Спомени - Славејко Арсов | ||||||||
XVI.
На Вртушка останавме два дена. Дојдоа двајца од новоназначеното раководно тело од Маловишта (Власи) со ракија. Беа радосни што и нивното село нешто направило за делото, но многу потери тргнале, та не се знаело каков ќе биде крајот. Со мене дојде и Кочо, а Гошо беше со нас. Четата остана на врвот, а јас Кочо, Гошо и двајца четници слеговме во селото со намера да земеме нешто за преврзување и покривање за момчињата. Викнавме неколку селани - им кажав за преврските, ги прашав како гледаат на нашата работа. Тие одговорија двосмислено, а всушност уште утредента нe предале, само што јас вечерта веќе бев во Перово. Кога ја завршивме работата ни дадоа по еден коњ и ние се искачивме на врвот. Ги поделивме на момчињата преврските и по вечерата тргнавме кон Перово, а Кочо го оставивме во Езерани, да ги собере таму сите жени и мажи од Подмочани и да ги однесе во логорот над Подмочани, зашто мислевме дека таму е подобро. Јоше отиде во Перово со иста цел. Се обидувавме повторно да ги собереме селаните од Подмочани: речиси половина храна од ова село остана неожнеана, па постоеше опасност да пропадне. Требаше не само да се жнее, туку и да се собира. Откако ги зел жените, Кочо тргнал кон логорот, но в зори се нашол од сите страни опколен - откај Маловишта (до 1500 души), откај Преспа, откај Наколец, третата од Ресен - опколен од 3 страни. Кога го опколувале тој уште бил во долот кај женнте и им ги кажувал дневните обврски. Стражата му јавила дека потерата е блиску. Стражата му откажала - не пукала, туку едноставно се повлекла. Кочо тргнал кон стражата, но таму веќе имало Турци. Успеал да пукне 3 пати и паднал мртов. По ова војската ги опколила жените, ги обесчестила, ги ограбила и запалила еден дел од шумата. Со едно одделение војската ги испратила жените в град. Другата војска се растурила низ шумата, ја запалила, сретнала 7-8 четници и ги отепала. Тоа се случило на 27 август. Истиот ден Турците го опколиле и селото Маловишта, кај што биле Барџик и еден негов послушен работник - Кочо, Коста. Барџик го однеле над планината, каде ужасно го мачеле, му ги извадиле очите, му ги пресекле рацете и најпосле го дотепале. Селото настрада. Се собра од него сета жива стока од Подмочани. Кога стигнавме во Перово со Гошета, носевме со себе 5-6 товари брашно од складот на Подмочани. Луѓето живееја во трската, во блатото, не смееја да излезат надвор. Над 200 селани од ова село беа на малото островче - прегладнати. Се хранеа со варена пченица. Заклавме 5-6 брава и им поделивме малку месо. Се најадоа, се освежија, се израдуваа што се сетивме на нив. Леб не јаделе 2-3 дена. Се радуваа што ќе ги носиме назад, но уште претпладнето (тоа се случуваше ноќта) припукаа пушки, видовме огнови во шумата и сфативме дека Кочо е опколен и дека таму ќе има жртви. А на островот Град, тогаш веќе имаше стотина мажи, жени и деца, собрани од селата околу Преспанското Езеро. Кога Спиро Олчев отишол таму ги нашол гладни, три дни ништо не јаделе. Изгледале ужасно. Собрал брашно, месо и ги нахранил, но таму наскоро се собрале околу 1500 души. Вечерта од Перово отишол во Покрвеник. Јас го оставив Гошета да дознае што е со Подмочани и со жените. Тука се сретнав со четите од Покрвеник, видов дека паднал духот кај нив, покрај другото и затоа што помош од никаде не доаѓаше. Охрабрував колку што можев. Дали од постапките на Турците или поради очајната положба на селаните, Панајотов исто така очаен, постојано повторуваше - „не направивме добро што дигнавме општо востание, а не партизанско". Тој се оддалечуваше од четата, се плашеше да не бидеме нападнати и затоа во текот на трите недели додека одевме заедно, со 1-2 момчиња и дење и ноќе стража сe тој чуваше. На 21 август, пред големата потера, зеде едно момче и отиде во Покрвеник. Таму им кажал дека доаѓа голема потера, та да си постават стража. Побарал и едно момче да му го покаже патот до Лескоец за да направи исто и таму, побарал и еден леб, иако имал леб во торбата. Тргнал за Стење - прво по езерото, па во малото езеро, па на островот Ахил. Спиро Олчев кога дошол во Горица (на островот} разбрал дека Панајотов отишол во Нивица и му пратил абер да се врати назад. Панајотов на селаните во Нивица им зборувал дека дошол да купува шеќер и сол за четите. Спиро кога дошол во Ореово разбрал дека Чакаларов бил во германската планина и отишол со 10-тина момчиња да се сретне со него. Тогаш го сретнал и Панајотов и го натерал да се врати назад. Отишле заедно в Град. Потоа Панајотов со едно одделение од перовската чета отишол во Перово. На 21 септември војската ја опколила трската и ја запалила. Внатре бил и Панајотов. Го отепале. Селскиот војвода Тасе го фатиле. Сега е затворен. Од Покрвекик за Евла отидов на 28 август. Во планината ги сретнав само четниците од Дупени, Евла и Царевдвор; селани, жени, деца немаше, сите беа однесени в град, начичкани по 30-40 семејства во една куќа. Планината смрдеше од човечките трупови и од закланиот добиток. Четниците раскажуваа дека ги закопувале убиените кои ги наоѓале низ планината. Духот беше опаднат, четниците замислени - ги нема околу нив жените и нивните деца, немаат куќи, покуќнина, жива стока, ништо, малодушни, ја губеа и последната надеж. Охрабрувањата веќе немаа место. Потоа, за да ги оживам малку ги зедов сите со себе заедно, околу 120-130 души, и отидовме на битолската планина, каде што се сретнавме со болнската и избишката чета. Јанковската чета веќе беше растурена. Нивното село не беше изгорено и се собрале во него. Другиот ден царевдворци останаа кај болночани, а момчињата од Дупени, Евла и Дрмени се вратија назад, да го охрабрат населението, кое беше многу очајно.
Отидов во Бигла за да видам во каква состојба се четите од Крушево и Лерин. И војводите веќе беа поколебани, ги советуваа четниците да одат и да си ја бараат стоката. Имаше прокламација во градот, секој што имаше загубен добиток да дојде да каже. Во градот и Турците и Бугарите почнале да ги убедуваат селаните да се предадат, ветувајќи им дека сe ќе им биде простено. Следствено на тоа, мнозина од роднините и родителите биле замолувани да се предадат. Момчињата тоа не го прифаќаа и беа против. Кога дојдов и слушнав за тоа ги викнав сопотската, кривенската, златарската, леворечката и крушенската чета, вкупно 150 души и ги бодрев да издржат, според примерот на смилевските чети, кои броеја до 200 души, според јаворчани и цапарчани кои и покрај многуте искушенија во текот на целото востание, не потклекнаа со духот. Во Златари беа отепани 13 души, како што кажав погоре. Јас ги бодрев, особено да не го продаваат оружјето, да не одат во селата за да не се деморализираат, да одат само четници специјално пратени од војводата, за да земат храна и провизија. Духот на четниците беше уште добар. Вечерта стигна известување од Стефан, војводата од Евла, дека сите четници од Евла избегале сосе оружјето, со исклучок на 5-6-мина. Беа избегале 15-16 души и тоа со намера да се предадат со оружјето. Тоа се случило по подбуцнувањата од страна на граѓаните во градот. Имено, Турците ги убедиле нивните роднини, постарите мажи, да одат в планина и да ги убедат четниците. И по 2-3 дена преговори тие навистина се предале во градот. Со исклучок на тројца. Уште истата вечер ги повикав Груев и Лозанчев од Штабот - тие беа блиску. Се советувавме и решивме да формираме една чета, по 7-8 души од секоја чета, да се обиде да ги фати избеганите, за да стреламе некого од нив. Но четата не успеа да ги најде и се врати без резултат. Тоа беше во почетокот на септември. По ова јас се вратив во Болно, а секоја чета се врати во своето село. Тука немав работа, зашто четниците од Болно уште беа бодри и верни. Отидов во Евла, но таму веќе и оние се беа предале. Тука не следеше потера; беа не предале во Евла. Првпат мене ме предадоа. Потерата беше тргнала кон Охрид. Не гонеше 5-6 часа, но не можеше да не стигне. Се дигна потера и од Петринската кула. Се искачивме на планината Асанџура-Галичица. Таму Турците не дојдоа. Исплашени од истата потера таму сретнав и други чети: покровската, царевдворската и дупенската. Откај Лескоец запукаа пушки, таму имало друга потера. Ние мислевме дека тоа е знак за нашата потера и се подготвивме за битка. Но до битка не дојде. Собрани сите останавме тука. Тогаш одделни делови, по 5-6 души од четата на Спиро, по негова наредба, се одделиле од четата за да се вратат назад од Остров, кај што биле и да се поврзат со некоја чета на Галичица. Овие четници многу страдале - по 4-5 дена јаделе тревки, лешници, јаболка и др. Некои од нив очајни, веќе се предавале. Се слушна дека и перовчани во тоа време биле опколени во трската. Оние што биле фатени надвор од трската, биле измачувани, жените ги обесчестувале пред мажите и ги принудувале сите кои биле во трската да ги молат да се предадат. Тука се предале 12 вооружени четници. Турците им зеле на селанпте сe што имале во трската, а селаните голи и боси се растуриле по селата. Неколку дена подоцна, тука доаѓа уште едно одделение од Островот од перовската чета во трската, виделе дека сe е ограбеио и растурено и кога разбрале сe, поколебани од очајните селани, сите се предавале, со исклучок на селскиот војвода Тасе и Александар Панајотов (поручник). Тие не се предале, но останале во трската, а по 3-4 дена го убиле Панајотов, а Тасета го фатиле. Коле Царевчето избегал, се спасил. Така завршуваат перовчани. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||