Спомени - Пандо Кљашев | ||||||||
По оваа афера, Петров со четата отиде во Ресенско. Тоа беше во мај 1901 година. Тале Горанов, кој ја водеше четата, имаше основно образование, беше човек со слабости - многу нервозен, повеќе наперчен груб човек. Престојувал и во Кнежевстото. Но, во споредба со Петров беше поумен и имаше подобри односи со селаните. Во воените работи знаеше исто колку и Петров. Првата задача што му беше доверена не ја изврши. зашто главно престојуваше во Загоричани, кај едни учителки. Тој беше млад и убав. Павел не испрати мене и Москов малку да го смириме, но ништо. Тој се однесуваше самоволно кон четниците, па тие не го поднесуваа. Кога виде Павел дека залудно седи во Загоричани, му нареди да тргне по селата за да го подигне духот на селаните, кои беа малку разочарани по проповедите на Петров кој им зборуваше за брзо востание, божем до Нова година, а помина прилично време. Горанов тргна низ селата Блаца, Вишени, Жупаништа, Д'мбени и Смрдеш. На патот од Д'мбени за Смрдеш четниците сакале да го напуштат. Со Горанов тогаш одеше и учителот од Загоричани Дамјан Илиев, кој со својот несериозен карактер се ујдиса со Горанов. Кога дојде во Смрдеш, во согласност со препораките од Павел Христов, тој не требаше да презема ништо без моја согласност. Тогаш требаше да се казни предавникот од Косинец, Трајко Маноловски, гркоман. Тој беше многу близок со Турците од Св. Недела и со Јумеровците. Тој беше посветен, но - за сe ги информираше Турците, а во исто време ја предупредуваше и четата да внимава на заседите, иако тој ги известил Турците дека четата тогаш и тогаш ќе помине. Подоциа истиот Трајко, кој беше член на раководството во селото, почна да обвинува за предавства некои свои непријатели. Во Косинец имаше еден храбар работиик, Наке Гершамин (Бугарин). Турците од Св. Недела многу го мразеа, зашто Наке беше кмет во селото и им се спротиставуваше на нивните самоволија. Тие пратиле свои луѓе да го пречекаат Накета и да го отепаат пред да замине во туѓина. Тие луѓе преспале кај Трајко. Другиот ден утрото кога тргнал Наке, Турците се разместиле на патот и тоа поблиску до Смрдеш, за да бидат замешани, според планот на Трајко и селаните од ова село. Турците успеале да го отепаат Накета. Еден од неговите убијци бил виден од селаните од Габреш. Тие го поткажале на власта, таа го затворила и го осудила на 15 година. Мислам дека уште лежи в затвор. Поради тие предавства. за кои самите Турци им кажаа на луѓе од комитетот, се донесе одлука Трајко да се ликвидира. Одлуката ја донесов јас, а ја одобри Павел Христов. Со Горанов ги определивме луѓето кои ќе го казнат Трајко. На 1 мај вечерта, четниците Нако од Шестеово и Наум од Желино и работникот од Смрдеш Наум Митрушов, влегоа во селото и го нашле Трајко во неговиот дуќан и додека нешто шиел, го застрелале. Селото беше убедено дека го отепале Турците. Власта спроведе истрага и затвори една вдовица чиј маж беше убиен од Турците, наговорени од Трајко за одмазда. Сега беше затворена жената Христовица Станчева заедно со синот Трпен, зашто Турците претпоставиле дека тие платиле Турци да му се одмаздат на Трајко, според тукашниот обичај. А Трајко пак, по убиството на мажот од жената, заедно со Наум поп Трендов, одлежа три години затвор. Христовица успеа да избега од затвор, повторно беше фатена и на крајот ослободена заедно со сина си. По убиството на Трајко, Горанов во Смрдеш остана уште неколку дена, направи едно успешно собрание, се здоби со почит кај селаните, успеа да организира некои работи и да собере прилично пари со потврди, кои ги растури меѓу богатите селани. Парите ги стави во селската каса. Овде, сепак, малку се расправав со него. Тој не можеше да седи на едно место, не си седеше во својата соба, во куќата кај што беше сместен туку одеше во другите соби, кај што беа жените. Беше суетен. Си направил печати: „Костурска реонска чета", потоа „Тале Горанов, Костурски војвода". По расправијата сакаше да посегне по мене, но се исплаши. Јас му се пожалив на Павел Христов. Горанов слични конфликти имал и со други - меѓу другите и со покојниот Трпен Марков. По ова, Павел му нареди да оди во Битола. Таму Дамјан Груев му забранува да биде војвода во Костур. Го испратил во Струшко, кај што исто правел глупости и престапи, особено со жени. Вратен е во Битола и осуден на смрт. Кога тргнал за Бугарија, во едно прилепско село, војводата Патчев го ликвидирал. Така заврши Горанов. Неговото заминување од Костурско во Битола се случи пред 16 мај, кога Павел Христов беше затворен. Откако остана без водач, четата на Горанов се приклучи кон Петров, кој талкаше без работа и се подготвуваше да замине во Ресенско. Подоцна, тој навистина замина, придружуван од поранешните четници на Горанов. По затворањето на Павел Христов, на негово место дојде Мих. Николов, секретар на раководното тело, на кое претседател беше Павел Мил. Николов, родум од Бобишта, учител во Костур. Мих. Николов, за да го ослободи реонот од четите, го испрати поп Филип (поп во Д'мбени) во Битола, за да побара растурање на четата, а Петров побрзо да замине во Ресенско. Поп Филип издејствува таква одлука. Москов беше ученик во Битола и пред Груев го поддржа мислењето дека реонот треба да се исчисти од разните поранешни четнички елементи и одново да се формира чета со нови луѓе, по можност од другите реони. Петров отиде во Ресен со неколкумина другари и четници од четата на Горанов, вооружени со костурски пушки. Во Костурско остана само Митре Влашето со двајцата браќа и со татка си. Митре беше послушен, добар познавач на местата и човек од кого многу се очекуваше при формирањето нова чета, која почна Москов да ја формира уште како ученик. Во тоа време Коте одеше по своите села, по Рулската Река, со двајца другари. Мих. Николов беше слаб човек, не можеше да го замени Павел Христов, ниту да патува и да ги подготвува селаните. По затворањето на Павел Христов и откако се разбра дека нема чета, духот падна и воопшто раслојувањето беше сe побрзо. Селаните ја загубија довербата во луѓето кои ги водеа. Од нив беа земени и пари, околу 200-300 лири, со ветување дека ќе се набават пушки најдоцна за три недели. Остана само да се организира каналот од турска страна. Кузма Стефов неколку пати се обиде да ја заврши работата, но залудно. А парите се трошеа за тие обидувања, за издржување на луѓето и сл. Собраните пари за пушки се потрошија за потребите на четата, за организирањето на каналот. Селаните кои немаа дадено пари за пушки, сами си купуваа од Турците (Арнаутите). По 5-10-15 Арнаути ќе тргнеа по селата со по 1-2 пушки и ги продаваа за 180-200 гроша пушка и по 7 г. пакетче патрони. Благодарение на нив, селаните можеа да се вооружат. Тоа се случуваше од Божик до Велигден 1900-1901 година. Во текот на јануари и февруари 1901 г. Павел Христов преку четата забрани да се купуваат пушки од Арнаутите, зашто очекувал истите пушки, поевтини, да дојдат од Грција преку каналот кој уште не беше организиран во внатрешноста. Со тоа се намали купувањето на пушките, но не се прекина сосема. Сето тоа помогна да ослабне револуционерната идеја. Кога видоа дека внатрешниот канал уште не е организиран, Чакаларов и Манол Розов, кои веќе беа купиле пушки во Грција, одлучија сами да ја спроведат дистрибуцијата на оружјето. Се договорија Манол Розов да оди во Костурско, да земе добиток и да дојде на граница. Но, Розов со курирот стаса само до Кожани, кај што беше фатен, затоа што немал пасош. Се потрошија многу пари за да се ослободи, но залудно. Го преместија во Суровичево и во Битола, кај што остана еден месец. Поради хартиите што биле најдени кај него, во Корча беше осуден на една година затвор. Вкупно, Розов в затвор остана година и половина. Во почетокот на јули 1901 година, Москов, кој штотуку го заврши седмиот клас во Битола, дојде со полномошно да го преземе раководењето на реонот. Требаше да се назначи учител во Костур и од таму да се влијае. Јас во Смрдеш енергично ги водев работите. Очите на сите револуционери во реонот беа свртени кон Смрдеш. Мих. Николов дури му се пожалил на Москов заради предоминацијата на Смрдеш. Во моментот кога Москов правеше план и бараше начин како да ја реорганизира Организацијата во реонот, се врати Петров со четата од Ресенско. Тој објасни дека во Ресенско биле лишени од многу работи, не можеле веќе да го поднесат таквиот живот, па посакале да се вратат во Костурско. Москов нареди да не й се дава леб на четата на Петров по селата, зашто се разбра дека него и во Ресенско не го сакале. Петров не се покори, не сакаше да се врати и повторно почна да работи на своја глава. Немаше дозвола да оди со четата, а набрзо и четниците го напуштија. Остана само со тројца со кои се криеше по селата. Четворица негови четници отидоа во Грција. Митре Влашето, со своите браќа и татко си, се движеше околу Кономлади, се прикриваше, но не можеше да ја забрза работата. Коте откако престана да доаѓа во Смрдеш, главно се врткаше во Рулско село. Еден ден, неговите другари со неколку селани од Желево, за пари ги нападнаа под Трново еден бег и неговиот син (од арнаутлук). Го отепале синот, а бегот се предал. Кај него нашле само 9 лири. Несреќниот татко од жал умрел пред доаѓањето в село. Поради оваа случка од Кономлади фатија 7 души, од Брезница 8, од Трново 3 и од Бесвиња 1. Сите беа измачувани, но само 1 трновчанец кажа сe. Во Корча некои ги осудија, а оние кои можеа да дадат поткуп, ги ослободија. Тоа се случи во почетокот на јули. Пред тоа, во текот на мај, Коте и неговите другари, пак за пари, нападнале двајца ќаи на синовите на Касим. Иако не можеа да ги убијат, аскерот од Костур дојде во Кономлади и Брезница и почнаа нови измачувања на селаните, кои пак со рушвет се откупуваа. Тоа беа „подароците" од Коте за населението. Георги и Коте, по убиството на синот на бегот, се скараа. Георги и Спиро од Преспа се одделија, додека Коте остана со Тасо и со уште еден. Георги и Спиро дојдоа во Смрдеш, а Коте се упати кон Дреновени кај што се сретна со Москов. Во почетокот на јули, Чакаларов со пасош на туѓо име, првпат дојде во Костурско. Тој дојде со цел да го организира внатрешниот канал и пак да се врати во Грција и да продолжи со пренесување на пушките. Во Смрдеш убедивме неколкумина Власи да му помогнат. Дојде и Москов кој се запозна со Чакаларов, а двајцата разговараа за каналот. Чакаларов се запозна со ситуацијата и сакаше да биде полезен додека престојува во Костурско. Тој се понуди да го ликвидира Коте, по одлуката што ја донесовме ние. Беше сe договорено, но Коте не дојде, туку само Георги со Спиро. По заложба на Чакаларов решивме и овие двајца да не ги пуштаме, штом веќе ни паднаа в раце. На 27 вечерта, Чакаларов сакаше да го отстрани Георги, бидејќи одлуката и за него веќе беше донесена. Москов во Дреновени го планирал истото за Коте и неговите другари. Точно вечерта добив писмо од Москов во кое пишува дека за неделата истото мислел да го направи со Коте и сакаше да се одложи нашето решение. Чакаларов беше против, но јас и селаните бевме за одложувањето и одложивме за утрешниот ден. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||