Роден е во с. Бобишта (денес Верга), Костурско, во 1876 година. Брат е на македонскиот деец и револуционер Михаил Розов.
Завршува третокласно училиште во Костур а потоа се запишува во Солунската машка гимназија. Во 1900 година завршува гимназија во Битола и влегува во ВМОРО.
При враќањето од Грција со товар оружје заедно со Васил Чакаларов е фатен и затворен во Корча. По ослободувањето во октомври 1902 година е учител во Бобишта. Од пролетта 1903 година е во илигала и на Смолевскиот конгрес пролетта 1903 година е избран за член на Костурско горско началство.
Во Илинденското востание со Бобишката чета се борел на повеќе места во Костурско, како и во превземањето на Невеска и Клисура. Кон крајот на Востанието, заедно со костурските војводи И. Попов и Л.П.Трајков, со своите чети го пробиле обрачот на повеќеилјадната турска војска и се префрлиле во Мариово. Таму, на 3 септември 1903 година, на врвот Сокол (Ниџе планина), бил опкружен со својата чета и во нерамна борба со турскиот аскер јуначки загинал, пеејќи ја песната „Убава си моја горо“. |