Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА ХVI
Уште на вториот ден јас ја разбрав причината за славата на Ташко како хемичар. Ние слеговме во Бабино и таму, во визбата на една од куќите, тој ми ја покажа својата лабораторија или поправо својата соба за снимки. Тој се интересираше од хемијата до толку, до колку што таа можеше да се примени во фотографијата. Од штиците на едно газеиено сандаче беше приготвил една камера, колку една голема кутија за апчиња, од која стрчеше нејзиниот капак. Наместо леќи ги употребуваше стаклата на еден стар дурбин. Ни покажа некои од производите на таа чудна опрема, во негативи и готови отпечатоци. Еден од тие производи ја претставуваше четата, чиишто средни фигури беа доста јасни. Но накај краиштата тие се прошируваа врз соседниот пејсаж, како да беа одразени во испакнати огледала. Кога одев за Македонија, носев со себеси еден мал плоскат „Кодак“, голем 4х9, добар пример. Во блатата на Караферија, Лука и јас, имавме различни авантури со апаратот. Прво, тој падна во водата, или поправо јас паднав во водата со раницата во којашто беше апаратот и Лука го прати во Солун на поправка. Потоа воденскиот комитет зеде извесно количество на негативи, за да се развијат, но бидејќи биле отворени предвремено, се расипаа. Лука сакаше да навлезе во градот со казнена експедиција. Втората пратка исто така се беше расипала, затоа што курирот го ставил пакетот со плочките под своето палто и се испотил. Третата пратка ја однесов јас со себеси во Битола и му ја дадов на Орелот за да се развијат снимките, но оттогаш и досега не сум чул ништо за неа. Потоа го носев апаратот со мене само затоа што беше ценет и не сакав да го фрлам. Видов радосна насмевка кај Ташко, кога го извадив мојот „Кодак“ од раницата. Таа се повтори, кога тој откри дека има две дузини плочи, што одговараа за мојот „Кодак“. Благодарение на другарството со Ташко, за една недела ми се стори дека бев ја прекинал мојата револуционерна дејност. Дури и Сандо и четниците се заинтересираа за фотографијата. Ташко ја проучуваше со љубов мојата камера, ја разглобуваше и пак ја зглобуваше. Го поминавме целиот ден во селото, употребивме една дузина плочи, снимајќи се еден со друг, сами, во групи и целата чета. Потоа наредивме група деца и ги употребивме двете камери. Кога првите сенки на самракот почнаа да паѓаат, ние се вовлековме во визбата и почнавме да ги развиваме снимките. Прво избравме една од плочите на мојата камера и таа се покажа сосема успешна. Потоа дојде ред на групата со девојчињата, снимени со кутијата за аповите. Ние со тревога го набљудувавме негативот и бавното појавување на светлите места, темниот ѕид во заднината, црвените ивици на полите, црвените чорапи, кога одеднаш некој извика: „Аскер! Аскер! – Бегајте! Го опкружува селото!“ Ташко внимателно го прибра чинијчето, во кое беше течноста за развивање на снимките, а потоа истресе една гневна пцост. Во куќата долу имаше голема растревоженост. – Пушти го во бањата и покриј го одозгора – извикав јас, – ние ќе го земеме подоцна. Тој го направи тоа и ние се впуштивме по селската улица. Кучињата лаеја свирепо во долниот крај на селото. Учителот, секретарот и членовите на месниот комитет се вртеа околу нас во темницата. – Каде се? – праша Ташко со гласен шепот. – Кај реката – одговори еден селанец. – Го фатиле стариот Начо, селскиот кмет. Ние слушнавме далечна турканица и говор на разтревожени гласови. – Едно одделение помина од другата страна на реката и отиде накај горниот крај на селото – извика еден селанец, кој трчаше кон нас. – Нико – му рече Ташко на својот помошник, – тргни напред преку црковниот двор. Помини по патеката на горниот гребен, таму тие не ќе имаат поставено многу војници. А вие останатите, пригответе ги бомбите. Јас ќе ве стигнам. Тргнавме по Нико; по стрмната падина над селото одевме брзо, макар и претпазливо. Вревата меѓу куќите се зголемуваше, а светлините светкаа наваму натаму, од куќа до куќа. Нико одеше напред. Го помина црковниот двор и дојдовме до една овчка патека, којашто се качуваше по сртот. Тука залегнавме со пушки в раце, гледајќи ја црната линија на хоризонтот. – Тука да го почекаме, Ташко – шепна Нико, пипајќи ја торбата со