Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА ХVII
Нашиот прв разговор со Петруш траеше цела ноќ. Тој беше зборлест младич, сакаше да се фали. Макар што требаше да се расправа за многу сериозни прашања, пред да се загрнеме во нашите гуни, за да спиеме, тој ни раскажа како ги надмудрил петстотини души аскер, провлекувајќи се неколку пати низ нив, дека тој го одбил еден италијански жандармериски офицер да се сретне со него; дека го свршил петтиот клас на гимназијата и дека неговиот татко, кој бил рибар на Охридското езеро, искористил свилена мрежа за ловење на риба. Двете здружени чети формираа поголема сила и ние се осмеливме да спиеме в село дури до пладне. Охридските момчиња ми се видоа многу интелигентни. Сите биле во Бугарија. Едниот од нив, чиешто теме беше голо, како неговото лице, го нарекуваа „оџата“, затоа што многу зборуваше; тој бил дури до Русија. Сите зборуваа на чист бугарски јазик. Тука ни се даваше последната можност да ја употребиме фотографијата. Јас и Ташко направивме неколку снимки, ја фотографиравме целата чета, двете заедно и секој од нас поодделно. Си ги разделивме стаклата меѓу нас, ветувајќи да си ги изработиме снимките и да ги испратиме еден на друг. Наскоро попладнето селаните доведоа десет коњи, по еден за секој кој сакаше да патува. Ташко ми подари цел комплет од неопходните фотографски хемикалии, неколку табли, едно парче црвено стакло, од кое се образува темната соба во сандачето и неколку дузини стакла „имиер“. Потоа Петруш и неговата чета, Сандо и јас се качивме на коњите и тргнавме по една стрмна патека кон снежните врвови на планините и кога влеговме во една млада дабова шума, й размавтавме раце на демирхисарската чета за збогум. Нашите животни беа жилави планински коњчиња, тие не носеа по тесните и кривуличави патеки, низ каменливите легла на сувите планински потоци, меѓу спили, по ронливиот песочник и нивните мускули се движеа како челични лостови под нашите бедра. Оддолу под нас, де на левата, де на десната страна, остануваше во сина магла демирхисарско и колку повеќе се оддалечувавме, стануваше сe порамно, а селата низ него се претвораа на обични црвени точки. Рамно со нас, орли и соколи се вртеа мрзливо во круг. Воздухот стануваше поостар и поосвежувачки, нашите зборови и извици се слушаа појасно; тука секој можеше да се отпушти. Ниту аскер, ниту шпиони не можеа да не видат, ниту маузеров куртшум можеше да не стигне. По истите овие височини Филип и Александар Македонски се јазеле со своите војски за да ги напаѓаат варварските Илири долу во клисурите. Но, тоа беше една преодна мисла, едно размислување за минатото, кое не тревожеше никого од нас, затоа што колку повисоко се качувавме, толку повисоки стануваа извиците, смеењето и разговорите на момчињата, кои се наоѓаа под влијанието на својата возбуда. Тоа беше кон крајот на месец јуни, макар што сонцето да зајдуваше зад белите врвови, самракот доаѓаше полека и без желба се згуснуваше. Сончевите зраци гореа во облаците над нашите глави, ја распрснуваа низ атмосферата румената магла и ги бојадисуваа врвовите на планините со огнено црвенило. Уште еден напор и нашите коњчиња почнаа да галопираат по една рамнина меѓу снежните падини. Ние се наоѓавме веќе во клисурата под врвот. Тука слеговме од коњите и запаливме оган од суви дрва, што ги донесоа момчињата од шумата. „Оџата“ почна да пее една турска народна песна и да приготвува ражен за јарето, што ни го беа дале селаните. Оние кои не зедоа учество во приготвувањето на вечерата, се наредија околу распалениот оган и ги раширија своите гуни така што топлината да остане во образуваниот круг. Тогаш сите почнаа да пеат една воинствена револуционерна песна и ја пресекуваа со извици и крикови. Сe одеше така, како јас да го познавав Петруш и неговите момчиња многу одамна, како да бев на ученички излет. Двајцата селани, кои не придружуваа, за да ги вратат коњите, вечераа со нас и никако не им се сакаше да се вратат. Ми се чини дека беше доцна, макар и не темно, кога тргнавме да одиме пеш. Петруш и јас одевме напред и разговаравме, но сите бевме воздржани. Еден ненадеен свиок откри просторен изглед кон низините, коишто беа потонале во румена светлина и еден долг раб од нивното црвенило, блескаше на југозападниот хоризонт. Таму беше прочуеното Охридско езеро, кое што еден ден ќе стане центар на европските туристи. Натаму далеку кон запад се беше оцртала крива, бела линија. Тоа беа планините на Албанија, стара Илирија. Ми се чинеше дека слегуваме надолу во мрак, во црна влажна магла, се подлабоко и подлабоко. Чувствував дека поминуваме низ шумовита месност само по гранчињата, кои ме тупкаа по лицето. Најпосле стигнавме до една колиба на една мала полјана. Под тој груб покрив десет души се собравме да преноќуваме, откога ги оставивме двајцата овчари да не чуваат и нас и нивното стадо. Утрото беше јасно; токму под нас имаше село во кое слеговме по стрмната падина. И тука востанието било бурно, затоа што ѕидовите, кои стрчеа беа речиси еднакви по број со населените куќи, а дрвјата во градините беа голи и црни. При појадокот изутрината, забележав еден врзоп со стари и сплескани документи, кои беа нагнетени во чантата на Петруш. Меѓу нив имаше еден примерок од статутот на Организацијата и правилници. – Зошто ги носите реонските архиви? – прашав јас. – Овие документи не се архиви. Тоа се дела. Ги носам со себеси за да ги разгледувам. – Дела? – извикав јас. – Какви дела? Ми се стори дека моето незнаење го навреди. Тој ми објасни нашироко и трпеливо вака: – Членовите од 10 до 15, оддел IV од Статутот велат: „Војводата решава спорови и слично...“ [56]. Вие знаете дека сме ги бојкотирале турските судови. – Зар имате писмена процедура? – прашав јас зачудено. – Зошто не? Јас не можам да ги разгледувам како и да е. Еве, на пример едно дело за земја. Едната страна е претставувана од попот, а другата од учителот. Пред дваесет и пет години Иван му дал на Стојан една нива на исполица. Пред десет години Иван посакал да му се врати нивата. Стојан откажал да ја врати, ако не му се плати направениот амбар и плодните дрвја што ги посадил. Тие оделе во турските судови, но процесот продолжил се додека се објави бојкотот на тие судови. Еве, делото е заведено пред мене. – Некој ден – реков јас – редовниот суд ќе ги гледа одново тие дела. Тој се согласи, но ми се чини дека ги прочитав неговите мисли. Петруш ги гледаше делатакако се разгледуваат одново, по години, но исто така се гледаше и себеси, со веќе завршено право, како ги пресудува одново. Не помина многу време и Петруш определи заседание по тие дела. Месниот комитет не воведе во едно училиште, кое беше празно, затоа што беше саботен ден. Најнапред ние поразговаравме со селаните, но наскоро Петруш заповеда да се извадат масите и столовите, ја фрли својата гуна во еден кат, седна врз неа и не покани Сандо и мене да седнеме едениот лево, а другиот десно до него. Месниот комитет и четниците ги зазедоа местата покрај ѕидовите на собата, а селаните останаа во средината назад. Заседанието се отвори. Имаше мошне многу тужители и обвинети. Тие формираа групи од двете страни на судот. Останатите селани гледаа на заседанијата како на еден вид борба со петли. Првото дело беше општинско и беше претставувано од месниот комитет. Порано аскерот доаѓал во селото и ја обложувал општината со шест лири за издржување на полициски постови, коишто да ги заштитуваат селаните од разбојниците, кога одат на пазар во Охрид. – Пред шест месеци тие дојдоа – рече кметот – и не тепаа по нозете, затоа што не сме ги платиле тие пари. Тогаш беа дванаесет лири. Да оставиме ли сега да не тепаат само за шест лири? – Дури и да беа само шест пари – рече Петруш, – јас ќе ве тепав, ако ги платевте. Во секој случај тие пак ќе ве тепаат, но вие не плаќајте ги тие шест лири. Штом ве тепаат, изпратете делегација во Битола и поплачете им се на туѓите конзули. – Таа игра со полициските постови се практикува одамна – ми рече Петруш настрана. – Народот парите ги дава со години, затоа што областа беше полна со албански разбојници, но полициски стови се уште нема. Парите одат во џебот на кајмакамот. Другото дело беше едно обвинение против еден од месните бегови, кој ја поседувал единствената мелница во општината. Тој ја зголемил цената на мелењето за една третина, беше поплакувањето. – Не одете во неговата мелница – проговори Петруш. – Нема друга. – Направете си, вие имате вода. – Никој од нас нема пари. – Тогаш направете ја на заедничка сметка. Работата нема да ве чини ништо. Ве ополномоштувам да ги извлечете од благајникот потребните пари за вредноста на материјалите. Тие пари ќе му ги вратите на благајникот од првите приходи на воденицата. Потоа воденицата ќе ги покрива своите трошкови, а ако има мала печалба, ќе му ја предадете на благајникот. По разгледувањето на општинските дела, од народот против владата – се разбира, обвинетиот не присуствуваше, – се појавија приватни дела. Една жена настојуваше да се разгледа одамнешната молба за развод. Го предавам основниот текст на молбата: „Несличност на карактерите. Старецот е сосем во ред, ама не можеме да се разбереме по ниту едно прашање.“ Јас речиси извикав од изненадување. Како да се бев вратил во Америка: – Па и кај нас за тоа се разведуваат. – Ако по толку долго време не сте можеле да се погодите – рече Петруш – и јас решавам да се разделите. Попе – му се сврти тој кон селскиот поп, – гледај да ја поставиш работата така, што владиката да го одобри моето решение. Друго кривично дело беше. Еден селанец отишол во едно далечно село и украл еден коњ. Престапникот беше осуден на дваесет удари со стап. Петруш му рече: – Идната недела ќе земеш пасош и ќе заминеш за Бугарија. Тука ќе ти останат жената и твоите деца. Јас ќе ти дадам писмо до претставниците на комитетот во Софија, кои ќе ти најдат работа и така ќе го издржуваш твоето семејство. До една година нема да се враќаш во Македонија. Ако извршиш некој престап и во Бугарија, ќе им ги предадам твојата жена и твоите деца на роднините и ќе ја изгорам куќата. Трите недели, кои ги поминавме во Охридско, беа нешто како странствување на подвижен суд. Освен со судски дела, се занимававме и со избори, какви што предвидуваше статутот. Секој избор го придружававме со лекции по граѓанската управа. Тој стигна дури дотаму, што предизвика еден реонски избор, во којшто тој беше кандидат за преизбирање како војвода. Како што подоцна ми напиша, тој добил, макар што постоела опасност од неуспех. По секоја веројатност за него, тоа задоволство си го заслужаваше ризикот. Летната горештина го направи нашето спиење невозможно во полските села, така што почнавме да живееме на отворен простор. Во шумата ги пречекувавме селаните, им судевме на луѓето и правевме избори така, како што се случуваше тоа по куќите. Нашиот излет траеше цели три недели. Месноста не беше така убава, шумите беа стари, дрвјата големи и немаше ситни грмушки, како по други места. Се запиравме на полјана со висока трева; си ја приготвувавме храната, а најчесто печевме јаре или јагне на ражен, поставен на два забодени чатали, еден спроти друг над огнот, а портоа почнувавме да го вртиме. Момчињата од селата доаѓаа кај нас да се борат, да се натпреваруваат на скокање, да фрлаат камења и да прават други јуначки вежби. Ние можевме да крескаме и да пееме колку не држеше гласот. Аскерот не се искачуваше толку далеку, кога планинските потоци се пресушени. Ние можевме да си ја уталожиме жедта само со тенкиот млаз на вода меѓу камењата, но таа не беше доволна за педесет или сто војници. Во лицето на „Ооџата“ имавме еден весел другар, кој беше смеаџија како Сотир од карафериските блата. Тој знаеше безброј комични песни, повеќето од нив пародија на народни сантиментални мелодии. Но, тој сакаше повеќе да ги имитира револуционерните оратори во Бугарија, кои го помагаа делото само со своето ораторство. Ако присуствуваше некој свештеник, особено некој, кој е над просечната интелигентност на својот сталеж, „Оџата“ држеше типична социјалистичка реч. Во овие земји, каде што свештеникот е така влијателен, социјалистичките оратори стануваат особено гневни, кога зборуваат за црквата. Заклучокот обично се искажуваше со страшна распаленост: „Нема да има мир на земјата, додека последниот цар не биде обесен со појасот на последниот поп.“ Бугарите се особени луѓе, тие се надарени со хумор, што може да истргне смеење дури од личности, кои се сметаат свети. Нерелигиозни во обичната смисла, речиси без национална гордост, навидум неспособни за бурни емоции, вие залудно ќе ги барате кај нив оние квалитети, кои изгледаат неопходни за фанатизмот на мачеништвото. Човек тешко може да ги поврзе една Жана д'Арк или епископ Латимар со племе од хумористи. Наспроти тоа. овие бугарски младинци, кои ми се чинеа лишени од почит кон она што го нарекуваме повисоки идеали и коишто не веруваат во утехата на духовната посмртност, умираат не помалку драматично од првите маченици на христијанството. Јас не зборувам за оние, кои умираат од раката на непријателот. Треба да се одбележи како рекорд дека ниедна чета не му се предала на непријателот, макар што таков предлог секогаш им се прави. Многу ретко некој четник попаѓа жив во заробеништво. Тешко ми е да приведам факти без да се возбудувам, но јас можам да соопштам цел список од преживеани четници од една опсадена чета, коишто откога ќе видат дека друго средство не им останува, освен да се предадат, сами си ставаат крај на својот живот со последниот куршум. Какво решение ќе превземев, ако мене ми се паднеше таков избор, не знам, но имено тоа чувство меѓу моите револуционерни другари му придаваше на извикот „Аскер!“ особено злокобен одглас во моите уши. Веќе загатнав за борбата меѓу аскерот и ресенската чета, од која избегале седум души, тешко ранети. Главатарот, наречен Ѓаконот, отишол во Битола да се лекува, но другите нашле засолниште во планините, каде ги лекувал подвојводата од друг реон, некогаш студент по медицина. Ресен е близу до Охрид и влегува во планот на моите патувања. Ние се обидовме да влеземе во врска со заменикот на Ѓаконот, Крсто Трајков, но местото на комитетската болница било така тајно, што писмото патувало доста долго време пред да стигне до својата намена. Најпосле добивме одговор од Крсто, во кој ни се соопштуваше за неговото оздравување и оздравувањето на неговите другари и ми се определуваше средба на границата меѓу двата реони. Во тоа време ние се запревме во селото Плакија. Од неколку дена наваму таму се ширеше глас дека прочуениот турски разбојник Ислам Чауш ги напуштил албанските планини и се вртел по тие места, за да може да грабне некоја богата пљачка. Со религиозна ревност тој ги правел тие посети секое лето во тек на деветнаесет години и ретко пропуштал да не одвлече некој имашлив селанец за да добие откуп. И покрај сите усилби на Охридскиот комитет да го уништи, тој продолжувал со своето разбојништво. Минатото лето Петруш се судрил со тој стар разбојник, разменил со него по неколку истрели, но по погрешка на сигналите, селската полиција не успеала да му го пресече патот на отстапувањето. Неколку дена одевме по трагите на Исљам и најпосле ги најдовме неговите траги во околината на Плакија. По сите села се испратија курири со подробни совети; секоја негова стапка се следеше преку денот, ноќно време му се поставуваа заседи. Целиот план беше така добро скроен, што после даде блескави резултати. Во Плакија разбравме дека Исљам и неговите седум луѓе се засолниле во едно турско село, каде што имаше гарнизон од аскерот. Тој стоеше таму, додека ние оддржувавме трескаво набљудување од соседната планина и очекувавме да излезе од селото. За да го забрзаме крајниот резултат, ние напишавме едно писмо до италијанскиот жандармериски офицер, кој се беше установил во Охрид. Тоа писмо на италијански го составив јас. Тоа беше можеби малку несврзано, затоа што италијански сум учел одамна и неметодично. За еден обичен интелигентен човек стануваше јасно дека тоа писмо не е напишано ниту од Бугарин, ниту од западен