Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА ХIV
Беше речиси средината на мај, со пролетно време како северно лето. Макар што ги почувствувавме сладостите на градскиот живот, крвта ни копнееше за чист воздух и за нашите воени другари, кои беа во студените планински шуми. Георги и Мојсеј дојдоа во четвртокот попладне и ние четворицата тргнавме како на вечерна прошетка. Рака за рака одевме по еден пат, што кривуличеше низ нивите. Тука го забрзавме нашето одење и за помалку од половина час стигнавме до купче колиби и една млекарница каде што граѓаните често доаѓаа во летните месеци да си каснат сирење и пресно млеко. Мојсеј и Георги се разделија со нас; со искрено сожалување и со мили чувства си ја припомнувам таа разделба. Ние со Сандо брзо се преоблековме во селски алишта и токму пред стемнување тргнавме со двајца селани за едно полско село, околу седум километри далеку. Тука беше главниот извор од којшто градот се снабдуваше со млеко. Полето беше полно со стада овци на пасење и пасиштата стигаа до ѕидовите на куќите. Одвај ли се гледаше некаква градина. Следниот ден требаше да чекаме. Во тоа време млекарите штрајкуваа за да добијат повисоки цени, па имаа големи количества пресно млеко. Во тие места млекото се вари, пред да се пие, а потоа му додаваат по малку шеќер. Но Сандо се научи од мене да го пие студено и неварено. Тој ден ми се чини изголтавме два ѓума млеко. Приквечер Сандо беше опфатен од остри болки во стомакот. Почуствував болки и јас. Ноќта Сандо го стресе. Против својата волја требаше да го одложиме нашето патување – и двајцата страдавме од мачни болки. Можеби тоа беше справедлива казна за нашиот гурманлак, но наскоро болките ни се посмалија. Другата изутрина ние бевме подобро и спиевме до попладнето. Јадевме јајца, леб и сирење и закрењпнавме, а за да не губиме многу време, попладнето тргнавме со двајца овчари, патувајќи пеш кон едно село, каде што се надевавме да го најдеме војводата Пецов и неговата чета. Околу половина колометар понатаму поминуваше патот, но ние одевме паралелно со патчето кон горниот крај на битолското поле, каде што се собираа ридовите. По еден час стигнавме до една осамена колиба, привремено засолниште на овчарите во студените ноќи. Двајца од нив беа таму, а стадата им пасеа наблизу. Седнавме да се починеме малку и да си поразговараме. За време на разговарот, еден од овчарите скокна и сврти глава како р`т, кој душка нешто. – Што има, бе чичо? – праша Сандо. – Попладнево слушам некакви особени звуци – одговори старецот. – Ми се чини дека пред еден час слушнав плотун спроти Лисолај. Сега сум сигурен дека слушам копита на кавалериски коњи. Ај чујте, застанете двајцата зад колибата. Немаше никакво сомнение – откај ниската грмушка покрај патчето се чу звук на труба. Потоа поминаа четворица коњаници. Лесно можеше да се разбере дека тоа е турска кавалериска патрола. На стотина метри зад нив се појави цела долга колона коњица, којашто галопираше. По неколку минути доаѓаше друг ескадрон, по него трет, вкупно триста души аскер. Тоа не беше патрола. Сандо и јас се погледнавме. Неговото лице беше бледо. Штом војската помина, ние двајцата и нашите водачи го забрзавме одењето. Пред нас теренот постепено се возвишуваше. Кога се приближувавме кон врвот, слушнав еден звук, кој го забрза мојот пулс. Личеше на кусо, остро расцепување на кораво платно. Стигнавме до врвот. Пред нас лежеше еден опширен амфитеатар, полукруг од ридови, кои се распостилаа накај понатамошните планини. Во едно корито ги видовме црвените тули на едно селце, коешто се одделуваше од живата зелена боја на градините и лозјата. Трите ескадрони коњица токму се беа отклониле по потесниот пат, кој водеше нагоре кон селото. Сите четворица се затрчавме кон ридовите надесно. За половина час стигнавме до една овчја трага, којашто водеше кон селото на околу еден и половина километар далеку и којашто одеше по една стрмнина, свртена кон низината и речиси наспроти Лисолај. Во тоа време пукањето се засили; се пукаше со манлихери и маузери. Претрчавме во една низина. Лисолај и голем дел од долината беа скриени за нас. Најпосле стигнавме кај колибите точно под една стрмнина, затскриена од северните ветрови. Горе на врвот имаше повеќе од стотина мажи, жени и деца. Се качивме кај нив силно зазбивтани. Немаше голема врева; само од време на време жените испуштаа по некој извик. Некои од мажите се потпираа на шест пушки „гра“, а други на мотики. Жените ги гушкаа своите бебиња во своите пазуви; едно девојче, седнато со грб кон долината, липаше со лицето потпрено со рацете на своето лице. Но лицата на сите останати беа свртени во една насока – кон Лисолај, не повеќе од три километри далеку од нас. Немаше потреба од далногледи, за да се види што се случува. Над Лисолај, меѓу стрмните лозја, имаше широк полукруг од црни фигури, легнати со лице на земјата. Понекогаш некој ќе скокнеше, ќе потрчаше и пак ќе легнеше. Долу во селото, зад еден камен ѕид беа наредени коњите на трите ескадрони без јавачите. Во опсаденото село не се гледаше никакво движење. Откај страната, кадешто куќите беа погусто изѕидани, имаше една убава зграда, конакот на бегот. Немаше потреба човек да биде експерт за да разбере дека Пецов и неговата чета се бореа зад ѕидовите на таа зграда. Колку време ја набљудувавме таа неподвижна сцена, не знам. Можеби не долго, затоа што со доаѓањето на засилувањата наскоро ќе следуваа решителни дејствија. Пукањето ослабна. Црната полукружна линија се раздвижи. Потоа, со ненадеен порив, таа се раскина на две големи одделни групи, коишто се спуштија по падината кон конакот. Еден остар злокобен плотун го разцепи воздухот, после друг – сe од манлихери. Кај нас селаните почнаа да зборуваат тивко, но возбудено. – Напад! Господ да им е на помош! Групите што трчаа се јурнаа кон конакот. Пукањето престана. Топка бел чад се крена погоре од градината на зградата, а потоа се чу тешка експлозија, како звук на тенекени листови, удрени во воздухот над нашите глави. Аскерот веднаш залегна. – Ова беше бомба од Пецов – извика некој. Војниците пак скокнаа, е стрчаа напред и почнаа да ги прескокнуваат камените ѕидови околу конакот. Јасно видов како паднаа неколку души и се стркалаа надолу. Друга топка густ чад – после друга експлозија и ново ретко пукање. Една заглушувачка викотница од гласови се разнесе на бранови низ долината. Сонцето зајдуваше и предметите се стопуваа во сенките што паѓаа. Над конакот се појави малечка сина магливост, а потоа низ полутемнината светна оган. Кога се стемни, конакот избувна во пламења и пукањето сосема се намали; се слушнаа само неколку одделни истрели. Некои од жените кај нас лежеа со лице кон земјата и липаа. Во големата темница, во ноќта без месечина, ние слеговме со селаните во нивните колиби. Ако некој од четиринаесетте Пецови четници беше избегал, следниот ден патроли ќе скитаа низ целата месност. Ние не можевме да останеме таму. Но такви стравови залудно нe измачуваа. Четата на Пецов [50] беше уништена така потполно, како онаа на Сугарев.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||