Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА VII
Првите десет дена во Леринско ги поминав без некои настани. Тие оставија кај мене само спомен за една ветровита и каменлива земја. Во неа го поминавме Велигден, криејќи се од Турците, што беа тргнале да ловат комити, кои можеби беа доволно храбри за да ги поминат празниците во селата. Нашата чета се состоеше од двајца илегалци и осум селани-милиционери, коишто беа вклучени за неколку недели во неа. Во тие десет дена тагував и безгранично многу сакав да го видам одново Лука, Тодор и боровите шуми на Воден. Тодор сакаше да дојде со мене, но Лука одвај што не се налути од тоа: – Не – извика тој, – земи го Сандо, тој е интелектуалец, тој ќе ти биде полезен, остави ми го Тодор. Тоа ми се виде детинско. Сега го разбирам. Првата година низ Воденско, Лука се чувствувал самотен. Јас ги погледнав убавите црти на Сандо, неговите темно-сини умни очи и се смирив. Сега разбирам дека така било подобро. Ако бев ги поминал моите незгоди со Тодор, многу нешто од лекцијата ќе останеше ненаучено. Тој го поседуваше оној несвесен ентузијазам, кој ги пренебрегнува слабите страни на положбата, гледајќи го само најубавото, еден темперамент кој е заразувачки, но измамлив. Сандо не беше таков. Можеби дури повеќе отколку што подозирам, тој влијаеше на моето решение да не останувам засекогаш во Македонија. Една вечер Сандо и јас им рековме збогум на нашите дселани-сопатници и заедно со еден водач тргнавме кон битолските низини. Неколку часа пред разденување стигнавме до една ридеста месност. Еден поставен стражар ни се јави. Тој требаше да не одведе во селото, каде што следниот ден имавме средба со Тане, леринскиот војвода [30]. Неочекувано излеговме пред) редица камени куќи. Зад градинските огради се слушаше р`жење. При нашето влегување во селото не се појави ниту едно куче, туку само пред половина час од ридовите слушавме лаење. – Треба да има аскер во селото – му шепнав на Сандо. – Железницата поминува наблизу – одговори нашиот водач, – а касарните се далеку одовде – петнаесет минути. По улиците не видов луѓе. Куќите изгледаа ненаселени, како антички урнатини. Стигнавме до еден агол и таму го доловив блесокот на ламба од еден прозорец. Водачот извика тивко и една врата се отвори колку да се вмолкнемем во куќата. Семејството, еден млад селанец и жена му, две деца и стара баба, нe очекуваа. Тие беа свариле чорба на огништето и ние тројцата вечеравме. Водачот распрашуваше какви новини има, дали е собирачот на даноци во селото, дали андартите направиле некаде пакости и каде се расположени месните гарнизони. Тој од своја страна изложи каде разположена војската во едно дневно патување и раскажа за нејзините веројатни движења во следните дваесет и четири часа. Тоа информирање македонските селани беа го развиле до наука, дотаму што ги погаѓаа намерите на секој турски командант. Јас не знам случаи нивните податоци да не излегле точни. Ретко сум бил во опасност, којашто не била претскажана, ниту ќе ја заборавам опитноста, што ја пројавуваат тие селани за да одбегнат од тешката положба пред аскерот. По јадењето, уште додека разговаравме, Сандо и јас почнавме да се соблекуваме, најнапред коланите со куршумите и бомбите, потоа објалата и униформите. Сето тоа бешер добро свиткано во една вреќа и скриено во дупка под подот. Кога излегоа од собата жените и децата, ние сосемас се соблековме; нашето дебело, тесно волнено долно облекло, не одговараше за селска носија во која требаше да се преоблечеме. Младиот селанец ни даде алишта од груба конопена ткаенина. Врз нив облековме потури, што личеа на балони кај бедрата и непријатно стегнати под колениците; после ни дадоа домашно плетени чорапи, палто од груба памучна ткаенина, по еден црвен појас и воловски опинци. На главите си ставивме дотраени калпаци кои прилегаа на фесови. Јас се избричив, а Сандо ги потстрижа своите руси