Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА VIII
Сандо и јас се вративме во селото и го сретнавме учителот со замислено и сериозно лице. Го запрашавме што се случило и тој ни соопшти за настан, кок треба да го обележам како еден од најтрагичните во македонската историја. Минатата недела турската војска го уништила Георги Сугарев и целата негова чета. Учителот ни ги прочита подробностите од едно писмо, добиено со курир од Битола. Една од причините за да одам во Битола беше и закажаната средба со Георги Сугарев, главниот ревизор на вилаетот. Административните оддели на организацијата се совпаѓаа речиси точно со оние од турската влада. Секоја каза беше еден реон, управуван од комитет, претставуван од војводата и неговата чета. Неколку кази составуваа вилает или округ, управуван од окружен комитет, составен од по еден делегат од секој реон. Овој повисок комитет беше претставуван од ревизор, кој ги контролираше реонските војводи. Над тоа доаѓаше само прочуениот Централен комигет, составен од по еден делегат од секој вилает. Од сите пет вилаети битолскиот се сметаше како најважен, затоа што во него Грците дејствуваа најсилно и таму се случуваа најсериозните востанија [33]. Освен што беше ревизор на битолскиот вилает, Георги Сугарев беше еден од најспособните меѓу големите војводи и прв организатор заедно со Даме Груев. Пред сe, тој беше еден од малкумината кои не беа заразени од внатрепартиската кавга која во организацијата ја внесе Борис Сарафов. Тој беше познат и со својата извонредна чесност. Го споменавам овој факт, затоа што е важен за настаните, што ќе ги раскажувам. Несреќата со Г. Сугарев не носеше никаква особеност. Во Македонија тие истории се обични. Четата влегла во едно село, била предадена, изненадена и опколена од војската. Започнала борба – ниту еден од дваесет и петте четници не можел да избега. Останало само загатка исчезнувањето на Сугарев и на секоја трага од него. Војниците нашле само дваесет и четири трупа. Ниту смртните останки, ниту пушката на Сугарев. Месеци по ред се носеа слухови, дека тој избегал и лежел некаде ранет. Денес за нас, кои бевме во тоа време во Битола, нема никакво сомнение што во стварност се случило со младиот војвода. Но да продолжам. Учителот беше необично тажен. Се знаеше дека тој беше близок другар со Сугарев. Тој велеше дека ќе ја напушти Битола, ќе оди во друг реон на Македонија, па дури и ќе емигрира во Америка. – Смртта на еден човек не значи пропаѓање на Македонија – потсети Сандо. – Но кога чесните борци еден по еден загинуваат и остануваат само измамниците, каква надеж има? Неговиот гнев ме зачуди, бидејќи не гледав особени основи за тоа, тогаш јас го припишав на опстановката што не му беше симпатична. Доцна попладне дојде Тане. Тој и неговите четници јаваа пргави коњчиња. Тие ги обиколуваа низините и големите ридови, како татарски скитници. Понекогаш аскерот ги забележуваше, но тие се движеа толку брзо, што не беше возможно да бидат гонети. Тане беше забележително убав маж, со темно-сиви блескави очи, јасно определени црти, долга костенлива коса и кратка жолта брада. Тој носеше албански потури со палто, европски скроено. Беше потполна спротивност на неговиот помошник, едно крупно мажиште, облечено со англиски норфолски костум, со бакембарди, како англиски турист или ловец на крупен дивеч. Поздравот на Тане беше една љубопитна смеса од поздравот на неукиот селанец, поласкан од неговата средба со Европеец и милостивиот господар од областа, и префинетиот џентлемен од високото општество. Неговиот обид да разговара на литературен бугарски говор беше толку забавен, колку и говорот на некој провинциски црнец од Алабама, кој се мачи да зборува како белец. При сето тоа, тој ја имаше славата на јунак борец. Моето запознавање со него беше кратко, затоа што беше сабота, а во понеделник требаше да одам на пазар во градот. Попладнето, доста доцна, Сандо и јас тргнавме преку полето, придружени само од еден селанец. Беше веќе на стемнување, кога стигнавме во малечко селце и бевме одведени во една маала од ниски, сиромашки колиби, некои од нив изградени врз урнатини на поголеми куќи. Такви урнатини видовме на сите страни. Владееше необична тишина, не се слушаше дури ни лаење на кучиња. – Некој треба да умрел – реков јас. – Тоа се последиците од востанието – одврати Сандо. – Ако четата може да се провлече до ова село, кај народот одново ќе се разбуди надежта. Денес овие луѓе се оставени на самоволието на секој вагабонт со пушка. Нашата колиба се осветлуваше од еден голем фитил во чинијче со масло. Светлината не беше многу голема за да ги ооветли сите агли на единствената соба, но ни дозволуваше да ги видиме ниските греди, поцрнети од чадот на огнот, што обично рореше во средината на глинениот под, но сега одвај трепкаше. Беше доста доцна, кога домаќинот и неговото семејство се вратија од работа. Ичо, месниот претседател, мршав и измачен човек, воопшто не беше така мизерен како неговата колиба. Тој живееше со својот брат. Нивните жени запалија оган и ставија јадење. Им помагаше и вдовицата на загинатиот во востанието трет брат. Тука беше и мајка им. Таа беше многу стара за работа и трепереше до огнот. Кај двајцата мажи имаше една мрачна бодрост, којашто ја