Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА V
Најпосле дојде тревогата. Одамна ја чекавме и таа дојде. Селаните од двете села во полето, наречено Сланица, за кои и загатнав порано, се од словенско потекло. Но грчкиот владика во Караферија, размавтува раце како хипнозитер и им вели: „Вие сте Грци“. Тие, во ужас од „Христовите војници“, покорно одговараат. "Ние сме Грци" – макар што тоа не можат да го изговорат на класичен јазик, а прибегнуваат кон јазик на варварскиот жаргон, наречен бугарски јазик. Тоа се случило пред неколку години, пред агитаторите да се појават во Воденско. Грчкиот владика веднаш разбрал дека неговото стадо во Сланица ја поканило четата на Лука. После разбрал уште полошо дека селаните й помагале на четата, давале храна и водачи, дека престанале да й го плаќаат данокот десеток на црквата, дека не ги посетувале грчките училишта и дека купувале пушки и муниција од шверцерите. Тоа го разгневило владиката, тој го повикал капетанот на своите банди и му рекол: – Коста, ние треба да ја зачуваме чистотата на нашите луѓе. Пиши им братско писмо и предупреди ги за подлоста на тие бугарски разбојници. Биди кроток, но тврд. Капетанот Коста си го ставил моливот во устата и се замислил. Инспирацијата дошла направо од Христа, чијашто фигура на крстот била отпечатана на чело на писмото. Тој напишал: „7 февруари 1906 г. До моите браќа од селата Мориново, Лековиштица и Јанчишта. [21] Разбравме дека сте биле гонети од Бугарите-разбојници, кои насила сакаат да се откажете од својата народност и вера. Слушаме дека тие ве принудувале да протестирате пред Европејците против војниците на верата, лажејќи дека тие ве прогонуваат. Јас ве молам да си ги отворите очите. За во иднина не правете такви протести. Оние, што не ќе слушаат, ќе ги казнам. Таквите ќе бидат убиени; нема да бидат поштедени и нивните жени и деца; нивните тела ќе ги раскинеме на парчиња. Ќе го убиваме секој, кој не е со нас. Се надевам дека ќе ме разберете и слушате. Ваш брат по вера (п) Константин Акритас.“ [22] Тоа послание, растурено меѓу селаните, му било предадено на Лука од нив, а подоцна испратено до Балканскиот комитет во Лондон, за да добијат претстава во Англија за грчкиот темперамент... Погледнувам во мојот дневник и гледам дека метежите почнаа на 10 март [23]. Тоа беше пролетна, светла, ноќ со полна месечина. Беше толку светло, што можевме да го видиме секој страк од блиската трска. Ние лежевме околу огнот и си разговаравме, кога до колибата долета далечен истрел. По мал прекин злокобното пукање се повтори. Секој се стрча кон своето оружје. – Се бијат во Мориново – извика стражарот над нашите глави. Бргу се подготвија шест чунови и дваесет четници се качија во нив. Почна едно бесно туркање со стаповите и плескање во водата, што за кратко време не дотера до сушината. Во полето пукањето продолжуваше. Оганот од пушките се гледаше. Ние летнавме со трчање низ ѓолишта, трапови и плетишта. Веќе ги гледавме покривите на куќите пред нас, кога истрелите се подредија и сe стивна. Влеговме во селото и на сите страни ја извикувавме паролата. Вооружени селани истрчаа од камените згради и не поздравија. Една грчка чета од педесет души влегла во селото и отишла во куќата на претседателот на месниот комитет. Тие што влегле во домот, биле со маски. Претседателот го немало и тие сакале со сила да ги одвлечат децата и жените. Се кренала тревога низ селото, излегла селската полиција, дваесет души на број, и од оградите на куќите отвориле оган против „Христовите војници“. Борбата продолжила околу половина час, додека пристигнала полицијата од соседното село. Кога ја виделе и неа, Грците почнале да бегаат без секакви правила за отстапување и оставиле петмина убиени. Ние кренавме еден од нив. Тој беше висок, убав човек со брада; во неговата чанта имаше канцеларски материјали. Беше јасно дека тоа е секретарот на капетанот Коста. Од селаните беше убиен само еден човек. Ние се вративме веднаш, бидејќи се плашевме да не дојдат турските војници од Негуш. Другиот ден разбравме дека војниците биле низ селата и дејствувале така, како да имало договор меѓу пашата кој ги командувал и капетанот Коста. Војската била навлезена во сите села околу Мориново. Но, по некаква грешка пристигнала малку подоцна, откога почнал нападот на Грците и селата успеале да ги испратат своите полиции на помош. Кога селаните се враќале, аскерот ги пречекал. Повеќето успеале да ги фрлат своите пушки зад грмушките и плетиштата, за да не бидат обвинети, но петмина биле фатени со оружјето и отерани во Воден. За чест на кајмакамот, тој ги ослободил следниот ден. – Аман од тие Грци – рекол тој меѓу своите луѓе. По таа случка некаква мисла беше го опфатила Лука. Системот на опожарување и убивање го практикувале грчките чети од пред една година. Само во реонот на Лука пострадале петнаесет села, затоа што му давале поддршка на револуционерното движење. Во другите делови на Македонија било исто така. Кој читател на европските весници не си споменува за колежот во Загоричани во 1905 г. [24] Жени и бебиња биле набодувани на бајонети сред бел ден од наемните војници на грчката црква. Со една воздржаност, родена од погрешно сваќање на европската цивилизација, македонскиот револуционерен комитет беше ги забранил репресалиите со надеж дека со тоа ги спечалило симпатиите на општественото мислење како политиката да ли се движи од такви човечки слабости. Лука го познаваше светот повеќе од своите колеги и сфаќаше таа грешка. Тодор беше исто така замислен. Една вечер го поведов да се прошетаме. Подозирав дека бујни мисли му ги беа опфатиле чувствата. – Лука – ми рече тој со низок глас – е многу замислен. Сакам да зборуваш со него. Ти имаш влијание врз него. Јас не смеам да чепнувам тоа прашање, пред да ме покани. – Не ја познавам положбата доволно за да оценувам – му одговорив јас. – Во секој случај, теоретски јас не можам да одобрам репресалии врз луѓе, кои не се отворено виновни. Нели знаете дека не можеме да се добереме до самите андарти. Тодор ме погледна за момент. – Не ме разбираш – одговори тој. – Јас мислам како тебе. Палежот на куќите на оние кои не војуваат, дури и никој да не биде убиен, не е по мој вкус... Тоа не е борба – да им го оставиме тоа на Грците и на башибозукот. Јас проговорив со Лука. Тој почувствува олеснување што прв го засегнав болното прашање. – Да – рече тој јадосан, – мислам да направам нешто. Акритас и неговите главорези се кријат во мочуриштата, во грчкото село Ниси. Тие не се утврдени, но се кријат во шамакот и самиот ѓавол не може да ги најде. Од Ниси земаат храна, курири и водачи. Ако го изгориме селото, тие ќе избегаат оттаму. Можеби тогаш ќе можеме да ги сретнеме во полето на отворена борба. Ако не можам да ги фатам тие влечуги, најмалку барем ќе го изгорам нивното гнездо. – А на другиот ден – одговорив јас – сите европски весници ќе ја соопштат преувеличено случката, ќе кажат дека имало убиени жени и деца. Доброто мислење на Европа за вас ќе биде изгубено. Ќе речат: сите се еднакви – и Грци, и Турци, и Бугари. Јас бев готов да зборувам уште, но Лука ме прекина со насмевка, една добросрдечна насмевка, на којашто веќе се навикнував од пред неколку денови. – Вие сте забавен – рече тој, – наполно достоен за вашиот сонародник Марк Твен. Кога ги разбивате старите традиции и истовремено ги заштитувате со отворено лице, ми се чини дека тоа е чисто американски хумор. Но, сериозно, драги пријателе, вие не зборувате сега со Тодор. И вие и јас сме се вртеле низ разни сфери, и двајцата сме работеле новинарство и сме биле зад кулисите по малку. Колкумина во Европа се колебаат каде да не стават – кај револуционерите или кај разбојниците, пљачкаши. Во секој случај тоа не ме задржува. Јас се колебам пред непријатниот акт. Или поправо, предпочитам да се пресметам со виновни луѓе. Ако можеш да ми кажеш како да се доберам до грчкиот владика, нема да изгорам ниту едно село. Сепак јас настојував и го убедив без голема мака, затоа што тој не помалку од мене се згнасуваше од жестокостите. На крајот тој рече: – Добро, нема да правиме ништо. Но нe нападнат ли уште еднаш, ќе дојде нашиот ред. Ние се поздравивме. Но јас се радував многу малку време на мојата сила да убедувам. Ноќта стражарот не разбуди со извици. Веднаш излеговме надвор. Над трските, во северната насока, небото беше румено и еден столб од црн чад и искри фрчеа нагоре во тивката ноќ. Се чу тешка експлозија, беше фрлена динамитна бомба. Еден од чуновите на Апостол се вовлече во нашето пристаниште и пратеникот побара десет луѓе. Нападот стануваше на негова земја. Ние требаше да останеме и да бидеме подготвени против можни напади поблиску до нас, затоа што Грците го беа поминале блатото недалеку и тоа можеше да е лукавство со кое да ги одвлечат нашите сили од островите. Пламењата што се гледаа од дрвото на стражарот почнаа да се гасат. Имаше малку пукање. Тодор отиде кај Апостол. Изутрината нашите луѓе се вратија. Тие ги виделе Грците како се качуваат на чуновите, кои ги насочиле кон Ниси. Дури и не дочекале да одговорат на плотунот од четата на Апостол. Две куќи од крајот на селото биле опожарени, еден селанец убиен. – Ќе имаме и поголеми вакви просветлувања – забележа Лука. Понатамошни дискусии за мислењето на Европа не се случија. Легнавме да спиеме и се разбудивме веднаш по изгревањето на сонцето. Наскоро населението во Караферија се беше организирало и пред една недела беа ни донесле подарок цела дузина шишиња со пиво. Празните шишиња веднаш се наполнија со газија. Секој четник внимателно го прегледа својот карабин. На пладне дваесет и пет души се качија во осум чунови. Оставивме само шест души на позицијата. Апостол не чекаше со своите луѓе. Станавме сите заедно педесет и пет луѓе. Тодор отиде со пет чунови напред како патрола. Останатиот дел од флотата го следеше на неколку стотини метри поназад. Чуновите патуваа близу еден зад друг. Патувавме на југозапад кон отворените води на езерото Ениџе; низ местата кои не прилегаа на видените од мене дотогаш. Немаше никакви дрвја, само мочурлива трева, понекогаш толку ниска, што можев да се исправам и да го гледам темножолтото море од трева што се брануваше со километри наоколу. Макар и да ги туркавме чуновите со стапови, тие се движеа брзо. Некаде тревата се губеше и водниот пат се откриваше широко пред нас. Бевме опфатени од нервозна веселба. Потфрлавме шеги за македонската флота и за адмиралите, Лука и Апостол. Дававме заповеди на морнарски јазик. Попладнето, кон три часот, навлеговме во широка полноводна река, по која пловевме околу два часа, носени од течението. Еден час пред зајдисонце пак навлеговме меѓу мочурливата трева и наскоро стигнавме до малечок остров, на кој се гледаа обгорените греди на една колиба. Тука слеговме за да вечераме леб и сирење и да се одморат веслачите. Бевме близу до местото на целта. Никој не зборуваше гласно, само шепотевме. Лука ги даде последните совети. Паролите беа „Македонија“ и „Слобода“. Оној што не ќе одговори на вториот збор по првиот, во темницата да се смета за непријател. Беше веќе стемнето, кога бавно се раздвиживме по мочуриштето, меѓу нискиот шамак. Простум во чуновите, ние можевме да го видиме подножјето на еден рид; потоа, не подалеку од 600 – 700 метри, видовме куќи и луѓе што се движеа меѓу нив. Нашиот чун одеше напред. Лука, Апостол и јас бевме заедно. Момчето што веслаше, било рибар од тие места. Тоа полека не удри во еден насип, вдаден во езерото. Другите чунови брзо