Исповед на еден македонски четник | ||||||||
ГЛАВА ХХI
Моето бегство од градот во почетокот на месец септември ја прекина мојата врска со битолската организација. За она, што се случило по мене, разбрав подоцна од точен извор и по слухови. Неколку денови по моето заминување Елена и другите девојки отишле во Бугарија со лажни пасоши, преоблечени како кадани. Следната зима ги видов во Пловдив; тие се подготвуваа да се запишат на Универзитетот. Некои од момчињата што ги познавав стапиле во четите. По еден месец, две големи чети, едната под командата на Михаил Х-в, пристигнаа во битолскиот вилает. Десет здрави младичи влегле во градот и со помошта на месните членови, ги уништија неколкумината останати приврзаници на Лигушев. Мојсеј исто така бил принуден да бега од една сила, од којашто неговите американски протестантски пријатели не можеа да го заштитат. Лигушев бил изваден на суд и за чудење на сите, турскиот јавен обвинител станал и драматично го изобличил како предавник, којшто им служи на двете страни и ги лаже и двете. Тие го испратиле на доживотно заточение во една од тврдините на Мала Азија, каде што тој веројатно бил во најголема сигурност. Подоцна тој бил ослободен и се вратил во Битола, каде што бил убиен на улицата, како што бил убиен и неговото несреќно орудие Ѓорѓи. По една година, на поминување низ Париз за дома, јас сретнав еден пријател Бугарин од Софија, студент по медицина. По неколку дена ние ручавме заедио. При таа наша нова средба тој ненадејно извика: – Сношти во бугарскиот клуб сретнав еден ваш пријател, Б-в. Тој бил учител по математика во битолската гимназија минатата година. Ви испраќа многу поздрави. – Што прави тој во Париз – прашав јас. – Тој е аташе во бугарската амбасада. На таков начин, за разлика од злосторниците во романите, Орелот заврши среќно, награден од својот господар – да биде украс на една служба, чијашто етика за нас простосмртниците, е во најмала рака барем чудна. Последен збор за Сарафов, херојот на овие интриги. Како што беше соопштено минатата година со големи наслови во сите американски весници, неговите погрешни проценки го доведоа до истата судбина како и неговото мрачно орудие во Битола, Ѓорѓи терористот. Во еден момент, кога изгледаше дека неговите планови ќе се крунисаат со успех и дека револуционерните сили во Македонија ќе попадне под негова контрола или под контрола на неговиот господар „Царот“ Фердинанд, еден истакнат водач од северна Македонија й стави крај на неговата кариера, застрелувајќи го на прагот на сопствената куќа. За да бидеме справедливи кон Сарафов, ќе си дозволам да додадам дека бар за мене, а јас го познавав доста добро, беше сомнително дали тој беше добро запознат со двојната игра на својот слуга Лигушев. Сарафов беше авантурист, а можеби дури и никаквец, но неговите постапки не треба да се израмнуваат со предавството на Лигушев. Сарафов можеби беше готов да убие политички противник, но тој никогаш не би го предал на Турците. Ако не беше корумпиран од амбициозниот кнез Фердинанд, неговите несомнени способности и енергија веројатно ќе го доведеа до почесно место во македонската историја. Владо, Сандо и јас останавме околу две седмици во Ресен со Крсто и неговата чета. Најпосле ги видовме долго одложуваните избори и требаше веднаш да тргнеме на југ кон Воденско, затоа што беше настапило времето, кога Лука и јас требаше да учествуваме во едно дело, кое што го планиравме уште кога бев кај него. Тој и Апостол сакаа со еден брз поход да се отиде до грчката граница и таму, ноќно време, да се изненадат грчките погранични стражи. Тоа се правеше за да се докаже дека тие ги бараат бојните сили на Грците, а не неопасните селани. Но меѓу нас и Костур, реонот на југ од Преспа, лежеше едно широко поле и таму не можеше да се премине при светлината на полната месечина. Една ноќ ние рано тргнавме: Владо, Сандо и двајца четници, Матеј, Сава и јас; двајцата четници не предводеа дури до Корбовите планини, што ја разделуваа Преспа од Костур. Кон полноќ, пред да изгрее месечината, пристигнавме во едно село, кое лежеше во почетокот на Преспанското Езеро и таму го поминавме денот во шумата. До планините ни остануваше пет часови одење за да стигнеме до целта. Тука немаше голема опасност да се сретнеме со аскерот, но можеше да се судриме со Турците од множеството турски села наоколу, бидеќи за време на жетвата тие често спиеја по нивите. Вечерта рано се извлековме од шумата и влеговме во едно наше село. По долго дискутирање убедивме десет души од полицијата да не придружуваат; тие беа вистински селани, лошо вооружени со грчки пушки „Гра“. При сето тоа тие ни даваа една сила, пред која турските селани одвај би ни го попречувале патот. Беше темна, макар и јасна ноќ; се сеќавам дека поминавме преку едно рамно тресетиште, езерото блескаше како сребреста струја во далечината; понекогаш мочуриштата од застојана вода ни пречеа да одиме и на некои места газевме широки и плитки потоци. Се разбира, ние не смеевме да одиме по патчето, каде што обично одат селаните и за несреќа, нашата полиција, којашто не водеше, беше го збркала патот, па заобиколивме повеќе отколку што требаше. Сигурно беше поминала полноќ, месечината светеше на хоризонтот, кога стигнавме до езерото и тргнавме по патот покрај брегот. Кога месечината се издигна, под нејзината блештава светлина, разбравме дека се наоѓаме под турските села. Езерото остануваше од нашата десна страна, високата трска достигаше речиси до патчето. Налево, на повеќе од еден и пол километар, се извишуваа право нагоре ѕидови од планински спили. Но меѓу нас и нив имаше села. Ние требаше да изодиме неколку километри покрај брегот на езерото, пред да го поминеме полето. Последниот час одевме доста брзо. Сава, еден од полицијата и јас одевме заедно на чело на групата и другите не следеа. – Да се починиме тука неколку минути – рече Сава, покажувајќи ја необично густата ниска трска. – Еве сега ќе почнеме да одиме по стрништата, а тоа ќе биде тешко со накиснати и извалкани нозе. Таа заповед се прнесе на целата редица и сите налегнавме во густата растителност. Петмината души, кои сочинувавме одделна група, разговаравме шепотејќи. Ненадејно еден од полицијата се поткрена на колена, после се исправи на нозе, макар што се уште свиткан и речиси на вудве. Еден друг зад нас се крена, по него и сите други потстанавме претпазливо. Некој го изговори краткиот, но остар збор: – Аскер! Во тој момент, при светлината на месечината, јас видов фигури, кои излегуваа на патот, одвај на стотина метри далеку од нас. Ние веднаш се стрчавме кон полето. – Дур! [63] Дур! Дуррр! – се слушнаа множество гласови, а потоа следуваше еден блесок и еден истрел. Неколкумина од нас ги извадивме своите нагани и стрелавме во масата луѓе, којашто не следеше. Еден плотун од пушки изгрме по нас, куршумите пиштеа над и околу нас. Ние продолжувавме да трчаме и да пукаме; полицајците се распрснаа по нивите, неколку души се сопнаа и еден падна. Сава и јас останавме заедно. Пукањето зад нас продолжи, измешано со извици. По едно време ми се стори дека трчам сам, потоа стигнав до една камена ограда, ја прескокнав и видов луѓе кои трчаат пред мене. Ненадејно пукањето одзади запре, дури и извиците престанаа. Четворица или петмина трчавме во една распрсната група; трчањето ослабнуваше. Нивите почнаа да се возвишуваат накај основата на спилите, коишто не беа подалеку од еден километар. Стигнавме до другата камена ограда, ја преминавме и преку преминот за добиток и се запревме зазбивтани. Некои беа стигнале таму и чекаа, а други уште се прибираа. – Колку се? – запраша еден забивтан. – Ако се суди по пукањето, најмалку педесет – рече Сава. – Ќе не гонат. – Да ги почекаме... зад овие камења. Стоевме зад оградата молчаливо и дишевме тешко. Одлево се чу извик. – Тука тие ќе ни го пресечат патот – предупреди Сандо. – Таму горе, под оградата, има една карпеста могила – рече еден од полицијата. – Таму можеме подобро да им се противставиме. Патеката е точно над нас, можеме да успееме ако стигнеме до горе. Тргнавме со трчање низ нивите во распрсната редица. Извиците се слушнаа одново зад нас и потоа ретко пукање. Се искачивме по изровената падина на ритчето и залегнавме меѓу големите камења на врвот, каде што имаше засолниште за сите. Основата на оградата беше неколку стотини чекори понатаму. Една права гола патека го пресекуваше дијагонално нагоре карпестиот ѕид и се претвораше во тесна клисура на стотина метри далеку од нас. Таму лежевме неколку минути зазбивтани; потоа јас забележав една разредена редица од темни фигури, кои напредуваа низ големи стрништа. Тие доаѓаа кон нас со куси и брзи прискокнувања со голема претпазливост и при секое приближување се наведнуваа кон земјата. Некои беа легнати, кога отворивме силен напорен оган. Војниците одговорија остро, а потоа како и двете страни да ја разбраа бесполезноста на таа бесцелна стрелба. Таа беше запрена од двете страни и настапи тишина. Далеку некаде се слушаше кучешко лаење во турските села. Неочекувано се чу извик и некакви зборови, но јас не можев да ги разберам. – Што е ова? – праша Сава. – Слушајте! По малку извикот се повтори. – Да си го положиме оружјето – одговори Сандо. – Тие ќе се однесуваат добро со нас. Кај нив имало италијански жандармериски офицер, кој сакал да дојде горе и да зборува со нас. – Одговори им нешто! – реков јас. – Да, ќе им кажам нешто за свињата – рече Сава. И трет пат извикаа, но сега на бугарски јазик. – Еј, другари, положете си го оружјето! Падишахот ви дава прошка. Европеецот тоа го гарантира. Сава ги крена двете раце до устата и почна да зборува нешто доста грубо, нешто што тука се разбира не може да се напише, но нешто што се однесуваше на свинската маст. Друг извик не се чу. Јас не разбрав што се случи, но фигури кои трчаа се спуштија од сите страни на полето, се собраа и брзо се насочија кон нас. Се зачудив кога видов дека Сава пали цигара. Неговиот профил светна од пламенот во дланката на неговата рака. Потоа сите почнавме да пукаме нервозно. Војниците се стрчаа со извици: „Алах! Алах! Алах!“, но така зарипнато, што не можев да го разберам значењето на зборовите. Овде-онде по некој паѓаше или се сопнуваше и летнуваше напред, како да сакаше да се нурне во земјата. Со еден свиреп едновремен виеж војниците стигнаа до основата на нашата могила и започнаа да лазат нагоре; ми се видоа најмалку сто души. Токму во тоа време Сава направи едно силно движење – една светла, трепкава точка од оган се устреми надолу, пламенот профуче во ноќта и протатни под нас. Кога очите ми се отворија од ослепувачката светлина, јас можев да видам маса војници испотепани и други, кои се распрснаа во разни правци и исчезнаа. При сето тоа ние го продолживме пукањето. Еднаш јас ја пофатив цевката на карабинот и си ја изгорев раката. Во тие неколку минути нервозната тревога беше поистоштувачка, отколку трчањето по нивите. – Чудесно беше, нели? – извика Сава триумфално. – Сега до еден час тие нема да се нафрлат на нас. Сите почнавме да викаме- ура: тоа се повтори и пак, измешано со неразбирливи ликувачки извици. Сава стана и извика: – Бегајте, муслимански свињи, ви ги намачкавме опашките со сланина. Предното место, кое што свињата изгледаше дека го зафаќа во мислите на Сава, ме развесели до крајност, дури и во тој момент. Молчењето беше полошо од вревата. Ние требаше да си ја здржуваме желбата за безразборно пукање. – Погледнете! – извика еден селанец. Тој покажа на основата на оградата. Меѓу дабовите грмушки нешто се движеше. – Тие ни го пресекуваат патот – извика Сава. – но нема да им го дозволиме тоа. Ајде, момчиња, јурнете на нив, сега кога се растроени. Никој не одговори, но почна општо раздвижување. – Ти фрли им ја твојата бомба – ми шепна Сава. Тој ми покажа една запалена цигара во дланката на својата десна рака. Тие очигледно не ги сетија нашите намери, додека не стигнавме до средината на просторот што не одделуваше, кога го поминавме местото. Сава и јас трчавме напред заедно. Штом војниците почнаа да пукаат, ние запревме и тој ми ја подаде цигарата. Јас ја поставив запалката, а оние што беа зад нас преминаа накај патеката. Тогаш јас ја фрлив и ние избегавме. Експлозијата речиси ме кутна на земјата, но јас се свестив и почнав да трчам по другите, очајно се силев да врвам по карпестата патека, овде-онде се сопнував и си го употребував карабинот како потпорен стап. Понагоре некаде патеката се прошируваше и таму седнавме да си земеме здив. Некои од милиционерите, немајќи веќе муниција, си го продолжија патот и исчезнаа во мракот на клисурата. Во тоа време куршумите оддолу почнаа да траскаат по карпите над нас. Уште еден напор и ние се искачивме горе. Еден четник пред мене се сопна, падна и се стркала под мене, препнувајќи ме. Во тоа време јас го видов белото лице на Сандо, направив еден напор да го задржам, но тој се истркала во бездната и исчезна. – Бегај! До бога, бегај! – го чув гласот на Сава. Тој ме зграпчи за раката, но јас летнував наваму- натаму, ослепуван од парченцата, што куршумите ги откинуваа од карпите. По едно време чувствував дека де ме туркаат, де ме влечат; бев наполно збунет, но се напрегав да одам напред. Плескањето на куршумите во карпите престана. – Ние сме сега добро – го слушнав гласот на Сава. – Сега е лесно, оф господи, јас повраќам крв. Очите ме сврбеа болникаво, но со силниот мускулен напор на клепките, јас гледав толку, што можев да си ги управувам стапките. Пукањето оддолу престана. Кога можев да гледам јасно, ние веќе се качувавме по тесната клисура, полека и со одмори. По половина час исползивме на една рамнина, обрасната со дрвја и исполегнавме под нив. Таму бевме Матеј, Сава, Владо, двајца селани и јас. – Ние ќе те одведеме во овчарските колиби – рече еден од селаните, – другите тргнуваат по северната патека за дома. Ние ќе те одведеме. Следниот ден поминавме на едно повисоко ребро на планината. Во тоа време ме надви душевната депримираност. Некои паднаа убиени, други ранети, тоа веќе го знаевме; но јас разбрав само дека го загубив Сандо. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||