Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Петар Перо Шанданов

Роден е на 4 јули 1895 година во Охрид. Основното образование го завршува во родниот град, а потоа и Битолската гимназија, каде во 1912 година се приклучува во ВМОРО. Кон крајот на пролетта е секретар во четата на Г.Чуранов, со која учествува во Балканската војна.

Во 1913 година учествува во Охридско-Дебарското востание, со четата на П.Чаулев, по што е заробен и осуден од Србите. По ослободувањето преминува во Бугарија. Од 1914-1916 година го завршува Военото училиште во Софија. Како офицерски кандидат учествува и во Првата светска војна. По завршувањето на војната служел во Неврокоп, Бургас и Русенскиот гарнизон. Во 1921 година ја напушта воената служба и се запишал на Правниот факултет во Софија.
Во пролетта 1922 година влегува во Македонија како војвода на чета заедно со И.Кушев. Во Патетино во јуни четите на Кушев, Шанданов и Лазар Велков се предадени и во борбата Шанданов е тешко ранет и префрлен во Бугарија на лекување.

Тој е секретар на Битолскиот окружен конгрес во септември 1923 година, каде е избран за член на окружното тело заедно со Г.П.Христов и А.Стефанов. По убиството на Т.Александров во 1924 година, тој е меѓу главните организатори и извршители на убиствата во казнената акција во септември. Заедно со К.Дрангов го организира убиството на А.Василев, нарачателот на убиството на Т.Александров. 

Во 1925 година е избран за резервен член на ЦК на ВМРО и на таа позиција останува до 1928 година. По убиствата на П.Михајлов, Е.Цеков и комунистот Д.Аврамов тој влегува во отворен судир со И.Михајлов. По убиството на А.Протогеров на 7 јули 1928 година тој го зазема неговото место во ЦК на ВМРО. Заедно со Г.П.Христов излегуваат со изјава во која ги осудуваат самоволијата на И.Михајлов и отпочнуваат подготовки за негово отстранување.

Немајќи поддршка од раководителите на македонските организации Шанданов се зближува со комунуистичката ВМРО Об. Во јули 1931 година, на протогеровистичкиот конгрес на ВМРО е избран за член на ЦК, а две недели потоа преживува атентат врз себе и преминува во илегала. Кон крајот на 1932 година почнува да ја пропагира идејата за решавање на македонското прашање во рамките на Југословенската федерацихја, поради што е силно критикуван и од страна на ВМРО (Обединета). Во јуни 1934 ВМРО (Протогеровисти) се самораспушта.

По падот на владата на К.Георгиев во 1934 година е следен и постојано интерниран, Карлово 1934 година, Разград 1935/1936 година, Пловдив 1936/1938 година и Гонда вода 1941 година.

Во Македонија влегува кон крајот на 1944 година со бригадата „Гоце Делчев“, во Прилеп потпишува декларација кон македонскиот народ, а по ослободувањето на Скопје се префрла таму. Тој е делегат на Второто заседание на АСНОМ и е избран за член на Президиумот на Народното собрание на Македонија. По влегувањето во конфликт со Л.Колишевски тој се враќа во Бугарија.

Во почетокот на педесетттите година бил затворен во Белене каде што останал неколку години. По промената на политиките во раните 1960-ти години кон македонското прашање тој е рехабилитиран и наградуван со државни награди.

Умира на 15 октомври 1971 година во Софија.

<< Претходна | Следна>> | Именик

granicnik