Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХV

Меѓу народот

Дури и во метежната Македонија мирот и тишината се нормална положба, а насилството е исклучок, макар што исклучокот е доста чест за да ги направи нервите чувствителни кон една атмосфера, претоварена со електричен напон од човечка злоба. Еве веќе еден месец по уништувањето на Пецовата чета, откога Сандо и јас скитавме по битолските села, еден период без авантури, освен некои ситни случки, коишто ме запознаа подобро со животот и обичаите на народот. Нашата претпазливост од несреќите стана обична навика, непридружена од никаква возбуда. Како да бевме на некаква екскурзија, одобрена од сите формалности на власта.

Нашиот пат одеше кон запад, но беше долг и заобиколуваше, затоа што требаше да ги избегнуваме селата, во кои имаше и Турци. По ниските места патувавме ноќно време, но тоа дури ни беше корисно, затоа што деновите беа топли и прашливи. Кога се искачувавме во планините, походите ни стануваа почести и преку денот.

Макар што бевме во селско облекло, народот знаеше дека сме комити, а како такви не примаа и се грижеа за нас, како што селаните од феудална Европа се грижеле за скитниците калуѓери. Често пати околностите ни наложуваа да останеме по неколку дена во некое село и тогаш ние си го поминувавме слободното време понекогаш со жените и децата од селото, затоа што мажите работеа по нивите или почесто престојувавме во шумите, каде што дабовите грмушки не подзакриваа од случајните минувачи. Таму жените ни донесуваа храна и вода, а за да помине времето, разговараа со нас по еден-два часа.

Јас забележав со задоволство дека селаните беа убедени во нашето чесно поведение кон нивните жени. Можете да дојдете кај тие луѓе како странец со пасош поставен во кожена подврска, потпишан и припотпишан од дузина конзули и паши, но ќе видите многу ретко од нивните жени. Но едно парче хартија, потпечатено со печатот на Централниот комитет, е едно свидетелтво за вашиот морален карактер. Дури ни младите девојчиња не се срамат од нас; често пати тие доаѓаа кај нас во шумата, без некој да ги принудува, за да поразговараат или да разменат со нас весели шеги.

Најповеќе ми направи впечаток убавината на децата: темнокоси, златоруси, костенливи очи и бела кожа, макар и деликатно обоени од кремаво до темно костенливо таму, кадешто лицата и голите раце и нозе им беа изложени на сонцето. Тие доаѓаа кај нас сосема без страв, најнапред срамежливо, а попосле често се јазеа врз нас и ни обвиткуваа раце околу вратовите.

Довербата беше пријатна, не како прек, личен долг, затоа што беше нешто повеќе од тоа, туку поради она, што го покажуваше. Многу војводи и четници беа поминале пред нас, повеќето од нив вооружени, натоварени со неограничената власт на Организацијата, но никој од нив не беше ја злоупотребил довербата на овие прости и добри луѓе.

Во текот на целото мое престојување во Македонија тоа ми направи силен впечаток, особено откако се вратив во светската конвенционална средина, каде што можев да мислам за него оддалеку. Многумина од тие вооружени револуционери, кои како што знаев, водеа распуштен живот во Бугарија, скитаа низ Македонија со години и живееја така девствено како монаси, без нивниот фанатизам, кој да ги поддржува. Тоа беше еден од законите на комитетот, што јас го видов, дека се запазува сосема стриктно, дури и од такви луѓе како Апостол и Тане од Леринско. Доста љубопитно беше тоа дека дури и старите ајдути, кои не познавале други закони освен своите, не само што сами ја чуваа женската невиност, туку и им се одмаздуваа на оние, кои вршеле такви престапи. Што се однесува до самите селани, тие не трпат накакви престапи против законите на невиноста, без да прават разлика дали гревот се врши од мажи или од жени.

Рано навечер, кога луѓето се враќаа од полето, месниот комитет свикуваше општо собир. Сандо и јас седевме на столови, по еден од двете страни на огништето, сите други наседнати во собата со лице накај нас, а старешините формираа полукруг на подот пред другите. Тогаш ние почнувавме да говориме. Таа олжност ни се налагаше, затоа што за нив бевме жреци на револуцијата, коишто ја исполнуваат својата служба.

При првата средба тие луѓе не ве привлекуваат; јадри, со груби лица, ниту брадосани, ниту избричени. Кога ќе ја фатите дланката на нивните раце, како да напипувате рогчиња. При поздравување тие лесно си ги стиснуваат рацете и после ги прибират во своите широки црвени појаси. Да беше измислила грчката митрополија еден бог на трогателното трпење, тој ќе прилегаше на македонскиот селанец. Неговите погрбавени раменици ги поддржуваат сите: изроденото управувачко племе, развратното духовништво, еден крвопиен пород земјовладетели и една револуционерна организација, којашто, макар што и самите да си ја беа наложиле, одвреме навреме изгледаше како да ги чува своите награди за идните поколенија. Дури и на некој грчки поп ќе му се чинеше невитешки да уништи една таква личност.

