Спомени - Пандо Кљашев | ||||||||
Во 1900 година, јас уште бев во Битола, ја завршував гимназијата. Во текот на оваа година Организацијата закрепна, се роди идејата да се формира чета за да го заштитува населението од разни дерикожи. Така на пр. Ќасим-ага од селото Капештица, од прост падар, со убиства и зулуми дојде до најбогат човек и економски ги потчини поголемите села во Корештица. Тој Ќасим-ага беше далекувид: предвиде дека нашата борба, борбата меѓу егзархистите и патријаршистите ќе се претвори во политичка борба против турскиот режим, нагласувајќи дека кога тој би бил власт, не би дозволил да се распламтува таа борба. Такви дерикожи беа и Нуредин-бег и Абедин-бег од Костур. Последниот беше блудник, кој немаше оставено намира убава жена во бугарските села во околината на Костур. Сафедин-ага од Св. Недела, од родот на Јумер-ага, „Јумеровци", исто беше зулумџија. Под овие спахии селаните беа во двојно ропство - политичко и економско. Ќасим ги имаше опфатено селата - Смрдеш, Брезница, Кономлади, Статица, Поздивишта и селата од Рулската Река - Рула, Трново, Оштима и Желево. Јумеровци ги опфаќаа: Косинец, Д'мбени, Жупаништа, Дреновец, Црновишта, а од Кономлади и Статица земаа десетина. И Ќасим и другите настојуваа да се зближат со првенците во секое село. Тоа го правеа додека не ставеа рака на селото и додека не го заробеа економски, а потоа ги отфрлаа и првенците. Економски ги заробуваа така што десетината ја оставаа во селото, а ќе се јавеа на пролет да го бараат житото. Селаните во меѓувреме житото ќе го потрошеа, а тие правеа записник барајќи од нив двојно повеќе. На тој начин - со зулуми, со вдвојување на лихвата, со тепање, со грабежи, со посегање по честа на селанките, особено во куќите Ќасим кај што имаше за земање - тие народот го доведоа до очај. Со прекупувањето на десетината тие минуваа многу време по селата. Успеаја да деморализираат многу селанки. Имаа жени во секое село, а нивните мажи не смееја да се спротиставуваат зашто Турчинот-љубовникот им се закануваше со смрт. На тој начии Ќасим заграби големи имоти во Брезница и Кономлади, така што тие села речиси беа претворени во негови чифлици. Во Брезница изгради своја кула, грабна половина од шумата на Градиште. Селаните станаа нивни робови и не се осмелуваа ништо да направат без знаење на овие силни Турци. Жените сосема се распуштија. Ќасим беше особено итар. Организацијата не можеше да ја рашири својата мрежа во овие села додека не се елиминира влијанието на овие дерикожи. Затоа Организацијата реши најнапред да ги ослободи селаните од овие злосторници, па кога малку ќе им олесни и откако ќе им вдахне верба во своето дело, да ги привлече луѓето кон себе. Тоа можеше да се направи само со четите. Во текот на април 1900 година, Павел Христов почна да ја формира првата чета во Костурско. Војвода беше спомнатиот Коте, од Рула. Имаше 6 четници: Митре Влашето, Демир Кономладски, Христо Цветков, од истото село, Алексо Настев (убиен во востанието, 1903 година - „Алексо војвода") од село Цереово (Леринско), Нако од Шестеово, Вељо, другарот на Поп Трајков и уште Иван Бужов од Д'мбени. Некои од нив уште пред да се формира четата извадија пасоши, божем ќе одат во странство (Нако и Иван беа тогаш дојдени; Нако пред да се јави во Организацијата отепал еден Турчин, лежал в затвор, потоа избегал во Бугарија и пак се вратил). Четата беше формирана во почетокот на мај, се облече во востаничка облека - чисто арнаутска носија со фустани, за да може, кај што ќе треба, да поминат како Арнаути. Уште во зимата Павел им дозволил на селаните од Смрдеш и Брезница