Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

IX.

Ново раководно тело во Костурскиот реон. Гоце Делчев во Костурско. Женско комитетско друштво во Смрдеш

По затворањето на Павел, за реонски раководител на Костурско беше назначен Москов. Јас бев учител во Смрдеш и централен раководител на околните села. Чакаларов пренесуваше пушки. Ние го сочинувавме комитетот. Михаил Николов, кој божем го заменуваше Павел Христов, се притаи во селото Бобишта и за него никој ништо не слушна. Сe се случуваше во и околу Смрдеш.

Чакаларов отиде во Битола со намера да продолжи во Грција и да ја продолжи работата со пушките. Раководството од Битола го врати назад Чакаларов со обврска да се погрижи за зацврствувањето на Организацијата. Тој, јас, Кузо, Михаил Николов и Москов формиравме раководно тело на Костурскиот реон. Сите бевме рамноправни. Така остана до крајот.

На 26 октомври, како што беше речено, го префрлија Иванчо од Корча во Костур. Москов, Чакаларов и јас одлучивме да го блокираме патот и да ги нападнеме, но мене ме пресретна потера, ме бркаше, пукаше по мене. Одвај се спасив, доаѓајќи во Смрдеш. На тој начин пропадна планот да го отепаме Иванчо, зашто одел по друг пат. Потем се зафативме со реорганизација на реонот. И четата сакавме да ја освежиме со поздрави елеменети. Михаил Николов повторно беше назначен за учител во Костур. Водењето на четата му го доверивме на Петров. Коте се одметна. Го наговаравме Петров да расчисти со Коте, но тој не сакаше да ја изврши таа наредба (четата на Коте имаше 13 души - разни разбојници).

Тогаш во Кономлади неочекувано дојде Делчев со Марко војвода. Со цела чета отидовме да се сретнеме со Делчев. Тој првпат дојде во Костурско околу 20 ноември. Дотогаш знаевме дека Дедчев е висок раководител, каков што беше и Груев.

Делчев се зафати да ги исправи работите и тоа прво во Кономлади. Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото - кражбите, блудничењето... Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата. „Поголем од него нема". Делчев ги викна селаните кои имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на иекого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков. тогашен битолски раководител - во приватна куќа спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко броеше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше - најголемото дело за еден час. Се викаа сведоци. Имаше многу смирувања. Откако сe заврши, се организира собрание за целото село - само мажите. Се покрстија сите непосветени. Одеднаш беа покрстени 30 души, дадоа клетва в црква, навечер, во групи од по 4-5 души пред сите, на заедничкото собрание. Најчесто Марко ги заколнуваше, а Делчев, како и Москов, држеше говор. Делчев, речиси им ја исцрта состојбата, им го прераскажа минатото на селото опишано во разни книги, ги покани да се сплотат.

Се формира раководно тело. Се назначија десетници, се определија правата и должностите. Раководното тело беше задолжено со судска власт во иднина да ги разрешува судските спорови. - „Не е убаво, велеше Делчев, сега кога претставуваме таква сила, да одиме да се судиме кај Турците. Сe треба да земеме во свои раце."

Кога му ги опишавме на Делчев делата на Коте, кои ги потврдија Марко и Георги Пешков, побаравме Коте да се казни. Тој исто беше викнат и со својата чета седеше во друга куќа. Се видоа со Делчев. Делчев се согласи и одлучи уште вечерта кога ќе заминуваме да се нападне Коте (тој, Петров и Геле од Трсје се наоѓаа во куќата во0 која беше и Делчев). Но, пред да се изврши казната, не известија дека сме предадени во Костур и дека доаѓа аскер. Чакаларов настојуваше пресудата да се изврши уште истата вечер. Делчев не сакаше да се брза и на крајот не се случи ништо зашто набрзо се префрливме во Поздивишта (половина час одење). Георги Пешков сакаше преку Лерин да се врати во Битола, но во Лерин беше фатен и затворен. Во Кономлади дојде и Славејко Арсов за да влезе во Марковата чета (Арсов е подоцнежен ресенски војвода). Аскерот го опколи Кономлади, ги претресе сите куќи и ништо не најде. За да го оддалечиме вниманието на аскерот, одлучивме да го нападнеме татко му Трајана во селото Рула. Отидоа четници со Коте и Чакаларов и ја завршија таа работа. По ова Делчев беше подготвен да му прости на Коте. Чакаларов првпат пред четниците направи такво дело: го беше исекол на парчиња. Митре првпат видел такво нешто и кога дојде кажуваше дека Чакаларов бил многу жесток човек. Аскерот од Кономлади веднаш се префрли во Рула да ги фати комитите. Во меѓувреме. Чакаларов со Митре и со некои лерински четници веднаш отишле во Кономлади и ги казниле со смрт двете жени кои не предадоа во Костур и уште една за развратниот живот, за опомена на сите слични жени.

