Роден е во с.Вранештица, Кичевско во 1861 година. Се школува три години во манастирот Св.Богородица Пречиста и во Солунската машка гимназија. По завршувањето на гимназијата станува учител, а во 1889 година во Цариград е ракоположен за ѓакон, а потоа работи како егзархиски учител во Битола и служи во црквата Св.Богородица.
По создавањето на ВМОРО зазема видно место во борбата против поробувачите и е близок соработник на Д.Груев, П.Тошев, А.Лозанчев, П.Христов, Б.Сарафов, Х.Матов и др. Во 1896 година е назначен за егзархиски наместник на Дебар, а во 1899 година за архиерејски наместник во Кичево. Член е на Битолскиот окружен револуционерен комитет и на револуционерните комитети во Кичево и Дебар. Кон крајот на 1899 година, по убиството на неколку бегови во Кичевско, тој е осомничен и лежи во затворите во Кичево и Битола. По ослободувањето, истата година е пак осомничен за убиство на еден предавник и знаејќи што го очекува, ја напушта службата и оди во четата на Т.Давидов, а пио неговата смрт во четата на С.Арсов која дејствува во Ресенско, а потоа се враќа во Кичевско со В.Попов и Х.Сугарев.
Во 1903 година учествува на Смилевскиот конгрес и добива задача за предавање на протоколите на Задграничното претставништво во Софија.
Се враќа по востанието и заедно со Д.Груев се оддава во возобновувањето на револуционерната мрежа. По Лигушевата афера во Битолско во 1906 година, поп Тома е пак осуден на доживотен затвор, но по девет месеци, по Хуриетот е ослободен од Битолскиот затвор.
Во 1934 година е расчинет поради служење на панахида на член на ВМРО во црквата Света Петка во Софија.
Умира во Софија на 18 август 1946 година. |