Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

ПРЕДГОВОР

Пандо Кљашев, чии спомени се содржани во втората книга од „Материјалите за историјата на македонското ослободително движење", во Софија првпат дојде по несреќниот крај на Илинденското востание, во кое тој зеде забележливо учество како водач на реонската чета во Костурско. Со Кљашев се запознав во зимата 1904 година. Ми остави особено добар впечаток не само со својот елегантен и мошне пријатен надворешен изглед, туку и со своето здраво расудување, интелигенција, скромност и карактерност. Тој се согласи да доаѓа кај мене за да ги запишам неговите спомени, кои овде се обнародуваат сосема точно, како што ги раскажуваше во многуте средби, кои се гледаат од датите забележани во моите записи. Кљашев ме восхити со својот свеж ум; одговарајаќи на прашањата, прецизно соопшти многу дати, имиња, описи на ситни случки, биографски податоци за разни, второстепени личности, четници и сл., како што ќе забележи читателот сам во спомените. Една меланхолична добрина излегуваше од овој, на прв поглед, благ и хуман патриот, па напати ми се чинеше неверојатно, дека истиот овој деликатен младинец ги правел сите оние жестокости за кои самиот раскажуваше. Но и патриотското чувство, кое продолжуваше да го воодушевува, беше толку длабоко, а вербата во праведноста на македонското народно дело беше толку цврста, што не е чудно што во нејзино име тој бил способен во дадени мигови сe да направи за да го изврши својот долг онака како што тој го разбирал.

Во текот на честите средби и разговори, додека се пишуваа неговите спомени, ние се зближивме и јас многу се плашев кога Кљашев без прекин повторуваше дека брза да замине во својот крај, кога ќе заврши испрашувањето на кое го подложив, за да ги остави таму своите коски, како жртва кон сe уште не завршеното народно дело. Тој сериозно предвидуваше дека ќе загине и ништо не можеше да ја смени неговата одлука да се врати назад. И навистина набрзо замина - пролетта 1904 година. На 13 август 1907 година, загина во родниот костурски крај, во планината над селото Дреновени, во една битка со Турците. Со својата смрт тој остана доследен на себеси и надомести за свесните и несвесни грешки кои, евентуално, ги направил во името на големата идеја за ослободување на Македонија.

За да се комплетира впечатокот за овој виден македонски идеалист, ќе го пренесам овде мислењето за него од г. Баждаров, негов соученик во солунската гимназија, објавеи во Илинденскиот број на в. „Македонија" (Софија. бр. 234, 31 јули 1922 година):

„Пандо Кљашев беше најмалиот по раст меѓу учениците од 1896 до 1899 година, во машката солунска гнмназија и во 1899/900 учебна година во битолската машка, класична гимназија. Го викавме Пандето. Кусичок, но со широки раменици и набиен, со впечатливи црни очи, отворено чело под густата, бујна, но секогаш грижливо исчешлана коса, тој го имаше минато детството и влезе, како и ние, во младешка доба; за тоа сведочеа и никнатите влакненца под носот. Првиот и површен впечаток беше дека со неколку години нe надминал сите во класот. Меѓу најголемите меѓу нас - Манол Розов, Г. Христов, Г. Каракабаков, Г. Тодоров, Андреј Казепов - тој навистина изгледаше како дете. На сите ни беше љубимец поради добриот карактер и нежната душа. Немирните другари понекогаш на шега го чепкаа Пандето, а тој кротко се смееше. Но, кога ќе претераа, веѓите му се збираа на челото, а во очите му светкаше гнев. На лицето му се читаше лутина - му здодеа да биде третиран како мал. Според бистрината и успехот, беше меѓу најдобрите ученици.