По ова, кога виде бимбашијата дека ќе стане кланица само заради него, се повлече со аскерот во Костур и ги прекина истражувањата. Доаѓањето на Делчев, убиствата и повлекувањето на аскерот, многу влијаеше врз сите, дури и врз најмалодушните дека, сепак, нешто сериозно и големо се подготвува и дека тоа не е шега. Голем потрес предизвика и убиството што го изврши Кузо на 8 ноември (пред да дојде Делчев) среде Загоричани. Тој го отепа гркоманот Карамачо, Бугарин, предавник и силен приврзаник на грцизмот. Среде село Кузо и неколкумина четници го пресретнуваат, пукаат во него, тој паѓа, а потоа му ја здробуваат главата со кундаците,

По сето ова се повлековме во Д'мбени, кај што во присуство на Делчев се одржа испитувањето на оние четница н и водачи кои имаа направено повеќе гревови. Се разгледаа и делата на Коте. За него Делчев рече дека заслужил смрт, но претполага дека во него сe уште има прилично свест, дека ќе се соземе и дека во иднина ќе биде добар работник и затоа му простува. Коте ги призна своите грешки, се извини велејќи дека дотогаш немало некој кој да му објасни дека толку била сериозна одговорноста. Вети дека ќе биде послушен. За да го следи однесувањето на Коте, Делчев реши да го земе со себе 1-2 месеци, а потоа да го врати назад.

На тој начин сите четници, откако беа разгледани нивните гревови, се смирија. Некои отидоа во Грција, според одлуката на собранието, да се тргнат, едни, затоа што не одговараа за четите, други затоа што беа женети и требаше да се грижат за семејствата.

На 3 декември тие што останавме заедно отидовме во Смрдеш. И тука Делчев го повтори истото што го направи во Кономлади, собра многу пари, со потврди од позафатените селани, ги уреди сметките на селскиот комитет. Дотогаш парите јас ги евидентирав неопитно и нередовно. Делчев ни покажа како да се водат. Направи општо собрание на кое ги разубеди селаните за времето на востанието, во што ги заблуди Петров со својата агитација. Одржа говор, ги оживеа духовите, дури предизвика и ентузијазам. Со одлука на Делчев во Смрдеш се формира Женско комитетско друштво со цел да помага со: алишта, курирски услуги, криење и сл. По прашањето на Женското друштво не бевме единствени: јас и Кузо бевме за, Чакаларов и Москов против, главно од страв да не се јават оговарања особено затоа што еднаш веќе имаше случај со учителка и војводата Горанов.

Во тоа време од затвор излезе Лазар Поп Трајков. Прво отиде во Д'мбени, а потоа одеше со нас и со Делчев по селата. Кога бевме во Смрдеш, Чакаларов и Москов отидоа во Д'мбени да го пресретнат Сафедин-ага од Св. Недела. Марко со четата и Кузман Стефов отидоа во Брезница да ја реорганизираат Организацијата. Важно е да се подвлече дека сега сите селани беа учесници, знаеја и жените, сите се чувствуваа еднакво виновни и еднакво приврзани. Сафедин не поминал по патот, па не можеле да го ликвидираат. Околу 15 декември случајно дојде аскер да го бара Кљашев и други „фирари" (илегалци: фирар буквално значи човек баран од власта, но сe уште на слобода). Се исплаши цело село, никој не доаѓаше кај нас. Првите денови не претресуваа по куќите. Марко, кој го обожуваше Делчев, кога слушнал дека во Смрдеш влегла војска, за да не му се случи нешто на Делчев, решил дење да ги нападне ќаите на Касим во Брезница, за да го пренесе вниманието на војската таму. Селаните го молеле да не го прави тоа, а Марко испратил луѓе во Смрдеш да наслушнуваат што се случува и во зависност од тамошните случувања да ја определи својата активност. Ни испрати и две писма. Ние во текот иа ноќта се повлековме низ војската и влеговма в планина. Со нас беше и Лозана Фотева - „фирарката" (ја предал Иванчо). Аскерот си замина. Ние тргнавме во Дреновени, а оттаму сакавме да се упатиме во Пополе. Беше околу 17 декември. Во Дреновени Коте го замоли Делчев да го пушти да оди до Рула, да се збогува со домашните, зашто Делчев сакаше да го земе со себе. Му дадовме една лира и со Митре Влашето и неколку четници Коте тргна кон Рула, а ние кон Вишени. И во Вишени имаше судски дела, свечено собрание и сл. Тука имаше и знаме, па и бакнување на знамето. Се држеа говори, се објаснуваше целта на делото, се поттикнуваше. Селски чети овде немаше. Потоа се поделивме - јас и Делчев со еден дел од четите отидовме во Черешница. а Москов, Чакаларов и Поп Трајков - во Блаца. И тука се случи истото. Пред Божик се прибравме во Загоричани. Тука од едно писмо од Митре разбравме дека Коте се откажал од Делчев, дека не сака да го слуша и дека тие се враќаат без него.
И во Загоричани имаше собрание. Јас отидов да направам собрание во Бобишта, кај што чета немаше стапнато, исто и во Бомбаки и во Куманичево, кај што исто така првпат влегуваше чета. Дојде до големо раздвижување. Георги Поп Христов од Битола дојде да се види со Делчев, како и Христо Силјанов од Грција.

Бидејќи Чакаларов остана во Костурско, без негово знаење Силјанов од Битола го пратиле во Атина да ја продолжи неговата работа со пушките. Татко му на Силјанов бил охриѓанец, се оженил во Цариград за Гркинка, умрел млад. Христо со сестра си и поголемиот брат останал кај роднините на мајка си, пораснал како Грче, потоа отишол во српско училиште во Цариград, и најпосле доаѓа како бугарски стипендист во 3. клас во Солун. Подоцна заедно завршивме гимназија во Битола. Една година беше учител и раководител во Прилеп, а во текот на распустот во 1901 година беше во Атина. Тогаш, немајќи искуство и немајќи ги врските што ги имаше Чакаларов, не направи ништо и се врати назад разочаран.

Во Загоричани најпосле пред Делчев излезе и Михаил Николов кој дотогаш се криеше во Костур. Во селото се направи собрание на Нова година. Имаше и карневали, играње, веселба. Тогаш во куќата во која беше Петров влезе гркоманот Илко Поп Анастасов, бивш грчки учител, облечен во расо, иако незапопен, како шпион на грчкиот владикака, и ги виде четниците. Четниците го фатија, се подигриуваа со него, му се заканија и го пуштија. Тој - право во Куманичево, кај што има Турци. Ги фрлил расото и шапката, облекол турски алишта и рекол: „Од денес натаму јас не сум христијанин - одете, известете ја власта, дека во Загоричани се кријат комити". Ни јавија навреме. Во планината отидовме на 2 јануари. Беше студено. Аскерот го опколи селото, фати неколкумина, меѓу кои и учителката Маслина Грнчарова, ги однесе во Корча, кај што беа осудени на 3 години затвор. По една година ги амнестираа.

Пред тоа Делчев побара доброволец да го отепа Трајана од Костур. Се јави едно момче, Христо. Тој на одење му рече на Марков дека има куќа во Лерин и дека можат да ја продадат, за комитетот. Имал и жена.

Христо го отепа Трајан и избега. Аскерот, враќајќи се од Загоричани разбра за убиството и почна да го брка. Еден Влав со коњ го сретнал Христо. Овој не се сетил да го симне Влавот и да му го земе коњот. Бимбашијата го сретнал Влавот, дознал од него каде отишол Христо, го зел коњот и го стасал. Почнала престрелка, пристигнал и аскерот и Христа го отепале. Го однесле во Костур, ги собраа луѓето од селата да го препознаат, но бидејќи тој беше од Лерин, од четата на Марко, никој не го позна. По 4 дена го закопаа во Апоекеп. Грците не дозволија да се закопа во градот.

По ова повторно се собравме во Загоричани. Работата вака ја поделивме:

- Четата се дели на два дела - едната ќе дејствува во Корешта. За водач беше назначен Митре (како воен раководител), а за началници и раководители на реонот - Москов и Чакаларов.

- Во втората чета водач беше Петров, а Кузо и јас началници и раководители. Јас бев во Пополе.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik