V Конгрес | ||||||||
Ќустендилскиот конгрес се одржал во првите денови на март 1908 година во с. Жабокрт, Ќустендилско. Таму се собраа следните делигати: Христо Матов, д-р Христо Татарчев, Петар Ацев, Ефрем Чучков, Тодор Черваров, Хр. Шалдев, Петко Пенчев, Петар Чаулев, Тане Николов, Добри Даскалов, Тодор Александров, Милан Гурлуков, Васил Чакаларов, Климент Шапкарев, Христо Силјанов, Илија Биолчев, Мих. Монев, Ангел Узунов. Отсуствуваа делегатите од Серскиот округ - беа непоканети поради нивната положба на отцепници, во која членовите на серскиот окружен комитет сами се поставија по убиството од 28 ноември - и Струмичкиот револуционерен округ, беа поканети но отсуствуваа како протест што бугарската власт продолжуваше да го држи затворен стариот струмички војвода Х.Чернопеев. За претседател едногласно бил избран Христо Матов а за секретари: К.Шапкарев и П.Пенчев. Конгресот имал за задача: да ја разгледа општата положба во Македонија и Одринско и состојбата на Револуционерната организација; да го ревизира уставот и општиот правилник од 1905 година; да заземе становиште по ред разни прашања, како борбата против вооружените пропаганди, четничкиот институт, младотурското движење, убиството од 28 ноември (на Гарванов и Сарафов) и др.; да ги определи насоките на идната револуционерна дејност; да избере Централен комитет и задгранично претставништво. На конгресот дошло до полна согласност на сите делегати и желбата да й се врати на Организацијата некогашната моќ и престиж. Конгресната работа протече глатко и се заврши за десетина дена. Трагичната судбина на Гарванов и Сарафов и општото негодување против убијците ги избришаа сите траги од старата разделба помеѓу централистите и сарафистите. Ќустендилскиот конгрес го прифати уставот без никакви измени, меѓутоа во правилникот биле направени значителни измени. Сето она кое што беше извлечено како поука од двегодишната примена на Рилското законодавство, беше применето во новиот правилник. Бил избран нов Централен комитет во состав: Павел Христов, Ефрем Чучков и Петко Пенчев. За членови на Задграничното претставништво на ВМОРО во Софија биле избрани Хр. Матов, Михаил Дорев и Апостол Дим. Грежов, а за дополнителни д-р Хр. Татарчев, П.К. Јаворов и Хр. Силјанов. Конгресот исто така решил да објави дека дотогашниот весник во Софија „Илинден“, се прогласува за официјален орган на ВМОРО. Конгресот ја потврдил целта на организацијата за извојување на целосна политичка автономија на Македонија и Одринско. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||