Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
VI Конгрес

Шестиот општ конгрес на ВМРО се одржал од 7 до 11 февруари 1925 година во с. Србиново (денешно с. Брежани), Горноџумајско. На него учествувале вкупно 41 делегат, 35 делегати од револуционерните окрузи, ЗП и неколку специјални гости. На Конгресот учествуваат по ред со А.Протогеров и И.Михајлов, Г.П.Христов. Г.Баждаров, П.Шанданов, К.Петишев, Ј.Бадев, Ј.Ѓурков, А.Узунов, В.Велјанов, В.Василев, неговиот брат Динката Василев, М.Шкатров, В.Ихчиев, Е.Цеков, Т.Карајовов, И.Караџов, А.Манасиев, Г.Меѓуречки, С.Филипов, П.Михајлов, Б.Изворски, П.Струмички, Г.Гевгелиски, М.Постоларски, Петар Крстов Пашата, Иван Бурло и др. На конгресот претседателствуваше Ангел Узунов. Стенографи беа Пано Поп Пандов и Страхил Развигоров. Обезбедувањето на Конгресот и другите технички подготовки му биле доверени на Петар Станчев, кој пристигнал од Скопско, откако слушнал за убиството на Александров, а во негова помош беа: Дончо Чупаринов, Григор Хаџи Кимов и околу 30 души четници, вон од вооружените селани.

Дневниот ред на конгресот ги содржел следните поважни прашања:

1. Отчет на ЦК.

2. Прифаќањ на нов устав и правилник на организацијата.

3. Нова територијална структура.

4. Избор на нов ЦК на ВМРО.

5. Избор на ЗП.

6. Идната дејност на организацијата и др.

Политичкиот отчет на Централниот комитет и Задграничното претставништво од 1908 до 1925 година, т.е. за 17 години одкако не бил одржан конгресот го подготвуваат Г.Баждаров и В.Василев а го поднел Георги Баждаров. К.Прличев го прочитал подготвениот боев отчет од него, а А.Протогеров дал финансиски отчет. Извештајот за убиството на Т.Александров го прочитал Н.Томалевски. После кратките дискусии отчетите биле прифатени.

Најмногу време се посветило на измените на Уставот и Правилникот организацијата, во кои целта на ВМРО и натаму останала иста: Обединувањето на разделена Македонија во нејзините географски граници и извојувањето на нејзината целосна политичка автономија (самоуправување) – чл. 1. - и да се подготви македонското население, без разлика на вера и народност, за револуционерни акции, а во краен случај на едно општо и масовно востание. Конгресот исфрли и повеќе политички резолуции, помеѓу кои и резолуцијата за тактиката на ВМРО, составена од Г.Баждаров.

Конгресот ја доуточнува распределбата на организационата територија во следниот вид:

Битолски организационен округ со околии Костурска, Битолска, Прилепска, Крушевска, Кичевска, Охридска, Струшка, Дебарска и Ресенско-Преспанска.

Скопски револуционерен округ, ги вклучува околиите Скопска, Тетовско-Гостиварска, Кичевска, Царевоселска, Штипска, Св. Николска и Велешка.

Солунски револуционерен округ со околиите Солунска, Кукушка, Ениџе-Вардарска, Воденска, Маглишка, Негушка, Гевгелиска и Тиквешка.

Серски револуционерен округ со Серска, Демирхисарска, Драмска и Ковалска околија.

Струмички револуционерен округ со околиите Поројска, Дојранска, Струмичка, Малешевска и Радовишка.

Врските меѓу соседните револуционерни околии се остваруваа преку окружните комитети, а окружните раководства контактираа меѓу себе преку ЦК на ВМРО. Пограничните околии одржуваа врски со најблиските пунктови началници на начин каков што сами ќе си определат, но само по прашања од информационен карактер, како брзо соопштение и др.

Определено е уште за Пиринскиот крај, каде што се сосредоточени основните сили на организацијата, и за Скопскиот револуционерен округ да одговара Ив. Михајлов. За Битолскиот округ во ЦК одговара Г. Поп Христов, а за Солунскиот, Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ е задолжен Ал. Протогеров.

На крајот се пристапило кон изборот на телата. Во изборот на новиот состав на Централниот комитет Иван Михајлов од Штип бил избран со 39 гласа, речиси едногласно, после по бројот на гласовите бил избран Георги Поп Христов од с. Крстоар, Битолско и Александар Протогеров од Охрид со околу 27 гласа од 40.

Како резервни членови на ЦК по бројот на гласовите биле избрани: Петар Шанданов од Охрид, Јордан Ѓурков од Штип и Никола Василев од Радовиш.

Задгранични претставници: Кирил Прличев од Охрид, со најмногу гласови, после Георги Баждаров од с. Горно Броди, Серско и Никола Томалевски од Крушево.

Како резервни претставници за ЗП: Тома Карајовов од Скопје, Јордан Бадев и Ангел Узунов (брат на Христо Узунов). Сите тие избрани 12 души, образувале еден виш совет на ВМРО.

Големи дискусии се воделе за Виенската акција – потпишувањето на манифестот и откажувањето од него. Интересно е да се одбележи, дека конгресот прифаќа специјална резолуција, во којашто се изјавува: ВМРО ќе ги гони оние дејци на организацијата или луѓе надвор од неа, коишто се поврзани со убиството на Т. Александров. На Конгресот, од страна на М.Монев (зет на Т.Александров), Петар Пашата (прилепски војвода) и Иван Бурло, имало обиди за обвинување на А.Протогеров за убиството на Т.Александров, но тие поминале без успех.

<<Назад | Почеток