Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ

Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ донел решение за одржување на окружен конгрес на ВМОРО во почетокот на мај 1903 година во с.Смилево, согласно решението на Општиот – Солунски конгрес (јануари 1903). Околиските комитети биле известени за времето и местото на одржување и за бројот на делегатите што требало да учествуваат. Во обезбедувањето на учесниците на конгресот биле ангажирани околу 2000 вооружени лица. Околу Смилево биле воспоставени засилени стражи, а за обезбедување на селото е активирана селската полиција. За одржување на постојана врска со Окружниот и со околиските центри била организирана посебна курирска служба.

Соселаните на Груев ја сфаќаа, покрај честа, којашто им се направи, и целата тешка одговорност од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село. Затоа месното раководно тело, на чело со својот претседател Георги Чуранов, го мобилизирал целото село и на сите мажи и жени им доверил соодветни задачи. Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина на час, час и половина растојание, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото. Одделенија од по 3—4 четници биле пооставени по сите соседни села на Смилево. Невидливи стражари од сите села меѓу Смилево и Битола деноноќно внимавале, формирајќи жив телеграф за предавање на било какво сомнително движење откај вилаетскиот центар и по патчето. Сите раководни тела по тие села знаеле, дека во Смилево се собрани најголемите војводи. Стотици и стотици работници иле на нога. И конгресот заработил во спокојство и полна сигурност.

Смилевскиот конгрес започнал со работа на 2 мај (17 април с.ст) 1903 и траел до 7 мај (22 април с.ст.), во Чурановиот дом и на него присуствувале 32 делегати, но продолжиле да пристигнуваат нови и кон крајот на конгресот, бројот им надминал 45. На конгесот присуствувале Д. Груев, претставник на Централниот комитет, а А. Лозанчев, Г. Пешков и Г. Поп Христов — членови на Окружниот револуционерен комитет. Борис Сарафов учествувал како ревизор на четите; од неговите луѓе заседавале како делегати за воени прашања: Димитар Дечев, јункер и поручик Стојков.

Реоните биле претставувани од:

  • Битолскиот — од Ѓорѓи Сугарев од Битола, Парашкев Цветков од Плевен, Никола Петров - Русински од Малешевско.
  • Демир-Хисарскиот — од Јордан Пиперката и Димитар Матлиев, охриѓанец.
  • Крушевскиот — од Никола Карев од Крушево и Иванчо од Латово.
  • Кичевскиот — од свешт. Тома Николов, Димитар Спространов, Васил Попов и од војводите Арсо, Јанаки и Ванчо Мицкови.
  • Прилепскиот — од Петар Ацев, Јордан Тренков и Тале Христов.
  • Ресенскиот — од Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев, потпоручникот Александар Панајотов од В. Трново и Велјан Илиев (познат под псевдонимот Пенчо) од с. Смилево.
  • Леринскиот — од Георги Папанчев од Сливен и Михаил Чеков од с. Екшису, Леринско.
  • Костурскиот — од Васил Чекаларов и Пандо Кљашев.
  • Охридскиот — од Лука Групчев и Христо Узунов (и двајцата охриѓани), Тасе Хростов, Дејан Димитров (Мицковски) и Аргир Маринов.

По предлог на Сарафов, за претседател бил избран Д. Груев. За секретари биле посочени и прифатени Г. Поп Христов и Пар. Цветков.

Првата точка на дневниот ред била: извештаи за состојбата на реоните.

Се покажало, дека целиот округ располага со 8—9000 пушки: Охридско 1500, Костурско над 1000, Ресенско 960, Кичевско 540 и др. Најнеподготвен се покажал Прилепскиот реон (со мошне малку пушки и тоа не сосем погодни). После доаѓаа: Крушевскиот, (со исклучок на градот и на неколку села: Пуста-рака, Горно и Долно-Дивјаци и др.). Битолскиот (со исклучок на реонот: Смилево, Ѓавато, Цапари и др.).

Делегатите на неподготвените реони се изјасниле против востанието и го критикуваа остро поведението на Лозанчев, затоа што на Солунскиот конгрес го претставувал цело Битолско, без претходно да го земе мислењето на одделните реони во округот. Делегатите на најподготвените околии — Костурско, Демир-Хисарско и Охридско настојуваа за востание. Највоинствен бил Костурскиот делегат Чакаларов, а најголем противник за востанието — П. Ацев.

Спорот продолжил доста долго. Воинствените настојувале, неподготвените се противеле.

Понатамошните спорови се сметале за бескорисни и се започна конкретна, деловна работа: како да им се помогне на неподготвените реони; какво востание да се направи; кога да се востане; како да се искористи времето за востанието.

На прилепчани им се ветиле извесно количество пушки, гилзи и барут. На крушевчани гилзи од патрони „Гра“ и др. Надежта била во Охридско, кадешто веќе редовно се доставуваа пушки и други материјали од Арнаутите, пренесувани по езерото.

Како врховна револуционерна власт се избра Главен востанички штаб, задолжен да раководи со приготвувањето до востанието и дејствијата во текот на самото востание. Во Штабот влегле Д. Груев, Борис Сарафов и А. Лозанчев, со евентуални помошници: Г. П. Христов (за Д.Груев), П. Ацев (за Сарафов) и Л. Поп Трајков (за Лозанчев). Членовите на Штабот се избрале со јавно гласање, а нивните заменици — со тајно. Се прифатило и непротоколарно решение да бидат вклучени кон Главниот штаб, во случај да дојдат за време на востанието, уште и: Хр. Матов, П. Тошев и Ѓорче Петров

Конгресот го ополномоштил Главниот востанички штаб да ја определи, во спогодба со Централниот комитет и со другите окрузи, датата на востанието, но во никој случај не порано од месец јули. Се имало предвид да се пополни, колку што е возможно, недостигот на бојни резерви, да се достават санитарни материјали, да се складира нужното количество храна и да се мине набрзина кон еден курс на воена обука. На Штабот му се доверуваше и да влезе во спогодба со другите окрузи и да дејствува на било каков начин за да востанат и тие.

Одново започнале спорови околу карактерот на востанието: масово или партизанско. Преодолеало и се усвои од сите делегати, мислењето за партизанско востание. Од вооружените луѓе во секој реон се составуваат чети од по 30—50 луѓе. Четите да дејствуваат по изработен план, без да го ангажираат целото население. При покрупни напади, што изискувало поголеми сили, одредот, веднаш по извршената акција, да се раздели на чети и да се распрска за полесно криење и хранење.

Се мислело, дека така селата ќе можат да се запазат и востанието ќе биде подолготрајно. Исто така се решило, да не се допуштат жестокости над мирното турско население и да се штедат турските села, освен ако турците не започнат да ги палат нашите.

Власта во реоните им се повери на горските раководства. Градските раководства се поставуваа во услуга на горските раководства и им се препушташе да извршуваат информациона, посредничка и интендантска служба — исполнување на разни порачки и испораки. На реонските раководства им се довери да ги разделат своите реони на центри и да изберат централни војводи, кои би поминале по еден курс на воена обука под раководството на: Никола Дечев, јункер — во Демир-Хисарско, Кичевско и Битолско; Стојков, поручик — во Охридско; Тод. Христов, потпоручник — во Крушевско; Панајотов, потпоручник — во Ресенско и Преспанско; Папанчев, потпоручник, — во Леринско; Ив. Попов, фелдфебел — во Костурско.

Сарафов и Ник. Дечев изработиле „Востанички дисциплински устав“ за правата, должностите и казните на востаниците, десетарите, централните и реонските војводи. Тој устав, приготвен според воените устави, се прифатил со мали измени. Сарафов изработил и една инструкција за инструкторите, задолжени да раководат со курсот на обуката.

По сите прашања, што се однесува до техничката страна на востанието — материална подготовка, обука, тактика и др. Борис Сарафов, како најкомпетентен, зборувал најмногу и дал вредни совети.

Додека заседавал конгресот, во Солун и Битола се случија потресни настани. Солунската филијала на Отоманската банка беше разрушен на 16 април вечерта во навечерието на конгресот. Гоце Делчев загина во Баница. Заседанијата беа на привршувањето, кога во Битола, како последица на солунските атентати, на 23 април се изврши колеж над христијаните.

За донесените решенија конгресот ги известил Централниот комитет во Солун и Задграничното претставништво во Софија во кое биле д-р Х.Татарчев и Х.Матов. Конгресните документи им ги предал делегатот на конгресот – свештеникот Т. Николов.

Почеток