Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА ХIХ
Редица планини, на коишто највисокиот врв им е Пелистер, ја одделува битолската долина од Преспанското Езеро. По еден пат, кој поминува преку клисурата на тие планини, рибарите од Преспанското Езеро пренесуваат риба за да ја продаваат на битолскиот пазар. Еден жежок ден од месец август, тројца испотени луѓе, очигледно рибари, тераа две натоварени магариња со риба по правливиот пат кон градот. Едното од тие три лица беше самиот автор на оваа книга, но тој беше така добро преправен, што и попроникливи очи од оние на стражарот кај постот на врвот, не можеа да го разликуваат од двајцата негови другари. Беше уште рано попладнето, кога ги поминавме акцизните власти кај градските врати. Одовде го продолживме својот пат по топлите и тесни улици на Битола, дојдовме до центарот на градот и низ главната улица, којашто води кон месарниците, ги теравме бавно и насила магарињата. Најпосле влеговме во еден ан, му ги предадовме двете животни на едно момче и ја однесовме рибата во рибарските бараки. Пред да ја иземерат, јас врзав три доста големи кркушки на една врвка, се вмолкнав во навалицата и тргнав низ улиците. Јас не се чувствував толку уверен во себеси, како што можеби изгледав. За прв пат требаше да сметам на мојата итрина и способност и да се справам со несигурноста на мојата положба. Поради причини, кои нема да ги објаснувам тука, Сандо беше останал со Крсто и неговата чета. За моето пристигање не беше известено. Прво, Крсто пред некое време беше ги прекинал своите односи со Окружниот комитет, врз основа на тоа, што додека Ресен не испрати редовно избран делегат во Битола, реонот останува непретставен од никого. Наместо веднаш да го нареди спроведувањето на избори, Окружниот комитет го птогласил Крсто за прекршител на законите на Организацијата и за осуден на смрт. Но досега никој не беше се осмелил да ја исполни пресудата. Освен тоа, од податоците што ги бевме собрале, веќе имаше сомнежи што се однесува до суштествувањето на Окружниот комитет. Тројца од неговите членови, вклучувајќи го и Орелот, беа избегале од турска територија, а за Лигушев се претпоставуваше дека е в затвор. Остануваше уште еден, кого го познавав, еден Евреин лихвар, но нему јас не сметав да му се доверам. Селскиот учител ми беше дал совет да го поминам вревливиот дел на градот и да одам во куќата на неговите родители, кои живееле во една крајна маала. Тие ме примија љубезно. Според советите на нивниот син, тие беа приготвиле за мене еден кат алишта, какви што се носеа во Битола. Двајцата старци знаеја многу малку за месната револуционерна политика, така што нивната куќа ми служеше само за привремено засолниште. Сепак јас разбрав дека, додека многумина од старите мои познати се избегани, а некои се в затвор, Окружниот комитет си останал нечепнат и Мојсеј е сe уште член. Еден ден јас го видов Георги како минува по улицата, така што беше тука барем еден активен орган на Окружниот комитет. Му напишав една белешка на Мојсеј дека сум тука. Тој дојде попладнето и ме поздрави радосно, забивтан и испотен од одењето. Тогаш јас решив да продолжам да верувам и досега дека какво и предавство да има во смртта на Пецов, тој нема никакво учество во него. Истата вечер се преместив во Јени-маале. Кога врвев по кривите улици, видов познати луѓе, на коишто лицата им светеа од радост, штом ме познаа. Токму во тоа време Спиро и едно друго момче се караа пред вратата. Кога ме виде, тој се стрча кон вратата, влезе внатре и ја остави полуотворена. Собраното семејство ме поздрави како стар пријател и ме одведоа на трапезата за вечера, каде што претходно беа приготвиле место и