|
Роден е во с. Битуше (денес Парорио), Леринско во 1869 година. По убиството на еден Турчин во 1894 година, избегал во планина и станал ајдутин. Во 1895 година им се приклучил на четите што ги формирал Трајко Китанчев. Во еден судир со турскиот аскер бил заробен и осуден на 101 година затвор. Бил испратен на заточение во Дијарбекир, Мала Азија. По амнестијата се вратил во Македонија, се населил во с.Смилево и станал четник кај Н.Геројски.
Во 1901 година се поврзал со Живојин Рафајлович, офицер и деец на српската вооружена пропаганда во Македонија и станал војвода на вооружена чета од Белград. По враќањето во Македонија се поврзал со ВМОРО и положил заклетва пред Г.П.Христов и станал битолски околиски војвода.
За време на Илинденското востание со своја чета учествувал во одбраната на Смилево.
По востанието се повлекол во Бугарија и оттаму, во 1904 година, со чета, повторно дошол во Македонија. На пат за Ресенско на 11 јули 1904 година, предадени кај Турците, војводите С.Арсов и Донски биле опкружени кај с.Ѓуѓанци, Светиниколско. По жестока и нерамна шест часовна борба, со јуначка смрт, загинал војводата С.Донски и 20 четници, а ранетиот војвода С.Арсов се самоубива.
По тој повод, кратовската чета на А.Бабата ги казнува со смрт предавниците од с.Кокошино. |