коси. Се погледнавме за миг и избувнавме да се смееме; селаните ни се придружуваа од симпатија, затоа што несомнено тие не можеа да оценат колку смешно глупави си изгледавме еден на друг. По малку легнавме да спиеме, верувајќи дека сме во сигурност од наезди на љубопитниот аскер. Звук од тивок разговор ме разбуди изутрината. Отворив очи и видов еден човек во европско облекло да разговара со нашиот домаќин. Непознатиот тргна кон мене, откога забележа дека сум разбуден, ми ја подаде левата рака и насмевнат ме поздрави. – Добар ден, бај Алберт! Видов дека десниот ракав му висеше празен. – Ти си генерал Ноги? Тој се насмеа за името со кое што го нареков, затоа што тоа беше псевдонимот, со кој тој се потпишуваше во официјалните документи. – Да, јас сум – призна тој, – но јас сум и учител. Тој беше секретар на месниот комитет и беше го наредил нашиот прием во таа куќа. По полициската чета, неговото друштво беше освежувачко. Додека појадувавме топло овчко млеко и леб, Ноги остана на разговор со нас, после излеговме заедно низ селото. Тоа лежи во една дупка меѓу ридови со лозја, поотворено само откај железничката пруга, којашто беше толку близу, што се гледаа двајцата војници, кои ја чуваа. Повеќето од мажите беа на копање во лозјата, но жените и децата беа низ селото, и не поздравуваа со насмевки и ѓаволести кимнувања со глава. Најпосле стигнавме до анот, каде што неколку стари луѓе стоеја без работа; со нив пиевме сливовица, еден лут пијалок, направен само за грлото на селанецот. Синот на анџијата од скоро се беше вратил од Америка и со него расправавме за работничкиот проблем во областа со камен јаглен во Пенсилванија [31]. Тој зборуваше англиски, но не го владееше јазикот за секакви разговори. Најпосле свртивме на бугарски, но откако й направивме впечаток на публиката дека младичот беше поднаучил нешто. Ненадејно една жена дотрча и извика: – Аскерот доаѓа! Битолскиот пат врие од војници. Сандо и јас скокнавме на нозе, но учителот и старците се однесоа спокојно. Младиот емигрант отиде во една задна соба и се врати со три мотики. – Ах, тоа е добро – рече анџијата, – но посигурно е да отидете во лозјата, ако војниците запрат тука и почнат разговор со нас. – Вие сте преправен добро – рече учителот, – но ќе ве открие јазикот и под ова облекло. Ние нарамивме по една мотика и придружени од синот на анџијата, излеговме на улицата и тргнавме по патот за лозјата. Во тој момент коњичката авангардата на војската влегуваше во селото. Таа помина толку близу, што можевме да ги распознаеме белите мустаќи на стариот офицер кој командуваше. Се разбира, не нe заплашуваше големата опасност да бидеме откриени, но јас го чувствував остро оној страв од множеството црни униформи, којшто им е заеднички на сите оние, кои носат незаконски оружје во Македонија. – Не е пријатна таква глетка, кога човек држи само мотика на своето раме – забележа Сандо. Стигнавме во лозјата и заедно со дваесетина работници почнавме да копаме, набљудувајќи ги скришум кавалеристите, кои си ги поеја коњите кај чешмата на блиската главна улица. Еден старец свиреше со гајда. Под нејзиниот ритам селаните работеа, а некои и пееја. – Еј, Јани – извика едно девојче што работеше зад мене, – не сечи ги корењата. Луѓето околу нас прснаа да се смејат. Јас погледнав назад и видов дека девојчето се поцрвене. Тоа беше помислило дека јас сум Јани, сигурно по потурите, што бездруго му припаѓаа на некој Јани и се познаваа по четвртестата крпа на задникот. – Дали е Јани или не – извика стариот свирач, – ти си права, Стојанке. Научи го како се копа лозје. Тој добро ќе сфати, ако ти го учиш. Ајде, не срами се. – Надуј си ја подобро гајдата, дедо – одговори девојчето, – засвири нешто весело. Шеговитите задевања продолжија. Работниците почнаа да се собираат. Во блиското лозје исто така ја прекинаа работата и младите мажи и моми дојдоа кај нас на починка. По височината на ридот се зададе брзо еден младич во полуалбанска носија. Јас се стресов. Тој беше вооружен, сигурно – бекчијата [32] на бегот. – Еј, луѓе, пак починувате, а! – извика тој. – Не кревај толку врева – одврати Стојанка, бегот го нема. Полјакот се потсмевнуваше и намигнуваше. – Е, добро – извика тој, фрлајќи ја својата пушка. – Не крекајте како кокошки. Ако не сакате да работите, играјте оро. Дедо, ајде надуј ја гајдата. Толпата работници се расположи добро. Околу бејскиот човек се собраа околу десетина момчиња и девојки. Тој му ја фати раката на најблискиот селанец до него, се фатија сите и почнаа да ја удираат земјата со бавни, ритмични стапки по песната на гајдата. Во својата десна слободна рака водачот на орото заврте една шамија, летна две стапки напред, една назад, ја свитка редицата навнатре, па ја разгрна нанадвор. Како што знаев од Бугарија, селаните во полето често ја запираат работата за таква починка од половина час и затоа ја сметав таа забава сосема спонтана. Јас фрлив поглед кон селото и забележав дека војниците се движат бесцелно низ улиците. – Тие нема да се посомневаат во ништо – забележа еден до мене, – додека не гледаат дека сме весели и играме оро. Некои се обидоа да нe уловат мене и Сандо за орото, но ние се држевме настрана и претпочитавме да бидеме само гледачи. Орото беше една навистина убава глетка. Повеќето од девојчината беа убави. Бронзовата коса на Стојанка се разврза и дел од неа й падна на рамениците; со засилување на играта нејзините образи се зацрвија. Сандо ми ја фати раката со ненадејна растревоженост. – Погледни, аскерот доаѓа наваму. Да бегаме нагоре! – Стојте! – се јави еден од селаните. – Правете што ќе ви кажам и ништо нема да се случи. Тој не турна кај играчите. Едно девојче се стрча и го тргна Сандо, а Стојанка ме фати мене за раката. Стариот гајдаџија си ги наду посилно образите и полудо се залулеа и орото. Видов еден офицер и десетина војници, кои се приближуваа по патеката кон нас. Кога стигнаа до орото, нивните црномурести, изгорени од сонцето лица се насмејаа добродушно. Полјакот, којшто дотогаш не водеше со рамни стапки, направи неколку скока и викна нешто по турски. Офицерот плесна со раце и одговори со нешто, што можеше да значи: – Терајте, ѓавол да го земе, и јас ќе срипам со вас. Гледајќи ги лицата на играчите од двете мои страни, јас не можев да откријам во нив ништо друго, освен веселоста на моментот. Сепак ми се стори дека почуствував нервозна напнатост во Стојанкиното стискање на мојата рака. – Малку починка! – извика бејскиот човек, кутнувајќи се на земјата и ја извади шамијата да си го избрише челото. Орото се растури. Стојанка не ми ја пушти раката и ме повлече нагоре кон лозјата; истото го направи со Сандо и неговото девојче. Колку забавен беше полјакот! Тој ги засмејуваше офицерот, војниците и селаните, кои се собраа околу него. Јас не ги доловував шегите и брзите задевања и одговори, но војниците очигледно мислеа дека тие ѓаури се чудесни луѓе. Стариот дедо исто така ги почувствува врз себе шеговитите задевања, но одговараше со таква вештина, што Турците потскокнуваа од восхит. Побараа оро одново. Полјакот заигра неколку смешни ора со еден извик, кој се разнесе по ридовите. Во тоа време се чу јасниот повик на трубата. Турците се свртеа, извикаа и брзо тргнаа кон селото. Дедото засвири, но не повеќе за оро, туку една тажна народна песна, додека ние ги набљудувавме војниците, кои во долги колони излегуваа од селото и свртуваа натаму по ридовите. Последните чети уште се гледаа, кога Сандо и јас слеговме по патеката. Ми се сакаше да им кажам нешто на селаните, но повеќето од нив беа изчезнале. Дедото свиреше и не забележуваше никого. Сите весели одеднаш беа станале одново бестрасни и истоштени селани, или како што ги нарекуваат некои писатели – „мрачни и молчаливи Бугари“.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||