бомбите. Почекавме десетина минути. Потоа се чу лесно шумолење во грмушката зад нас. – Одете – шепна Ташко, – ние ќе се впуштиме против нив, ако се тие таму. Ние трчавме брзо нагоре, малку наведени нанапред. Ми се чини дека слушнав еден необичен звук, како тенекија да се влечеше по земјата. Стигнавме до врвот – една рамна полјанка. Преку неа пролазивме по стомакот и застанавме, кога почнавме да слегуваме на спротивната земја. – Да се починиме – шепна Ташко. Легнавме пак на земјата. Изминаа неколку минути. – Погледни – ми шепна Ташко. Моите очи ја следеа неговата рака. На стотина метри од нас, во сината магла на долината се покажуваа одвреме навреме фигурите на една дузина луѓе, молчаливи, згушени, како да им беше студено. Сенки, коишто беа страшни на изглед. – Аскер – промрморив јас. – Со нив можеме лесно да се справиме. Ташко избувна да се смее со тивок глас. – Остави ги, тие може да се социјалистите. Ми се стори дека дури и во темницата ја забележав неговата потсмешлива, подбивна насмевка кон мојот ентузијазам да барам средба со младиот турски офицер. Се провревме низ една шума со дабови млади дрвја, излеговме на една патека и тогаш забрзавме нагоре. И така одевме сe нагоре и нагоре, час по час, макар што се одмаравме често. Настапи зора, а по неа - светол ден. Бевме длабоко во една шума со густи грмушки. Ташко беше останал назад. Јас се свртив и го видов кај оди. Во едната рака си ја носеше манлихерката, а во другата една тенекиена кофа. Кога се доближи до нас, видов дека таа е покриена со куса дебела ткаенина, која беше натопена. – Не сакав да им оставам на тие токмаци да го буричкаат и да го расипат – рече тој. Моето слободно смеење го навреди малку. – Изгледа вие не ја сакате оваа уметност – извика тој разгневен. – Зар ќе му оставам на тој гнасен аскер да ја расипе работата? Го направивме нашиот логор таму, кадешто бевме, а малата кофа беше внимателно скриена во едно шупливо дрво. Околу пладне дојде еден селанец од Бабино и соопшти дека аскерот си заминал. Во селото бил младиот социјалист, се однесувал пристојно и не ги беспокоел селаните повеќе отколку што требало. Приквечер дојде учителот со едно момче, кое водеше магаре, натоварено со кутијата од апчиња и со сите други фотографски прибори. Веднаш се зафативме да ги промиеме снимките уште истата вечер, откако направивме еден вид шатор со нашите гуни за да се браниме од светлината на ѕвездите. За среќа, водата беше многу студена и желатинот од спасениот негатив не беше растопен. Снимката беше донекаде успешна. И до ден денешен јас го чувам отпечатокот од неа – три мали девојчиња во група, малкунејасни во нозете. Останавме три дена на тоа место, посветувајќи й на фотографијата секоја минута од нашите часови во текот на денот. Еден патник-продавач ни донесе нови стакла од Битола, порачани од Ташко една недела порано, кога другите стакла беа на завршување. Треба да додадам дека во тоа време и мене ме беше опфатила манијата кон фотографијата, веројатно заразен од горештиот ентузијазам на младиот Влав. На другиот ден од нашата средба јас бев испратил, преку Ташко, писмо до охридскиот реон, во кое им соопштував за моето пристигнување и за мојата желба да се сретнам со четата. По една недела добив одговор. Петруш [55] со својата чета ќе ме чека во едно село неколку часа далеку одовде. Тргнавме откога се стемни и по силно одење нагоре по една патека, излеговме ненадејно на една височина, каде ни залајаа неколку кучиња, а потоа се најдовме меѓу редица куќи. Некој даде знак, се отвори една врата и ние влеговме внатре. Беше темно; се отвори втора врата и ние влеговме во соба осветлена од огнот. Од спротивната страна станаа осум слаби момчиња. По ракувањето ми требаа десет минути за да си дојдам на себеси. Тие момчиња беа облечени во кадетска униформа и носеа ученички шапки со сенки. Ниту едно од нив немаше мустаќи; нивните лица беа мазни како на девојчина. И најстариот меѓу нив беше Петруш, висок, прав, со црти на паж од средновековните дворци. При таа глетка Ташко се насмевна. Подоцна, кога бевме во другата соба, за да се преоблечеме, тој забележа. – Едно капларско одделение од военото училиште, нели?
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||