При сето тоа тие гледаат на револуцијата сериозно, така сериозно како што гледаат на својата религија. Навистина, таа беше јасна пројава на силниот религиозен дух во нив, отклонет од обичниот канал на црковната служба, затоа што тие се луѓе кои ги примаат побргу делата, отколку верата. Јас чувствував како се пречистуваше преку мене грубата, недисциплинирана мозочна сила на моите слушатели, оттурнувајќи сe, што беше недостојно за единствениот интерес, наближувачкото ослободување. Ми се чини дека тоа беше силата на апстрактната мисла, којашто тие ја чуваа во својата свест, мисла, што беше далеку од шовинизмот, затоа што слободата за нив стоеше погоре од владеењето на Бугаринот; таа беше еден совршен систем, еднакво применлив за Бугари, Грци и Турци, еден вид рај кон кој треба да се стреми целиот свет.

Руската револуција [51] ни даде неисцрпен материјал за разговор. Тие веќе сваќаа дека она, што го направи Русија за Бугарија, не можат да го очекуваат втор пат. Тие знаат повеќе отколку што знае мужикот, дека руската влада и рускиот народ се разделени во своите интереси. Понекој пат среде расправањата, некој младич ќе стане и ќе започне да се распростира врз доктрината, којашто дури тогаш проникнуваше во масите на градовите – социјализмот. Неговите идеи по тоа прашање, собрани од некој селски учител, можеше да не бидат сосема определени, но тие го обгрнуваа целото човештво.

Дека не ја прифаќаа таа нова доктрина само Бугарите, радикални по темперамент, за мене стана јасно од една случка, којашто ни беше раскажана, кога стигнавме во планините на демирхисарската каза.

Селскиот учител, кај кого поминавме неколку дена, беше еден прозаичен младич, местен секретар и сосема не социјалист. Тој ни ја раскажа случката просто за да ни ги илустрира особените пресврти, што можеше да го земе турскиот дух.

Учителите од демирхисарските села решиле да бараат поголема плата. За да обмислат еден заеднички план на дејствување, тие решиле да се соберат во еден централен пункт на реонот. За таа цел избрале еден стар полусрушен манастир, каде да можат да зборуваат вечерта и да спијат таму ноќта. Тукушто се собрале и расправале по прашањето, влегол кај нив еден селанец и ги предупредил за приближувањето на аскерот. Бидејќи нивниот собрир не бил против законите, тие останалe и при едно силно потропнување на вратата отвориле. Кај нив влегле еден јузбашија [52] и вод војници. Турскиот офицер ги изгледал подозриво.

– Вие сте револуционери – рекол тој.

– Не сме – одговорил еден од учителите. – Ние се собравме да го обмислиме барањето за поголеми плати – и тој покажал едно писмо, коешто почнале да му го пишуваат на бугарскиот владика во Битола. Капетанот им рекол на војниците да излезат надвор.

– Драго ми е – рекол тој, – што немам работа со комити. Самиот тој седнал и пројавил жив интерес за нивната положба, нивните плати и скапотијата на животот.

– Ги сакам луѓето, кои сакаат да си ја подобрат својата положба – продолжил тој. – Вие, учителите, треба да се организирате насекаде во Македонија. Зошто не ви помогне комитетот?

Ним им станало малку незгодно при тоа деликатно прашање.

– Браќа – рекол тој, откако си ја ставил едната рака врз своите гради, – не сакам никој да се издава. Знам дека сите сте револуционери. И макар што мојата сегашна должност ме прави ваш непријател, моето срце е со вас. Не кажувајте ништо, што да компромитира одделни лица, но да го расправаме прашањето воопшто. Јас сакам да го научам вашето мислење, а вие ќе го дознаете моето.

Неговите уверенија биле така убедливи, што учителите станале слободни и почнале да зборуваат за предметот на своето советување до доцна вечерта. Најпосле еден од учителите рекол:

– Се гледа дека вие сте младотурчин.

– Јас сум таков и уште повеќе – одговорил офицерот, – мојата вера е поширока од Турција – јас сум социјалист.

– Како така – прашал учителот – вие можете да му служите на еден тиранин како султанот?

– Затоа што – одговорил офицерот – јас не сум индивидуалист. Јас верувам во масовните дејствија. Армијата воопшто треба да биде со нас и ако ние прогресистите ја напуштиме, како ќе ги пресвртиме овие, кои ќе останат? Кога мнозинството не е уште со нашиот ум, армијата го слуша султанот и ние треба да му служиме покорно, додека не го убедиме мнозинството, дека тоа не треба да му се покорува на султанот. Секоја друга тактика ќе не направи безнадеждни партизани.

Кон полноќ, тој ги напуштил, молејќи ги да не зборуваат за тие прашања пред селаните, коишто, мислејќи дека тој е либерал, ќе очекуваат дека тој ќе си ги затвара очите пред незаконските дејствија и така ќе си создадат тревоги на себеси.

– Кажете му на вашиот војвода дека јас сакам да се сретнам со него. Не во моево својство на службено лице – додал тој шеговито, – туку како пријател. Јас ќе дојдам сам, каде и да ми определи средба. Такво видување ќе биде полезно и за нас двајцата.

Наскоро пред да тргнеме за ресенската каза, над Преспанското Езеро, очекувајќи да влеземе во врска со ресенската чета, добивме други непријатни новини. При тој случај селаните не беа толку тажни, затоа што од шеснаесет четници само девет биле убиени, а беа паднале околу сто војници, убиени и тешко ранети. Останатите седум души си пробиле пат со бомби низ турските линии откога се стемнило. Ние не можевме да се сретнеме со војводата, бивш калуѓер, наречен „Ѓаконот“, кој отишол во градот да се лекува, преоблечен како поп [53].

Тогаш се вративме кон Демир Хисар и влеговме во врска со Ташко, реонскиот војвода [54]. Од селските учители разбравме дека тој бил Влав, млад човек, кој ја сакал хемијата, дека неговата чета никогаш не била повеќе од шест души и дека тој бил ученик во гимназијата. Еден ден добивме писмо од него со кое ни определи средба во планината, близу до селото Бабино.

Таа ноќ ние одевме доста брзо и на следната изутрина стигнавме кај едно купче овчарски колиби, залепени по стрмната тесна клисура. Тука спиевме цел ден и кога се разбудивме, добивме вест дека Ташко ќе пристигне ноќта. Беше студено и ние заедно со овчарите се струпавме околу огнот на исчадената колиба. Се постави патрола на далечина повеќе од еден и пол километар во три правци, затоа што се знаеше дека близу има патрола од аскер, несомнено од четата на офицерот – социјалист.

Кон полноќ еден далечен сигнал од стражарот не разбуди од дремката, а по петнаесет минути шест вооружени луѓе со гуни влегоа во колибата и не поздравија со братскиот бакнеж. Сите беа момчиња, најстариот од нив беше Ташко; еден дробен, изморен, тесноград младич, со мали неправилни бакембарди, провиснати по неговата остра долна вилица. Тој седна до мене истоштен.

– Значи, вие сте биле во Битола? – праша тој.

– Да, нешто пред месец – одговорив јас.

– Како се луѓето таму?

– Многу добро. Тиа сигурно би ви испратиле поздрави, да знаеја дека ќе се сретнам со вас.

Ташко ме изгледа критички за момент.

– По ѓаволите со нивните поздрави – одврати тој најпосле. – Јас би им испратил стрихнин поради нивните поздрави.

– Тие изгледаат темни личности – признав јас, – но не можам да кажам определено ништо лошо за нив.

– Лошо! – извика тој, поткревајќи се гневно на својот лакт. – Тие го убија Сугарев!

– Од каде го знаеш тоа?

– Сугарев беше чесен човек – продолжи Ташко – и тој се подготвуваше да им стави крај на нивните измамништва. Тие го убедија единствениот чесен човек меѓу нив, еден глупав стар поп, во кого Сугарев имаше доверба, да го повика во полето за важна средба. Јас се сомневам дали старецот и досега разбра дека имало предавство во комитетот.

Ова беше поразувачко откритие, но само половината од она, што имаше уште да го чуеме.

– А што ќе кажеш за Пецов? – праша Сандо.

– Пецов беше груб, необразован човек – продолжи Ташко, облегнувајќи се одново, затоа што беше јасно дека е многу изморен, но тој можеше да ја разбере нивната двојна игра. Но тој не насетуваше дека тие се подготвуваат да го предадат. Тие ме повикаа и мене долу во полето, но јас реско откажав. Јас сум еден антисарафист, од кого што тие не така лесно можат да се спасат.

Сандо и јас разменивме зачудени погледи. Имаше за што да се замисли човек.


51. Станува збор за рускаta буржоаскa револуција од 1905 – 1907 год. Таа имала силно влијание во Македонија.
52. Јузбашија, тур. – Командир на 100 војници, четен командир, капетан.
53. Станува збор за Ѓакон Евстатиј (Георги Шкорнов), роден во 1873 година во с.Нестрам, Костурско
54. Во документ, во кој се редат четите во Битолски вилает во 1906 год. (веројатно почетокот на годината), за четата на Ташко е одбележано дека се состои од 8 души, но требало да има 17 четници.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik