Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

VIII.

Решението на Конгресот во Солун за востание. Капетан Давидов во Ресенско. Првиот судир со турската војска

Кон крајот на декември, во Солун се собрал Конгресот на кого Битолскиот вилает го претставувал Лозанчев. Нас во Ресенско и лично мене со ниеден збор нe не прашаа што мислиме ние за востанието. Не знаевме дури дека имало конгрес во Солун, мислевме дека е обично собрание. Главниот учител од Ресен, Лука Групчев (родум од Охридско) беше бил во Русија и на враќање се сретна со мене во селото Евла. Ми кажа дека Лозанчев е во Солун и дека кога ќе се врати ќе ни ги соопшти новите инструкции за идните дејства и четничкиот устав. Само тоа го разбрав. Наскоро, околу Божик, во Битола почнаа да доаѓаат селани од Цариград во групи - по 50, по 100 души одеднаш, од разни села, а оттаму се растураа во Леринско, Костурско и Ресенско. Во Ресенско доаѓаа по 10-15 души, а до почетокот на востанието вкупно се вратија 1000-1100 души. Кога ги распрашавме луѓето, дознавме дека Комитетот во Цариград ги делел собраните пари (повторно од нив), по 150-200 гроша за да си дојдат. На многумина им било речено: одете, таму ќе најдете готово оружје. Така им рекле во Цариград, по заповед на Централниот комитет во Солун. По иницијатива на ЦК од Солун, во Цариград се формирале две чети, намерно испратени една во Битолско, една во Ресенско за да ги вооружиме и облечеме. Тие имаа веќе и војводи: на ресенската чета војвода беше Алексо Шуменов, родум од село Дупени (Ресенско), а на битолската чета војводата беше од Ѓавато, снабден со 60 лири кои му ги врачи на реонскиот војвода Цветков. Ресенската чета дојде без пари, без ништо, а и војводата немаше никакво искуство. Јас го имав покрстено пред половина година, а тој отиде во Цариград и се врати како војвода со препорачано писмо до мене од Цариград, од Централниот комитет и од окружното раководно тело. Се најдов во непријатна ситуација, многу од моите стари четници и од населението не гледаа во него опитен војвода па дури и му се потсмеваа. Јас самиот не знаев каква улога ќе има неговата чета покрај мојата, а и оние кои го испртија не знаеја зошто го препорачуваа како добар, кој може да води чета; му рекле дека ќе добие оружје кај нас, а мене за тоа ништо не ми јавија. Му кажав дека реонската каса не е во состојба да вооружи 30 души, за тоа требаат по 10 лири за секого, дека реонот не е во состојба да храни чета од 50 души (тој водеше 30, а јас броев 20 души); освен тоа, му реков, дека немам поим за целта на неговото доаѓање. Му советував момчињата да се разотидат по селата, тие беа ресенчани, таму подолго време да се подготвуваат, да станат поискусни, да се снабдат со сe и да го чекаат моментот. Така и се случи. Тоа беше околу месец март. Пред да дојде оваа чета, од Битола добив известување, дека било решено таа пролет и лето да го дигнеме востанието.

Во тоа време дојде и капетан Давидов - околу 10 февруари. Давидов пред тоа ги имаше обиколено Битолско, Леринско, Преспа и дојде во Ресенско. Се сретнавие во Болно, првпат. Беше скромен, кроток, тих. Тој не даде никакви инструкции за нашите чети. Се прошири глас дека ќе дојде офицер - тој одеше во комплетна офицерска униформа - со сабјата, со медалите, капата со шинел-палерина, со еполетите... Тоа оставаше впечаток врз луѓето, доста охрабруваше. Зборуваше дека е решено да се дига востанието. Тој дојде заедно со својот секретар Христо Настев (од Штип) и со цела чета момчиња, вооружени со пушки манлихерки, а некои со револвери ганд, лебел и др. Тие ни зборуваа и за луѓето на Цончев, ги напаѓаа, но нам тие работи ни беа далечни и не беше добро еден офицер да зборува против друг и затоа Сугарев му рече дека е подобро да се воздржат од тие критики, кои кај народот будат само сомневање. Не ги разбиравме тие состојби и нe не интересираа. Ние воопшто не бевме во тек со тие прашања.

15.12

Два дена пред да се сретнеме, Давидов добил известување дека Пиперката бил опколен во некое демирхисарско село. Давидов побрзал со група селани од Болно и Лева Река на помош, но пред да стигне во Демир Хисар дознал дека Пиперката успеал да се ослободи. Се вратил назад, во Болно. Точно во тоа време тука дошле четници од разбиената Езерска чета (Охридско). Ја разбиле кај Конско; тогаш го убиле и војводата поп Христо (од Велгошти) заедно со 3 момчиња (пак предадени). Се собравме речиси 3 чети - околу 54 души - па не можевме да се движиме во група: половината отидоа во Избишта, на чело со другар ми Пенчо, а, пак, јас, Давидов, Кокарев (еден од членовите на Градското раководно тело во Ресен), Стрезов (исто член на Градското раководно тело) - отидовме во Јанковец. Во текот на денот во Избишта случајно отишле неколку заптии, ја забележиле четата и почнала борба (биле 10-тина души заптии); брзо дошле и други Турци на помош, а до Ресен има еден час. Ние забележавме дека еден заптија, гологлав, викаше колку што го држи гласот и трчаше кон Ресен. Се слушнаа и пукотници - беше јасно дека има битка.

Тоа беше првата битка со војска. Беше пладне, 18 јануари (еден месец пред поклади). Во текот на денот набљудувавме што се случува - приближување на војската која дојде на помош, башибозукот. Четата (20 души) беше излегла надвор од селото, а само 5-мина беа останати во една куќа; и едните и другите се биеја. Ние не се решивме во текот на денот да излеземе од Јанковец, кое има 200 куќи (најголемо бугарско село во Ресенско), за да не го уништиме селото, додека Избишта има 30 куќи, така што загубата ќе биде помала ако не настрада и Јанковец. Избиштани, додека се одвивала битката - избегале в планина. сите. Попладнето добивме известување од долните села на реонот (Царевдвор. Дрвени, Дупени. Евла). Селаните биле во Ресен на пазар и се се разбрало: бараа дозвола да одат да им помогнат на опколените. Им се одговори да си седат мирно, дека тоа не е нивна работа, а на опколените има кој да им помогне. Во исто време се направи распоред: во Сопотско, Лева Река, Златари, Кривени и Круше да бидат собрани по 10 момчиња, наоружани. А на Боинци им порачавме уште дента да одат на помош со 15 души. Додека стасал распоредот, на помош веќе отишле од Болно, Лева Река и Круше. Тие се упатиле веднаш штом ги слушнале пукотниците, без да чекаат одговор од нас. Болничани веднаш помогнале, се приближиле одозгора, се разбрале со нападнатите и почнале заедно да дејствуваат. Леворечани како што оделе по реката надолу, виделе 7-8 души во црни алишта кои оделе кон Избишта и, бидејќи помислиле дека се селаните од Кривени, тргнале по нив, се наближиле на 200-300 чекори. Тогаш аскерот отворил оган, го убил првиот (Стефан) а вториот го ранил во раката. Тогаш селаните легнале, отвориле оган и се заштитиле. Местото било многу несоодветно - рамно. Крушани, кои доаѓале на помош, биле близу, ги познале по гласот на пушките, виделе каква е работата, притекнале на помош, отвориле оган, а Турците почнале да се повлекуваат. Откако пукале уште малку, леворечани и крушани се вратиле во селата. Убиениот го оставиле на местото, зашто се плашеле од Турците. И Турците така направиле, така што трупот на убиениот го дигнале дури другиот ден.

