Роден е на 27 октомври 1870 година во Битола. Основно образование завршил во родниот град, а потоа ја завршил и Солунската егзархиска гимназија. Со револуционерна активност почнал да се бави во својот град уште пред создавањето на ВМОРО. Во 892 година заедно со Д.Груев и А.Лозанчев формирале револуционерна група „Учителски сојуз“. Во 1892 год, во Софија, станал службеник во Окружниот суд. Се приклучил во Младата македонска книжевна дружина и соработувал во списанието „Лоза“ и во весникот „Глас македонски“ од 1893-1894 година.
На двапати со чета влегува во Македонија. Во есента 1896 година е именуван за учител во Демирхисарското с.Цер а потоа во Кичево во 1897-1898 година, каде што развива револуционерната активност во корист на ВМОРО. За својата револуционерна активност одлежува нешто повеќе од една година во турските затвори во Кичево и Битола. По излегувањето од затворот во 1901 година станува член на Битолскиот окружен револуционерен комитет, како замена за Ѓ.Сугарев по откривањето на Јосифовата афера. На Смилевскиот конгрес во мај 1903 година бил избран за началник на Кичевскиот востанички реон.
При востаничкиот напад на Кичево, заедно со В.Србаков,командувал со одред од 200 востаници. По востанието се повлекол во Бугарија и таму и се приклучил на Серската револуционерна група. Во 1907 година води черта во Битолско.
По Втората балканска војна се населил во Бугарија. Учествува во активностите на Временото претставништво на бившата ВМОРО.
Умира во Софија, на 20 септември 1948 година. |