обнови мојата доверба. Братот на Ичо е бил во Америка, дури во мојот роден град Сан Франциско. Двајцата браќа заземаа видно место во месната организација. Под нивни надзор беше поштенскиот курирски систем меѓу градот и јужниот реон. Минатата година тие го беа одвеле Даме Груев, преоблечен како поп во градот. Груев бил главен командант на востанатите. Доцна ноќта вечеравме варени јајца, леб и сирење. Старата до огнот живна. – Двајца, двајца од нив дошле! – извика таа возбудено. – Двете момчиња со убави чела. – Така мамо – одговори Ичо, – овие се наши момчиња. – Пазете се убаво, момчиња. Тие имаат остри нокти. Тие се волци, тие имаат долги заби. Тие ќе ви ја испијат крвта. – Таа си го загуби умот, кога Турците нe изгореа – објасни Ичо. – Не грижи се мамо, овие денови волците се спитомуваат. – Јас ги видов – продолжи таа да зборува, – неколку денови тие беа тука. Распарчуваа жени и деца. Тие го убија мојот син Ичко горе во планините. И таа наведна глава изнемоштена. Ја ставија да спие. Ичко бил со една чета во време на востанието. Кога се вратил по амнестијата, мајка му не го познала. Се разбудивме рано изутрината. Откако испивме по едно кафе, им помогнавме на Ичо и брат му да натоварат четири коњи со стока за пазарот. Во својата облека извршивме неколку промени; околу калпаците си завиткавме волнени чалми со краишта заврзани под брадите. Потоа секој определи што ќе биде. Сандо ќе се нарекува Мичо од село Бурешмика [34], син на Никола; јас бев Иванчо од истото село, син на Стефан. Повеќе од тоа Турчинот не прашува. Се качивме на коњите и тргнавме по главниот пат. Моето расположење се подобри, кога слеговме меѓу отворените ниви, затоа што тука долу во рамнината дрвјата и ливадите беа веќе зелени и овошните градини, розови и бели од цут. Од секој рид на патот ги гледавме белите минариња на градот, а зад нив зеленило и планини. Сретнавме група селани, муслимани, тргнати за Лерин и не поздравија со добродушност, вдахната од чудесното време. Кога ја преминувавме железничката пруга, група војници не поздравија. – Добар ксмет на пазарот, пријатели! Ичо и брат му одговорија: – Да сте живи, браќа! Се разминувавме со многу селани, едни весели, други молчаливи. Тие кимнуваа со глава. Сретнавме на магариња и жени со фереџиња, но секогаш придружувани од млади момчиња, но никогаш со мажи. Под сенката на неколку дрвја кај еден извор одмараа десетина Албанци со свирепи погледи, вооружени со револвери и ками. Тие се коњокрадци, но се чесни луѓе во таа земја на анархијата. Сретнавме и еден стар оџа, со широка мантија и бела чалма, придружуван од мала група послужници, сите качени на магариња. Тие исто така пријателски не поздравија: – Да ви даде господ големи печалби! – рече стариот белобрад оџа. Навистина тешко можеше да се каже дека во оваа земја царува силна омраза и раздор. Сите се прости и добри луѓе. Дури и десетина пијани аскерлии околу анот на едно село, низ кое поминавме со голем страв од моја страна, се пошегуваа добродушно со нас. Од една височина неочекувано се откри цела Битола; со црвени покриви, меѓу кои стрчеа зелени дрвја и бели куполи со тенки минариња. Во крајната маала се извишуваа редица тополи. Од лево и десно имаше кафеани со градини. Тука седеа и се шетаа мажи и жени облечени полуевропски, офицери, момчиња во кадетска униформа, стари муслимани со луксузни чалми. Неколку невооружени војници се скитаа бесцелно, намигнуваа и како да се подбиваа на наша адреса. Една колона девојки девојки, облечени во сиви униформи поминаа следени од две жени и еден албански гаваз. Имаше нешто препознатливо во фустаните на двете жени; кога се разминувавме со нив, фатив јасно три збора „Is it far” ("далеку ли е?"). Ја прпознав добро познатата мелодија која не ја бев чул веќе нењколку години. Ти беа од американското мисионерско училиште [35], излезени на прошетка. Мојата положба не ми дозволуваше да му се предадам на силната желба да му се претставам на моите две сонароднички. Ниту пак кога и да е го имав тоа задоволство. Најпосле стигнавме до градската трошарина [36], но чиновникот што стоеше таму, не ни обрна внимание и ние поминавме во преполните со луѓе тесни улици. Слеговме од коњите и ги поведовме меѓу навалицата. Излеговме на главната улица, оттаму преку еден мост, после по споредни улици стигнавме во дворот на еден ан. Тука слугата ни ги зеде коњите, а ние се качивме во една соба. Му ги дадовме своите документи на анџијата, а тој сам отиде да ги предаде на надлежното место. По петнаесет минути се врати. – Сe е во ред – прошепоти тој, – елате со мене. Сандо и јас се збогувавме со Ичо и неговиот брат. Излеговме на улицата, врвејќи малку поназад од водачот, фатени рака за рака, како што одат младите селани низ градот. Влеговме во една црква. Пред олтарот десетина селани тивко се молеа. Се придруживме кон нив и наведнавме глави и се крстевме, штом ќе ја слушневме монотоната песна на свештениците. Кога поминавме покрај вратата на црквата, еден стар свештеник го засегна мојот лакот. Се свртив и тргнав по него во дворот, оттаму се провлековме низ една странична врата и по една темна скала се качивме во собата. Почуствував олеснување, што најпосле играта беше завршена.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||