Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА ХX
Претресувањето на Јени-маале од полицијата беше општа мерка, а не насочена против некое определено лице. При сето тоа таа беше причина за мене да си го сменам живеалиштето и да одам во куќата, каде што Сандо и јас поминавме една ноќ и еден ден. Во куќата на мајката на Михаил Х-в. Куќата на таа баба се сметаше за најсигурна во Јени-маале, затоа што кварталот имаше неправилна форма и полицијата не можеше лесно да го опколи. Бабата ме пречека посрдечно отколку порано. Од тогаш досега таа беше пречекала повеќе од една дузина илегалци и можеше лесно да ме заборави. Таа беше сама со ќерка си, нејзиниот помлад син беше заминал за Бугарија. Приквечер Мојсеј и Ѓорѓи дојдоа да ме видат и треба да признаам дека и покрај долгото дружење со луѓе кои убивале, непосредниот контакт со човек кој можел да ја намами својата жртва во визба и таму ладнокрвно да го убие, а потоа да го скрие трупот, беше навистина неподносливо. Не можам да кажам дали успеав да ја прикријам инстинктивната одвратност од него. Ѓорѓи го видов жив за последен пат. Туку што излегоа Мојсеј и Ѓорѓи, вратата се заклучи за преку ноќта, и една странична врата во градинскиот ѕид се отвори и Елена, следена од три други девојки, во тој број и Саша, најстарата ќерка на Ташко, дојдоа кај мене. Десет минути подоцна пристигнаа уште двајца ученици. Едниот беше Владимир, за кого ми беше зборувала Елена. Особено ми се допаѓаше Владо. Тој беше осумнаесетгодишно момче, отворено, со пријатно лице, но малку слабичко. Немаше ништо што да укажува на борбеноста жто ја покажал на изборите. Таа ноќ беше пријатна и спокојна; едно другарско собирање, како што не бев поминал во Македонија. И при најдобро расположение Бугаринот е со многу ограничен речник за јасно определено изразување при разгледувањето на сложени прашања и понекогаш ми правеше впечаток несоодветноста меѓу чисто македонското наречје и странските француски, германски и руски зборови, што ги употребуваа моите нови пријатели. Саша ми се виде во сосема друга светлина; никогаш не допуштав дека таа е толку интелигентна, колку што навистина беше; не бев видел поначитана жена од неа за нејзината возраст. Надвор од своите училишни занимања, тие беа образувале мали групи за изучување на литература и политичка економија. По првиот предмет тие беа повеќе склони кон реализмот на Зола, Виктор Иго, Мопасан и најповеќе кон руските писатели, кои ги читаа во оригинал. При таа тенденција ништо не беше поприродно од тоа што нивната политичка економија ќе ги доведе до социјализам. Девојките си отидоа рано ноќта, а Владо остана и ние зборувавме со него до мугрите. Изутрината, кога се разбудив, тој си беше отишол. Новите пријатели често ме посетуваа. Кон крајот на следната недела добив белешка од Бел Шишман-маале, по која веднаш отидов таму и влегов во куќата на мојот стар познајник Ицо. На подот лежеа двајца во селско облекло, очигледно спиеја, но при моето влегување тие скокнаа и ме поздравија. Тие двајца беа Сандо и Крсто. Последниот беше си ја избрикол брадата и беше се преобразил во еден јадар, добродушен трговец со добиток. Таа ноќ останав кај нив. Подоцна Владо и друг еден од учениците дојдоа кај нас. Крсто, којшто единствен од нас имаше пари, ни даде прекрасна вечера и толку пиво, што последниот дел од ноќта ја поминавме доста весело. Следната изутрина јас се вратив во Јени-маале, но не можев да го земам Сандо со мене, затоа што слегов во градот со намера да отпатувам до Солун по железница со фалшив пасош и оттаму по море за Бугарија, што беше многу ризично за двајца. Сандо и Крсто беа дошле во градот без знаење на Мојсеј и Ѓорѓи. Веќе бев разбрал не само дека Ѓаконот е се уште во градот, туку и во која куќа се крие. Особено бев загрижен да не дознае за присуството на Крсто во градот, затоа што беше сосема способен да му направи пакост. Никој од нас не можеше да разбере на кој начин тој разбрал, по околу недела, дека Крсто се наоѓа во градот. Уште следниот ден тој избега, одново преоблечен во попски алишта, и јас долго потоа не знаев ништо за него, додека не го стигнав во Софија и го најдов таму под заштита на Сарафов. Деновите минуваа брзо. Се занимавав или со пишување или со фотографија. Навечер ретко поминував сам. Често си спомнувам со задоволство за собирањата што ги правев со момчињата. Многу пати, попладне, Владо и јас, понекогаш придружени од девојки, скитавме по полето. Во тие прошетки немаше речиси никаква опасност, затоа што во тоа пријатно време на годината граѓаните масовно излегуваа. По моето тринеделно престојување во градот, еден саботен ден организиравме излет. Со себеси зедовме јадење и целиот ден го поминавме под дрвјата покрај рекичката што минуваше по падините на Пелистер. Рано изутрината во сабота кај мене дојде Саша. Таа беше единствената од социјалистичката група, којашто можеше да оди сосема отворено по улиците. Елена и Владо, кои живеја близу, требаше да го поминат градот по заобиколени патишта, по тесни улици и премини. Саша носеше една кошница на својата рака и со русите плетенки по грбот изгледаше доволно невина за да го измами и најпроникливиот полицаец. Како што спомнав веќе, месните луѓе требаше да се преправаат по улиците дека не ги познаваат илегалците. Кога ќе видат некого, тие треба да одат напред, а илегалниот да оди по нив на извесно растојание. Кога стигнавме до главната улица, јас тргнав побавно, за да й дадам можност на Саша да помине напред. Донекаде таа одеше напред, но одеднаш се сврти и ме фати за рака. – Ова е подло – рече таа. – Мене не ме е страв. Нејзината треперливата рака ги негираше нејзините зборови. – Не биди глупава – одговорив јас. – Оди напред, како што прават другите. – Не се плашам – повтори таа. – Друг пат нема да излезам со тебе, Саша – реков јас. Таа се изнасмеа, но при сето тоа ние продолжувавме да одиме заедно. На еден агол таа застана и купи еден голем симид. Го скрши на две половини и ми ја даде мене едната половина. – Земи, јади – рече таа. – Ако се држиме како идиоти, никој не може да се посомнева во нас. По целото продолжение на главната улица ние ги лапавме своите парчиња симит и се кикотевме. Го поминавме градскиот затвор, навлеговме во полето и оттаму тргнавме нагоре кон ридовите. Елена, Владо и другите екскурзијанти беа стигнале таму пред нас и формираа голема група. Многу од тие девојки и момчиња не ги познавав, но сите беа пријатно друштво. Притоа и самата месност, каде се бевме запреле, беше попријатна отколку полето зад Јени-маале. Тука имаше дрвја и грмушки во изобилство, и полјани со трева, каде што можевме да скитаме. Ние не кревавме врева; некои дури беа донесле книги за читање. На пладне јадевме во тревата, блиску до рекичката во која тече бистра планинска вода, уште неизвалкана од градот. Дека сите й припаѓаа на социјалистичката фракција, беше јасно од заедничкото расправање на случките, и меѓу момчињата со кои Елена ме беше запазнала веќе имаше еден младич, што завршил гимназија минатата година и тукушто се беше вратил од Софија. Тој кажа дека се видел со двајца членови на Централниот комитет и им ја објаснил вистинската положба. Тие го увериле дека ќе преземат сериозни мерки за исчистувањето на Битола од Лигушевците. По ручекот се развеселивме повеќе, пеевме народни песни и се фативме за раце да играме оро, придружувајќи ја играта со пеење. На неколку пати забележав дека минувачи покрај патчето, што беше под нас, фрлаа поглед кон нас и си заминуваа; некои дури ни мафтаа со раце. Приквечер се собравме на разговор под еден огромен даб. – Ми се чини дека слушнав истрел во градот – рече некој. Сите погледнавме кон далечните црвени тули и слушнавме само тропот на една кола. По половина час се разделивме на групи по двајца-тројца. Јас не ја гледав веќе Елена. Неочекувано ја видов со Владо, како врват по една патека, што го пресекуваше ридот на долната страна, затскриена со дрвја. Малку подалеку зад нив одеа брзо двајца селани. Елена и Владо застанаа и почнаа да мавтаат со рака кон нас. Другите групи не ги забележаа, но јас и двајцата мои другари се стрчавме кон нив. Двајцата селани се беа скриле во грмушките. Владо носеше две бочви. – Брзајте! – извика Елена, – облечете овие селски алишта; пред половина час Ѓорѓи бил застрелан пред неговата куќа. Улиците вријат од полиција, апсат секој непознат. Владо и јас се вовлековме во грмушките. – Убиен? – повторив јас. – Мртов како камен – одговори Владо. – удрен во челото, меѓу очите. Се преоблековме набрзина и излеговме пак таму, каде што Елена, Саша и други го набљудуваа долниот крај од најблиските маала до нас. Брзо и молчаливо се збогувавме, а ние двајцата тргнавме нагоре кон планината. Малку погоре на една патека стоеја двајцата селани, кои не чекаа: Сандо и Крсто. – Брзајте! – извика Крсто. – Треба да ја стигнеме четата пред да се стемни. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||