Околу Избишта, во 3 часот попладне се собра околу 300 души војска и башибозук. Запалија една племна близу до куќата на опколените, а околу 6 часот со гас ја запалија и куќата. со помош на бабите кои останале в село. Две момчиња, откако останале без патрони, излегле надвор за да не изгорат живи; едното го отепале на 5-6 чекори од куќата, а второто на прагот. Другите три охридски момчиња останале внатре, замаени од чадот, ги фатиле. Околу куќата имало и 7-8 отепани Турци. Турците продолжиле да пукаат во куќата, мислејќи дека внатре имаше уште комити и околу 6 часот, на стемнување, го собраа башибозукот да си одат. Тогаш настапи времето за нас. Околу 6,30 вечерта ние, 29 души, тргнавме и минавме крај Кривени, кај што ги оставивме гуните, им порачавме на крнвенци да ги приберат и да ги однесат над селото. Според пукотниците, ние мислевме дека битката уште трае. Оние 20 момчиња надвор од селото почнаа да заминуваат точно кога ние наближивме до Избишта, преку планината во Болно. Дојдовме до селото. Турската стража нe пречека со оган, ние се упативме кон запалената куќа и исто отворивме оган. По неколку истрели и „ура!" колку што ни држеше грлото, Турците одговорија со викотници. Во тоа време пристигнаа уште околу 75 смилевци (60 смилевци и 15 души кривенци тогаш што ги беа собрале); кога слушнале пукотници тргнале на помош и неочекувано отворија оган од другата страна. Кога Турците го видоа тоа, цела линија се откина и в паника се скрија во куќите, пукајќи неколку пати. Бабите подоцна ни расправаа дека по 40-50 души се пикале во куќите, стискајќи се од страв и чекајќи ѓаурите да ги нападнат. Ние пукавме, викавме, но не се јави никој. Мислевме дека Турците ја држат позицијата во селото. По 2,30 часа прекинавме со огнот, истото го направија и смилевци и кривенци и без да се видиме, тие си заминале назад. Ние отстапивме и отидовме во Кривени и таму разбравме за смилевци и кривенци. Потоа отидовме в планина. Запаливме оган - имавме ќумур - и останавме некое време. Уште ноќта од Охрид дошол цел полк пешадија, а од Битола пешадија и кавалерија. Последиците од тоа беше грабежот на Избишта; сегде кај што влегле Турците сe ограбиле, а двајца селани биле убиени во пресметките. Утредента фатиле двајца од селото и ги затвориле; патем го нашле и отепаниот леворечанец, го однесле во Лева Река. Но, селаните не признале дека тој бил вооружен, дури тврделе дека најверојатно Турците го убиле. Го фатиле кметот и некои од првенците и ги тепале до полудување - страшно ги мачеле. На едно место виделе малку крв, таму кај што бил ранет вториот, се сетиле дека има уште еден ранет и го барале од селаните. Но тие и по сите маки не кажале. Во тоа време сите сопственици на пушки во Лева Река, 17-18 души, сите вооружени, отишле в планина и таму останале околу 3 недели, додека аферата се смири. Настрадаа и крушани, мнозина беа тепани, но немаше затворени. Немаше факти против нив. Во Болно последиците беа посериозни: тепање на кметот, на азите, а фатени беа и 12-13 души, работници. Со по половина лира рушвет повеќето не беа ниту тепани, ниту затворени. При мачењето некои од селаните се покажаа слаби, та кажаа повеќе селани што имаа пушки, а еден сам ја дал пушката. Од другите - некои се откупија, некои јадеа ќотек, но пушките не ги дадоа. „Немаме пушки", велеа. Откако соседовме со Давидов на Кривенска Планина и потоа уште еден ден во Смилево, поразговаравме за идните работи и се разделивме. Давидов сe уште не беше запознат со работите и, како војник, сe оставаше на раководството во Битола. Тој одеше како ревизор, потчинет на раководното тело.

Отидов во Јанковец. Веднаш продолжив кон Болно, ги собрав сите вооружени од селото - околу 30 пушки - и заедно излеговме в планина. Истата ноќ го фатив и го врзав оној што си ја дал пушката, но на молба од селаните го ослободив додека да се испита како тоа се случило. Повторно во Битола, кај валијата и конзулите, испративме цела група жени, деца, мажи од Лева Река, а потоа и од Болно, да се жалат поради измачувањата и апсењата. Истото го направивме и со избиштаните, поради грабежот. Им рековме да кажуваат дека четата в село дошла неочекувано. На тој начин престанаа измачувањата, ги пуштија сите, освен 9 души од Болно кои, бидејќи беше најдена една пушка, врзани ги однесоа во Битола. Набрзо имаше амнестија и тие беа ослободени.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik