Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА IV

Блатата на Карафериja [12]

Некогаш целата таа мочурлива земја на јужна Македонија била во рацете на турската влада. Се водеа преговори со една странска компанија да ја пресуши и да го исползува богатиот нанос на ѓубре за земјоделски цели. Француски научници и инженери ја прегледаа, ја испитуваа и напишаа за неа блескави реферати. Како и сe друго, Турците ја тераа работата лека-полека. Меѓувремено војската изгради стражарски места тука по островите и гарнизон. Но, првото лето маларичната треска ги нападна и сите беа принудени да се повлечат во планинските села. Во текот на истото лето една чета беше притисната од кавалериска патрола некаде во полето. Бугари-рибари им ги дадоа своите чунови на илегалците да избегаат низ блатата. Месноста им се допаднала на комитите и тие решија да се настанат во неа. Ги изгореа касарните, оставајќи зад себеси само два поста.

Кога есента се врати турската војска за да ги заземат своите стари места, не знаеше што се случило. Еден плотун од манлихерови пушки, што грмна меѓу високата трска им донесе смрт за некои, а на останатите им ги отвори очите. Еден млад офицер, поглупав од другите, извикал:

– Ние сме аскер! Ким син сис? [13]

Од трските одговориле:

– Ние сме комити, ура!

Некои од војниците, исплашени, за да се прикријат, загазиле во тињата, но наместо спас ја нашле својата смрт, пропаднати во тињата. Останатите се повлекле и покрај бесните заповеди на пашата кој ги командувал, а заседнал на пет километри поназад. Сите увидувале дека е смешно да се оди против еден невидлив непријател со мали, неудобни чунови низ еден канал широк еден метар.

Следниот ден се собрал цел корпус војска и со 12-сантиметарски топови го гаѓале блатото, но странските офицери, пристигнати од Солун, забележале дека е срамно да се фрлаат 12-сантиметарски гранати врз некакви си 20 – 30 комити. Тогаш Турците направиле специјални чунови, опковани со метал и се обиделе да го испратат целиот корпус одеднаш против скриениот непријател. Но, приближувањето до него станувало само по единствениот канал, којшто давал пристап на чуновите еден по еден, при што опасноста за аскерот била очевидна. Турската влада кренала рака и им го оставила блатата на илегалните...

Јас немав потреба од експерти, за да ги оценам удобствата на нашата позиција, толку повеќе што ја имав предвид примитивната тактика на турската војска. Ние бевме заградени од плитка, но тињеста вода и затскриени од сите страни со трска, висока повеќе од три метри. Среде островот растеше високо дрво, а во неговите гранки деноноќно бдееше стражар. Одовде се гледаше Олимп и меѓу подножните ридови белите згради на Караферија, Негуш и Воден. Наблизу блескаше отворена вода, низ која требаше да помине напаѓачот.

Но овие стратегиски предимства јас ги оценив подоцна. Отпрвин бев љубопитен да се запознам со луѓето околу мене. Досега ги познавав само Лука и Тодор, затоа што селаните можеа да нe сместат по колибите само во мали групи. Тиа беа за мене неопределени фигури, наметнати ноќно време со пелерини, една редица од молчаливи сенки, што се движеа по темните планински патеки.

Тука тие се истакнаа во животниот блесок на реалноста – една толпа без бради, весели и зборлести момчиња, живописни по надворешност, со разнобојни појаси, некои со долги коси, макар и сосема различни од бандитите, какви што ни ги претставуваат театралните директори. За такво нешто имаа сосема малку личен накит и мошне многу добродушни лица. Како да беа некаков лагер на полициски доброволци. Сите беа во сива униформа, макар и врз некои малку поискината, закрпена и износена. Еден далечен воз, кој пуфкаше и свиреше, кога го минуваше железничкиот мост, ме разбуди од моето размислување, но не ме убеди дека се наоѓам во илегален логор.

Момчињата изгледаа срамежливи.

– Тие си претставуваат – ми потшепна со насмевка Тодор, – дека вие сте еден вид меѓународна комисија со македонскиот устав во чантата.

Вечерта се собравме во големата колиба, каде што спиеја четниците. Во средината се разгори голем оган, чијшто чад се цедеше низ трските на покривот. Во дното послаа голема черга врз дебел пласт од шамак. Тука Лука, Тодор и јас го установивме нашиот постојан стан. Ниеден аристократски салон не бил подобро украсен со оружје. Над главата на секој заспан четник висеше манлихеров карабин, бајонет и наган. Макар што Лука беше човек со воено образование (тој бил офицер во бугарската армија), неговите односи кон момчињата беа демократски. Тие се собираа околу него во полукруг и секој можеше да му поставува прашања, на кои Лука одговараше. Наскоро разбрав дека тие момчиња не се неуки за светските работи. Повеќето од нив престојувале некое време во Бугарија, а еден дел и беа родени таму, како на пример Лука. Двајца од момчињата ми направија особено силен впечаток. Тие беа од студентскиот тип и такви беа во стварност. Едниот беше дезертер од Софиското воено училиште.

За да не направам фалшив впечаток, што можеби сум го создал токму сега, да додадам, дека Лука не беше орудие на бугарската политичка пропаганда во Македонија. Поточно, тој бил еднаш вмешан во заговор за соборување на кнезот Фердинанд и за установување на бугарска република. Откривањето на заговорот довело до смртна пресуда за Лука, но Народното собрание ја изменило во краткорочен затвор, како еден протест против кнезот, кој во тоа време бил во конфликт со народните пратеници. Извесно време бил редактор на радикален весник [14], потоа избувнало востанието во 1903 година во Македонија и тој доброволно ги предложил своите воени познавања. Оттогаш тој останал во Македонија како началник на воденскиот реон. При една од неговите годишни посети во Бугарија, правени за доставување на воени материјали, коишто Централниот комитет ги купуваше од австриски трговци, јас му бев претставен на Лука од Дамјан Груев, главниот организатор на Револуционерната организација.

Првата ноќ во тој логор ја поминав во здрав сон. Кога се разбудив, сите веќе беа станати. Стражарот одозгора извика. Јас станав, излегов надвор и забележав еден чун, што идеше од честакот од тртски кон нас. Во него имаше три лица. Првиот, што скокна на брегот, беше подвижен, црномурен човек на средна возраст, со износени бели албански, тесни, опнати потури, со црна кошула со широки ракави, вооружен не само со манлихерка и наган, туку и со кама со сребрена дршка, провисната на неговиот колан со патрони. И да не го познавав лично, ќе погодев кој е, затоа што неговите портрети висеа во сите крчми во Бугарија, токму во тие комитски алишта. Јас се бев сретнал со Апостол во Софија минатата година и тој веднаш ме позна. Ако имаше некој од разбунтуваните ѓаурски поданици на Абдул Хамид, спрема кои тој да има лична омраза, тогаш тоа беше Апостол војвода. За случајниот посматрач однадвор и за обичните селани, христијани или муслимани, тој беше видната личност на револуцијата. Странски полициски офицери и конзулски чиновници, неуки за внатрешниот развивиток на организацијата, водеа тајни преговори со Апостол, за да ги дознаат неговите гледишта за различните прашања за реформата. Тие веруваа дека тој е претставник на селските маси. Јас сум сведок дека султанот испрати еден од своите роднини кај Апостол војвода, за да ги дознае неговите услови, при кои тој би се повлекол од револуционерна дејност.

Апостол беше македонскиот Робин Худ. Тринаесет години тој носел оружје. Уште пред Дамјан Груев да го организира прочуениот Централен комитет, Апостол ги крстосувал планините. Тој беше од оние фантастични херои, коишто се појавуваат меѓу угнетените народи низ сите полуварварски периоди на историјата и чиишто подвизи се воспевани од народите. Тие се воодушевувале единствено од идејата за смрт и разурнувања, првиот инстинкт на примитивните, непросветени луѓе.

Кога се создала револуционерната организација со програма за заедничка дејност, Апостол војвода, вза разлика од многумина свои колеги од разните делови на земјата, й ги предложил своите услуги, наспроти сите ограничувања што требало да ги поднесе поради дисциплината во таа организација, да се откажува од својата пљачка и да ги слуша заповедите на анемичните градски учители.

Од тоа време животот на Апостол бил само подвизи.

Пред девет месеци тој и триесет и осум негови четници биле опколени во едно село до реката Вардар. Тие воделе дванаесетчасовна борба со половина корпус војска. Од Солун по железницата била дотерана артилерија, коњица и пешадија, но Апостол не отстапил од својата позиција. Најпосле четата била уништена; само двајца избегале, препливувајќи ја реката откога се стемнило. Едниот од нив бил Апостол [15].

Во таа борба паднале триста души од аскерот, но владата не обрнувала внимание на тоа, затоа што верувала дека Апостол е убиен. Но, по една недела валијата [16] добил писмо со печатот на Апостол, во кое се соопштувало дека војводата оздравел од својата лесна рана. Тоа непријатно соопштение не било објавено. Еден султански пратеник отишол кај жената на Апостол во неговото родно село и й соопштил, дека владата ќе му даде богата пензија на нејзиниот маж, ако тој престане да дејствува и пушти да го сметаат за мртов. Дури и после, кога го сретнав во блатата на Караферија, во Бугарија не се знаеше дека е жив, а во Солун турски офицери носеа медали, што им беа дадени за учество во неговото убиство.

Апостол и неговата чета го заземаа едниот од двата пункта, преземени од турската војска. Неговата чета ја бранела таа позиција, кога војската сакала повторно да го завземе. Тој дојде да го покани Лука, Тодор и мене да го посетиме и да ручаме со него. Ние тргнавме со две чуна, кривуличевме низ трските и излеговме во едно езеро, поголемо од нашето. Позицијата на Апостол личеше на чифлик; по езерото пливаа питоми пајки и гуски, а околу трите колиби скитаа пилиња, кокошки, овци и кози. Имаше и еден овен, среќата на четата, едно немирно животно, кое влегуваше и излегуваше, кога ќе му се посакаше низ колибите, ги газеше и разбудуваше заспаните и ги бодеше со своите рогови, кога го бркаа. Ми раскажаа дека тој овен бил чудесен другар во ноќните походи. Тој одел на чело на редицата зад војводата. Ненадејно ќе запре, ќе профучи особено и ќе тупне по земјата со своите предни нозе. Тоа предупредување било секогаш успешно; некој ќе е на патеката, пријател или непријател. На тој начин овенот ја спасувал четата од многу изненадувања.

Гледам дека луѓето на Апостол, по интелигентност стојат подолу од луѓето на Лука. Повеќето беа прости, неписмени селски момци. Блатото им беше станало засолниште на сите кои бегаа од турското правосудство. Кај Апостол имаше едно момче на черинаесет години, кое му ја беше украло пушката на еден турски падар [17], кога спиел во полето. Друго момче на седумнаесет години, шивачки калфа, избегало тука, затоа што прободело со нож еден пијан војник, којшто го тепал. Еден старец дошол ноќно време кај блатото и бил прибран во логорот. Тој убил еден Албанец, управник на чифлик. Една недела подоцна тука се засолнал и неговиот син – речиси дете, којшто ранил со камен некаков стражар. На таков начин Апостол беше собрал еден голем логор од приврзаници, кои не војуваа. „Прифатилиштето за сираци на Апостол“, како што го нарекуваше Лука. Два пати годишно имаше генерално расчистување и тогаш, дваесет до четириесет души беа испраќани во Бугарија. Таму Централниот комитет се грижеше за нив додека не најдат работа.

Апостол се поплакуваше дека не можел да задржи долго време секретар. Лука ми го побара погледот и се насмевна. Апостол не беше од оној вид началници, кои ќе ги претпочита еден студент.

Дури во организацијата имаше предубедувања против Апостол со што јас никогаш не сум сочуствувал. Но, младите војводи обично кажуваа за него: „тој стар разбојник“. Кутриот Апостол, за него беше тешко да врви во чекор со еволуционите движења во организацијата. Тешко му беше да остави некаков неспособен даскал, дојден од градот да му ја критикува тактиката и да се меша во неговите сметки. Уште потешко беше да се диктираат неговите воени дејствија од луѓе, кои никогаш не употребувале понапаѓачко оружје од бастуна. Но, тој се потчинуваше. До крајот остана лојален.

Апостол војвода беше дете на природата, неговата наивност беше мила. Тој раскажуваше за своите подвизи како момче. Неговата гордост за работите во кои учествувал, беше така јавна, што не изгледаше егоистичка. Кога ќе почувствуваше дека верата на неговите слушатели ослабува, неговите очи се отвараа како два тркалести петпаралници и тој кимнуваше свечено со главата. Во такви моменти тој фасцинираше.

Речиси цела недела по моето доаѓање, ние добивавме секој ден рапорти од Воден за вревата што се креваше таму околу моето исчезнување и за движењето на војската. Тие вести се читаа околу огнот и нe забавуваа. Но, како што очекувавме, единаесеттиот ден вревата одеднаш престана, чиновниците се вратија во Солун и војската се повлече од селата. Значи, моето писмо беше пристигнало во Њујорк и беше публикувано.

Тогаш замисливме да тргнеме одново по планините, но добивме вести преку доверливи луѓе дека грчката црква подготвува поход против девет полски села. Истовремено, со тоа се доби вест дека една силна чета од „Христови војници“[18], навлегла во мочуриштата до Солун, снабдувајќи се со храна од околните грчки села.

Апостол испрати десет момчиња на разузнавање и веќе три дена ги немаше. На вториот ден се слушаше престрелка од југ, што траеше половина час. Кога следниот ден момчињата на Апостол се вратија, соопштија дека сретнале една слична таква разузнавачка група Грци, којашто идела наваму. За среќа ги виделе први, отвориле оган и убиле четворица Грци и зеле еден чун и пушки. Таа случка не натера да бидеме на штрек.

Деновите врвеа многу брзо, бар за мене. Често одев на лов и по риба со Тодор или со некого од четниците. Лука не го сакаше тој спорт. Го сметаше за лесен, а освен тоа имаше некакви скрупули на толстоист. По Тодор и Лука, мој другар беше Александар, некогашен кадет од военото училиште. Тој беше пријатен собеседник, начитан и доволно циничен за да сфати дека дури и македонската револуција е само една историска случка. Како мнозина млади интелигентни Бугари, тој беше испириран со социјалистички идеи, но не примаше сe без критичност. Јас можев да ги прифатам неговите забелешки како неискривени ниту од фалшив ентузијазам, ни од национална гордост, ни од предрасуди. Тој дури ги намалуваше достоинствата на своја народ, што е карактеристично за Бугарите воопшто, во изразита спротивност на фанатичниот шовинизам на Грците.

Тодор ми беше најверниот придружник; обајцата имавме навика да се шетаме угоре-удолу покрај колибите, додека останатите пушеа. Тој поседуваше не само силно чувство за хумор, туку и ретка дарба да ја истакне смешната страна на очевидно сериозните нешта. Овој негов квалитет му даваше можност да раскажува за сопственото минато без ни трошка егоизам.

Тој сакаше да раскажува најмногу за своите ученички денови. Забавна беше приказната за измачувањето на еден стар муслиман, кој ги учел турски. Учениците пуштале камчиња во џебовите на неговото големо широко палто и пишувале пародии на сантиметалните стихови, што тој ги создавал. Такви приказни Тодор раскажуваше многу, но човек не требаше да ја испушта неговата лична историја.

Постарите ученици се организирале како разгранок од Револуционерната организација, под надзор на месни агитатори, кои биле, се разбира, професори во гимназијата. Бугарската црква, којашто ја уредувала просветата на македонските Бугари, назначила во училиштето еден шпион, кој да известува за делата на своите другари. Егзархот, макар и да не бил смртен непријател како грчкиот патријарх, не бил ни пријател на револуционерната дејност.

За да се спасат од шпионот, професорите ги натерале учениците да бараат од месниот владика да биде преместен. Тодор бил избран за оратор на делегацијата, којашто требало да се јави кај владиката со тоа барање. За да биде покрасноречив, говорникот пивнал од евтиното вино, чиешто дејство го потценувал пред да влезе во собата на владиката. Неговата реч излегла уверлива, но не за увото на еден божји човек.

Станал голем скандал, училиштето било затворено а Тодор и останатите делегати биле исклучени, без да добијат дипломи. Таа диплома можела да го направи учител следната година. Без неа станал четник.

Во тоа време Тодор бил болникав момок и војводата често го испраќал во градот за да се поправи и да ги купи нужните нешта за четата. Еден ден, тој се сретнал во градот со други тројца четници и отишле во кафеаната на разговор. Кога еден од четниците го вадел своето ќесе да плаќа, ја свртел полата на своето палто. Еден Грк, кој седел на соседната маса, ја забележал цевката на скриениот под алиштата револвер. Притоа ги чул дека зборуваат и бугарски. Не поминале ни пет минути, четворицата четници биле фатени на улицата и отерани во полициската станица.

Ги подложиле на мачења. Тодора го тепале со дрвен чекан по вилицата и му ставале врели јајца под мишките. По голите стапала го удирале со тенки жици. Ударите не се чувствуват при самото тепање, ми раскажуваше тој, но како жешки игли бодат и го раскинуваат срцето. При сето тоа, од него не дознале ништо. Еден од другите издал сe и после полудел. Неговите признанија им направиле голем впечаток на Турците, затоа што дотогаш организацијата за нив била само басна, на која тие не би обрнувале внимание, да не ги поттикнувал грчкиот патриарх со неговите поточни податоци. Истата ноќ [19] во Солун биле затворени неколку стотини Бугари, меѓу кои и целиот Централен комитет. На прво место Дамјан Груев, првиот организатор на движењето, д-р Хр. Татарчев, виден лекар, заштитуван од странската колонија и оженет со ќерката на грчкиот конзул, и дузина други не толку видни, но не помалку активни. Европа била зачудена. Организацијата за една ноќ речиси била уништена.

Процесот бил меѓународен настан, вешто използуван од Турците. Повеќето од заговорниците биле осудени на по сто и една година заточение во Мала Азија. Тодор поминал една година во тврдината Акија, во Арабија. Организацијата им испраќала пари, затоа што затворниците требало да се издржуваат сами, макар што инаку не биле третирани лошо.

Еден ден командантот на затворот им предложил на Тодор и четворицата негови другари:

– Дајте ми дваесет лири и ќе ви помогнам да избегате.

Тие посакале еден ден време да си размислат.

– Тогаш дајте шест лири и ќе бидете слободни - се пазарел бимбашијата [20].

Но, тие требало да поразговараат меѓу себе, затоа што се посомневале на некаква игра.

Тодор се беше здружил со еден телеграфист, Арап. Го нашол и прашал:

– Има ли важни новини денес?

Телеграфистот итро се насмевнал:

– Значи, знаете? – прашал тој.

Тодор не знаел ништо, но му дал на Арапот една меџидија и му намигнал:

– Добрите новини го прават човекот штедар.

Човекот се засмеал:

– Сакате да ги знаете подробностите. Е, добро, утре вечер сите заточенци ќе ги иоспратат за Смирна. Само не разгласувајте, тоа не треба да се знае до утре изутрина.

Другиот ден сe станало јасно: Европа издејствувала општа амнестија, којашто бомбашијата сакал да ја искористи за да изнуди нешто од затворниците.

Тодор се вратил во своето родно село, поседел таму една недела и ги фатил одново планините. По неколку месеци тој станал војвода на една чета. Тој ги раскажуваше своите незгоди како главатар. При изгледот на неговото лице, сето тоа ми изгледаше многу неразумно. Чифт очила многу добро би му стоеле врз очите. Со речиси истиот тон, со кој ми ја беше опишал една сензационална сцена во време на една лекција, тој ми раскажа како со седуммина од своите момчиња опколил пет „војници на Христа“ во една камена зграда, како неговите другари да ја привлекувале стрелбата од фронтот врз себе, додека тој се провирал низ еден прозорец на визбата одзади, па ставил едно динамитно полнење на соодветното место, го подпалил фитилот и се извлекол надвор токму навреме, за да не излета кон небото од експлозијата заедно со петмината Грци.

Во соседниот реон била испратена една чета од некојси бугарски генерал од Софија, кој тврдел дека тој најдобро знае како треба да биде ослободена Македонија. Тоа беа деновите, пред Македонците да разберат каква свиња е бугарскиот кнез Фердинанд. Таа специјална чета се занимавала со собирање на даноци. Нејзините четници носеле сребрени синџирчиња, златни прстени и во џебовите им ѕвецкале турски лири. Тодор ја „намирисал“ оваа чета и се обидел да ја ликвидира, но поради тактичка грешка, само делумно успеал во тоа.

Општественото расположение во Бугарија било засегнато и солидниот генерал плачел пред многубројната публика. За момент организацијата не била во состојба навреме да й се спротивстави на бугарската влада и за да се успокои дебелиот генерал и неговиот кралски господар, Тодор бил сменет од командата. Тогаш Лука со задоволство го зел кај себеси како свој заменик.

Вечерите ги поминувавме весело. Имаше еден младич, по име Сотир, мошне низок и со остарено и набрчкано лице, кој постојано изигруваше будалетинка. Тој ги имитираше особено успешно и една од главните негови претстави беше да претставува како кајмакамот го командува движењето на својата војска од прозорецот на својот стан во градот. Сите свои задачи ги спроведувал низ прозорец, примал соопштенија, испраќал одговори, му издавал наредби на своите аџутанти, ги караше воображените офицери, ги набљудувал со дурбин движењата во далечината, така што човек добиваше јасна претстава за големи воени маневри, коишто се случуваат надвор.

Меѓутоа, неговото ремек-дело беше имитирањето на оџа, кој се моли во џамијата. Таа претстава обично се исполнуваше во неделните вечери, кога колибата се исполнуваше со селани и луѓето на Апостол. Со помошта на црвена шамија Сотир си правеше огромна чалма, а од домашно платно, кое што го користевме за чистење на своето оружје, импровизираше широка облека. Од парче тел си правеше огромни очила. Потоа од Лука земаше примерок од статутот на организацијата, што требаше да го претставува Куранот, и започнуваше со развлечено пеење да си го повторува својот текст. Оџата запираше за момент, ќе се скриеше зад завесата, пивнуваше од малото шише, по што смирено го молеше Куранот за прошка. Службата по правило завршуваше со паѓање во транс при молитвите кон Алах со надеж дека овие грешни ѓаури-комити можеби ќе го осознаат неговиот миговен гнев и вечна казна. Момчињата можеа да гледаат безброј повторувања на оџата, затоа што тој никогаш не го исполнуваше на ист начин.

Ако тоа весело време продолжуваше повеќе, ќе останев со впечатокот, дека комитлакот е нешто многу забавно. Но еден ден стана една случка, којашто изгледаше како специјално наменета да ми напомни дека, ако мрачната страшна игра, што ја играа тие луѓе се чини како да запира некое време, таа поради тоа не стануваше помалку ужасна или вистинита.

Загатнав веќе нешто за деветте села од полето против кои Грците кроеа нешто. Грчкиот владика сакаше да знае што станува во нив и кој ги води неговите „духовни чеда“ по кривите патеки. Селаните беа решени тој ништо да не дознае.

Една вечер, кога јадевме, еден селанец пристигна и му донесе писмо на Лука. Тој го прочита со свиени веѓи, го турна во својата чанта и фрли поглед кон своите луѓе. Од оние, кои беа свршиле со вечерата, тој повика пет души, им заповеда да го придружат курирот на враќање и да останат на располагање на заповедите на селскиот комитет.

Кога се завиткувавме да спиеме, Лука ми рече:

– Изгледа утре ќе имаме гости.

Изутрината, туку што бев свршил со појадокот, слушнав врева и викотници. Излегов надвор. Два чуна полека се приближуваа, поттурнувани од пет наши момчиња. Очите ми се запреа врз клекнатите на коленици фигури на предниот дел на еден од чуновите. Тоа беа двајца селани со врзани раце назад. Едно ненадејно, неприродно молчење се надвисна над логорот. Јас можев да го слушам плискањето на водата спроти предниците на чуновите што се приближуваа, додека тие не се удрија во сушината. Насобраните четници им направија пат на новодојдените да слезат. И навистина, тие слегоа, но јас имав впечаток, како да се тргнаа наназад со ненадеен ужас.

Едниот пленик беше црномурен, дебел, не многу стар, извалкан и лошо облечен. Макар што лесно нe поздрави на месно наречје, се гледаше дека не е Бугарин. Тој беше одвратен, како сега да се беше извлекол од блатната тиња.

– Добар ден, Лука – рече тој со сервилна, самоуверена насмевка. – Тука значи живеете вие.

Никој не одговори.

Другиот беше посивено, збрчкано суштество, слично на глушец. Тој беше почист од својот другар, облечен исто така во селски алишта. Јас го гледав за првпат, но беше јасно дека целата негова физиономија е неприродно изменета. Беше загубил секаква надеж.

Навалицата се раздели на две за да ги пушти пристигнатите во колибата. Лука ме зеде под рака и ние влеговме по нив. Заробениците седнаа, едниот на едната, другиот на спротивната страна на огнот. Лука застана замислен. Еден по еден во колибата влегоа сите четници. Тие седнаа до ѕидовите. Јас и Тодор – на чергите. Ми се стори дека Лука се колеба со кои зборови да започне. Најпосле крена очи кон заробениците и праша:

– Што барате во нашите села?

Дебелиот одговори веднаш:

– Сакавме да купиме жито.

Тој ги изговори своите зборови како на подбив. Требаше ли Лука да му задава такво неумесно прашање!

Се разбира, тие барале жито низ бугарските села!

– Ми пишаа од селото – продолжуваше ладнокрвно Лука, – дека ти си од грчкиот манастир зад Негуш. Вистина ли е тоа?

Дебелиот трепна со едното око и не одговори веќе така слободно.

– Да, јас сум слуга таму. Игуменот ме прати да купам жито...

Лука го прекина.

– Кој е твојот пријател?

– Селанец, што го главив со неговиот коњ.

– Дај да ти ја видам раката, старче.

Стариот механички ја отвори дланката на својата рака и дури и јас видов дека таа е мека и бела како на чиновник.

– Јас сум стар и не можам да работам – објасни тој, – мојот син ме оздржува.

– Ти лажеш, ти немаш син.

Сите се свртивме. Лицето, што ги рече тие зборови, стоеше до вратата. Тој беше најстариот четник, со голема бела брада, којашто му паѓаше до неговите гради.

Лука праша строго:

– Ти од каде го познаваш овој човек?

– Бевме соседи – одговори четникот.

Тој се приближи до пленикот, го наведна лицето до неговите очи и праша:

– Ме познаваш ли, свате? Во она време ти не држеше кираџиски коњи. Тогаш беше писар во канцеларијата на јавниот обвинител. Ти ги преведуваше обвинителните акти на турски и грчки, затоа што знаеше јазици. Поточно повеќе од ова не знам за тебе, но тешко ќе не излажеш дека оваа свиња те главил тебе и твојот коњ да патувате по жито. Поскоро ти си го зел под наем. Те познаваме, стари.

Заробеникот не одговори. Четникот се сврте, запали цигара и излезе од колибата.

– Дајте ми ја торбата што сте ја зеле од нив – рече Лука и Александар му ја подаде.

Во тоа време еден од четниците беше сварил кафе и им подаде по еден филџан на двајцата заробеници, како да ни беа гости. Друг еден им подаде тутун и ливчиња за цигари, но стариот трепереше и не можеше да си свитка цигара. Му ја свиткаа и му поднесоа гламна за да запали. Двајцата махинално ги зедоа кафињата, но пиеја малку, повеќето ги истурија.

Тодор започна да ги разгледува документите што ги беше извадил од торбата. Тој читаше грчки.

– Зборовите се разместени – рече тој, – но тие можат да имаат само едно значење. Житото е поизобилно во Негуш, отколку тука. Не се патува цел ден по овие места за вреќа жито.

Лука не рече ништо. Ненадејно стана и излезе надвор. Тодор и јас набрзо излеговме по него. Го најдовме седнат, замислен врз еден превртен чун. Еден по еден дојдоа и четниците, на крајот ги изведоа и заробениците.

Лука стана и почна да се шета нервозно. Дебелиот пленик мавташе со раце и им расправаше нешто на молчаливите четници, а стариот само кршеше прсти. Лука ненадејно се сврти и запре.

– Пуштете ги да си одат. Антоне, одведи ги на долното пристаниште. Јани, Стефане, Стојане, идете и вие. Тргнувајте вие двајцата и друг пат да не доаѓате по нашите села!

Четворицата четници влегоа во колибата да си го земат оружјето. Антон, најстариот, ги истурка двата чуна. Им ги врзаа одново рацете на заробениците. Дебелиот ја крена својата козја гуна, но еден од четниците му ја зеде. За првпат дебелиот ја загуби својата самоувереност. Тој почна да цимоли, нозете му се подвиткуваа, а отворените рунтави гради му се тресеа.

– Мојата гуна – се надуваше од плач, – Дајте ми го јапанџакот. Јас сум сиромав човек.

Лука го зеде алиштето и му го фрли врз рамото на човекот.

Најпосле двајцата седнаа, секој во предниот дел на чунот, како два беспомошни пингвини. Кога тие ги свртеа грбовите, забележав дека Антон вовлече една секира во чунот. Четниците застанаа одзади по двајца и ги турнаа со стапови по водата. Сите се струпавме на брегот, меѓу нас беше и Лука. Ги набљудувавме двата чуна додека не се изгубија во трските.

Тодор и јас продолживме да се шетаме пред колибите. Другите лежеа наоколу, како и обично, само помолчаливи. Не поминаа ни дваесет минути, двата чуна се вратија, но никој од четворицата четници не проговори, ниту некој ги праша нешто кога влегоа во колибата да ги закачат своите карабини.

Крескаво јато врани прелета над нашите глави и почна да се вие на два километри од нас. Јас не можев да ја запрам ужасната претстава што неволно ми идеше, и влегов во колибата. Лука лежеше на чергата, со скрстени раце и со глава врз нив. Тој остана така до зајдисонце.


12. Во прашање е ЕниџевардарскотоЕзеро или мочуриште. Тоа се протегало сe до близината на Солун. Денес е исушено.
13. Ким син сис? – Кои сте вие?
14. Тој не бил и редактор на весник.
15. На 1 март 1905 г., четите на Апостол војвода и Сава Михајлов – вкупно 42 души – биле предадени од овчари арнаути во близината на с.Смол, Гевгелиско. Судирот со турската војска траел 4-5 часа. Во борбата паднале 36 четници и војводата Сава Михајлов. Апостол војвода, ранет во петата, заедно со 5 други четници, се спасил. Турската влада ги наградува сите што учествувале во борбата со медали, парично и др.
16. Валија, тур. - управник на вилает (област). Обично носи титула паша. Во овој случај информацијата се однесува на солунскиот валија.
17. Падар – полски чувар.
18. Грчките андарти за своите недела, убиства, пљачкања и ширење на грцизмот, грчката цеква ги прогласила за „Христови војници“.
19. Станува збор за т. нар. Солунска афера од јануари 1901 година.
20. Бинбашија, тур. – воен чин. Човек кој командувал со 1000 војници, т.е. командант на баталјон.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik