Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХХII

Пак во Воденско

Меѓу малото Преспанско Езеро и Костур се издига голата планина Корба, именувана во древноста Скарбус. Во месец септември, Владо и јас ги поминавме нејзините врвови и влеговме во една земја, совршено различна од другите делови на Македонија, што ги бев видел јас. Навистина, таа беше гола како планините, кои ги поминавме, без шуми и карпеста, но во дното на малите долинки растеше златно жито и зелени лозја.

Првите денови ги поминавме во едно село, коешто личеше на гратче. Некои од куќите беа двоспратни, камена структура со украсени фасади. Црквата била бомбардирана и делумно разрушена за време на востанието, но била одново соѕидана со кула, какви што се западните цркви. Тука, во 1903 г. борбата била најсилна, но при сето тоа соземањето станало најбрзо. Поголемиот дел од населението се ѕидари, кои зиме работат во големите градови на балканските држави. Патувањето на тие луѓе подејствувало во таква смисла, што тие пројавуваат пожив интерес кон политичките и општите тековни настани. Еден од тие луѓе беше добил една книшка од Америка, во која за прв пат видов фотографирани урнатините во Сан Франциско од земјотресот.

Ние влеговме во црквата. Таму беа собрани околу сто деца, сите наседнати на подот, некои читаа, други пишуваа, а едно решаваше една аритметичка задача на црната табла. Две девојки ги раководеа и двете облечени во селски алишта, но тие не поздравија на правилен бугарски јазик.

– Зошто немате училиште – прашав јас – И зошто немате столови за децата?

– Затоа што ова е стражарско училиште – објасни едната од учителките.

Таа ме одведе до еден од прозорците и ми го покажа блискиот врв на ридот. Две деца седеа таму под сенката на една карпа. Разбрав. Тие беа чуварите. Ако некоја чета аскер почнеше да се приближува по патеките кои водат кон селото, острото око на тие деца ќе го забележи тоа движење. Тие навреме ќе го предупредат училиштето и од учениците нема да остане никаква трага. Двете учителки ќе почнат да бијат млеко, или да перат алишта. Костур е едно од оние места во кои шизмата не е призната од турската влада и поради тоа градот се наоѓа под привремениот ресор на грчкиот владика. Природно е дека тој ќе забрани училишта во кои се зборува бугарски јазик и бидејќи населението е чисто бугарско, не зборува грчки, тоа не можеше да трпи учители коишто не знаат да зборуваат на неговиот роден јазик. Ете зошто било решено да нема никакви училишта. При сето тоа Бугарите имаа училишта. Елена и Саша се подготвија да бидат учителки во такви училишта.

Како во Воден, така и во Костур, грчката црква употребуваше огромни напори за да го згази револуционерното движење меѓу народот. За време на востанието, грчките попови ја придружуваа турската војска во казнените експедииии и покажуваа, кои села да се изгорат и кои селани да се убијат. Поради тоа, луѓето беа сега особено ожесточени против грчката црква. Во тој реон е селото Загоричани, во кое што се случи еден од најпрочуените настани во сегашната историја на Македонија [64], познат дури и на Европејците. Грчките попови поткупиле еден турски офицер за да прави чести претреси на селото и тоа ги натерало селаните да го скријат своето оружје на подалечни места. Потоа старешината на селото добил белешка, потпишана од еден „пријател“, со којашто се предупредувале селаните дека по неколку дена ќе се направи друг, поподробен претрес. Многумина од селаните си ги закопале пушките.

На определениот датум сите селани се собрале во црквата. Кога го чуле свирењето на трубата и виделе како се приближуваат до селото вооружени луѓе, тие си помислиле дека предупредувањето се исполнува и дека аскерот дошол да бара оружје.

Сосем неочекувано еден плотун ги испокршил прозорците на црквата и убил десетина души од собраните. Меѓу богомолците настапила паника и некои летнале да бегаат надвор, но виделе дека се опколени од стотина „Христови војници“, повеќето во грчка униформа. Тројца од водачите биле облечени во униформи на грчки офицери.

Таа чета исклала шеесет селани од Загоричани. Пет од нив биле деца помали од петнаесет години, седум жени, од кои две во напредната бременост и дваесет и двајца мажи, повеќето над шеесетгодишна возраст. Востанието оставило некои здрави куќи и десетина од нив биле изгорени, заедно со дваесет и осум привремени колиби. Сето тоа било извршено среде бел ден, сосема близу до еден голем гарнизон од војска, што престојувала на еден дострел од пушка. Тоа злосторство беше извршено во името на Христа, организирано од грчката црква, кон чиј што главатар, во Цариград, претставниците на европските држави се однесуваат со почит и со кого што се советуваат, кога треба да се разбере „волјата на народот“. „Јас не знам како може да се обвинува цел народ – вели Берк. – но кога цел еден народ му акламира на едно слично дело како ова, преку својот еднодушен печат и катедра, го нарекува патриотско и херојско и им дава јавни ручеци на неговите извршители, што треба да се каже за таков народ? Не такво нешто, коешто сигурно ќе биде чуено, зашто тој народ е потомок на Сократ, Перикле и Солон (барем по име) и избраниот народ на Бајрон.“

Една вечер нам ни се придружи една чета, којашто беше од реонот на војводата Пандо Кљашев. Двајца војводи си ја беа разделиле администрацијата на Костур меѓу себе. Едниот се викаше Митре Влавот [65], од пред петнаесет години илегален. Митре беше од романско потекло и прост овчар, но со докажана способност и чесност кои го извишуваа дури и над омразата на сарафовистите. Разбирајќи дека неговите способности имаат само воена цена, тој побара да ја подели командата со Пандо Кљашев и овој да му помага во административната работа, којашто Митре ја сметаше за поважна.

По Лука, јас не сум сретнал друг војвода, подобро подготвен интелектуално за војвода од Пандо Кљашев. Тој беше со правилни црти, аристократск млад човек. Неговата чиста реч се приближуваше до рускиот јазик. Беше облечен просто, со пристегната униформа; со исклучок на неговите платнени објала, кожената футрола за револверот и неговиот колан со патрони, ништо друго не го откриваше неговото звање. Тој беше студирал на Софискиот универзитет и ми се чини беше го свршил. Негов помошник беше Карчаков [66], малку помлад, со завршена гимназија. Тие двајцата не беа прости бојни луѓе, туку имаа определени теории за економска организација. Тие беа уредиле кооперативни дуќани и четири мелници. И „стражарското“ училиште беше нивно дело.

Кога пристигнав во селото, тие беа извршиле едно дело, коешто можеби ќе служи како материјал за народни легенди на идните поколенија.

Во селото Писодери живеел еден грчки поп, којшто по чин стоел подолу од владиката, но по правење на зло бил повисок од него. Тој отец Ставре организирал една шпионска мрежа, која й ги доставувала на грчката црква најточните податоци за револуционерните агитатори. Најнапред тој се истакнал со тоа, што за време на востанието им давал енергична помош на Турците за пронаоѓање на членовите на месниот комитет.

На два пати учествувал во еден колеж. И покрај неговото настојување еден турски офицер одбил да изгори едно село, но отец Ставре ги насаскал албанските разбојници и тие го изгориле селото. Селаните ми кажаа дека еден стар турски мајор одбил да се здружи со попот, велејќи пред војниците дека „било нечесно да се бара помошта на тој ѕвер“.

Со предавањето и убивањето на Лазар Поп-Трајков, еден умен организатор, цената на поп Ставре се кренала пред грчката црква. Тој ја донел главата на Поп-Трајков во Костур, ја фотографирал и отпечатаните снимки им ги раздал на селаните. Но неговото најмасторско дело било колежот во Загоричани.

Отец Ставре ги раководел операциите на терористичките чети. Местото му помагало да ги гони своите цели, затоа што Турците држеле гарнизон во Писодери, кое се наоѓало во центарот на областа каде требало да се шири грчката црква.

