Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

ПРЕДГОВОР

За да се оцени објективно денешната состојба на духот на македонските Бугари, откако турското владеење над Македонија се замени со уште поцрно ропство под новите завојувачи, треба, пред сe, да се знае борбата што измаченото македонско население ја водело против Турците, да се знаат големите жртви кои ги давало во текот на десетлетијата поради големата желба да извојува слобода, за да може човечки да живее.

Ослободителната идеја, која по Берлинскиот договор постепено ги опфаќаше македонските Бугари, најде реален израз во Македонската револуционерна организација која се формира во текот на 1894 година. Раководена главно од пораснатите пообразовани генерации, Организацијата систематски го подготвуваше народот да се охрабри да поведе одлучна борба против турското царство. Во перипетиите на таа, во секој однос, херојска борба, на нејзината највисока точка - сенародното востание во Македонија и Одринско во 1903 година, се гледа душата на македонскиот Бугарин, способна да се жртвува за идејата за слобода.

Во детали треба да се изучи овој период на голем идеализам, потхрануван од наивната верба во симпатиите на христијанска Европа - на „Големите сили", дека нема да дозволат страдањата на Македонија да продолжат бесконечно, дека задолжително ќе се ангажираат за да помогнат, да и подарат слобода - но, Македонците увиделе дека мора најнапред сами да докажат, со беспримерен хероизам - дека се достојни за неа.

За жал, неповторливите жртви кои Македонците ги положија на олтарот на слободата, не ја трогнаа хуманата Европа и слободата не дојде. И покрај тоа, за чудо, народот кој буквално беше сосипан по востанието во 1903 година, најде во себеси волја и сила да ја продолжи борбата. Тој не фрли анатема врз инспираторите и водачите на востанието, не посака да бара одговорност и да казнува. Зашто во нив тој се гледаше себеси, зашто веруваше во нивната искрена верност кон светото народно дело, нивната во многу случаи детинска неопитност и нивните осуетени благи надежи во просветениот европски свет.

Со несреќното Илинденско востание не заврши ослободителното движење, на кое му беше пишано да преживее уште едно големо разочарување, повторно следено со големи човечки страдања: тоа беше изневерувањето на Младотурците спрема македонските борци, кои им поверуваа со голема наивност, слегоа од планините и го положија оружјето. Но тоа не им беше доволно на Младотурците, туку за да се осигураат подобро, посакаа со страшни мачења да го разоружаат сиот народ, со планирани убиства на старите водачи и четници засекогаш да ја обезглават револуцијата. Тие се излажаа. Народот не ја изневери ослободителната идеја на паднатите синови и не се откажа од големата идеја. Балканската војна и големата војна потоа 1915-1918, во кои докрај учествуваа и македонските Бугари, беа последица на тврдокорноста и измамата не само од страна на Младотурците, но и на сите мали и големи фактори од кои зависеше подобрувањето на горчливата судбина на Македонија. И двете војни завршија несреќно за Македонија. И покрај сe, таа пак е жива: од македонските пепелишта повторно се издигна маченичкиот глас: „слобода или смрт!"

Едицијата „Материјали за историјата на македонското ослободително движење", чие печатење почнува со оваа книга, ќе изнесе драгоцени податоци, од кои до најситни детали ќе се види во какви несфатливо мизерни услови се водела ослободителната борба во Македонија, како добрите македонски селани и нивните пообразовани чеда, родени за мирен, плодотворен живот, но вовлечени во борбата за ослободување и следејќи ги искуствата од воените методи за таква борба кај други народи, често се преиначуваат во најсурови луѓе, подготвени спокојно да убиваат и свои блиски во името на светата идеја. Историчарот и од примерите на таквата суровост ќе донесува заклучоци за народната психа во клучните моменти на саможртвата и самозаборавот, во миговите на длабока масовна психоза.

Нема сомневање дека во целото ослободително движење на Македонците од 1894 до 1903 година, највозвишената точка е Илинденското востание. До избувнувањето на Востанието, во Бугарија речиси никој не претпоставуваше дека народот во Македонија се подготвува за толку ризична работа - масовно да стане против турското царство, кое во слични случаи најжестоко одговарало со оган и меч. Беше 20 јули, Илинден 1903 година, кога на молба од покојниот Христо Матов, а со мое посредување, претставници на сите политички партии на земјата одржаа собрание на Универзитетот за да издадат едно многу важно соопштение. Со собранието раководев јас. Никој, вклучително и јас, не знаевме што ќе содржи соопштението. Кога Матов кажа дека на тој ден во Македонија и Одринско народот дигнал востание и дека можеби точно во тие минути веќе тече неговата крв, собранието остана замелушено и во почетокот никој не сфати дека станува збор за сериозно востание, дури се допушташе дека во излагањето на Матов се преувеличува нешто направено пребрзо но, кој знае дали сe се остварило во замислените размери. Христо Матов, член на тогашното задгранично претставништво на Внатрешната македонска револуционерна организација, со своето излагање сакаше да го сврти вииманието на бугарските општественици кон сериозноста на надворешната положба, која поради востанието се создаваше и во Бугарија за да се имаат предвид последиците кои можат непосредно да ја засегнат и Бугарија, како и потребата да се помогне со храна и со прифаќање на населението во случај на катастрофален крај.

Информацијата за почетокот на востанието во дотогашната историја во која дотогаш воопшто не бев упатен, силно ме возбуди. Предвидував ужаси и стравотии, му се восхитував на народот, подготвен да ризикува сe што му е мило и сакано, да се одважи на сигурна гибел.

Востанието се следеше со трепет. За жал, најлошото се случи само по два месеца. Турците ги применија најварварските средства, ги палеа востаничките села во Еитолскиот вилает. Страшно чувство го обзеде секој колку-толку човечен и патриотски Бугарин.

Кон средината на октомври беше сe готово - востанието беше во крв задушено, а река бегалци, меѓу кои и повидни учесници и раководители на востанието веќе течеше кон Бугарија. Тогаш првпат видов многумина од војводите кои учествуваа во востанието, и со секнат здив го слушав нивното кажување, што се случувало и колку се страдало, колкав хероизам покажале простите македонски селани и нивната челад. Си мислев дека настаните за кои тогаш сите толку живо си спомнуваа до најситните детали, за кусо време ќе се заборават, дека главните дејци - раководителите на востанието, кои најдобро знаеја да ги објаснат тие настани, се смртни луѓе, дотолку повеќе што многумина од нив изјавуваа дека штом ќе помине зимата пак ќе одат во Македонија да умрат за делото. Тогаш решив да спасам за историјата, колку што може со запишување на сеќавањата на повидните револуционери кои се наоѓаа во Софија во текот на зимата 1903-1904 година - сe за што се сеќаваа како учесници во македонското ослободително движење. Идејата беше прифатена и многумина ја прифатија поканата да дојдат кај мене за да го запишам поважното од нивните спомени. Средбите обично се одржуваа навечер и траеја по 6-7 часа. Знаеја моите гости, дека станува збор за материјали за идната историја на македонската револуционерна борба и затоа секој искрено нагласуваше дека ќе ја кажува вистината. Јас постојано поставував прашања кои се однесуваа навидум и на малку важни работи, па често собеседникот беше во недоумица дали таквите ситници заслужуваат внимание. Особено настојував да се сетат на имињата на учесниците на секој покарактеристичен случај, каде се родени, што работеле пред тоа, какво образование имале итн. Од раскажувачите, освен кусите биографски податоци за себеси, барав да ми ги кажат и почетните влијанија врз нив што придонесле да се заинтересираат за македонската револуционерна борба и да го посветат својот живот на народното дело. Ги прашував и за литературата која, можеби, влијаела во таа насока.

Поради многуте детали, за кои собеседниците, некои меѓу нив покажаа восхитувачко помнење на имиња, датуми и настани за настанатата состојба, средбите се оддолжија и траеја преку целата зима. Меѓу првите со кого разговарав е авторот на спомените публикувани во првата книга на оваа едиција - Славејко Арсов-Ресенски, војвода во Илинденското востание. Првата средба со него, како што е нагласено и во ракописот кој ги содржи спомените, се случи на 9 декември. Потоа следеа уште 10 средби: на 10, 11, 13, 15, 16, 19, 20, 21, 22 декември 1903 и последната на 24 февруари 1904 година. Брзо потоа Славејко Арсов, кој беше симпатичен, тивок и деликатен човек, замина за Македонија, каде во 1905 година загина во еден судир со Турците.

На сличен начин ги распрашував и Пандо Кљашев, дејствувал во Костурско. Даме Груев, Борис Сарафов, Чернопеев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Георги Поп Христов (Битолско), Михаил Герџиков (Одринско), Иван Попов (Костурско), Дејан Војвода, Смиле Војданов и Никола Митрев (Охридско), Петар Христов Јуруков (Дојранско-Кукушко и др.), Никола Пушкаров (Скопско), Ангел Андреев (Демирхисарско, Охридско-Костурско), Лука Џеров (Демир Хисар и Кичевско), Лазар Димитров (Дебарско), Сава Михајлов (Џумајско), Иван Анастасов Грчето (Мелничко-Петричко), Иван Георгиев Гарванов (Солун), Христо Татарчев (Солун) и Павел Георгиев Шатев (Цариград-Солун).

Сакам да нагласам дека пишував како што ми раскажуваа, трудејќи се целосно да го зачувам јазикот на раскажувачите; оттука моите записи имаат речиси целосно карактер на оригинал на авторски спомени.

Кога поголем дел од овој вид материјали ќе биде публикуван, ќе може врз нивна основа да се напише објективна историја за македонското ослободително движење, во која праведно би се оцениле раководните личности, мотивите на нивното делување, како и поважните настани кои имале решавачко значење за развојот на ослободителното дело.

Сите гореспомнати дејци, чии спомени на овој начин се зачуваа, веќе се покојни, со исклучок уште на 5-б-мина.

Овие спомени, како и другите материјали од овој вид, кои се собраа подоцна, или кои допрва ќе се соберат, со време ќе можат да се сместат во оваа едиција која започнува со оваа книга, се разбира, доколку се значајни за историјата на македонското ослободително двнжење.

Софија 1. 4. 1925
Љ. Милетич

Почеток | <<Назад | Напред>>

granicnik