II Писмо на Сониксен по повод опожарувањето на Ниси | ||||||||
„До британскиот конзул, Почитуван господине, На последниот конгрес на Бугарскиот револуционерен комитет, што се одржал во текот на минатиот октомври, беше решено во иднина сите поплаки или молби од населението до странските претставници да се упатуваат директно до конзулите. Бидејќи цивилните агенти досега се оѕвивале на поплаките на населението како бездушни ѕидови, во иднина тие ќе бидат по истиот начин пренебрегнувани. Војводите на Воденскиот, Караферискиот и Пазарскиот револуционерен реон се единодушни во верата, дека од сите странски конзули во Солун само вие, претставникот на Велика Британија, би сте пројавиле човечки интерес за положбата на населението во Македонија. Бар се верува дека вие ќе направите сe што зависи од вас, за да му ги претставите на вашата влада фактите такви, какви што се. Поради оваа причина јас ова писмо го испраќам само до вас. Пред неколку недели ви напишав и ви објаснив зошто револуционерните сили од тие реони го изгорија Ниси. Ви кажав дека било заземено месно решение за секое бугарско село, нападнато од четите на грчкиот владика, да се изгори едно грчко село. Преку ноќта, откако беше изгорено Ниси, Грците одново ги нападнаа Бугарите, кога изгорија три куќи во селото Голишани, убија еден селанец, ранија друг и исклаа 17 вола. Наспроти заземеното решение, земајќи предвид исто така дека Ниси тешко настрада и со надеж за мир, не беше преземена никаква казнена мерка. Инцидентот беше надминат. Меѓутоа и покрај тоа што го дале последниот истрел, тоа не ги задоволи Грците. Во следната војна во текот на неделата тие беа тешко поразените, бидејќи нивните напади на селата во секој случај беа одбивани. Сега тие прибегнуваат кон друга тактика. Таа изутрина ја добивме веста, дека минатата ноќ, кога селаните се враќале од пазар во Караферија, Грците ги нападнале и убиле 4 и раниле 2. Убиените се Доне Париш од Миноспата, Ангел Гешов, ранет, од истото село, Џоџа Трпчок и Трпо Поп Иванов од Долно Купаново и Георги Лутак од Голишани, убиени. Ранет Паско Пешов од Царбор. Веројатно ќе си спомните дека на 24 септември м. г. невооружени селани беа убиени од грчка чета на враќање од пазар во Воден. Единствензата одмазда од страна на револуционерите беше да ги посоветуваат селаните да го бојкотираат градот Негуш, познатото сврталиште на војниците на грчката црква. Други слични инциденти во помал размер се случуваа често, но тие беа надминувани. Меѓутоа последниот инцидент не може да биде пренебрегнат. Убијците се јасно разпознати како жители на Негуш. Бидејќи турската влада, наспроти фактот што нивниот идентитет може да биде докажан, не презема никакви мерки против нив, револуционерните раководители ќе треба да го направат тоа самите. Тоа е очигледно дело на терористите на грчката црква. Бидејќи сегашните убијци ќе бидат веројатно исто добро заштитени од турските војници, за да не бидат заробени, ќе се преземат други казнени мерки. Желбата на војводите тука е да ги казнат виновниците, но бидејќи тоа е невозможно, ќе бидат гонети тие коишто им даваат поддршка. Кога сите други средства за одбрана ќе пропадат, треба да се прибегне кон убиство за убиство. Ние ви пишеме со надеж дека вашата влада може на некаков начин да го употреби своето влијание, за да му се стави крај на овој грчки тероризам, и на тој начин да не се допушти да револуционерите бидат принудени да започнат слични дејствија на тероризам за заштита на населението. Во власта на вашата влада е тоа да го направи, затоа што без поткрепата на турските владини чиновници, Грците не би можеле да ја продолжуваат таа игра ниту една седмица повеќе. Султанот, како и грчкиот патријарх, се вистинските фактори, на коишто треба да се влијае. Тоа во секој случај вие веројатно го знаете толку добро, колку и ние. Искрено ваш |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||