за мене. Мојсеј ги беше предупредил за моето доаѓање. Во текот на неколку денови бев доста зафатен и ја средував кореспонденцијата со Бугарија, којашто ја бев прекинал во последно време. Во тоа време успеав да сфатам и месната положба. Георги дојде да руча кај мене и беше доста искрен. Го затвориле, но го пуштиле без иследување. Орелот и Лигушев биле предадени од социјалистичката група во градот [58]. За Елена Т-ева, девојчето, кое што се обиде да се сретне со мене, не можев да научам ништо определено. Спиро мислеше дека таа заминала во Бугарија да студира на Софискиот универзитет. Братот на Спиро, учителот, ми кажа дека таа ја поминувала ваканцијата во едно село до крајните маала на градот кај една своја пријателка. Јас не сакав да прашам повеќе за неа, затоа што според моите информации таа беше членка на омразената „социјалистичка фракција“ и нејзиното име сe уште ги отуѓуваше многумина, кои сосема не беа нечесни. Но случајот ми помогна. Еден ден, кога ги пишував моите записи во една од собите на горниот кат, дојде една стара жена и ме предупреди дека имало општ претрес во Јени-маале. Одеднаш тревогата се распространи во целото семејство. Набрзина ги собрав моите хартии и си ги наполнив со нив внатрешните џебови; токму кога силно се чукаше на вратата. јас скокнав од задниот ѕид во другата градина. Во сите дворови жени и деца трчаа наваму натаму со нервозна напнатост. Спиро ме беше испреварил од една дупка на ѕидот, јас се стрчав по него низ една в врата, поминавме покрај група уплашени жени и се провлековме од една градина во друга. Тукушто сакавме да истрчаме на една уличка, една жена не турна назад и ја тресна вратата пред цело одделение стражари. Се стрчавме во друга насока. Спиро трчаше пред мене со неизморлива енергија. Кај последниот двор меѓу куќите бевме запрени од навалица жени. – Одовде, одовде – извика некој и јас се втурнав низ една вратичка во една глува улица. Едно девојче ме фати за рака и двајцата затрчавме силно по уличката, оставајќи го Спиро зад нас. Ја поминавме уличката, влеговме во еден премин меѓу куќите и стигнавме на отворено поле. – Оди по оваа патека – рече девојчето – и оди кон нивите. Кога ќе се стемни, врати се по истиот пат, јас ќе те чекам. Јас продолжив да одам по патеката и кога излегов во полето, тргнав побавно. Беше рано попладне, во еден убав, ведар летен ден. Кога стигнав до дрвјата и до високата трева, возбудувањето ми постивна. Започнав да се шетам. Кога стигнав до една рекичка, тргнав покрај брегот преку зеленото поле. Најпосле дојдов до едно место, каде што се пресекуваа две камени огради и тука, под едно огромно дрво, див костен, јас си легнав. На тоа место слатко си одмарав во длабочината на тревата, слушајќи го шумолењето на лисјата. Ми се чинеше дека бев задремал, кога слушнав човечки гласови и приближување на лесни чекори. – Тука ќе се разделиме – кажуваше еден женски глас. – Довечер чакај ме. – Да, ела рано, ќе спиеме на балконот. И одговорот беше глас на жена, но гласот ми беше познат. Се поткренав на лакот. Едно девојче бавно и назадечки се приближуваше кон мене. Другото одеше исто така назадечки во спротивна насока. Тие си рекоа збогум и се свртеа. Онаа што беше поблизу до мене се уплаши кога ме виде, затоа што се бев исправил и облегнал на оградата. Таа го продолжи својот пат, гледајќи пред себеси. Ме погледна уште еднаш под око и потоа застана. Очигледно таа дури сега ме позна. – Што правите тука? – извика таа. – Не знаете ли дека полјакот поминува по овој пат? Тој може да ви зададе прашања, на кои не ќе можете да одговорите. – Полицијата сега е многу зафатена во Јени-маале и нема време да доаѓа тука – одговорив јас. – Како можевте да ме познаете? – Јас сум ве гледала често пати – рече таа. – Тоа беше минатото лето, кога бев во Софија. Еднаш ве видов со Груев, кога пиевте пиво, тогаш мојот брат ми кажа кој сте. Настапи неудобно молчење. Кога веќе ја најдов, не знаев што да й зборувам. Но најпосле реков: – Ми рекоа дека сте отишле во Софија. – А вие како разбравте која сум јас? – Јас ве видов, кај вратата на... од еден прозорец – истресов јас. Таа се вцрви и си ги стисна усните. Веднаш разбрав дека започнувам недоделкано. – Таа беше работна посета – одврати таа со тврд глас. – Се уплашивте ли од тој човек? – Вие не би зборувале така, ако знаевте како се однесоа спрема него, кога вие си отидовте. – „Можеби беше подобро, што не ја видовме“ – ги повтори таа некогашните мои зборови со злобен подбив. “Кој й кажал дека сме тука?“ Беше мојот ред да се вцрвам. – Тие зборови – проговорив јас горчливо – беа кажани за да ве заштитат и за да не станете предмет на маалски приказни. Настапи ново молчење. – Ајде да се тргнеме од овој пат – рече таа најпосле. – Вие не треба да останете тука сам; но зошто не испратиле некој да ве придружува? Да одиме полека кон воденицата нагоре. Ние тргнавме бавно преку нивите, одејќи по една одвај видлива патека. Таа прва го наруши мачното молчење: – Немојте да й се лутите на Марика; таа не ми го пренесе тоа како озборување. Таа ми ги повтори тие ваши зборови, за да се откажам од желбата да се сретнам со вас, бидејќи и јас ја молев да ми помогне да се сретнеме. Точно е дека таа ве следела, но тоа го сторила не со цел да ви направи пакост, туку да не претпази од некои грешки. – Но зошто дојдовте вие? – Да уредам една средба меѓу вас и еден човек, кој сакаше да зборува со вас. – Кој човек? – Тој замина во Бугарија, но не е важно кој е. Таа не ја кажа вистината. – Вие сте биле со четите? – запраша таа, за да ја смени темата. – Да. – Со кого? – Тргнавме да се сретнеме со Пецов, но за среќа задоцнивме во селото. – Одговорот ми беше сосема случаен, но ја погоди целта. – Што! – извикна таа. – Тие ви средиле да му се придружите на Пецов? – Да. можеби вашата посета е причина за тоа. Јас бев крајно непријатен спрема Орелот таа вечер и тој можеби помислил дека знам повеќе, отколку во стварност знаев. – Се сеќавам – рече таа замислено. – Марика ми кажа дека и двајцата сте биле многу лошо настроени еден кон друг таа вечер. Но... зошто сте одново тука? – Имам да завршам некоја приватна работа во Софија, а не можам да го направам тоа од теренот. Ќе дојдев порано, но немав доверба во Лигушев. – А имавте доверба во војводите? – Зошто не? Сите со исклучок на Ѓаконот се чесни луѓе. – Бевте ли во Ресен? – Да, бев, заедно со Крсто. – Со Крсто! Но тој беше испратен од Сарафов. – Можеби, но неговото чувство за чест е посилно од припадноста кон фракцијата. Тој беше осуден на смрт од Лигушев, затоа што побарал избори во согласност со новиот правилник. – Според вас останатите не се негови приврзаници? – Апсолутно; сите што ги сретнав, Ташко како и Петруш. – Штета – рече таа тажно, – не го знаевме тоа. Господи! Зошто не ве сретнав порано? Помислив дека ќе й потечат солзи од очите. – Сега доцна ли е? – прашав јас. – Доцна? Да, за малку. Тукашната организација е уништена, нашите најдобри луѓе се испотепани или побараа засолниште зад граница. никогаш нема да можеме да закрепниме. Бевме стигнале до една шумичка и седнавме под сенката на дрвјата меѓу густата трева. – Другар – рече таа наеднаш, – интуитивно чувствувам, дека можам да ви верувам. Освен тоа само себеси се изложувам на ризик. Она што сакав да ви го кажам минатиот пат, во мај, ќе ви кажам сега и дури ако некогаш и го публикувате или разгласите на друг начин, нема да има ништо срамно за Македонија. Ние имавме чесни луѓе. „Сe се случи во последните осумнаесет месеци од востанието наваму. [59] За време на борбите јас бев со мојот брат и помагав во полските болници, но кога нашите сили се прегрупираа во летачки чети, слегов во градот и оттогаш сум постојано тука. Она што ќе ви го кажам не се слухови, затоа што сум свидетелка на сe што се случи. Градот беше полн со жени и деца од опожарените села, а најспособните мажи, кои овде ги организираа комитетите, беа или бегалци во планините или прогнаници во странство. Дезорганизацијата беше целосна; тоа значеше дека треба да се почне сe од самиот почеток. По неколку месеци Груев пристигна во градот и започна со реорганизацијата. Ѓорѓи Сугарев и Борис Сарафов го правеа истото во реоните и сите претпоставувавме дека работат под раководството на Груев [60]. Но, немаше материјал за повторна градба, нови планови, идеи. Новиот окружен комитет се состоеше од прости луѓе, необразовани трговци и работници, кои немаа никакви организаторски способности. Единствениот интелигентен човек од групата беше отец Мирабо, но тој беше седумдесет и пет годишен. Кога Груев си замина, го остави отец Мирабо како претседател на Окружниот комитет. Потоае, како резултат на влијанието на Сарафов, во комитетот влегоа Петар Лигушев и Црниот Петар од Дебар. Црниот Петар беше анџија и прочуен експлоататор на селаните. Овие двајца набргу ја контролираа ситуацијата. Меѓутоа немаше кој да им се спротивстави, затоа што општата амнестија сe уште не беше објавена и нашите мажи ги немаше, а ние, жените воопшто не бевме признати за членови на новата организација. Меѓу другите членови на Окружниот комитет имаше чесни луѓе, но тие беа слаби и неспособни и никогаш не ја сфатија ситуацијата. Лигушев и Црниот Петар започнаа да ги отстрануваат еден по еден, а после им се приклучија Израел Евреинот и неговиот брат Габриел. Тие двајцата беа лихвари и во замена за нивните услуги и донациите кои ги собираа од богатите евреи, им беше даден монопол во ограбувањето на кутрите селани, чии куќи беа опожарени за време на востанието. Потоа беше организиран реонскиот или окружниот комитет и на негово чело беше поставен Мојсеј. Толку, колку што знаеме, што се однесува за пари, Мојсеј е чесен, но неговите огромни амбиции се совпаѓаат точно со плановите на сарафовистите. Во секој случај, тој се наоѓа целосно под влијание на Лигушев. Под изговор дека ќе се борат против шпионите на грчката црква, тие организираа терористичка група и за нејзин шеф го поставија Ѓорѓи, кој беше познат како голем поклоник на Сарафов и Лигушев, како помошник на Сарафов, имаше надмоќност над Ѓорѓи. Имајќи ја поткрепата на терористите, комитетот придоби неограничена власт. Пред една година, кога се отвори гимназијата, се појави Орелот, назначен од бугарската црква, којашто му е потчинета, се разбира, на господарот на Сарафов. Природно, кога еден млад Бугарин со завршено европско образование ја напушти ветената дипломатска кариера, за да стане наставник во второстепена гимназија, веднаш ќе се досетите, дека тука се кријат некакви политички причини. Окружниот комитет соопшти дека го прима Орелот како делегат од Леринско, и покрај тоа што ниту тој го познаваше Леринско, ниту таму го познаваа него. Ете, тие се главните членови на нашиот комитет, групата, која ја контролира Битола, најважниот округ на револуционерна Македонија. Нивната следна задача беше да воспостават целосна контрола во реоните. Ние знаеме само дека Сугарев беше нивната главна пречка, но кои војводи беа назначени од Сугарев и кои беа креатури на Сарафов, вие знаете подобро од нас, затоа што во