Роден е во с. Крушје, Ресенско во 1865 година. Рано се вклучил во национално-ослободителната борба на Македонскиот народ, со својот брат Иван Трајков кој е убиен во 1905 година. Во прво време дејствувал како четник во Охридско, а потоа бил назначен за околиски војвода во Преспа.
За време на Илинденското востание со својата чета учествувал во повеќе борби со турскиот аскер и башибозук. Познати се неговите борбени судири кај селата: Крушје, Лева Река, Кривени, Болно, а кај с .Волкодери бил тешко ранет, но успеал да се извлечи од обрачот. По Востанието останал во Македонија и продолжил со својата револуционерна дејност. Во 1904 година е во четата на Спиро Олчев. Од 1905 година е околиски војвода во Ресенско. Во 1906 година се среќава со А.Сониксен, во време кога тој како „сарафист“ е во конфликт со Битолскиот комитет.
За време на Хуриетот се одѕвал на повикот на Младотурците и лично дошол во Битола за да се сретне со Нијази-бег. Во Првата балканска војна во 1912 година е војвода на партизанска чета. Подоцна учествува и во Втората балканска војна. По окупацијата на Македонија во 1913 година, Трајков со своја чета се вклучува во отпорот како ресенски војвода на ВМОРО. Во 1919 година е уапсен од српските власти и поминува 3 години во затвор. По ослободувањето одиво Бугарија.
Во 1923 година заминува во Америка, каде учествува во организирањето на Македонската патриотска организација. Во почетокот на 1930 година се враќа во Бугарија и се приклучува кон михајловистичкото крило на ВМРО. По превратот во 1934 година е уапсен од новата власт. По бугарската окупација на Македонија во 1941 година се враќа и е поставен за градоначалник на Ресен.
Умрел по тешко боледување на 7 јануари 1942 година во Ресен.
Неговиот син Борис Трајков е убиен кон крајот на 1944 година од новата комунистичка власт на островот Голем град, на Преспанското езеро. |