се наредија покрај него и запреа на сушината. Сите искокнаа и се собраа на патеката кон височината на насипот. Се покажуваше полна, црвена месечина. Тргнавме и по неколку стотини чекори, излеговме на една полјана. Патот одеше напоредно со брегот. Една патека се отклонуваше кон селото. Апостол и неговите луѓе тргнаа кон горниотр дел, а Лука со своите дваесет луѓе се упати кон долниот дел на населбата. Секој четник носеше шише со газија во својата лева рака. Осум души тргнавме неколку метри напред по главниот пат и залегнавме таму за да не не изненади аскерот, што беше гарнизон во едно село, половина час далеку. Штом легнавме во правот на патот, слушнав како почнува лаењето на кучињата, кои го насетуваа наближувањето на туѓинци. Некаде во полето овчар му потсвиркуваше на своето стадо. При полната светлина на месечината ги видовме покривите на куќите, но никаде не можев да ги видам темните фигури, кои знаев дека се движат низ селото. Настапија мачни минути на исчекување. Срцето ми трепна; едно црвено топче светлина проползи по ѕидот на некаква куќа, се рашири, блесна и избувна во голем оган. Виењето на кучињата не оставаше да се слушнат други извици. Следуваа три плотуни од манлихерови пушки. На долниот крај на селото почна да гори друга куќа. Првата гореше во бесни пламења. Покривот и падна глуво, испраќајќи нагоре облак од искри. Го слушавме јасно прскањето на пламењата и гласниот звук како на печка. На злокобната заднина се гледаа силуетите на луѓе што трчаа. Се запалија речиси сите куќи. Во една од нив почнаа да пукат со пеколен трескот експлозивни материјали. Беше избувнал еден од складовите на капетан Коста. Над нашите глави се ширеше голем црвен облак од чад и искри. Времето не се чувствува при такви настани. Можеби помина еден час или два. Целото село гореше во еден пламен, кој грмеше и се развиваше. Во тоа време, ние осумтемина бевме гледачи. Страшната неактивност ме правеше чувствителен спрема мислата за аскерот. Јас погледнував де во пожарот, де кон патот одзади. По едно време видов еден блесок, се чу остар и силен грмеж. Помнам дека извикав. – Идиотите, зошто не се вратат! Еве ни го аскерот врз нас! Одекна плотун; не беше од манлихери. – Не е аскерот! – извика Антон, кој беше до мене. – Грците се. Веднаш скокнавме на нозе. Капетан Коста беше дошол. Од селото се чу втор плотун, или побргу одделна брзо пукање на многу луѓе, затоа што нашите беа распрснати по селото. Ние осумтемина не одговоривме, туку брзо се оддалечивме по патот, за да заземеме позиција, пред да бидеме откриени. Легнавме на гради. Одлево манлихерите продолжуваа да крекаат, удавени од грмењето на грчките пушки „Гра“. Од нивното пукање заклучивме дека Грците не се повеќе од нас. Пукањето стана општа. Го слушавме свиркањето на куршумите и нивните удари по ѕидовите на куќите. Грците не напредуваа. Се држеа покрај патот до нас, стремејќи се сигурно да ни го пресечат отстапувањето кон чуновите. Тогаш осумтемина започнавме да пукаме лудачки брзо за да направим впечаток дека сме многубројни. Свиркањето на куршумите се насочи кон нас, прелетуваше над нашите глави, како фучењето на јато метални птици. Некои куршуми се забиваа во калиштето наоколу. Ненадејно грчкиот оган ослабна и сосема се прекина. Далеку некаде, но не од селото, се слушнаа глуви истрели. – Тоа е аскерот – извика еден од нашите луѓе. Апостол и неговите луѓе се повлекоа. Ние се стрчавме кон чуновите. Лука со своите момчиња исто така се појави. Еден, последен плотун и се качивме на чуновите и отпловивме пак меѓу водната трска. Никој не беше убиен, немаше
ниту еден ранет. Патувавме цела ноќ. Зад нас блескаше едно злокобно небо,
што поизгасна дури при утринната светлина. 21. Се
работи за селата Света Марина, Луковица и Јанчишта - Берско. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||