тоа време туку што почнаа да се враќаат бегалците. Знаеме дека Пецов бил испратен во градот од Сугарев, за да се сретне и разговара со комитетот и дека се стигнало до кавга. Немаме никакви писмени докази, но убедени сме дека Сугарев бил наговорен да дојде долу во рамнината, за да учествува на состанокот и дека Лигушев го предал, знаејќи дека Сугарев никогаш нема да остави да го фатат жив. Убедени сме исто така дека Сугарев се спасил од борбата, и покрај тоа што е бил тешко ранет. Пристигнал во градот за медицинска помош, без да се посомнева во предавството, и тука бил убиен. Ниту неговиот труп, ниту пушката никогаш не беа најдени. Во тоа време некои од бегалците веќе се вратија. Еден од нив беше Атанас, млад учител, социјалист и природно беше против Сарафов и неговите освојувачки планови. Ние, учениците во гимназијата, бевме доволно зрели да го следиме влијанието на Атанас и се организиравме во група, чијашто главна задача беше да му се спротивставува на комитетот. Речиси сите професори и некои чесни трговци и работници ни се придружуја. Кога беше изгласан новиот статут, добивме цврста подлога под нозете. Во меѓувреме отец Мирабо, кој го сметавме за чесен човек, започна да ја согледува вистината или мислеше дека другите отишле премногу далеку. Несомнено, тие гледаа во негово лице пречка, затоа што тој беше мистериозно предаден и избркан во некое село. Отпрвин ние отворено инсистиравме за избори. Комитетот одговори дека селаните сe уште не закрепнале од загубите во востанието за да можат да ги одберат вистинските водачи. Инсистиравме да бидат разделени примероци од правилникот, но комитетот одговори дека сe уште не располага со ниту еден примерок, и покрај тоа што ние имавме докази за горењето на цела врска примероци, испратени од Централниот комитет, зашто најдовме парченца од текст меѓу пепелта во печката во визбата на гимназијата. Најпосле ни ветија дека ќе спроведат окружни избори. Тие се одржаа во гимназијата, но кога сите гласови беа депонирани, тие не им дозволија на нашите набљудувачи да присуствуваат на пребројувањето. Еден од нашите набљудувачи, Владимир [61], еден млад гимназијалец, започна да протестира и кога се обидоа да го исфрлат од собата, тој го удри Мојсеј и предизвика тепачка. Во мешаницата гласачката кутија се преврте и Владо грабна дел од нив и избега надвор. Кога покасно ги разгледавме, откривме дека повеќето од нив беа фалсификувани. Следниот ден комитетот изјави дека е повторно избран стариот градски комитет, но, се разбира, ние одбивме да прифатиме таква измама. Неколку дена подоцна полицијата направи претрес во гимназијата. Откако ја пребараа зградата, полицајците ја испитаа и печката и во неа најдоа остатоци од изгорена хартија. Сигурно знаете дека мастилото се чита на опепелена квалитетна хартија? Полицијата собра доволно материјал, за да се препознае писмо, адресирано до Централниот комитет. Познато ви е дека според правилникот никој, освен јавно изобличениот непријател на Организацијата, не може да биде осуден на смрт од друг, понизок орган од Централниот комитет. Неколку денови по претресот беа повикани Атанас и Владо во полицијата. Побарале од нив да кажат што знаат за револуционерната организација во градот. Се разбира, тие изјавиле дека тие не знаат ништо. – Глупаво е да одрекувате дека не ги познавате и да ги прикривате – им рекол шефот на полицијата, – тие ве осудиле на смрт. Тој им ги покажал остатоците од писмото до Централниот комитет, во кое што се барало смртна казна за определени лица. Само две имиња биле читливи, на Атанас и на Владо [62]. Кратко време потоа, Орелот отишол во Солун, каде што во тоа време се наоѓале тројца членови на Централниот комитет. Тој се обидел да ги убеди да ги осудат нашите другари на смрт, но, ако е вистина она што го разбравме подоцна. Централниот комитет го одбил тоа пред да им биде осигурано чесно судење на обвинетите. Во меѓувреме Лигушев беше зафатен со своите сопствени интриги. Еден млад, доста имашлив селанец, кој зел активно учество за време на востанието, се криел во градот. Имал убава жена, којашто живеела легално во градот како бегалка од опожареното село. Еден ден Лигушев дошол во куќата каде што живеела, и се обидел да ја посрамоти, но таа се развикала и соседите й притекле на помош. Пред жената да успее да се сретне со својот маж, Лигушев отишол во неговото скривалиште и му рекол да бега во шумата, затоа што полицијата му е на трагата. Тој му дал едно писмо за Ѓаконот во Ресен и младиот човек го напуштил градот, без да си ја види својата жена. Меѓутоа по патот го фатил пороен дожд и писмото во неговото палто се наводенило. Кога го извадил од палтото, со намера да го стави во капата, забележал дека од влагата пликот се отворил. Го извадил писмото и го прочитал. Во него му се заповедало на војводата: „Убиј го овој човек веднаш, штом ќе го добиеш писмото, затоа што е опасен за нас.“ Селанецот се вратил во градот и се засолнил во куќата на еден пријател, каде што останал без знаењето на комитетот. Кога тајно ја посетил својата жена, тој разбрал за намерата на Лигушев со неа и сe му станало јасно. Тој успеал случајно да се сретне со еден стар другар по оружје, бивш секретар на Сугарев, кој бил во градот од здравствени причини. На овој четник, по име Стојан, тој му ја раскажал целата приказна и од него ние ја разбравме. Тој ни го донесе писмото до Ѓаконот и ние го зачувавме како дополнителен доказ, кога ќе треба да го разобличиме Лигушев пред Централниот комитет. Во тоа време вие бевте во градот, но ако не беа девојчињата на Ташко, ние никогаш немаше да разбереме. Ви ја изгубивме трагата, но еден ден Марика ни кажа дека сте во нивната куќа. Комитетот не насетуваше дека таа одржува врски со нас. Сум видела ваша статија во еден бугарски весник, која ме увери дека сте социјалист. Освен тоа знаев, дека сте близок пријател со Груев. Од тоа добив уверување дека не можете да бидете човек од групата на Сарафов и да ги поддржувате нивните планови за поставување бугарски цар. Им кажав на моите другари и решивме, доколку вие ќе поминувате низ реоните и стапите во контакт со војводите, дека ќе биде подобро да ја дознаете вистинската состојба на нештата, затоа што ако има полно разбирање меѓу нас и некои од чесните војводи, ќе можеме да ги средиме сметките со комитетот. Не се осмеливме да испратиме човек од нашата група, затоа што писмото на Лигушев до Ѓаконот ни натера да поверуваме дека многумина од војводите се на негова страна, уште повеќе што никогаш не сме го сметале Ѓаконот за сарафовист. Тоа беше и причината за мојата посета. Во меѓувреме селанецот чијашто жена беше навредена, продолжил да се крие. Еден ден Стојан му го дал својот наган и истата вечер тој пукал на Лигушев во Јени-маале, но за несреќа истрелот не бил прецизен. Од комитетот се посомневаа дека Стојан е соучесник. Еден ден, претпоставуваме дека Ѓорѓи го поканил да се прошетаат во полето и го убил со нож. Еден наш другар познавал еден Албанец, чиновник кај валијата. При една нивна средба, Албанецот му рекол: – Еднаш ти ми направи пријателска услуга. Сакам да ти се оддолжам на ист начин. Внимавајте, во вашата организација има двајца предавници. – Кои се тие? – Едниот е Евреин, другиот е син на фурнаџија. - Лигушев е син на фурнаџија. Нашиот другар побарал дополнителни докази. – Имам копии од тајни службени извештаи во мене – продолжил Албанецот. – Нема сите да ти ги покажам, но ќе видиш листа со имињата на оние што се во опасност. Тој му покажал список со имињата на сите оние од нас, што беа против Окружниот комитет. – Знам уште – продолжил Албанецот и ги изредил имињата и должностите на сите членови на Окружниот комитет. Нашиот другар не свика итно свика. Определивме средба за следното попладне, за да се договориме како да дејствуваме. Следното попладне Атанас не се појави. Цели два дена го пребарувавме градот, дури отидовме во затворот, за да видиме да не е случајно затворен. Тогаш дојде еден човек кој живее зад гимназијата. Тој ни раскажа ужасна приказна. Неговата жена забележала дека Ѓорѓи и уште еден терорист како влегуваат во зградата, заедно со Атанас. Се приближила до прозорецот и видела дека Атанас лежи на подот со пресечено грло од уво до уво. Ѓорѓи и неговиот приодружник копале дупка близу до купот дрва. Жената избегала ужасена и кога стигнала во својот дом, добила нервен напад. Дошол мажот й и таа му раскажала сe. Истото попладне Владимир и неколку учители слегле во визбата. Тие забележале дека купот од дрва е пренареден, а на подот кој беше покриен со плочи, имало изгазени грутки од земја. Во едниот агол виделе една лопата. Тие ги преместиле дрвата и под нив ги виделе разместените штици. Еден од нив почнал да копа и речиси веднаш извлекол парче ткаенина. Не можеле да го извлечат, но ги препознале алиштата на Атанас. Телото сe уште е таму. Веднаш испративме еден од нашите другари во Софија, кој добро го познаваше Груев. Бевме чуле дека Груев е во Софија. Тој успеал да се поврзе со него. Носеше доволно докази, за да ги убеди не само Груев туку и други. Очигледно Сарафов ги предупредил своите луѓе дека Централниот комитет знае сe, затоа што Орелот, Црниот Петар и Гаврил ненадејно исчезнале. Некој ги видел како се качуваат на возот за Солун. Подоцна разбравме дека се во Софија. Лигушев остана, но им се предаде на Турците; очигледно тој се плашел да отиде во Бугарија. Можете да си претставите што значи неговото затворање. Човекот, кој подмолно се плашеше да се бори во востанието, немаше храброст да се сретне дејците на Централниот комитет, во случај тие да дојдеа тука. Во тоа време повеќето од нашите луѓе беа притворени. Владо и сега се крие, а јас сметам дека е корисно да не ме гледаат многу по улиците.“ Тука Елена заврши со раскажувањето. За моите моите прашања и нејзините одговори нема потреба да пишувам. Станавме и тргнавме кон градот. Девојчето не чекаше на една патека, но ние сепак подзастанавме уште за момент. – Тоа значи дека комитетот е уништен – реков јас. – Така мислите вие – одговори таа. – Не, тој се уште постои, но неговото извршно тело сега се наоѓа во турскиот затвор. Мојсеј сe уште ги исполнува заповедите на Лигушев и уште полошо, Ѓорѓи, главното орудие на Лигушев, е на слобода и заштитен од апсење. Вие сте безбеден, затоа што ако пострадате, Лигушев нема да може да си најде место на земјата. Странските конзули барем ја насетуваат вистинската состојба. И ако бидете предаден на власта, тоа би значело објавување на вашето сведочење. Меѓутоа ние можеме само да го чекаме, или доаѓањето на претставниците на Централниот комитет, со целото ополномоштување да ги тргнат Мојсеј, Евреинот и Ѓорѓи, или ќе треба ние да го тргниме Ѓорѓи; во него лежи преостанатата моќ на комитетот. Без терористите тој е беспомошен. Се разделивме на патеката. Забележав дека секој нерв на нејзиното кревко тело трепереше при раскажувањето на таа потресна приказна. Пред да си посакаме добра ноќ, веќе ја договоривме нашата следна средба.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||