|
Роден е во 1879 година во с. Могила, Битолско.
Завршил основно училиште во родното село. Во 1898 се вклучил во
редовите на ВМОРО. Бил четник во четата на Ѓорѓи Сугарев и крстосувал
низ Битолско, Мариово и Демир Хисар. Кога четата се поделила,
припаднал кон четата на Јон Кафеџијата, со која за време на Илинденското
востание дејствувал во Пелистерскиот реон и извесно време во Преспа.
Во 1904 година формирал своја чета и станал нејзин војвода.
По загинувањето на Сугарев, ја продолжил борбата против грчките
андарти, чистејќи го Мариово од нив.
На 4 јануари 1908 година, во с. Ношпал, Битолско, попаднал
во турска заседа. За да не им падне жив во рацете на Турците,
се самоубил, пукајќи си во устата со револвер. |