања за селаните за хигиената и сл.. Таму има сургутски (гагауски) полски села. Селаните зборуваат турски; тие се многу добри луѓе, и ги придобивме за делото. Маџаров веќе имаше одено кај нив. Масовно ги вклучивме во делото. Меѓу нив има имиња како Стојан и сл.. Самите тие се сметаат за Бугари, и веруваат дека го примиле турскиот јазик. Се покажаа добри дејци, и во време на востанието имаше од нив што решително се бореа и загинаа. Потем јас (откако се задржав една недела) се преоблеков во селска облека, си ја острижав брадата и косата, и со коњ заминав за Одрин. Тоа беше пред Св.Никола. Во едно село, Хасќој, каде наминавме да се стоплиме и загрееме, побарав сирење и леб, а без пости, Тоа им остави впечаток на крчмарот Грк и на Турчинот што се бричеше таму. Селанецот, со кого патував, ме подгази за нога. Свикав: Маслинки, маслинки дајте ми! Турчинот ми се обрна и ме запраша кој сум, се посомнева во мене. Во Одрин не ме познаа. Првпат влегував во овој град. Имав со себеси револвер. Колџиите, заради контрола на пренесување на тутун, ги претресуваа луѓето и по џебовите, но поминавме добро.

Во Одрин бев во куќата на В. Думев. Ги повикав сите членови на окружниот совет. Им изнесов како стојат работите во околиите. В'лчо Антонов доаѓал, чекал два дена, и си заминал. Таму узнав дека ме повикале, бидејќи во Солун се свикува конгрес. Соопштението беше од ЦК во Солун. Сакаа јас да отидам на конгресот. На Думев му јавиле за што се свикува конгресот, а имено „да се разгледа прашањето за востание", сиреч дали да се крева востание или не. Тогаш јас ја изнесов каква е положбата во Одринско, низ кое бев поминал, и им реков дека ние не сме подготвени за востание, ниту во Одринско ниту во Македонија. Им реков дека јас сум многу зафатен, и не можам да отидам, но Думев нека отиде таму, и тој нека им ја каже вистината дека не сме готови. Им реков дека јас ја продолжувам обиколката на реоните, и да го задолжат В'лчо Антон тој да направи ревизија на реоните десно од Марица.

Од Одрин со пајтон заминав за Мустафа Паша. Бев во граѓанска облека, како учител, со фес. Во Мустафа Паша се сретнав со луѓето на чело на кое се наоѓаше Катерински Димитар (родум од Мустафа Паша).

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik