Роден е на 10 август 1881 година во с.Турново, Струмичко. Уште како ученик во педагошкото училиште во г. Сер, се пројавува по револуционерна линија и е исклучен за бунт против директорот предизвикан од него. Револуционерната идеологија го вовлекува во редовите на ВМОРО. Се појавува на собири, каде што држи револуционерни беседи составени од него.
Во немирната 1903 година станува нелегален и се присоединува кон четата на Х.Чернопеев, а потоа е секретар на војводата Д.Попстаматов.
Во 1904 година е назначен за околиски војвода на Петричката револуционерна околија, а учествува на Рилскиот конгрес во 1905 година од тој округ.
На конгресот 1907 година е избран за член на Окружниот комитет и помошник струмички војвода и заменик на војводата Х. Чернопеев.
Загинал на 7 февруари 1908 година кај месноста Трнка, Петричко, во борба со турскиот аскер. Во таа крвава борба заедно со него загинале и 25 негови четници, како и петричкиот војвода Васил Скендеров. |