Зборовите на Господ Исус Христос во Евангелие Според Матеј 3* (Јован Кр: Јас треба од тебе да
бидам крстен а ти при мене ли доаѓаш)Остави го
сега тоа, зашто нам ни предстои да ја исполниме секоја правда.
4*Напишано е
`Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на
Бог` Напишано е исто така`Не искушувај го Господ
твојот Бог` Бегај од мене сатано зашто е напишано `На Господ твојот Бог да му
се поклонуваш и само него да му служиш`
5* Блажени
се бедните по дух зашто нивно е Царството Небесно. Блажени се оние што плачат
оти ќе се утешат. Блажени се кротките зашто тие ќе ја наследат земјата.
Блажени се гладните и жедните за правда оти тие ќе се наситат. Блажени се
милостивите зашто тие ќе бидат помилувани. Блажени се чистите по срце оти тие
ќе го видат Бог. Блажени се миротворците зашто тие ќе се наречат синови божји.
Блажени се гонетите заради правда бидејќи нивно е Царството Небесно. Блажени
сте вие кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши
зборови лажно заради мене. Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата
награда на небесата. Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.
Вие сте солта на земјата но ако солта ја изгуби
силата со што ќе се соли? Таа веќе за ништо не е освен да се фрли надвор и
изгази од луѓето.
Вие сте светлината на светот.
Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина, ниту светило се пали и
става под поклоп туку на свеќник и им свети на сите во куќата. Така треба да
свети пред луѓето и вашата светлина за да ги видат вашите добри дела и да го
прослават вашиот
Отец Небесен.
Немојте да
мислите дека сум дојден да го поништам законот или пророците, не сум дојден да
ги поништам туку да ги исполнам, зашто вистина ви велам дури постојат небото и
земјата ниту една јота или црта од законот нема да се измени додека не се
исполни се. И така оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги
научи луѓето, најмал ќе се нарече во Царството Небесно, а оној што ќе ги
исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во Царството Небесно. Затоа ви велам,
ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите вие
нема да влезете во Царството Небесно.
Сте
слушале дека им било речено на старите: Не убивај, а кој убие виновен е пред
судот. А Јас ви велам дека секој што се гневи на братот без причина ќе биде
виновен пред судот а оној што ќе го нарече братот празноглав ќе биде виновен
пред врховниот суд. Оној што ќе рече будала ќе биде виновен за во пеколот.
И така ако принесуваш дар на жртвеникот и таму
се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе тогаш остави го дарот таму
пред жртвеникот па оди и најнапред помири се со твојот брат а потоа дојди и
принеси го дарот.
Измири се со противникот твој
на време уште додека си на пат со него за да не те предаде на судијата, а
судијата на слугата и да бидеш затворен. Вистина ти велам нема да излезеш од
таму се додека не го дадеш и последниот динар.
Сте
слушнале дека на старите им било речено: Не прељубодејствувај, а јас ви велам
дека секој што ќе погледне на жена со желба тој веќе извршил прељуба со неа во
срцето свое.
Ако те соблазнува десното око
извади го и фрли го од себе зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето
тело отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака ако те
соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе, оти подобро ти е да погине еден твој
дел отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.
Речено било исто така: Ако некој ја остави
својата жена нека и даде развод, а јас ви велам: Секој што ќе ја остави
својата жена освен за прељуба тој ја тера да прељубодејствува и кој се жени со
така напуштена, тој прељубодејствува.
Сте го
слушале уште и тоа дека им било речено на старите: Не колни се криво а
заклетвите пред Господ исполнувај ги. Јас ви велам, Не колнете се воопшто ниту
во небото оти тоа е престол божји, ниту во земјата зашто таа е подножје на
нозете негови, ниту во Ерусалим оти е град на великиот Цар. Не колни се ни во
главата своја зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да го направиш
бело или црно. Но зборот ваш да биде `Да Да Не Не` а се што е повеќе од тоа е
од лукавиот.
Сте слушале дека е речено: Око за
око, заб за заб. Јас ви велам: Да не се противите на злото. Ако некој те удри
по десниот образ заврти му го и другиот, а оној што сака да се суди со тебе и
да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те присили да
одиш со него една миља, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не го
одбивај оној што ти сака нешто на заем.
Сте
слушале дека е кажано: Љуби го својот ближен и мрази го непријателот. а јас ви
велам `Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат,
правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат
и гонат` за да бидете синови на вашиот
Отец Небесен, зашто Он го остава
своето сонце да грее над лошите и над добрите и праќа дожд на праведните и на
грешните. Оти ако ги љубите оние кои ве милуваат вас каква ќе ви биде
наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И ако ги поздравувате само
браќата свои што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабожците? Но
бидете совршени како што е совршен вашиот
Отец Небесен
6* Гледајте да не ја покажувате својата
праведност пред луѓето за да ве видат, инаку нема да имате награда од вашиот
Отец Небесен.
И така кога даваш милостиња, не
разгласувај како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги
фалат луѓето. Вистина ви велам тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога
даваш милостиња, да не знае твојата лева рака што прави десната за да биде
твојата милостиња тајна и тогаш твојот Небесен
Отец кој гледа тајно ќе те
награди јавно.
И кога се молиш не биди како
лицемерите што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и
да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле
својата награда. Но ти кога се молиш влези во твојата скришна соба и одкако ќе
ја затвориш вратата помоли му се на твојот
Отец кој е во тајност, и Он кој
гледа тајно ќе те награди јавно.
Кога се молите
не говорете многу како незнабожците зашто тие мислат дека за своите многу
зборови ќе бидат услишени. Вие немојте да бидете како тие оти вашиот
Отец
Небесен знае од што имате потреба уште пред да сте го помолиле, туку молете се
вака: Татко наш кој си на небеста, да се свети
твоето Име, да дојде царството твое, да биде волјата твоја, како не небото
така и на земјата, лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите
наши како што им ги простуваме и ние на нашите должници и не не воведувај во
искушение но избави не од лукавиот, зашто твое е царството и силата и славата
во сите векови Амин.
Бидејќи ако им ги простите
на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот
Отец Небесен. Ако не
им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот
Отец нема да ви ги прости
вашите. Кога постите не бидете жалосни како
лицемерите зашто тие си ги прават лицата мрачни за да се покажат пред луѓето
дека постат. Вистина ви велам дека тие ја добиле веќе својата награда. А ти
кога постиш помажи ја главата своја и изми го лицето свое па да се покажеш
дека постиш не пред луѓето туку пред твојот
Отец, кој е во тајност и твојот
Отец кој гледа тајно ќе те награди јавно.
Не
собирајте богатства на земајта каде што ги јаде молецот и рѓата и каде што
крадците ги подкопуваат и крадат но собирајте си богатства на небото каде што
ни молец ниту рѓа ги јаде и каде што крадците не ги подкопуваат ниту крадат,
зашто каде што е богатството ваше таму ќе биде и срцето ваше.
Светило за телото е окото и така ако твоето око
биде чисто и целото твое тело ќе биде светло, а ако твоето око биде лошо,
целото тело ќе ти биде темно. И така ако светлината што е во тебе е темнина
тогаш каква ли ќе е темнината?
Никој не може да
им слугува на двајца господари оти или едниот ќе го замрази а другиот засака
или кон едниот ќе се приврзе а другиот ќе го презре. Не можете да им служите
на Бог и на мамон. Затоа ви велам:
Немојте да
се грижите за душата, што ќе јадете или што ќе пиете, ниту за телото, во што
ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната и телото од облеката?
Погледајте ги птиците небесни, тие ни сеат ни жнеат ниту во амбар собираат, но
вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас
грижејќи се може на својот раст да му придаде барем еден лакт? Зошто се
грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат, не се
трудат ниту предат, но ви велам дека ни Соломон во целата своја слава не се
облече така како еден од нив. Па ако полската трева што денес постои а утре во
оган се фрла Бог така ја облекува, а колку повеќе вас маловерни? Затоа не
грижете се и не говорете, што да јадеме или што да пиеме или во што да се
облечеме, зашто сето тоа го бараат незнабожците, а вашиот
Отец Небесен знае
дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бог и
неговата правда и се ова ќе ви се придаде. И така немојте да се грижите за
утре зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето, на секој ден доста му е
неговото зло
7*Не
судете за да не бидете судени оти со каков суд судите со таков ќе бидете
судени, со каква мерка мерите со таква и ќе ви се мери. Зошто ја гледаш
раската во окото на братот, а гредата во твоето око не ја чуствуваш, или како
ќе кажеш на братот `Чекај да ти ја извадам раската од окото` а ете во твоето
око има греда. Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око па тогаш ќе
видиш како да ја извадиш раската од окото на братот.
Светињата
не ја давајте на кучињата и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го
изгазат со своите нозе и одкако се повратат да не ве раскинат.
Сакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете,
чукајте и ќе ви се отвори, зашто секој што сака добива, и кој бара наоѓа и на
оној кој чука ќе му се отвори. Има ли меѓу вас човек кој ако му посака
неговиот син леб да му даде камен и кога посака риба да му даде змија, и така
ако вие бидејќи лоши умеете да им давате на вашите чеда добри дарови, колку
повеќе вашиот
Отец Небесен ќе им даде добра на оние што му бараат.
Се она што сакате да ви прават луѓето правете им го и
вие оти тоа се законот и пророците.
Влезете
низ тесната врата оти широки се вратите и широк е патот кој води кон пропаст,
и мнозина минуваат низ нив, а тесни се вратите и тесен е патот што води кон
животот, и малку го наоѓаат.
Пазете се од
лажните пророци кои доаѓаат во овча кожа а во себе се волци грабливи, по
нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње или смокви од чичка?
Па така секое добро дрво дава добри плодови а лошо дрво дава лоши плодови. Не
може добро дрво да дава лоши плодови ниту лошо дрво да дава добри плодови.
Секое дрво што не дава добар плод го сечат и го фрлаат во огин. И така по
нивните плодови ќе ги познаете.
Не секој што ми
вели Господи Господи ќе влезе во Царството Небесно, а оној што ја исполнува
вољата на мојот
Отец Небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: Господи
Господи, нели во твое име пророкувавме? И зар во твое име бесови не
изгонувавме? И нели во твое име многу чуда правевме? И тогаш јас ќе им кажам?
Никогаш не сум ве познавал, бегајте од мене вие што правите незаконски дела.
И така секој што ги слуша и исполнува овие мои
зборови ќе биде како благоразумен маж кој си направил куќа од камен, и заврна
дожд и надојдоа реки и дувнаа ветришта и навалија на таа куќа, но таа не падна
оти беше изградена на камен. А секој што ги слуша овие мои зборови и не ги
исполнува приличи на човек глупав кој си направил куќа на песок, и заврна дожд
и надојдоа реки и дувнаа ветришта и навалија на таа куќа и таа падна и
паѓањето беше страшно
8* И велам дека мнозина
ќе дојдат од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам Исак и Јаков во
Царството Небесно, а синовите на царството ќе бидат во крајната темина, таму
ќе биде плач и крцкање со заби.
Лисиците имаат
легла и птиците небесни гнезда а Синот Човечки нема каде глава да ослони.
Врви по мене и остави ги мртвите да ги
погребуваат своите мртовци. (Господи спаси не
загинуваме) Зошто сте толку плашливи, маловерни? (Им заповеда на ветровите и
на морето и настана голема тишина)
9*Не плаши се сине, ти се простуваат гревовите
твои. (Некои рекоа овој богохулствува) Зошто мислите лошо во срцата ваши или
што е полесно да кажам `Ти се простуваат гревовите твои` или да кажам `Стани и
оди` но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да простува
гревови.. Стани земи си ја постелата и оди си дома.
Здравите
немаат потреба од лекар, но болните. Одете и научете се што значи `Милост
сакам а не жртва` зошто не сум дошол да ги повикам праведните, но грешните на
покајание. Зар можат сватовите да бидат
нажалени додека е со нив младоженецот, но ќе дојдат денови кога младоженецот
ќе се тргне од нив па тогаш и тие ќе постат.
Никој
не крпи стара облека со нова крпа оти таа ќе се одшие од старото и отворот ќе
биде поголем, ниту се става ново вино во стари мевови, инаку мевовите ќе
пукнат и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат, но ново вино се става во
нови мевови и така ќе се запази едното и другото.
Жетвата
е голема а работници малку затоа помолете го Господарот на жетвата да испрати
работници на својата жетва.
10* (Прво Праќање)По пат кон незнабожци не одете и во самарјански град не влегувајте, а
одете највеќе при загубените овци на израилевиот дом и одејќи проповедајте и
кажувајте дека се приближи Царството Небесно. Болни лекувајте лепрозни
очистувајте мртви воскреснувајте бесови изгонувајте, бесплатно добивате,
бесплатно давајте. Не носете во појасите ваши ни злато ни сребро ниту бакар ни
торба за пат ни двојни алишта ниту обувки ниту стап, зашто работникот ја
заслужува неговата награда. А штом влезете во некој град или село распрашајте
кој е во него достоен и останете таму додека не си отидете и кога ќе влезете
во некоја куќа поздравете ја говорејќи: Нека е мир на таа куќа. Ако куќата
биде достојна вашиот мир нека дојде на неа, ако не е достојна тогаш вашиот мир
нека се врати при вас. Ако негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши
излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши.
Вистина ви велам полесно ќе и биде на земјата Содом и Гомор во судниот ден
одколку на тој град. Ете јас ве праќам како овци меѓу волци.
Бидете мудри како змии и невини како гулаби.
Пазете се од луѓето зашто тие ќе ве предатат на судовите и по синагогите нивни
ќе ве бијат и ќе ве одведат пред управници и цареви заради мене за да
сведочите пред нив и пред незнабожците.
Кога ќе
ве предадат не грижете се како или што ќе зборите зашто во тој час ќе ви биде
дадено што да кажете, бидејќи не сте вие што ќе говорите а Духот на вашиот
Отец ќе говори во вас.
И ќе предаде брат
својот брат на смрт и татко детето свое и ќе станат деца против родителите и
ќе ги убијат и ќе бидете намразени од сите заради моето име но кој издржи до
крај ќе биде спасен. Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг, зашто
вистина ви велам нема да ги обиколите Израелските градови додека дојде Синот
Човечки. Нема ученик поголем од својот учител
ниту слуга поголем од својот Господар. Доста е за ученикот да биде како
неговиот учител и на слугата да биде како неговиот Господар. Ако стопанот на
куќата го нарекле велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни.
И така не плашете се од нив зашто нема ништо
сокриено што не ќе се открие или тајно а да не се узнае. Тоа што ви го говорам
во темнина кажете го на видело и она што го слушате на увото разгласете го на
покривите, и не плашете се од оние што го убиваат телото а душата не можат да
ја убијат, туку плашете се повеќе од оној кој може и душата и телото да ги
погуби во пеколот.
Не се продаваат ли две
врапчиња за еден денар и ни едно од нив нема да падне на земјата без вољата на
вашиот Отец, а вам и влакната на главата ви се изброени, но не плашете се,
вие сте поскапи од многу врапчиња.
И така секој
што ќе ме признае мене пред луѓето ќе го признаам и јас него пред мојот
Отец
Небесен. Немојте да мислите дека дојдов да
донесам мир на земјата, не дојдов да донесам мир туку меч, зашто дојдов да
разделам човек од таткото и ќерка од мајката и снаа од свекрвата, и
непријателите на човекот ќе бидат негови домашни. Кој милува татко или мајка
повеќе од мене не е достоен за мене и кој милува син или ќерка повеќе од мене
не е достоен за мене, и кој не го земе крстот свој и не оди по мене не е
достоен за мене.
Кој ќе ја запази душата своја
ќе ја загуби а кој ќе ја загуби душата своја заради мене ќе ја зачува.
Кој ве прима вас ме прима мене а кој ме прима
мене го прима оној кој ме прати. Кој прима пророк во пророчко име ќе добие
пророчка награда и кој прима праведник во праведничко име ќе добие праведничка
награда и кој напои еден од овие мали само со една чаша студена вода како мој
ученик вистина ви велам нема да ја загуби својата награда
11*Одете и
кажете му на Јован што слушате и што гледате. Слепи прогледуваат и сакати
проодуваат, лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и
на бедните им се проповеда евенгелието и блажен е оној што не се соблазнува
заради мене. Што сте излегле да видите во пустината, трска ли што се ниша од
ветрот, но што излеговте да видите, човек ли облечен во меки алишта. Ете оние
што носат меки алишта по царски палати се. Па што излеговте да видите, пророк
ли? Да, и повеќе од пророк, зашто тој е за кого е напишано `Ете јас го праќам
мојот Ангел пред лицето твое, тој ќе го приготви патот твој пред тебе`.
Вистина ви велам меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител,
но најмалиот во Царството Небесно е поголем од него. А од деновите на Јован
Крстител па досега Царството Небесно на сила се зема и силните го грабаат.
Зашто сите пророци и законот беа пророкувале до Јован и ако сакате да примите
тој е Илија кој што ќе дојде. Кој има уши да слуша нека чуе. А со кого да го
споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазарите па им викаат на
своите другари и велат: Ви свиревме и не игравте, ви пеевме жални песни и не
плачевте. Оти дојде Јован кој не јаде ниту пие а велат `Бес има` дојде Синот
Човечки кој јаде и пие и велат `Ете човек ненаситен и пијаница, пријател на
митниците и грешниците` и се оправда премудроста со своите дела.
Тешко тебе Хоразин, тешко тебе Витсаида, ако во
Тир и Сидон беа чудесата што станаа при вас тие одамна би се покајале во вреќа
и пепел, но ви велам, на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден
одколку вам. И ти Капернаум што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе
слезеш, зашто ако во Содом се извршија чудесата што станаа во тебе, тој и до
ден денес ќе останеше, но ви велам дека на земјата содомска ќе и биде полесно
на страшниот суд одколку тебе.
Те прославувам
Татко Господи на небото и на земјата оти си го сокрил тоа од мудрите и
размумните и си го открил на младите, да
Татко, зашто таква беше вољата твоја.
Се ми е предадено од мојот
Отец, никој не го
познава Синот освен
Отецот ниту Отецот го познава некој освен Синот и кому
што сака Синот до го одкрие.
Дојдете при мене
сите изморени и обременети и јас ќе ви дадам одмор. Земете го мојот јарем на
вас и поучете се од мене бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир
за душите ваши, зашто јаремот мој е благ и бремето мое е лесно
12* (Ете учениците твои прават што не треба да
се пави во Сабота, кинат класје и јадат)
Не сте
ли читале што направи Давид кога сам тој огладне и оние што беа со него? Кога
влезе во домот божји ги изеде лебовите од жртвеникот што не требаше да ги јаде
ни тој ниту оние што беа со него, а само свештениците. Или не сте ли читале во
законот дека во Саботен ден свештениците ја нарушуваат Саботата и пак не се
виновни? Но јас ви велам дека е тука оној кој е поголем од храмот, и ако
знаете што значи милост сакам а не жртва немаше да ги осудите невините, зашто
Синот Човечки е Господар и на Саботата. Кој е тој од вас ако има една овца и
таа падне во Саботен ден во јама што не ќе ја прифати и извади а колку човекот
е поскап од една овца, и така во Сабота е дозволено да се прави добро.
Секое царство ако се раздели запустува и секој
град или дом ако се раздели на противни групи ќе пропадне и ако сатаната
изгонува сатана, тој се разделил сам против себе, тогаш како може да се запази
царството негово. И ако јас истерувам бесови преку велзевул, а синовите ваши
преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако јас истерувам
бесови со Духот Божји тоа значи дека дошло Царството Божјо до вас. Или како
може да влезе некој во куќата на силен човек и да го плени неговиот имот ако
нејнапред не го врзе силниот и тогаш му ја ограби куќата.
Кој не е со мене против мене е, и кој не собира
со мене тој растура, затоа ви велам секој грев и хула ќе им се прости на
луѓето но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И ако
некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости, но ако каже нешто
против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој ни на оној свет.
Или ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде
добар, а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош, зашто по плодот се
познава дрвото. Породи змиини, како може да говорите добро кога сте лоши,
зашто од преполнето срце устата зборува. Добриот човек од доброто богатство
изнесува добро, а лошиот човек од лошото богатство лошо.
И ви велам дека за секој лош збор што ќе го
изговорат луѓето ќе одговараат на судниот ден, оти по зборовите свои ќе бидеш
оправдан и по зборовите свои ќе бидеш суден.
Лукав
и прељуботворен род бара знак но нема да му се даде знак освен знакот на
пророкот Јона, оти како што Јона беше во утробата на големата риба три дена и
три ноќи така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дена и три
ноќи. Ниневијците ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат зашто тие се
покајаа од проповедта на Јона, а сега еден поголем од Јона е тука. И царицата
јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди зашто таа дојде од крајот на
земјата за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете тука е многу поголем од
Соломон. Кога нечистиот дух ќе излезе од човек
минува преку безводни места барајќи мир, и не го наоѓа, и ќе рече тогаш `Да се
вратам во мојот дом од каде што излегов` и штом дојде го наоѓа празен изметен
и уреден. Тогаш оди и доведува други седум духови полоши од себе и тие
влегуваат внатре и живеат таму, и последната состојба на тој човек станува
полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакосен род.
Која е мојата мајка и кои се моите браќа? Еве ја мојата мајка и еве ги
моите браќа, зашто кој ја исполнува вољата на мојот Небесен
Отец, тој ми е
брат и сестра и мајка.
13*Ете излезе сеач да сее и кога сееше едни зрна
паднаа покрај патот, долетаа птици и ги исколваа, други паднаа на каменито
место каде што немаше многу земја и набргу никнаа оти земјата беше плитка, но
штом изгреа сонцето тие овенаа па бидејќи немаа корен се исушија. Некои паднаа
во трње и израсна трњето и ги загуши, други паднаа на добра земја и дадоа
добар плод, едно 100 друго 60 друго 30. Кој има уши да слушне нека чуе. Вам ви
е дадено да ги знаете тајните на Царството Небесно а ним не им е дадено оти
кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи а кој нема ќе му се земе и она што
го има. Затоа им зборувам во параболи оти гледаат и неможат да видат, слушаат
и не можат да дослушнат, ниту разбираат, и над нив се исполнува пророкувањето
на Исаија кој вели: Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и
нема да видите. Срцата на овие луѓе закоравило и со ушите тешко слушаат и ги
затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и
со срцето да не разберат, па да не се покајат и да не ги исцелам. А вашите очи
се блажени оти гледаат и ушите ваши бидејќи слушаат зашто вистина ви велам,
многу пророци и праведници сакаа да го видат она што го гледате вие, и не
видоа, и да чујат што слушате вие, и не слушнаа. А вие слушнете ја параболата
за сеачот. При секого што го слуша словото за царството и не го разбира доаѓа
лукавиот и го граби посеаното во срцето негово. Ете тоа означува посеаното
покрај патот. А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со
радост го прима, но нема во себе корен и е непостојан. Настане ли жалост или
гонење заради словото и веднаш се соблазнува. Посеаното во трње е оној што го
слуша словото но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат
словото и тоа останува без род. А посеаното на добра земја е оној што го слуша
словото и го разбира и дава плод. Еднен 100 друг 60 а друг 30.
Царството Небесно приличи на човек што посеал
добро семе на својата нива. Но кога спиеа луѓето, дојде неговиот непријател и
посеа меѓу житото какол па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод
тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот му рекоа:
Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја, од каде сега овој какол на
неа? А он им рече: Човек непријател го направи тоа. А слугите му рекоа: Сакаш
ли да одиме и да го исплевиме? Но тој им рече: Не, да не би корнејќи го
каколот да искорнете заедно со него и жито, оставете нека расте и едното и
другото заедно до жетвата. А по жетвата ќе им кажам на жетварите: Соберете го
најнапред каколот и врзете го во снопови за да се изгори а житото приберете го
во мојата житница.
Царството Небесно приличи на
зрно синапово кое човек го зема и го посеа на нивата своја. Тоа е најмало од
сите семиња но кога ќе израсне поголемо е од сите растенија па станува дури
дрво така што птиците небесни долетуваат и застануваат на неговите гранки.
Царството Небесно приличи на квас што го зема
жена и го става во три мери брашно дури не скисне сето. Сеачот на добро семе е
Синот Човечки, нивата е овој свет, доброто семе тоа се синовите на царството а
каколот синовите на лукавиот, непријателот што го посеа е ѓаволот, жетвата е
свршетокот на светот а жетварите се Ангелите. И така како што се собира
плевата и се гори во огин така ќе биде и свршетокот на овој свет. Ќе испрати
Синот Човечки свои Ангели и ќе ги соберат сите соблазни од неговото царство и
оние што вршат незаконски дела и ќе ги фрлат во вжарена печка. Таму ќе биде
плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството
на нивниот Отец. Кој има уши да слушне нека чуе.
Царството Небесно приличи уште и на драгоценост скриена во нива која ја
нашол човек и прикрил, па од радост за неа, отишол и продал се што имал и ја
купил таа нива.
Царството Небесно приличи на
трговец кој бара убави бисери па штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди
продава се што има и го купува.
Царството Небесно
приличи исто така и на мрежа која се фрла во морето и уловува секакви риби, и
кога ќе се наполни ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги
собираат во садови а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при свршетокот на
светот. Ќе излезат Ангели и ќе ги оделат лошите од праведните и ќе ги фрлат во
вжарена печка, таму ќе биде плач и крцкање со заби.
Дали
го разбирате сево ова?
Затоа секој книжевник
кој се научил за Царството Небесно прилега на домаќин што изнесува од своето
богатство ново и старо.
Нема пророк без чест
освен во земјата негова и во домот негов
15*(Фар: Зошто учениците твои не си ги мијат рацете кога јадат
леб) Па зошто и вие ја престапувате божјата
заповед заради вашите преданиа? Зашто Бог заповедал и рекол: Почитувај ги
таткото и мајката, и кој го злослови таткото свој или мајката, со смрт да се
казни, а вие велите: Ако некој му рече на таткото или на мајката, она со што
би можел да се ползуваш од мене, тоа е дар посветен на Бог. Значи тој може да
не ги почитува таткото и мајката. Така ја нарушувате заповедта божја заради
вашето предание. Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија велејќи: Овој народ
се приближува до мене со устата своја и со усните ме почитува а срцето негово
стои далеку од мене, но напразно ме почитува оти проповеда човечки повелби.
Слушајте и разберете, не она што влегува во устата го осквернува човекот, а
она што излегува од устата тоа го осквернува човекот. Секоја садница што не ја
насадил мојот
Отец Небесен ќе се искорне. Оставете ги тие се слепи водачи на
слепи. А кога слеп води слеп двајцата ќе паднат во јама. Ама вие уште не ме
сваќате, уште ли не разбирате дека се што влегува во устата минува преку
стомакот и се исфрла надвор, а она што излегува од устата иде од срцето, и тоа
е она што го осквернува човекот, оти од срцето излегуваат лоши помисли убиства
прељубодејства блудства кражби лажни сведоштва хули, тоа го осквернува
човекот, а јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот
16*Навечер
велите, ќе биде ведро оти небото е црвено, а наутро велите дека денес ќе има
невреме зашто небото е матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го
распознаете а знаците на времињата не можете. Род лукав и прељуботворен бара
знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.
Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и
садуќејски. (Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас туку од учењето
фарисејско и садуќејско)
За кого ме мислат
луѓето мене Синот Човечки? А вие за кого ме мислите? (Петар: Ти си Христос,
Синот на живиот Бог) Блажен си ти Симон Јонин оти тело и крв не ти го открија
тоа а мојот Отец кој е на небесата, а јас тебе ти велам. Ти си Петар и на тој
камен ќе ја изградам Црквата своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
Ќе ти ги дадам клучевите од Небесното Царство и што ќе сврзеш на земјата ќе
биде сврзано на небесата а што ќе разврзеш на земјата ќе биде разврзано и на
небесата. Бегај од мене сатано ти си ми
соблазна оти мислиш не за она што е божјо а за она што е човечко. Ако некој
сака да оди по мене нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по
мене, зашто кој сака да ја спаси душата своја ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби
својата душа заради мене ќе ја најде, оти каква полза е за човекот ако го
придобие целиот свет а на душата своја и напакости или каков откуп ќе даде
човек за својата душа, зашто Синот Човечки ќе дојде со славата на својот
Отец
со Ангелите свои и тогаш ќе му се даде на секој според делата негови.
Вистина ви велам тука стојат некои што нема да
вкусат смрт дури не го видат Синот Човечки како оди во царството свое
17*Илија ќе
дојде порано и ќе уреди се но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа,
туку му направија како што сакаа, така и Синот Човечки ќе пострада од нив.
О роде неверен и развратен, до кога ќе бидам со
вас? до кога ќе ве трпам? доведете ми го тука (Исус му нареди на бесот и тој
излезе од момчето и тоа оздраве. (Ап: Зошто не можеме ние да го истераме?)
Заради вашето неверие, зашто вистина ви велам ако имате вера колку синапово
зрно ќе и речете ли на оваа планина `Помести се од овде таму` и таа ќе се
премести и ништо нема да биде за вас неможно, а овој род се истерува само со
молитва и пост.
Синот Човечки ќе биде предаден
во рацете човечки и кога ќе го убијат на третиот ден ќе воскресне.
Како ти се чини Симоне, земните цареви од кого
земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи? Значи синовите не
плаќаат, но за да не ги соблазниме оди до морето, фрли јадица и првата риба
што ќе се улови земи ја и кога ќе и ја отвориш устата ќе најдеш златник. Земи
го и подај им го за мене и за тебе
18*Вистина ви велам ако не се повратите и не
бидете како деца нема да влезете во Царството Небесно. А кој ке се смири како
ова дете тој е поголем во Царството Небесно и кој прима такво дете во мое име
мене ме прима.
А кој соблазни едно од овие
мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне
во морска длабочина. Тешко му на светот од соблазни оти соблазните треба да
дојдат, но тешко му на оној човек преку кого доаѓа соблазната. Ако те
соблазнува раката или ногата твоја одсечи ја и фрлија од себе, подобро е за
тебе да влезеш во животот без рака или без нога одколку со двете раце и двете
нозе да бидеш фрлен во вечниот огин, и ако те соблазнува окото твое извади го
и фрли го од себе, подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око одколку
да ги имаш и двете очи а да бидеш фрлен во геената огнена.
Гледајте да не презрете едно од овие мали зашто
ви велам нивните Ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на мојот
Отец
Небесен. Оти Синот човечки дојде да го побара и
спаси загубеното. Како ви се чини, ако некој има 100 овци и една од нив се
загуби, нема ли да ги остави 99 во планина и да појде да ја бара загубената
овца, па ако се случи да ја најде вистина ви велам ќе се радува за неа повеќе
одколку за 99 незагубени. Така и вашиот
Отец Небесен не сака да загине ниедно
од овие маливе.
Ако згреши против тебе братот
твој оди и искарај го насамо. Ако послуша си го придобил твојот брат, ако ли
не те послуша поведи со себе уште еден или двајца па со устата на двајца или
троица сведоци нека се потврди секој збор, а ако не ги послуша и нив кажи и на
Црквата, па ако и Црквата не ја послуша тогаш нека ти биде како незнабожец и
митник. Вистина ви велам, се што сврзете на
земајта ќе биде сврзано и на небото и се што разврзете на земјата ќе биде
разврзано и на небото.
Пак ви велам, ако двајца
од вас се согласат на земјата да помолат нешто што и да било ќе им биде дадено
од мојот Отец Небесен зашто каде се двајца или троица собрани во мое име таму
сум и јас меѓу нив. (Петар: Господи колку пати
да му простам на мојот брат?) Не ти велам 7 туку 70 пати по 7.
Затоа
Царството Небесно
прилега на цар кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога
почнал да ја расчистува сметката доведоа при него еден што му должеше 10.000
динари, па бидејќи немаше со што да плати Господарот негов нареди да го
продадат него и жена му и децата негови и се што имаше за да наплати. Тогаш
тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: Господаре стрпи
се кон мене и се ќе ти платам. А Господарот на тој слуга кога се смилува го
пушти и му го прости долгот. А слугата штом излезе најде еден од другарите
свои кој му должеше 100 динари и кога го фати го давеше и му велеше: Исплати
ми што ми должиш. Тогаш неговиот другар падна понизно пред нозете негови го
молеше и велеше: Стрпи се кон мене и се ќе ти исплатам. Но тој не сакаше туку
отиде и го фрли во затвор дури не му го исплати долгот. А другарите негови
кога го видоа тоа што стана многу се огорчија па отидоа и му кажаа на својот
Господар за се што се случи. Тогаш Господарот негов го повика и рече: Лукав
слуго, јас ти го простив целиот долг зашто ми се молеше, не требаше ли и ти да
се смилуваш на твојот другар како што се смилував и јас на тебе, и се разгневи
Господарот негов па го предаде на мачители додека не му го исплати целиот свој
долг. Така и мојот
Отец Небесен ќе направи со вас ако секој од вас не му ги
прости од срце гревовите на братот
19*Нели сте читале дека оној што ги создаде во
почетокот, маж и жена ги создаде и рече: Затоа ќе остави човек татко и мајка и
ќе се доближи до жената своја и ќе бидат двајцата едно тело па така тие веќе
не се двајца а едно тело, а Бог што составил човек да не разделува. Заради
вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволил да ги оставите жените свои, но во
почетокот не беше така. А јас ви велам `Оној што ќе ја остави неговата жена
освен поради прељуба и се ожени со друга, тој прави прељуба, и оној што ќе се
ожени со напуштената прељубодејствува` (Ап: Ако е така тогаш не треба ни да се
жени) Не сите го примаат овој збор, а само оние на кои им е дадено, зашто има
осамени така родени од мајчината утроба а има осамени и од луѓе но има и такви
што се осамени само заради Царството Небесно. Кој може да прими нека прими.
Оставете ги децата, не пречете им да доаѓаат
при мене, зашто на такви е Царството Небесно.
Зашто
ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог, а ако сакаш да влезеш
во животот пази ги заповедите. Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не
сведочи лажно, почитувај го таткото и мајката, сакај ги ближните твои како
себе. Ако сакаш да бидеш совршен оди продај го имотот твој и раздели го на
сиромаси и ќе имаш богатство на небото па дојди и оди по мене. Вистина ви
велам богат мачно ќе влезе во Царството Небесно, и уште ви велам, полесно е за
камила да влезе низ иглени уши одколку богатиот да влезе во Царството Божјо.
(Ап: Кој може да се спаси) За луѓето тоа не е можно но за Бог се е можно.
Вистина ви велам дека вие што одите по мене при повторното раѓање кога Синот
човечки ќе седне на престолот на славата своја ќе седнете и вие на 12 престоли
и ќе судите на 12 израилеви колена и секој што остави куќа или брат или сестра
или татко или мајка или жена или деца или ниви заради моето име ќе наследи 100
пати повеќе и ќе добиете живот вечен, и мнозина први ќе бидат последни а
последните први
20*
Зашто Царството Небесно прилега на домаќин кој излегол наутро рано да
изнајми работници за своето лозје, па штом се договори со работниците по динар
на ден, ги прати во лозјето свое. Потоа кога излезе околу 3 час и виде други
како стојат на пазарот без работа, им рече: Одете и вие во моето лозје, па што
е право ќе ви дадам. Пак излезе околу 6 и 9 час и направи исто. А околу 11 час
одново излезе и најде други како стојат без работа и им рече: Зошто стоите
тука цел ден без работа. Тие му одговорија: Никој не не повика. А тој им рече:
Одете во моето лозје и што е право ќе добиете. А кога се стемни Господарот на
лозјето му рече на својот настојник: Повикај ги работниците и плати им
почнувајќи од последните па до првите. И дојдените околу 11 час добиа по
динар, а кога дојдоа првите помислија дека ќе примат повеќе, но и тие добија
по динар. И штом добиа негодуваа против Господарот и велеа: Оние последните
работеа еден час а ти ги изедначи со нас што ја трпевме мачнотијата на
работата и жештината на денот. А тој им одговори и му рече на еден од нив:
Пријателе, не те обесправувам, нели се договори со мене за динар, земи си го
своето и оди си, и на овој последниот сакам да му дадам како и на тебе, зар
немам право да правам со своето што сакам, или ти е окото завидливо оти сум
добар. Така последните ќе бидат први а првите последни, зашто мнозина се
повикани а малку избрани.
Ете се искачуваме кон
Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците и
ќе го осудат на смрт и ќе го предадат на незнабожците за да биде исмеан и биен
и распнат и на третиот ден ќе воскресне.
Не
знаете што барате, можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам јас или да се
крстите со крштевањето со кое се крштевам јас? Чашата моја ќе ја пиете и со
крштевањето со кое се крштевевам јас ќе се крстите но да се седи од мојата
десна или лева страна тоа не зависи од мене, таму ќе седнат оние за кои е
приготвено од мојот
Отец. Знаете дека кнезовите народни владеат над народите
и управниците господарат над нив, а меѓу вас нека не биде така, кој меѓу вас
сака да биде поголем нека ви биде слуга и кој сака меѓу вас да биде прв нека
ви биде слуга, како што и Синот Човечки не дојде да му служат туку дојде да
послужи и да ја даде душата своја за откуп на многумина
21*Одете во
селоно што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа.
Одврзете ги и доведете ми ги, и ако ви рече некој нешто ќе му кажете дека му
се потребни на Господ и веднаш ќе ги прати. (Во
храмот ги истера сите што продаваа и купуваа, ги растури масите на менувачите
и столовите на оние што продаваа гулаби) Напишано е `Домот мој дом за молитва
ќе се нарече` а вие го направивте како разбојничка пештера. (Огладне,
виде смоква, и не најде на неа ништо) Од сега да нема плод на тебе довека.
Вистина ви велам ако имате вера и не се посомневате не само тоа што стана со
смоквата ќе извршите туку ако и на оваа планина и речете дигни се и фрли се во
море, ќе биде, и се што и да побарате во молитва со вера ќе добиете. (Свеш:
Со каква власт го вршиш тоа) И јас ќе ве прашам нешто па ако ми одговорите и
јас ќе ви кажам со каква власт го вршам тоа. Крштевањето јованово од каде
беше. од небото или од луѓето (А тие размислуваа: Ако кажеме од небото ќе ни
рече `Па зошто не му верувате` а ако речеме од луѓето се боиме од народот оти
сите го сметаа Јован за пророк, и на Исус му рекоа `Не знаеме`) Ни јас не ви
кажувам со каква власт го вршам тоа. А како ви се чини ова? Еден човек имаше
два сина па отиде при првиот и му рече: Сине оди денес да работиш во моето
лозје. Тој одговори и рече: Нејќам. Но потоа се покаја и отиде. Па како дојде
и при вториот му рече истото. Тој одговори и рече: Ќе отидам Господаре. Но не
отиде. Кој од двајцата ја исполни татковата воља? Вистина ви велам дека
митниците и блудниците ќе ве испреварат во Царството Божјо, зашто дојде при
вас Јован да ви го покаже патот на праведност и вие не му поверувавте, а
митниците и блудниците му поверуваа, а вие иако видовте не се покајавте од
после, за да му поверувате. Чујте друга парабола.
Имаше
еден човек домаќин кој насади лозје. Го загради со ѕид, ископа бунар, направи
кула и одкако го предаде на лозарите си отиде, и кога наближи времето за
берење тој ги испрати при лозарите своите слуги за да му ги приберат
плодовите, но лозарите кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа,
другиот го убија а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги,
повеќе од првите, но и со нив направија исто. Најпосле го испрати при нив
својот Син велејќи: Ќе се засрамат од Синот. Но лозарите кога го видоа Синот
си рекоа меѓу себе: Овој е наследникот, ајде да го убиеме и да го присвоиме
наследството негово. Па кога го фатија го изведоа надвор од лозјето и го убиа.
А кога ќе дојде Господарот на лозјето што ќе им направи на тие лозари?
(Злочинците ќе ги погуби а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги
даваат плодовите на време)
Зар не сте читале од
книгите `Каменот што го отфрлија ѕидарите стана глава на аголот, тоа е од
Господ, и чудесно е во очите наши` затоа ви велам дека Царството Божјо ќе се
земе од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови, и кој
падне врз тој камен ќе се разбие а тој врз кого падне ќе го здроби
22*Царството Небесно
прилега на човек цар кој напави свадба на Синот и ги испрати своите слуги да
ги повикаат поканетите на свадба, а тие не сакаа да дојдат, потоа испрати
други слуги и им рече: Кажете им на поканетите, ете приготвив јадење, јунците
мои и се што е угоено е заклано и се е готово, дојдете на свадба. Но тие не
сакаа да знаат за тоа и си отидоа, кој на нива кој по трговија, а некои ги
фатија неговите слуги и ги исмеаа и ги убија. Штом чу за тоа царот, се налути,
испрати своја војска и ги погуби убиците и им го изгоре нивниот град. Тогаш им
рече на слугите свои: Свадбата е готова но поканетите не беа достојни, затоа
одете по раскрсниците и колку души ќе најдете поканете ги на свадба. И кога
излегоа слугите на раскрсниците ги собраа сите што ги најдоа и лоши и добри и
се наполни свадбениот дом со гости. А кога влезе царот да ги види гостите
забележа еден необлечен во свадбени алишта па му рече: Пријателе како влезе
овде необлечен во свадбена облека? а тој молчеше. Тогаш царот им рече на
слугите: Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната
темнина, таму ќе биде плач и крцкање со заби, зашто мнозина се повикани а
малку избрани. (Треба ли да се дава данок на
царот?) Што ме искушувате лицемери? Покажете ми една даночна пара. Чиј е овој
лик и натпис? Дајте го царевото на царот а божјото на Бог.
Се лажете оти не ги познавате писмата ниту
силата божја зашто при воскресението луѓето ниту ќе се мажат ниту ќе се женат,
а ќе живеат како Ангели божји на небесата. А за воскресението на мртвите не
сте ли читале што ви рекол Бог кој вели `Јас сум Бог Авраамов Бог Исаков и Бог
Јаковов` Бог не е Бог на мртвите туку на живите.
`Возљуби
го Господ својот Бог со целото твое срце со целата твоја душа и со целиот твој
разум` тоа е прва и најголема заповед, а втората е слична на неа. `Возљуби го
својот ближен како себе си`. На тие две заповеди се држат целиот закон и
пророците. Што мислите за Христос, чиј Син е?
(Фа: Давидов) Како тогаш Давид вдахновен од Духот го нарече Господ велејќи: Му
рече Господ на мојот Господ, седи од мојата десна страна додека не ги положам
непријателите твои во подножјето на нозете твои. И така ако Давид го нарече
Господ, како тогаш да му е он Син
23* На
мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите, затоа се што ќе ви кажат да
пазите, пазете и извршувајте. Според делата нивни не постапувајте оти тие
говорат а не извршуваат. Врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги ставаат
врз грбот на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да се помрднат и сите свои
дела ги прават за да ги видат луѓето. Ги истакнуваат своите записи од законот
и прават големи поли на својата облека. Сакаат прво место на гозбите и предни
места во синагогите и поздрави по улиците и да им велат луѓето `Учителе
Учителе`. А вие немојте да се нарекувате учители зашто еден е вашиот учител,
Христос, а вие сте сите браќа и никого на земјата не викајте го свој татко оти
еден е вашиот
Отец кој е на Небесата. И наставници немојте да се именувате
зашто еден е вашиот наставник, Христос. Но поголемиот меѓу вас да ви биде
слуга, зашто кој се воздига ќе биде понизен а кој се понизува ќе биде
воздигнат. Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате
Царството Небесно пред луѓето оти ниту вие влегувате ниту ги пуштате оние што
сакаат да влезат. Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, оти ги подјадувате
домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите. Заради тоа ќе добиете
поголема осуда. Тешко вам книжници и фарисеи лицемери, зашто обиколувате по
море и по копно за да добиете еден последовател и кога ќе успеете во тоа тогаш
го правите син на пеколот, два пати полош од вас. Тешко вам водачи слепи, кои
велите ако се заколне некој во храмот, не е ништо, но ако се заколне некој во
златото од храмот, виновен е. Безумни и слепи. Што е поголемо навистина?
Златото или храмот кој го осветува златото. Исто така велите, ако некој се
заколне во жртвеникот, ништо не е, но ако некој се заколне во дарот што е на
него, виновен е. Безумни и слепи. Што е навистина посвето? Дарот или
жртвеникот што го осветува дарот? А кој се заколне во жртвеникот се колне во
него и во се што е врз него, и кој се заколне во храмот се колне во него и во
оној кој живее во него, и кој се заколне во небото се колне во престолот божји
и во оној што седи на него. Тешко вам книжници и фарисеи лицемери, оти давате
десеток од нане, копра и ким а сте го оставиле најважното во законот,
праведноста, милоста и верата. Ова требаше да го правите, а и она да не го
оставите. Водачи слепи, вие комарецот го цедите а камилата ја проголтувате.
Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата од
надвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда. Слеп фарисеј, очисти
ја чашата и чинијата најнапред внатре за да бидат чисти и од надвор. Тешко вам
книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови што од
надвор изгледаат убаво а внатре се полни со мртовечки коски и секаква
нечистотија. Така и вие, од надвор им се кажувате на луѓето како праведни, а
внатре сте полни со лицемерие и безаконие. Тешко вам книжници и фарисеи,
лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на
праведните, па велите: Ако живеевме во деновите на нашите татковци немаше да
станеме нивни соучесници во крвта на пророците, а со тоа сведочите сами против
себе дека сте синови на оние што ги убиле пророците. Дополнете ја и вие
мерката на татковците ваши, змии и породи отровни, како ќе побегнете од
пресудата за во пеколот, затоа ете јас праќам при вас пророци и мудреци и
книжници, едните ќе ги убиете и распнете а другите ќе ги биете по синагогите и
ќе ги прогонувате од град во град за да падне врз вас сета праведна крв што е
пролеана на земјата од крвта на праведниот Авел, па до крвта на Захарија синот
Варахиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. Вистина ви велам, сето тоа
ќе падне врз овој род. Ерусалиме Ерусалиме што ги убиваш пророците и со камења
ги засипуваш испратените при тебе. Колку пати сакав да ги соберам децата твои
како птица што ги собира пилињата свои под криља, а вие не сакавте. Ете ви се
остава вашиот дом пуст оти ви велам нема да ме видите од сега дури не кажете:
Благословен е оној кој иде во името Господово
24*Го гледате ли сето тоа, вистина ви велам нема
да остане тука ни камен на камен а да не биде урнат. Пазете се да не ве излаже
некој зашто мнозина ќе дојдат во мое име говорејќи: Јас сум Христос. И ќе
прелажат мнозина. Ќе слушнете боеви и гласови за војни, гледајте да не се
уплашите оти сето тоа треба да биде ама тоа уште не е крајот, зашто ќе се
дигне народ против народ и царство против царство, и на места ќе има глад
помор и потреси, а сето тоа е почеток на болките. Тогаш ќе ве предадат на маки
и ќе ве убијат и ќе бидете мразени од сите народи заради моето име. Тогаш
мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се
мразат. Многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина, и бидејќи
безаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади. А кој претрпи до
крај тој ќе биде спасен. И ќе биде проповедано ова евангелие за царството по
целиот свет за сведоштво на сите народи и тогаш ќе дојде крајот, па така штом
го видите ужасот на запустувањето да стои на свето место, за кое е зборувано
преку пророкот Даниел, кој чита нека разбере. Тогаш оние што се во Јудеа да
бегаат по планините, кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата
своја и кој е на нива нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои, но
тешко на бремените и на оние што дојат во тие денови, затоа молете се да не
стане бегањето ваше во зима или во сабота, оти тогаш ќе биде мака каква што не
била од почетокот на светот па до сега а и нема да биде. И ако не се скратат
оние денови, никој не би се спасил, но заради избраните ќе се скратат тие
денови. Тогаш ако ви каже некој еве овде е Христос или таму е, не верувајте,
оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат големи знаци и
чуда за да ги прелажат ако е можно избраните. Ете однапред ви кажав, и така
ако ви речат `Ете во пустината е он` не излегувајте `Ете во тајната соба е` не
верувајте, зашто како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад,
така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки, оти каде што е трупот, таму се
собираат и орлите. Веднаш по маките на тие денови сонцето ќе потемни и
месечината нема да ја дава својата светлина и ѕвездите ќе попаѓаат од небото и
силите небесни ќе попуштат. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки
и ќе се расплачат сите земни племиња и ќе го видат Синот Човечки како иде на
небесните облаци со голема слава и сила. И кога ќе ги испрати своите Ангели со
голем трубен глас и ќе ги соберат неговите избраници од четирите ветра од
едниот до другиот крај на небесата. Со смоквата направете споредба, штом се
подмладат нејзините гранки и пуштаат лисја знаете дека е близу летото, така и
вие кога ќе го видите сето тоа знајте дека е близу пред вратата. Вистина ви
велам нема да премине овој род додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата
ќе преминат но зборовите мои нема да преминат, а за тој ден и час никој не
знае ниту Ангелите небесни а само мојот
Отец. Но како што беше во деновте на
Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки, оти како што во деновите
пред потопот јадеа и пиеа, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во
ковчегот и не узнаа додека дојде потопот и истреби се, така ќе биде и
доаѓањето на Синот Човечки. Тогаш ќе бидат двајца на нива, еден ќе се земе а
другиот ќе се остави. Две жени ќе мелат на рачница, едната ќе се земе а
другата ќе се остави. Па така бидете будни зашто не знаете во кој час ќе дојде
вашиот Господ.
Знаете го и тоа дека ако
домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот тој би стоел буден и
не би дозволил да му ја поткопаат куќата, затоа бидете и вие готови зашто во
кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки.
А
кој е тој верен и благоразумен слуга кого ќе го постави Господарот негов над
слугите свои да им дава на време храна? Блажен е тој слуга кој кога ќе дојде
Господарот негов го најде да постапува така. Вистина ви велам дека над целиот
свој имот ќе го постави него. А ако тој слуга бидејќи лош рече во срцето свое
`Господарот мој уште за долго време нема да дојде` па почне да ги бие
другарите свои и да јаде и пие со пијаниците, гоподарот на тој слуга ќе дојде
во ден кога тој не го очекува и во час што не го знае и ќе го пресече на пола
и ќе му даде еднаква награда со лицемерите. Таму ќе биде плач и крцкање со
заби
25* Тогаш
Царството Небесно ќе приличи на десет девојки кој ги зедоа своите
светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот, петте од нив беа мудри а
петте неразумни. Неразумните како ги зедоа светилниците свои не понесоа со
себе елеј, а мудрите заедно со светилниците зедоа во садовиет свои и елеј. А
бидејќи младоженецот закасни, сите задремаа и заспаа, а на полноќ се слушна
викање: Ете младоженецот иде, излезете да го пречекате. Тогаш сите тие девојки
станаа и ги приготвија своите светилници. А неразумните им рекоа на мудрите:
Дајте ни од елејот ваш зашто нашите светилници гаснат. Мудрите им одговорија и
рекоа: Да не би да не ни стигне и нам и вам подобро одете кај продавачите и
купете си. А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот, и спремните
влегоа со него на свадбата и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите
девојки и викаа: Господаре Господаре отвори ни. А тој им одговори и рече:
Вистина ви велам, не ве познавам.
И така бидете
будни оти не го знаете ни денот ни часот кога ќе дојде Синот Човечки зашто он
ќе постапи како човек кој тргнува на пат, ги повика слугите свои и им го
предаде својот имот, и едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот
еден, на секому според силата негова, и веднаш замина. Оној што зеде пет
таланти отиде, ги употреби во работа и заработи други пет таланти. Исто така и
оној што зеде два таланти заработи други два, а оној што доби еден талант
отиде и го закопа во земја и така го сокри среброто на својот Господар. По
долго време дојде Господарот и на тие слуги им побара сметка. И кога пристапи
оној што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: Господаре ти
ми предаде пет таланти, ете сум заработил и други пет. Господарот му рече:
Убаво добар и верен слуга, во малку си бил верен, над многу ќе те поставам,
влези во радоста на својот Господар. Дојде исто така и оној што беше примил
два таланта и рече: Господаре ти ми предаде два таланта, ете со нив заработив
други два. Господарот му рече: Убаво добар и верен слуго, во малку си бил
верен, над многу ќе те поставам, влези во радоста на својот Господар. Пристапи
и оној што беше зел еден талант и рече: Господаре те знаев дека си жесток
човек, жнееш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел па се уплашив и
отидов па го сокрив твојот талант во земја, ете ти го твоето. А Господарот му
одговори и рече: Лукав и мрзлив слуго, ти знаеш дека жнеам каде што не сум
сеел и собирам каде што не сум веел, затоа требаше моето сребро да го дадеш на
трговците па јас кога ќе дојдам ќе си го приберам своето со добивка. Земете го
од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти, зашто секој што
има ќе му се даде и преумножи, а од оној што нема ќе му се одземе и она што го
има, а лошиот слуга фрлете го во крајна темница, таму ќе биде плач и крцкање
со заби. Кој има уши да слуша нека чуе, а кога
ќе дојде Синот Човечки и сите свети Ангели со него, тогаш ќе седне на
престолот на славата своја и ќе се соберат пред него сите народи па ќе ги
одели едни од други како што овчарот ги оделува овците од козите и ќе ги
постави овците од својата десна страна а козите од левата. Тогаш царот ќе им
каже на оние што му се од десната страна: Елате благословени од мојот
Отец,
наследете го царството приготвено за вас од почетокот на светот оти гладен бев
и ми дадовте да јадам, жеден бев и ме напоивте, странец бев и ме примивте,
необлечен бев и ме облековте, болен бев и ме посетивте, во затвор бев и
дојдовте при мене. Тогаш праведниците ќе му одговорат и речат: Господи, кога
те видовме гладен и те нахранивме или жеден и те напоивме? кога те видовме
странец и те прибравме или необлечен и те облековме, кога те видовме болен или
во затвор и те посетивме? А царот ќе им одговори и рече: Вистина ви велам, ако
сте го направиле тоа на еден од ови мои најмали браќа, мене сте ми го
направиле. Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: Бегајте од мене
проклети во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите Ангели, зашто гладен
бев и не ми дадовте да јадам, жеден бев и не ме напоивте, странец бев и не ме
прибравте и необлечен бев и не ме облековте, болен и во затвор бев и не ме
посетивте. Тогаш и тие ќе му одговорат и речат: Господи, кога те видовме
гладен или жеден или странец или необлечен или болен или во затвор и не ти
послуживме? Тогаш ќе им одговори и рече: Ако не сте го направиле тоа на еден
од овие најмали браќа, и мене не сте ми го направиле. И тие ќе отидат во вечна
мака а праведниците во живот вечен
26*Знаете дека по два дена ќе биде Пасха и Синот
Човечки ќе биде предаден на распнување.
Зошто и
досаѓате на жената, таа направи добро дело за мене, оти сиромасите ги имате
секогаш при себе, а мене ме немате секогаш, таа излевајќи го мирото врз моето
тело ме приготви за погребение. Вистина ви велам, каде и да биде проповедано
ова евангелие, по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го
направи таа.
Одете во град при тој и тој човек
и кажете му учителот вели: Времето ми наближи, при тебе ќе ја прославам Пасха
со учениците свои.
Вистина ви велам, еден од
вас ќе ме предаде. Оној што ќе макне со мене во чинијата, тој ќе ме предаде. А
Синот Човечки ќе оди како што е напишано за него, но тешко на оној човек преку
кого Синот Човечки ќе се предаде. Добро ќе беше за тој човек ако не се родил.
(И кога јадеа Исус зеде леб и го благослови и рече)
Земете јадете, ова е моето тело. (И кога ја зеде чашата, заблагодари и
им рече) Пијте од неа сите, зашто ова е мојата крв на
новиот завет која се пролева за мнозина за простување на гревовите. И
вам ви велам оти сега нема да пијам од овој лозов плод се до оној ден кога ќе
пијам нов со вас во царството на мојот
Отец. Сите
вие ќе се соблазните заради мене уште во оваа ноќ зашто е напишано `Ќе го
поразам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат` а по воскресението мое
ќе отидам порано од вас во Галилеја. Седете тука додека одам онаму да се
помолам. (Ги поведе со себе Петар Јован и Јаков, се натажи и почна да тагува)
Смртно е нажалена мојата душа, останете тука и бидете будни со мене. (И кога
се одалечи малку падна ничкум се молеше и говореше)
Татко мој, ако е можно нека ме одмине оваа чаша, но не како јас што сакам туку
како ти. (Потоа дојде при учениците и ги затече како спијат и му рече
на Петар) Толку ли не можевте еден час да останете со мене будни, бидете будни
и молете се за да не паднете во искушение, духот е силен но телото е слабо.
(Пак се помоли)
Татко мој, ако не може да одмине од
мене оваа чаша да не ја испијам, тогаш нека биде вољата твоја.
Врати го ножот на местото негово зашто сите што
се фаќаат за нож од нож ќе загинат, или мислиш дека не можам да го помолам
сега мојот Отец да ми прати повеќе од 12 легиони Ангели. Но како ќе се
исполнат писмата ако ова не стане.
Како на
разбојник сте излегле со ножеви и колци за да ме фатите. Секој ден седев со
вас поучувајќи во храмот и не ме фативте, но сето тоа стана за да се исполнат
пророчките писма. (Ти ли си Христос Син божји)
Ти рече. Ви велам пак, од сега ќе го гледате Синот Човечки како седи од десно
на Силата и како доаѓа по небесните облаци
27*Боже мој, Боже мој, зашто си ме оставил
28* Ми се даде секаква власт над небото и над
земјата, одете и научете ги сите народи крштевајќи ги во името на
Отецот и
Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал. Ете јас сум
со вас преку сите денови до крајот на светот,
Амин.