Доста љубопитно е, но тоа чудовиште било човек просветен и со префинети манири. Тој можел да измами секој странски новинар и неговата сила врз жените била огромна. Поради таа причина грчката црква често го испраќала во туѓина со дипломатски мисии. Тој бил на чело на делегацијата, испратена од „Македонскиот народ“, којашто го пречекала англискиот крал на Олимписките игри. Минатото лето тој ја обиколил Европа и ги ангажирал симпатиите на дипломати и општественици за каузата на грчкото проширување. Двајца револуционерни терористи го следеле во чекор низ целиот континент, но тој бил премногу лукав за да биде најден без сигурна заштита.

Еден ден, една жена нашла едно писмо на планинските патеки, очигледно испуштено од некој курир. Таа го предала на четата, Пандо Кљашев го отворил и тоа излегло дека е грчко шифровано писмо. Во неговото детство го терале Пандо насила да учи грчки јазик. Тој почнал внимателно да го испитува писмото. Во него бил внесен еден список на неколку имиња, кои излегло дека се турски жандармериски офицери. Имињата биле напишани со обични букви, но спроти секое име имало зборови во шифри. Работејќи со приближни претпоставки, кои можат да бидат полициските станици, Пандо почнал да го дешифрира писмото и случајно го открил клучот на шифрата.

Макар и без имиња, писмото очигледно било од грчкиот владика и било упатено до капетан Вардас – главниот командант на бојните сили. Во него се развивал планот за опожарувањето на селото Буф, големо бугарско село, што делумно изгубило од своето население поради неговото емигрирање во Америка. Авторот на писмото му давал поуки на капетанот Вардас да го испрати некојси капетан Белус да се посоветува со отец Ставре, кој ќе му ги дадел последните упатства.

Кљашев го повикнал на совет Митре Влавот. Двајцата собрале четата во реонот и отишле во планината, којашто се наоѓа над Писодери. Меѓу помалите месни водачи имало еден ученик од грчката гимназија во Атина, кој зборувал без грешка грчки. Тој бил избран да ја изигра главната улога.

Пред неколку месеци четата фатила неколкумина заробеници од една грчка чета. Тие биле обезоружени и испратени во Грција во селско облекло, а нивните униформи биле зачувани како трофеи. Кузо, подвојводата, и шестмина од четниците се облекле во грчки униформи. Потоа напишале едно писмо со грчка шифра и го испратиле во Писодер по еден селанец. Во него сакале отец Ставре да дојде по работа за „Буф“ и писмото било потпишано од „Капетан Белус“.

По неколку часа, четата којашто била скриена во шумата, видела како двајца луѓе од селото се качуваат по планината. Едниот бил во попско расо, а другиот во униформа на турски стражар. Кога тие двајца луѓе стигнале до едно голо место во планината, сретнале една чета од седум души во грчки униформи, од кои еден пристапил напред и се претставил како капетан Белус.

Еден час потоа, кога гарнизонот во Писодер се растрчал по планината за да разбере какви се тие истрели, ги нашле отец Ставре и неговиот другар - убиени.

Жал ми е, што не можев да се сретнам со Митре, којшто беше отишол во Битола да се лекува. Со Кљашев и неговата чета, Владо и јас го преминавме Костур до Леринско и оттаму се разделивме со нив за да си го продолжиме патот кон Воденско. По неколку месеци сите, освен подвојводата, беа убиени. Ако некогаш ви се случи да отидете во малите кафеани на бугарските емигранти во Америка, вие ќе го видите портретот на Пандо Кљашев, а некаде и на Карчаков. Една изутрина влеговме во истото село во кое што јас и Сандо за прв пат го сретнавме Тане и сега пак го најдовме таму. Ја поминавме целата ноќ заедно. Тој ми кажа дека во Воденско имало борба во која Лука бил ранет во раката. Грците пукале на четата од заседа, но немале голем успех.

