Роден е во 1875 година во Прилеп. По професија бил шнајдер. Рано се вклучил во редовите на ВМОРО, откако во 1902 година го убил шпионот кој ја предал четата на М.Патчев во Кадино Село. Во прво време дејствувал како четник во четата на П. Ацев.
До Илинденското востание и за време на востанието бил секретар на мариовската чета на Толе Паша, а кон крајот на 1903 година, по смртта навојводата Т.Паша, станал реонски војвода во Мариово. За време на Илинденското востание учествувал во повеќе борби против турскиот аскер, а по востанието, пролетта 1904 година го придружува Ѓ.Петров а потоа ја обиколува Македонија заедно со Н.Каранџулов.
Во 1906 година е уапсен заедно со И.Ѓуров и се осуден на доживотен затвор. По Хуриетот на 24 јуни 1908 година е амнестиран. За време на рзоружитлната акција организирана од младотурците во 1910 година е измачуван, за потоа да избега во Софија каде отвора свое кафуле.
Како војвода на чета учествува и во Првата и во Втората балканска војна, за што е награден со орден „За храброст“ IV степен.
По Првата светска војна живеел во Бугарија. Во периодот од 1935-1936 година, заедно со А.Динев соработувал во списанието „Македонски вести“. Во септември 1944 година бил потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“
Во Македонија се вратил по Втората светска војна во ноември 1944 година, и бил избран за народен пратеник од Прилепско во Народното собрание на Македонија, чија што прва седница, на 1 септември 1946 година ја отворил токму Ш.Војвода.
Умира во Скопје на 17 декември 1962 година и со највисоки почести е погребан во Прилеп. |