да го елиминираат Ќасим. Коте со 5-6 другари се обидуваше да го начека и заседнуваше по патиштата. Најпосле, на 16 април, Коте заедно со Васил Беќаров од Желево, Нако од Шестеово, Насо Јорлев од Апоскеп, Алексо од Цареово - го фатија кај Псодери, кога овој доаѓал од Лерин. Ќасим бил со тројца другари. По првите истрели Ќасим не бил погоден. Кога слегол од коњот, фатил позиција и нишанел во Коте. Васил Беќаров го погодил в чело и тој паднал. Едниот другар на Ќасим, Неџиб исто беше отепан, а другиот, помлад Турчин успеал да избега и да им јави на заптиите на Бигла. Откако ги зеле пушките на убиените избегале в планина. Потерата ги бркаше, но не дозна кои се. Тие се вратија во своите куќи. Радост го обзеде населението. Телото на Ќасим требаше да биде пренесено низ сите села кои тој најмногу ги мачеше. И оние што го отепаа излегоа да гледаат како неговите синови го носеа мртвото тело на татка си, натоварено на коњ, со штици на една страна, а од другата мртвиот Неџиб. Петте негови синови воопшто не се сомневаа дека убиството е дело на Комитетот, а го набедија својот противник Хусеин-бег од Биглишта и тој веднаш беше затворен заедно со 12 негови луѓе. Во Корча тие биле многу измачувани. Се обиделе да избегаат, ги фатиле и уште повеќе ги измачувале, како соучесници. Ослободија само неколкумина, а в затвор го задржаа Хусеин-бег со уште неколкумина негови луѓе. Го преместуваа од Корча во Битола, потоа во Солун за да се разгледа таму обвинението од синовите на Ќасим. По селата тргна потера. Во Желево и Оштима измачуваа некои селани за да дознаат нешто повеќе за убиството, но не дознаа ништо. Неколку дена по ова се формира четата. Народот се почувствува посигурен, комитетот стана една таинствена сила, кон која почнаа да се приклонуваат. Бидејќи сите кои влегоа во четата имаа семејства, Павел Христов им вети помош, по 3 лири месечно. Сe што ќе спечалеше четата, требаше да оди во касата на Комитетот. Овие први четници беа прости луѓе, и беа жедни за убивање Турци и шпиони. Тие знаеја дека е тоа цел на четата и дека ако нешто грабнат, дека е тоа на Комитетот. Некои сакале да се остави таму пленот и не сакале пари. Но Павел Христов ги убеди дека тие не се разбојници и затоа им даваше плата. Најалчен беше Ванчо од Д'мбени кој многу сакаше тој да ја води четата. Бидејќи Павел Христов ги стегаше, Ванчо почна да агитира меѓу четниците да не му се покоруваат на Комитетот. Коте тогаш уште беше послушен и кога виде кај Ванчо соперник, му кажа на Павел за неговото однесување со мнение дека треба да се преземат мерки тој да се отстрани. Павел се согласи и истата работа му ја довери на Коте. Овој со двајца другари го викна Ванчо да одат по вода и во Вишенската бука го отепаа - еден одзади му испукал куршум в грб. Коте остана единствен војвода на четата која повеќе се врткаше во Кономладско. Првата поважна работа што ја направи четата беше ликвидацијата во текот на јули на Абедин-бег од Стариот чифлик, до езерото, на 3/4-тини часа од Костур. Павел Христов, кој ја имаше организирано работата, отиде да гледа како сето тоа ќе заврши. Бегот изегол од селото Фотиништа на коњ и кога наближил до позицијата на четата два истрела го легнале. Уште не паднат од коњ, Демир се стрчал да го дотепа. Абедин извадил револвер, но Демир со нож го докрајчил. Четата избега в планина. Околу имало жетварки. Фатија четворица од Шестеово, Бугари, но брзо ги пуштија. Така заврши оваа работа. Уште не можат да откријат беговите кој ги убива. По ова четата отиде во Корешта и тука повеќе се движеше. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||