Во гимназијата имаше ученички револуционерен кружок. Во него членуваа и некои наши сокласници. Неупатени во тајната, ние во почетокот не знаевме ништо. Сигурно уште нe сметале за лесноумни деца или пак за многу занесени во училишните задачи и несоодветни за толку опасни работи. Во 1898 година - бевме во петтиот клас - по иницијатива на Трпен Марков од село Вишени, Костурско, кој беше привлечен од учителот Ив. Гарванов - и ние формиравме таков кружок, мислејќи дека нема друг. Подоцна разбравме дека постојат два комитета - централниот и овој, на братствата. Пандо Кљашев во почетокот на следната учебна година веќе беше член на една од нашите групи. По обединувањето на двата комитета во Солун, се обединија и двата ученички кружока во Солун и Битола, кај што бевме преместени сите ученици.

Го завршивме гимназискиот курс и се растуривме низ сите краишта на Македонија, немајќи време и можности да ги следиме маките на кој и да е. Пандо, како и многумина од нас, брзо бил принуден да се префрли во илегалност. Поради големата верност кон ослободителното дело, тој зазема раководно место во Организацијата во Костурско, заедно со повозрасните од него - Лазар П. Трајков, Манол Розов, Васил Чакаларов. Во Илинденското востание тој учествува во сите покрупни востанички дејства во најјужниот крај на Македонија.

Востанието беше задушено од аскерот, башибозукот и од зимата. Многу од војводите дојдоа да се одморат. Дојде и Пандо Кљашев, но не остана долго: повторно се врати назад меѓу своите страдални браќа во поробената земја за да ја изврши до крај клетвата што си ја беше дал како ученик. Стана член на Битолскиот окружен комитет и во текот на 1906 и 1907 година повеќе престојуваше во централниот град, каде што заедно со другите окружни членови раководеше со организациските работи. Тие две години беа најтешки. Македонските револуционери требаше да водат нерамноправна битка не само со реформираната жандармерија на Хилми паша и војските на Хамид, туку и со грчките и српските чети. Во овој период тие дадоа големи жртви: кога би се направила статистика ќе излезе дека тие се побројни отколку во востаничката година. Костурскиот крај тогаш загуби видни личности, како што се - Митре Влашето, Атанас Кршаков и др. По повод загинувањето на Кршаков, при патувањето од Битола до Костур, Кљашев му пишува на еден свој пријател во Софија:

„Несреќен е засега нашиот крај; надојдените несреќи оставаат толку длабоки и мачни траги, што се чини дека таму засекогаш ќе свие гнездо. Неумоливата смрт коси сe што е поживо, подоблесно, понадежно во овој крај, толку горд во борбата со непријателот, небаре провидението решило со несреќи да се скрши неговиот устрем кон благосостојба. П., јас, ти и толку наши бројни другари и пријатели се лишивме од еден храбар, мил, непрежален другар, а Костурско - несреќно и обвиено во жал по тешки загуби зимоска - од еден примерен син, од еден доблестен водач. Ти секако се досетуваш за кого станува збор, доколку веќе не си слушнал: обичниот Насо, секогаш храбриот Кршак, го нема веќе меѓу нас...

Другарите оставени од војводата и сега ме викаат. Јас одам кај нив. Ја напуштам Битола. Бев несреќен таму слушајќи толку лошотилаци за мојот сакан крај и за мене лично и заминувам кон моето свето место. Ќе бидам среќен доколку успеам да го закрепнам мојот тажен роден крај. Но, и ако паднам таму наскоро, нема да жалам. Бидејќи моите верни другари треба да ме чекаат, со нив јас ќе бидам уште посреќен".

За жал, само десеттина денови по пишувањето на ова писмо, душата на Пандо Кљашев веќе беше кај душите на неговите мртви другари.

На 4 август 1907 година, софиските весници ја објавија следната телеграма од Цариград:

„Турските весници пишуваат дека една бугарска чета од 10 души, со која командувал Наумов, поручник во бугарската армија, Пандо Кљашев и Ристо Стојнов, била уништена во планината, над Дреновени, Костурско, по една битка со војската. Меѓу убиените се и тројцата војводи".

Не помина многу време и оваа кобна вест беше потврдена. Пандо Кљашев со 14 другари херојски загинале во една битка со аскерот кај спомнатото село на 13 август (31 јули) 1907 година.

Софија, 1925. IV. Љ.М.

Почеток | <<Назад | Напред>>

granicnik