Европеец. Американскиот краснопис се разликува од европскиот, со исклучок, можеби на англискиот. Во секој случај оној, кој го добил, разбрал дека писмото е напишано од странец. А веќе се знаеше дека меѓу комитите имаше само еден странец. Во тоа време пристигна писмото на Крсто Ресенски. Бидејќи нашето соопштение до жандармерискиот офицер, изгледаше дека не дава никакви резултати, а селската чета беше ги зафатила сите излезни точки за отстапување на Исљам и поради тоа дека средбата беше толку близу до турското село, колку и до Плакија, ние решивме таа ноќ да се присоединиме кон четата на Крсто. Тргнавме пред стемнување, – една мала безгрижност, на која обично й се предававме во еден долг период на необеспокојувана сигурност. Ресенската граница се наоѓаше во една гола долина и кога поминавме преку зелените ниви, набљудувачите на Исљам, поставени во шумата над турското село, несомнено не забележале. По еден поход од четири часа, ние одново навлеговме во пресечена месност. Петруш ми раскажуваше што знаеше за Крсто. Тој дошол пред една година од Бугарија како четник со еден војвода, испратен од Централниот комитет – еден учител со деликатно здравје. По шест месеци војводата видел дека животот е многу тежок за неговите кревки физички сили. Затоа се вратил во Бугарија, а Крсто, за да ги исполни претходните планови на Борис Сарафов, кому му бил предан почитател, ја прифатил командата на четата. Но поради некаква причина, којашто Петруш не можеше да ми ја објасни, Крсто се скарал со окружниот комитет во Битола и Ѓаконот бил испратен да го замени во командувањето. Меѓу Ѓаконот и Крсто станало некакво спречкување, поради кое Крсто веднаш тргнал за Бугарија, но еден брз протест од страна на селските комитети веднаш го натерал Ѓаконот да го задржи Крсто [57]. При полна месечина ние се наближивме до местото на средбата – еден шумовит рид. Едно силно свиркање го предупреди нашиот човек, кој беше испратен напред да разузнава. Потоа од шумата излегоа неколку темни фигури. Еден широк, брадосан човек, сличен на горила, се стрча кон нас и ни ги зграпчи рацете, од еден до друг, како да забиваше ножови во своите непријатели при еден распален краток судир. Неговиот темен, впиен во телото албански костум, без власестите ракави, му придаваше изглед на тукушто искокнал во живот млад Хенри Осми (од Холбајн), едно прилегање, коешто се засилуваше уште повеќе од особеното наречје, на кое ги искажуваше своите поздрави со громок глас. Ја почуствував неговата сила, кога ми ја зграпчи раката. Тој ја задржа кратко време, потоа ме фати за рамото, со другата рака си го префрли ременот од својот карабин на другото рамо и не повлече кон дрвјата, како да бевме негови заробеници. Низ еден раб стари дабови и грмушки излеговме на една полјана до височината на ридот. Крсто не стави на едно легло од гранчиња и суви треви, послано под едно големо дрво и легна меѓу нас. Другите момчиња, осумнаесет на број, се расположија како нас под дрвјата. Убаво беше да се чувствува човек одново гостин на таква голема чета. Јас можев да го набљудувам лицето на Крсто на месечевата светлина додека тој зборуваше, со низок и дебел глас, како од градите. Лицето му беше широко, обиколено со бујни црвени бакембарди, брада и со куп костенлива коса. Не е чудно, си мислев јас, што е Сарафов сила во организацијата, со такви приврзаници. – Јас слушав многу за вас во Битола, Крсто - реков јас. – Со кого се среќававте таму? – праша тој. – Со вашиот ресенки делегат, на пример со Лигушев. – Тој проклет волк – про`ржи Крсто. – Но ништо, ако вие сте му пријател, јас нема да ве гибам, но немојте да стоите во тој реон повеќе отколку што ви е потребно. Не верувам да сте му пријател, инаку тој би ве предупредил да не доаѓате тука. Еве ви уште една загатка за решавање: зошто Крсто, сарафистот, беше во непријателство со Лигушев. Како и многу многу други прости загадки, нејзиното решение беше скриено од самата нејзина простота.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||