Ние одново се впуштивме на пат, го преминавме Леринско и една изутрина пристигнавме во селото, коешто лежи под планината и во кое што се разделивме со Лука. Селаните ме познаа и од сe срце ми подадоа рака.

– Каде е Лука? – го прашав јас претседателот на Месниот комитет.

– Не знам – одговори тој. – Ми се чини дека е во блатата.

– Вистина ли е дека Грците ја нападнале четата од заседа?

Неговите очи светнаа.

– Вистина е – рече тој. – Јас помогнав да се погребаат петмината Грци, што беа оставени убиени, едниот од нив беше капетанот.

– Има ли некое наше момче убиено или рането?

– Еден четник... Јани... Влав... тој беше убиен. Велат дека Лука е ранет во рамото. Тоа се случило тука погоре. Четата идела накај селото. Доцна ноќта таа отишла во овчарските колиби. Таа ноќ имало полна месечина. Стражарот сигурно спиел и во мугрите Грците успеале да се провлечат до еден шумовит гребен над колибите. Тие стигнале таму лазејќи преку клисурата, и нашите момчиња ги насетиле дури кога еден плотун од пушките „гра“ ги пронижал колибите. Четата искокнала надвор и почнала да пука, но Грците одбегнале да се борат на отворено. Јани паднал во колибата, без да разбере што се случило. Ние доведовме еден коњ за Лука; јас го видов исправен до едно дрво, многу блед и завиткан во гуна.

– Но каде е сега? – прашав јас.

– Ви реков дека не знам. Тодор беше во С. ... [67] пред два дена со десет души четници; може да е таму.

Јас не можев да издржам до настапувањето на ноќта; веднаш попладнето Владо и јас тргнавме кон планините. Околу полноќ стигнавме до селото С... Таму во шумичката го оставив Владо да ме чека, додека се вратам, и се стрчав во селото без никакво предизвестување. Неколку селани истрчаа од една куќа и ме обезоружија. Кога ме познаа, тие ми ја вратија пушката.

– Каде е Тодор? – прашав јас.

– Тој е накај Родиво.

– Знаете ли каде е Лука!

– Тодор рече дека тој заминал кон границата по муниција.

Двајцата селани посакаа да не одведат до четата и откако го зедовме Владо, тргнавме одново кон планината. По еден час стигнавме до еден врв, каде што имаше полјана, во средината на којашто се наоѓаше трло за овци. Еден од двајцата селани, кои не придружуваа, свирни и веднаш добивме одговор од трлото. Јас тргнав кон влезот; внатре во трлото гореше оган од јаглен, околу кој лежеа половина дузина луѓе, загрнати во гуни. Неколкумина се поткренаа на лакти, како сега да се разбудуваа.

– Тодоре! – извикав јас.

Една еластична фигура скокна и во следниот миг Тодор и јас лудо се прегрнавме.

– Каде е Лука? – прашав јас.

За момент Тодор не одговори.

– Ранет е во рамото и во мевот – рече тој. – Ние се обидовме да го однесеме, но...

– Каде е сега?

– Тој беше жив само осум часа, по што умре, верувајќи дека е убиен од аскерот [68].


64. Се мисли на запалувањето на селото од грчките андарти.
65. Димитар Пандуров (Панџаров) – Митре Влавот, роден во с. Кономлади, Костурско. Долгогодишен војвода и активен учесник во востанието и во борбата против грчката вооружена пропаганда. Убиен е во борба со турската војска во март 1907 година.
66. Атанас Корчаков – роден е во с. Косинец, Костурско. Долгогодишен војвода. Учествува во борбата против грчката пропаганда. Убиен е во 1907 г.
67. Веројатно станува збор за с. Зборско, Воденско.
68. Во суштина Лука Иванов е предаден од каракачаните, кај коишто ноќевал со својата чета. Поподробно за неговото убиство кај: Хр. Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, т. 2, стр. 175– 176.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik